Ова е најдолгиот гостински пост кој го објавуваме на блогов. Жал ми е да го кратам текстот зошто Митко Цабевски, основач на Ambio.me беше ептен несебичен и во детали го сподели своето неодамнешно искуство. Благодарам Митко (@mitko239), ти посакуваме ептен среќа и успех со Ambio.me.
_____
Пред неколку дена откако се вратив од Њујорк, се видовме со Дарко на кафе и ми предложи да пишам неколку збора за тоа како е да се биде финалист на SeedCamp, и што можеме да научиме и споделиме како искуство од нашето учество на Seedcamp Њујорк 2012.
На самиот почеток неколку збора за тоа што е SeedCamp и зошто е толку вредно за еден млад стартап да биде дел од целата таа приказна.
Мислам дека е ок да се каже дека SeedCamp е најпознатиот Европски “tech seed investment” акцелератор кој покрај можности за добивање прва инвестиција нуди одличен менторинг, поврзување со многу влијателни луѓе од индустријата и искуство од прва рака како изгледа да се биде дел од “светското” стартап друштво.
Иако базиран во Лондон, и со акцент на европската стартап сцена, на своите редовни евенти кои се оддржуваат во Европа и САД, SeedCamp привлекува стотици стартапи од целиот свет. Целата програма кулминира со 50.000ЕУР “seed” инвестиција, учество на т.н. инвестициска недела во Лондон и двонеделен интезивен нетворкинг во САД ( Њујорк, Чикаго, Силиконска Долина итн.). Но, она што е можеби најважно, се директните контакти и можности за „pitch” на најпознатите „venture capitalists, и „angel investors”, првокласен менторинг, како и директна помош при развојот на самиот стартап.
Целиот процес започнува со пополнување на апликација, која е можеби првиот бенефит, бидејќи преку 30тина прашања ве тера да ја конкретизирате целата ваша идеја и визија. Прашања од типот што развивате, каква технологија користите, како планирате да заработувате, која е вашата конкуренција и зошто сте подобри од нив, се само дел од овој прилично детален процес. Посебно е интересен делот каде што треба да ја опишете вашата апликација во 1-2 реченици, каков проблем решава и кој е бенефитот за крајниот корисник. Исто така, големо внимание посветуваат на искуството, кој е тимот, и дали имате претходно работено заедно. Уште тука може да се забележи дека покрај идејата и самиот производ, огромно значење има тимот и луѓето кои се обединиле околу една идеја и нивната заедничка визија.
Јас пристигнав во Њујорк два дена порано и имав можност да го разгледам градот што е посебна приказна и неверојатно искуство , но за тоа можеби во некоја друга прилика☺ Само ќе кажам дека Њујорк едноставно ве плени со својата енергија, и навистина не постои друг град во светот кој толку може да ве наполни со адреналин и желба за успех. Знам дека ќе звучи како клише, но Jay Z добро го има спакувано тоа во една реченица: “…In New York, concrete jungle where dreams are made oh, there’s nothing you can’t do…”
Туку да се вратам на SeedCamp ☺
Еден ден пред самиот настан, се собравме сите финалисти, каде што заедно со тимот на SeedCamp ги вежбавме нашите презентации и како подобро да се подготвиме за утрешниот голем ден. Тоа беше неверојатен ден исполнет со директен фидбек, брутален критицизам и многу многу тешки прашања. Целта им е комплетно да ве изместат од вашата “comfort zone”. Ако навистина не верувате во својот продукт и визија дефинитивно може да ве “скрши”. Но, благодарејќи на ваквиот пристап, слободно можам да кажам дека настапот на скоро сите финалисти утредента беше барем за 30-40% подобар.
Се вратив во хотелот со куп белешки што да променам во презентацијата, како да го подобрам настапот, на што да ставам акцент и како најдобро да се претставам. Ух, тоа беше долга ноќ помината на лаптоп, со многу вежбање пред огледало и пред дечките од хотелот кои немаа попаметна работа во трета смена ☺. Некаде околу 2-3 часот по полноќ, комплетно исцрпен, си легнав со со една желба – само да помине добро.
Дојде денот – Д.
Настанот се одруваше во седиштето на Google во Њујорк, кои беа главни спонзори на целиот настан. Атмосферата уште рано наутро беше многу позитивна а и духот што владее во канцелариите на Google си го направи своето да се чувствуваме одлично расположени. Со кафе, и во неформална атмосфера уште тука почнавме да се дружиме со менторите и инвеститорите од Google, Paypal, Microsoft, Nielsen, 10Gen, Qualcomm, Facebook, Amazon, BDMI, 360 Capital, Atlas venture, Venrex, Yandex, DN Capital и многу други.
Салата каде што се одржуваше настанот беше скоро преполна со околу 150 неверојатни луѓе собрани на едно место. После воведниот дел и пресек на случувањата во “tech” индустријата дојде моментот за нашите 3 минути. Да, секој од финалистите имавме само 3 минути и максимум 10 слајдови да го претставиме нашиот продукт, идеја и визија.
Бидејќи редоследот беше по азбучен ред, јас бев прв. Некогаш можеби е предност да се биде прв, некогаш можеби не, и можеби ќе звучи нескромно, но јас лично бев презадоволен од настапот. Едноставно ме понесе атмосферата и успеав да го пренесам мојот ентузијазам и да кажам се што планирав во тие 3 мин. Дури успеав и во 2 наврати да ги насмеам што лично мислам дека е прилично позитивно за да се остави впечаток.
Моите 3 минути поминаа, и на раат можев да ги проследам останатите тимови.
