95 #ПрегледВоПеток

Горештини, класика за периодов од годинава, ама не се откажуваме. Петок си е за #ПрегледВоПеток 🙂

Работа од дома – Dell

Да си се пофалиме малку, во име на клиент. Ретко го правиме ова, ама верувам нема да ни замерите сега.

Како што светот сè уште се бори со Ковид-19 пандемијата, така компаниите се принудени да им овозможат на своите вработени да работат од дома, што директно влијае врз континуитетот во работата на компанијата. Затоа со Макпетрол Центар Dell подготвивме е-книга со совети како ефективно да работите од дома.

Треба да пополните мала анкета за вашата компанија и да си ја добиете книгата. Резултатите од анкетата ќе бидат јавно споделени на крај, секако.

Ново нормално? Ново Што?

Поминаа прв, втор, трет… колку сакате броите бранови откако започна глобалната пандемија. Се уплашивме, па се опуштивме, па се менуваме, па сеедно ни е… Се и сешто се случи и се случува. Па нормално е и да се демистифицира и т.н. ново нормaлно.

Минататa недела, конечно, го најдов (бесплатно достапен) текстот на Mark Ritson: The ‘new normal’ is just another bullshit line marketers have swallowed каде преку одличниот пример за The dunk in the dark твитот на Oreo појаснува дека The New Normal е само уште еден обид на маркетерите да преувеличат нешто…

Ако ова не ви доволно за да ја занишате теоријата за новото нормално, Scott Boom Morrison има малку помотивирачки пристап за да каже: There is no ‘new normal’

Facebook + проверка на факти

Facebook подолго време отвори можност за соработка со локални организации и институции низ целиот свет кои се занимаваат со проверка на факти. Тие бараа партнери на локално ниво кои ќе им помогнат во справувањето со лажни вести кои се споделуваат на нивниот сајт. И по педесетина организации низ целиот свет, сега имаат и партнер во Македонија. Метаморфозис, организацијатa која стои за проектите Проверка на факти и Вистиномер сега е официјален партнер за нашата држава.

Кога проверувачот на факти ја рангира веста како лажна, Фејсбук ја прикажува подолу во „Новости (News Feed)“, со што значително се намалува нејзиното понатамошно ширење. 

Колку ефективно ќе функционира ова, и дали ќе се измеша, како и секогаш, политика во него, останува да видиме.

Facebook тестира нов изглед на страниците

Со сите хаварии кои му се случуваат деновиве, не ни заслужува да биде толку често спомнуван ама ете… Facebook во дел од веста наведува дека новиот дизајн ќе бил полесен за администраторите и ќе го тргнел бројот на фанови на страниците. Па можеби поради ова вреди да се спомне. Ќе видиме.

Pinterest – Make a Statement Mask challenge

Да се надеваме дека конечно „гивавеј” ќе отиде во историјата и дека „челинџ” ќе биде новата ултра мега гига… популарна активност. Не дека е невидена и дека не е користена, ама ете се враќа назад под влијание на TikTok, претпоставувам. Во последната интересна „итерација” Pinterest се обидува да ги натера американците да носта маски:

Pinterest teamed up with some of the top creators on its platform on the Make a Statement Mask challenge, in collaboration with 72andSunny, aimed at encouraging Pinners to wear face masks during the coronavirus pandemic by turning those masks into vehicles of self-expression.

Јас тука само можам да ги препорачам и банданите на нашиот драг Dreadpen.

TikTok – понуда за брендови и борба за Америка

TikTok ова недела малку беше засенет од големата четворка која беше на сослушување пред сенатот во Америка, но тоа не значи дека не е активен. Една фина вест е дека во понудата за брендови додадоа: Gamified Brand Effect, но вистинската интересна вест е понудата да вработат 10.000 американци и да дадат пристап до алгоритамот по кој се прикажуваат содржините на нивната апликација. Вакво нешто се обидуваа законодавните власти во Америка да им наметнат на голем број од сервисите кои ги користиме секој ден, но прв сега TikTok сам вели дека е подготвен да го направи тоа. Јасно е дека борбата е тешка, а американскиот пазар ако го немаш, џабе везеш.

Бонус линкови

Убав продолжен, празничен викенд се читаме следниот петок 😉