Минатата недела сите медиуми на два пати објавуаат информации за една одлука која ги засегаше моторџиите од нашиот главен град. По втор пат, онлајн заедницата за која знам дека е доста активна успеа да се здружи и да промени одлука на некој од државните органи. За таа цел го замолив Баже (@GixxerMKD) од motori.com.mk да напише неколку зборови за целата ситуација, зошто ми се чини дека нивната активност онлајн и пред се офлајн е за почит. Па еве:
_____
Моторџиите се посебна група на луѓе, за оние кои немаат допирна точка со светот на две тркала сеуште важат стереотипите дека сме лоши луѓе, хулигани, тепачи… се она што се гледа по филмовите. Оние пак другите, нашите пријатели, поддржувачи и љубителите на моторите од прва ќе ви кажат дека вистинските моторџии, немаат допирна точка со оние од филмовите.
Македонските моторџии постојано организираат хуманитарни акции, а малтене и да нема мото собир на кој не се собираат средства за засегната социјална група на луѓе. Сепак, нашите проблеми односно потреби постојано се занемаруваат од страна на надлежните. Можеби случајно, можеби не, но кога се носи некој закон кој директно се однесува на нас, на надлежните не им текнува да не консултираат.
Во 2007-ма година го направивме мотори.ком.мк, мото заедница направена од моторџии за моторџии. Место кое прерасна во он-лајн сврталиште на сите љубители на моторите во земјава, па некако и природно си дојде слоганот „твое четиво, помеѓу возењата“. Големината на заедницата се гледа по единството, пријателството и поддршката. Бидејќи се бориме за подобрување на мото заедницата и зголемување на нашето моторџиско семесјтво, ја имаме поддршката од секој клуб во земјава, од секој моторџија.
Кога пред една недела во јавните гласила беше најавено дека Општина Центар од Септември ќе започне со наплата на паркинг за мотоцикли, веднаш се покрена иницијатива за акција против оваа одлука. За кусо време на форумот се разви дискусија која резултираше со одлука, ќе започнеме со паркирање на мотоциклите на местата предвидени за паркинг пред Општина Центар. Планот беше да ги паркираме мотоциклите во цела должина, со цел да го зафатиме паркингот предвиден за автомобил, притоа нели почитувајќи ја одлуката мотоциклите да бидат паркирани прописно. Замислете ги само лицата на општинарите кога следното утро наместо слободен паркинг ќе видеа паркирани мотоцикли на нивните места. Нам не ни беше проблем да ги оставаме мотоциклите колку и да треба, а имајќи во предвид колку не има, се сомневам дека ќе им се исплатеше да паркираат во Ѓорче за да дојдат на работа во Центар.
Содржината ја објавивме и испративме до сите медиуми, а откако беше пренесена добивме и телефонски повик. Состанок со директорката на претпријатието кое стопанисува со паркинзите. Следниот ден се случи и состанокот. На директорката и објаснивме дека секоја општина во секој поголем град се стреми кон тоа да ги мотивира граѓаните да возат мотоцикли. На тој начин се намалува метежот во сообраќајот, се намалува загадувањето на воздухот, а со посебните паркинзи за мотоциклите истите зафаќаат помалку простор и не се паркираат каде ќе им текне.
Откако се согласивме дека парите од паркингот на мотоциклите сигурно нема да го наполни буџетот на општината, а нивната цел е всушност да се направи ред во паркирањето, дојдовме до решение. На наше огромно задоволство забелешките беа прифатени. Одлучено е во септември да се одбележат паркинзите, да се одвојат од оние за автомобилите и да не се наплаќаат. Наша обврска како моторџии ќе биде да ги почитуваме означените места, да не паркираме на зелените и пешачки зони, туку онаму каде што ќе биде одбележано.
Така успешно дојдовме до нашата цел, втора „победа“ по онаа со барањето за увоз на мотоцикли од САД. Нашата приказна продолжува, следно на ред е барањето за намалување на цената на зелениот картон кој изнасува 90 евра без разлика на јачината и зафатнината на мотоциклот, а во процедура во МВР е и барањето за намалување на времетраењето на регистрацијата на период помал од една година.
Кај ми е пасошот од Државата Општина Центар?
Се надевам ова е само почеток на некаков вид на организирање. Одлуката дали ќе се наплаќа или не паркирањето (или ставањето лисици или дигањето со пајак) е на сопствениците – граѓаните на Општина Центар. Тоа што Општината заборава дека паркинзите не се на Општината туку на граѓаните, тоа е најважното… Не гледам дека го сфатиле тоа.