44 #ПрегледВоПеток

Дојде тој ден од неделата, петок. А тоа значи дека е време за преглед во петок!

Пред да започнеме би сакала да те известам за еден многу добар подкаст со Robert Petković. Сме збореле и претходно за Petković. Тој е веб аналитичар од агенцијата Bruketa&Žinić&Grey и спикер на неколку од нашите изданија на AllWeb. Специјалист е за барање одговори во море од податоци, а повеќе за тоа како и зошто треба да се анализираат перформансите на маркетинг активностите, можеш да слушнеш од него.

Новите реклами на Instagram Explore сигналираат промени кај органскиот досег

На крајот на јуни Instagram најави дека ќе овозможи реклами на Explore пејџот. Овој тип на реклами ќе функционираат малку поинаку од оние на фид и на стори. Корисниците нема да видат спонзорирани објави додека скролаат на Explore. Рекламите ќе се појават само откако корисникот ќе кликне на објава и ќе почне да скрола низ Explore фидот. Тоа ќе им овозможи на корисниците да гледаат реклами поврзани со содржината за која се заинтересирани.

Рекламите на Explore носат повеќе можности за маркетерите, но и грижи во однос на лимитот на органскиот досег. Секој кој го забележал опаѓањето на органскиот досег на Facebook пред неколку години би требало да знае дека до слично такво опаѓање би дошло и на Instagram. За да допреме до публиката, ќе треба да вложиме во реклами, бидејќи органскиот досег станува сè помал и помал.

Приходот од реклами кој го добива Instagram постојано расте, така што има смисла да воведуваат нови ad placements. До 2021 година се очекува просечното време што го поминува корисник во САД на Instagram да достигне 29 минути на ден. Кај Facebook се очекува да падне на 37 минути на ден.

Судот одлучи, Trump не смее да блокира луѓе на Twitter

Апелациониот суд на САД донесе одлука дека Donald Trump не смее да блокира луѓе на Twitter бидејќи тоа ги нарушува правата од првиот амандман на Уставот на САД. Уставот не му дозволува на Trump “да ги исклучи луѓето од отворен дијалог на интернет затоа што тој не се согласува со нивните погледи и ставови”, изјавија судиите.

Против претседателот и дел од вработените биле поднесени тужби од страна на корисници кои биле блокирани од Trump на Twitter. Тие изјавија дека неговиот Twitter профил е јавен форум и дека не смеат да бидат блокирани. Судиите се согласија, сè додека има јавна функција, Trump не смее да блокира луѓе на Twitter.

Trump vs. Twitter

YouTube ќе им овозможи на креаторите повеќе начини за остварување на приход

YouTube ќе им овозможи повеќе начини на креаторите за поврзување со фановите и за остварување на приход, изјави компанијата вчера за време на VidCon. Минатата година YouTube најави нови производи како претплата за канали, merchandise shelf, премиери и останато. Оваа година ќе ги збогати некои од веќе постоечките опции, а ќе воведе и нови производи како Super Stickers и Learning Playlists.

YouTube најави и промени во однос на авторските права на платформата. Сопствениците на авторски права сега ќе мора да го означат делот од видеото каде што се појавува нивната содржина, додека пак креаторите ќе имаат можност да користат апдејтирана верзија на Creator Studio во која лесно ќе можат да го отстранат тој дел од видеото.

Microsoft најави “нов” Windows 1.0

На почетокот на јули на социјалните мрежи на Microsoft видовме “најава” за Windows 1.0, оперативниот систем кој за првпат беше лансиран во ноември 1985. Дали се работи за некаква зафрканција, поглед кон минатото или нов производ, сè уште не знаеме. Од најавата па наваму, Microsoft ја смени профилната слика на социјалните мрежи во Windows 1.0 логото и моментално објавува содржина поврзана само со овој оперативен систем.

Една од популарните теории е дека ќе има некаков Stranger Things твист. Ако е тоа случајот, Windows нема да биде првиот бренд што се потпира на успехот на популарната серија. LEGO излезе со епски Stranger Things сет, а Coca-Cola се поврза со серијата така што ја врати непопуларната New Coke, која за прв пат се појави во 1985. Останува да чекаме Microsoft да открие што се случува.

Бонус линкови

Тука завршуваме со неделната доза преглед во петок. Ако имаш линк или стрип што сакаш да го споделиме во следниот преглед слободно пиши ни порака на Фејсбук.

Marketoonist on Instagram

Се читаме во следниот преглед во петок! 🙂

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.