Она што сакам да го кажам тука е дека навистина бев почестен да бидам дел од такво друштво. Останатите тимови, повеќето од САД, беа навистина одлични. Купче паметни луѓе со дипломи од MIT, Harvard, Princeton со претходно работно искуство во Microsoft, Google, Vodafone итн. девелопер нинџи, маркетинг експерти и продукт менаџери, сите со една желба – да создадат нешто свое и да ја остварат својата визија. Самиот факт дека повеќето од нив веќе се излезени на пазар, имаат корисници а некои дури и остваруваат профит, беше огромен поттик за нас (сеуште сме во алфа фаза) да работиме х100. Тоа што не избраа како финалист во ова друштво ни даде огромен “boost” и валидација дека сме на добар пат.
Познато е дека претприемничкиот пат не е лесен. И стварно е така. Пат исполнет со бројни моменти кога се сомневате во себе, во продуктот, во она што го градите. Би го опишал како низа од “highs and lows”, така што ваква валидација е од непроценлива важност за еден млад стартап.
Откако заврши претставувањето и една одлична панел дискусија за “community management” и како млади стартапи да привлечат корисници, време беше за индивидуалните сесии со менторите и со инвеститорите.
Хмм, како би го опишал овој дел пластично. Замислете дека сте пилот на цесна, а доаѓаат да ви држат убрзан курс за астронаут. Сериозно, тие неколку саати беа можеби најголемото искуство што го имам стекнато до сега.
Добив привремена канцеларија, каде што во 4+2 сесии од по 45мин. со 3-5 ментори и инвеститори по сесија паралелно правев “pitch” на инвеститорите додека со менторите го анализиравме и дискутиравме скоро секој аспект од нашиот продукт. Технологија, развој, маркетинг, бизнис развој, конкуренција, проблеми, предизвици, критики, реален фидбек сето тоа спакувано во неколку часови. И пак ќе повторам, извонредно искуство и учење кое веројатно е многу тешко да се добие во ваква интензивна и персоналазирана форма.
Денот заврши со коктел и повторно неформално дружење, “networking” и мини “pitch” разговори во релаксирана атмосфера. Сакам посебно да го издвојам делот каде што менторите и инвеститорите кои беа посебно заинтересирани за некој стартап им пристапуваа на тимовите за повеќе информации, детали и слично, меѓу кои имав среќа да биде и нашиот стартап.
После ваков евент, еден од најважните моменти е “follow up” (email, LinkedIn итн.), т.е. да се остане во контакт со тие луѓе, да се одржува и негува комуникацијата бидејќи во светот на стартап компаниите, контактите и мрежата на влијателни луѓе кои можат да помогнат на било каков начин се од огромно значење.
На крајот наместо заклучок сакам да поентирам со пар совети и лични искуства кои верувам можат да им помогнат на останатите македонски стартап компании и поединци:
Се е можно!
Навистина, доколку имате стартап, апликација, продукт, идеја, воопшто не размислувајте дали да се пријавите. Она што ќе го стекнете како искуство тешко дека ќе го добиете на друго место, седејќи дома или во некоја фирма од 9 до 5.
Пример, пред некој ден на InstaMeetSkopje имав среќа да го запознаам Никола Здравевски (@fishalley) кој има одлична апликација за евенти која со малку “eye candy” може да помине одлично.
Сигурен сум дека има многу девелопери во Македонија кои знаат одлично да програмираат, и имаат некои свои продукти, но поради Х причини се “заглавени” од 9 до 5 во некои компании или работат аутсорс за фирми од странство. Да, разбирам дека платата и сигурноста што ја обезбедува работата во поголема фирма е многу важна во Македонија, но овде сепак станува збор за градење нешто свое. Ништо не може да се спореди со тоа.
Исто така имам сретнато доста девелопери кои направиле нешто свое, но немаат интерес, желба, или пак знаење како тоа да го спакуваат во комерцијален производ. Ве охрабрувам да се обидете, најдете некој што е добар и има сенс за продукт менаџмент и маркетинг, пробајте, видете, никогаш не се знае што може да се изроди.
Или пак обратната варијанта, имам сретнато куп луѓе со добри идеи ама не се програмери. И тука завршува прикаската, веднаш се откажуваат. Знам дека не е лесно, но барем пробајте да најдете некој програмер кој ќе може да направи “minimum viable product” и пријавете се на вакви или слични евенти каде што даваат поддршка за да го направите првиот чекор. Нема тука его, пари, проценти или слично, едноставно влегувате како партнери, со еднакви вредности, секој за што го бидува.
Пример, појдете на Mobile Monday, дружете се, споделете, можеби ќе запознаете некој со слични идеи и взаемно ќе може да си помогнете. Постои Yes Incubator, Hack-club, и некои други места каде што се собираат луѓе пасионирани за технологија и слично.
Ако имате желба да изградите нешто свое, нешто што ќе им го олесни барем малку животот на останатите луѓе, едноставно нема оправдување да не се обидете. Најуспешните стартап компании почнале од решавање на некој личен проблем, или нешто што би сакале да го користите. Доколку имате среќа, проблемот што го решавате и решението што го нудите, да им се допадне и на останатите луѓе, само вашата визија и упорност е границата до каде може да одите.
Бидејќи веќе станува опасно да забегам со клише-совети и фрази од типот на твитер гуруата, ќе завршам тука, со една порака – Баталете се што се случува околу нас, муабетите на клупа во маало и големите макијато “бизниси” на кеј . Немаме многу, но имаме пар компании кои дефинитивно потврдуваат дека со огромна желба, упорност и пасија – да, може и од Македонија.