Вчера следев во живо како најновата кампања на „Југословенско драмско позориште“ се шири како зараза по Facebook, за само неколку минути. Кампањата е врв сама по себе, и мислам дека заслужува уште поголема видливост и внимание од она што до сега го постигна. Кој не ја погледнал, одма да ги изгледа сите видеа.
Прво ја видов кај нашиот пријател Иван Чошиќ на Facebook, набрзо скоро сите пријатели кои ги имам од Србија, па и Црна Гора и Босна и Херцеговина ја имаа споделено кампањата.
Кај Исток Павловиќ уште посилен ефект.

Најсвежа наша вирална кампања беше тизерот на ОНЕ оператор за новата понуда „Распеани од добра понуда“. Иако сосема друго сценарио и чекори, сепак тизерот беше бум, пуштен во вистински момент кога на пазарот беа актуелни некои жешки теми за пензионерите и ЈСП. Овој тизер ги поттикна луѓето емотивно да реагираат и да не бидат свесни до последен момент дека се работи за кампања!
Нема да ги анализирам продукциските способности и сценариото на кампањата за „Југословенско драмско позориште“, но мора да се задржам на идејата и начинот на реализација. Кога една компанија/агенција креира кампања, во последно време омилена желба им е да стане вирална. Ако си агенциски човек не може да не си го добил ова барање од бренд „Ама кампањава да биде вирална“. Е па седнете, изгледајте ги сите видеа проследете како се ширеа на Facebook, и учете како се прави вирална кампања. Неколку поенти тука мора да истакнат и да станат јасни и за брендовите и за агенциите:
- Не секоја кампања може да стане вирална!!!
- За да стане вирална кампањата треба да се има оваа цел на ум уште на самиот зачеток и првично планирање на истата!
- Кампањата мора да има оригинална и автентична содржина и да ги искористи актуелните случувања, трендови и емотивна состојба на мнозинствотот на пазарот за да стане вирална!
- Кампањата мора да има поддршка од онлајн заедницата (содржината да поттикне дел од „влијателните“ корисници да ја споделат први, брендот/агенцијата да им даде екслузива за споделување на кампањата па ако треба и да им плати)
- Не секој корисник може да поттикне кампањата да се шири, да стане вирална (и највлијателниот во моментот ако искрено не верува во вредноста на кампањата и не се соживее со содржината нема да поттикне виралност на истата и за сите пари на светот)
Претпоставувам дека дел од луѓето кои ја споделија први имале дојава/договор за споделување на кампањата иако немам (се уште) потврдена информација. Ако претпоставката ми се покаже за неточна, ќе бидам пресреќна. Но и да е точна, секоја чест McCann Erickson Beograd, генијална идеја и реализација. Веќе почна и на нашиот пазар да се шири и да добива пофалби.