42 #ПрегледВоПеток

Истеравме уште една (летна) работна недела, а крајот на секоја работна недела значи нов #ПрегледВоПеток 🙂

Dave Birss и неговите шаблони за будење на креативноста

Првата точка во денешниот преглед ја посветуваме на нашиот драг пријател, Dave Birss. Дејв е толку посветен на истражување на креативноста што постојано зборува на таа тема каде и да оди, а минатата година издаде и книга насловена How to Get to Great Ideas. Но тоа не е сè!

Ако се претплатиш на newsletter-от на Дејв, ќе добиеш пристап до безброј корисни информации кои верувам дека ќе ти помогнат во работата. Совети за надминување на креативна блокада, попдкасти со Дејв, статии кои тој ги препорачува за читање и секако, бесплатни алатки.

Една од вежбите која ја играв на неговиот вебсајт се вика Story Dice. Оваа алатка е наменета за сите оние кои бараат инспирација за пишување. Имаш 5 коцки со цртежи на нив. Идејата е едноставна – искористи ги цртежите за да креираш приказна. Дејв и неговите шаблони за будење на креативноста се одличен извор на инспирација за писатели, copy writers, блогери, и кој уште не.

Facebook бара огласувачи кои однапред ќе платат за креирање серии за Watch

Уште од почетокот на 2019, Facebook е во потрага по огласувачи и агенции кои ќе се претплатат на нивниот видео сервис Facebook Watch. Showcase, програмот на Facebook, вклучува и In-Stream Reserve пакети во кои има опции за содржина по специфична категорија, како и можности за спонзорирање индивидуални Watch shows.

Facebook до максимум ја искористи можноста да ги запознае огласувачите и агенциите со видео платформата. Меѓутоа, за да има голема предност кај огласувачите, Facebook прво мора да докаже дека Watch е голем хит кај публиката. Во јуни објавија дека 140 милиони луѓе одвоиле барем една минута на ден да гледаат Watch видеа. Овие бројки би требало да помогнат, особено ако Facebook може да ги поврзе директно со сериите за кои се обидува да обезбеди однапред буџет за спонзорирање од огласувачите.

Во меѓувреме, Facebook ќе треба да се избори против перцепцијата на купувачите на реклами за нивната видео платформа. Со оглед на историјата не само на Watch туку општо на видеата на Facebook, агенциите сметаат дека платформата е само за кратки видеа, а не за подолги епизоди и серии. Facebook ќе мора да научи како да го адаптира својот upfront pitch со цел да биде пред конкуренцијата.

Twitter имплементира нови ознаки за предупредување за контроверзни твитови

Twitter најави дека неделава овие ознаки ќе стапат во сила, што ќе придонесе за подобро разбирање зошто и кога Twitter избира да не тргне твит што ги прекршува нивните правила. Новото предупредување го кажува токму горенаведеното и има опција “View” за откривање на твитот. Ова ќе ги адресира грижите на корисниците околу ширењето на загрижувачки пораки на платформата, а од друга страна ќе му овозможи на Twitter да продолжи да споделува оригинална содржина.

Twitter изјави дека овие ознаки за предупредување ќе се појават кај акаунти кои ги исполнуваат следните критериуми:

  • Вработени или репрезенти на владата, кандидати за државни избори, потенцијални кандидати за позиција во владата;
  • Ако акаунтот има над 100.000 следбеници; и
  • Ако акаунтот е верификуван.

Twitter исто така потенцираше дека дури ако некој акаунт не ги исполнува горенаведените критериуми, а сепак објавува содржина поврзана со закани и насилство, ќе бидат избришани, а не скриени позади новата ознака.

Дали ова концепт лого за Tokyo 2020 е подобро од официјалниот дизајн?

Последниве неколку дена се дигна фама околу концепт логото за 2020 Summer Olympics Tokyo, креирано од дизајнерот Daren Newman. Неофицијалното лого ги подели мислењата помеѓу дизајнерите. Едни го фалат за неговата елегантност во пренесување на духот на Олимписките игри и јапонскиот град, а други го бранат официјалниот дизајн и идентитет за Tokyo 2020.

Tokyo 2020 конццепт лого на дизајнерот Daren Newman

Идејата за логото ја сподели Newman на социјалните мрежи, без никакво очекување дека ќе предизвика било каква реакција. Дизајнот си поигрува со формите на Олимписките кругови со цел да испишат “2020”. Црвениот круг е пополнет за да го симболизира знамето на Јапонија.

Зошто концепт логото на Newman предизвика поделба во мислењето кај дизајнерите?

Можеби поради начинот на кој се споделуваше логото. Се сподели на многу места, вклучувајќи го и овој Reddit thread, а не се пренесе пораката дека не е ништо повеќе од само еден концепт. Официјалниот дизајн за 2020 Summer Olympics Tokyo беше креирано од Asao Tokolo.

Официјалните логоа за Tokyo 2020 беа избрани од илјадници предлози

Ако има дизајнери што нè читаат, или било кој друг што има мислење на темава, слободно нека пише во коментар.

Jony Ive си оди од Apple, ќе основа сопствена фирма за дизајн

Jony Ive го напушта од Apple, после цели 27 години работа во компанијата. Ive го водеше тимот дизајнери кои ги креираа некои од најпознатите електронски уреди, вклучувајќи ги iPhone, iPad и разни Mac модели. Тој ќе си оди од компанијата на крајот на 2019, а ќе основа сопствена фирма за дизајн следната година под името LoveFrom. Apple го потврди ова на прес конференција и изјави дека ќе бидат негов клиент во LoveFrom.

Ive изјави дека и покрај тоа што нема повеќе да биде вработен во Apple, сепак ќе остане дел од компанијата. Неговото место во Apple ќе го преземат Evans Hankey (VP Industrial Design) и Alan Dye (VP Human Interface).

Бонус линкови

Тоа е сè за денешниот преглед во петок. Ако имаш линк (или стрип) што сакаш да го споделиме во следниот преглед слободно пиши ни порака на Фејсбук.

Marketoonist on Instagram

Се читаме во следниот преглед во петок. 🙂

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.