Оригинално објавено на sead93.blog.com
Медиумите во Македонија не можат да се согласат околу фактите дури ни тогаш кога фактите се прости бројки. Дали, да речеме, 5 е многу или малку, зависи од: дали 5 ѝ одговара на власта или на опозицијата, дали пред 10 години било 5, 4 или 6, дали ЕУ ја поздравила 5-ката или ја искритикувала, и така натаму..
Не постои утврден концепт за факт и негово почитување во медиумите во Македонија. За сметка на малцинството медиуми кои имаат сериозен приод во собирање факти и информации и нивно пласирање до граѓаните, во системот за информирање вулгарно се наметнуват пара-медиуми, кои функционираат врз логика на извртување на работите во интерес на своите политички работодавци. Како му прилега на интересот на политичкиот „мецена“, така и ќе биде интерпретиран „фактот“.
Во конкретниов случај останавме покуси за потврдена информација што ќе биде со пензиите од 1 јануари 2013. Во недостаток на добро преработена и анализирана информација за таа како конкретно ова ќе се одрази на пензиите на граѓаните, не ни останува ништо друго освен да ги споредиме сумите на почетокот на февруари идната година.
Како и да е, медиумите со ваква работа создаваат систем на дезинформирање чиј резултат е тоа што во општеството ќе предничат не оние кои подобро работат, туку оние кои подобро лажат и успеваат да убедат во нешто, без разлика дали е тоа издржано или не. Се разбира кога принципот на доверба ќе се наруши целосно пропаѓа и бизнис моделот, но за тоа во друга пригода…