И неделава покриваме она што е најважно во #ПрегледВоПеток а тие што сте веќе на плажа, еве ви материјал за читкање за со кафе.
Подготвени за AllWeb 2021?
Започнувам со најубавата вест прво – AllWeb се враќа годинава на голема врата со заеднички настан што ги спојува AllWeb Macedonia и AllWeb Albania. Но, годинава има уште едно изненадување со покривање на уште една земја од регионот. Да така е, подготвуваме 1 настан за 3 земји и многу многу поинакво искуство од сите досегашни изданија. По 9 успешни настани во Македонија и 4 во Албанија, AllWeb со постпандемиски настап ќе ја врати онаа добро позната еуфорија што сите нѐ држеше секоја есен. Врвни спикери, споделување на идеи, искуства, контакти и еден тон WOW моменти….аххх колку само ми фалеше ова 🙂
Сега за сега, доволна ви е само помислата дека полека се враќаме на нормалниот (адаптиран) живот, а детали пристигнуваат наскоро. Вие заокружете си ги 20-21 октомври на календар а останатото оставете ни го нам.
Coca-Cola ја утна работата со Pride Week
Во еден #ПрегледВоПеток имам пишувано за ставот дека големите светски брендови не треба јавно да се поврзуваат со било какво општествено движење, без разлика на каузата. И зад ова стојам и сега кога пишувам за она што ѝ се случи на Coca-Cola во врска со нивната активност за поддршка на Pride Week.
Coca-Cola им даде моќ на своите корисници да го креираат нивното Coca-Cola шише со аплицирање на нивен збор или порака врз етикета во боите на виножитото на нивната веб платформа.
И сѐ е ова супер и кул, сѐ додека не добиеш сенс за нивната база на “недозволени и навредливи“ фрази. Така, зборови како што се “Palestine“ или “Black lives matter” не поминуваат затоа што ги кршат нивните правила, додека пак за “White lives matters” нема никаков проблем.
Ова (очекувано) ја разгневи онлајн публиката која не штедеше време и енергија за да го пренесе своето мислење на интернет.
Coca-Cola, не ти иде летово, земи си одмор!
Инфлуенсерите во Норвешка ќе пробаат искреност!
Јавноста во Норвешка преку своето Министерство за деца и семејство како и многу организации и групи што се борат за кревање на јавната свест околу менталното здравје и перцепцијата за физичкиот изглед, донесе амандман за почит. Секоја содржина објавена од компании, брендови и инфлуенсери која е спонзорирана, а е обработена со помош на филтри и алатки за едитирање, мора јавно да го соопшти овој факт.
Ова значи дека доколку некој/а инфлуенсер/ка на своите канали објавува содржина од своето фотошопирано тело и/или лице, ќе мора транспарентно да го истакне ова. Во спротивно ќе плати казна.
Ќе паѓаат хонорари или така ми се чини? 🙂
Google Meet со нови филтри, ефекти и AI маски
Google Meet воведува нови филтри, ефекти и AI маски за персоналните корисници на IOS и Android. Достапни се преку иконката во долниот лев агол, што по кликањето отвара низа на разнобојни позадини и колекција на интересни маски. Ваквиот избор сега за сега е достапен само за персоналните корисници додека за бизнис корисниците работите остануваат малку поформални.
Ова е последниот обид на Google да ја таргетира пошироката публика на Meet а не само бизнис корисниците, откако беше лансиран претходната година.
Pockemon Go не беше погоден од пандемијата
Верувале или не, но поминаа цели 5 години откако беше лансирана Pockemon Go. Се сеќавам дека скоро секој втор човек што се движеше на улица во тоа време ловеше покемони или пак зборуваше за тоа колку многу јако е целокупното искуство. Но, што се случи со играта што беше дизајнирана да ги мотивира луѓето на движење надвор во време кога целиот свет се затвори дома? Апсолутно ништо!
Играта ја преживеа и 2020та и тоа со никакви поместувања во профитот во поглед на претходните години. Ова се должи на одредени адаптации што креаторите мораше да ги направат. Овој месец за петгодишнината на играта се планирани настани за прослава во неколку градови. Неодамна Pokemon Go беше извикана и од Нинтендо легендата Shigeru Miyamoto кој не криеше дека е “закачен“ на неа заедно со целата своја фамилија.
Бонус линкови
- Rimac takes over Bugatti from VW in powerhouse electric supercar deal
- The very best print adverts of all time
- Дали WhatsApp е следниот голем канал за е-трговија?
- Jeff Bezos steps down as Amazon boss
Уживајте во летото!
Бај.