На интернет се појави вирално видео за ниско слетување на авион на аеродромот во Скијатос, Грција. Се работи за настан во кој беше следено ниско слетување на авион на компанијата Визер од страна на група т.н. „planespotters“, лица љубители на вакви и слични возбудливи слетувања коишто вообичаено објавуваат атрактивни фотографии и видеа од вакви настани, а воедно се водат и рекорди за ниски слетувања.
Приказната до тука има нормален тек, сѐ до моментот кога таа им паѓа во скут на домашните медиуми. Наместо вистинито да известат за овој настан тие, очекувано, во него препознаваат извонредна шанса за инстантна жетва на кликови. Настанот се претставува како „инцидент во кој авион прелетал над главите на туристите кои одвај извлекле жива глава“ (ВООДУШЕВУВАЧКО ИЛИ ВОЗНЕМИРУВАЧКО: Малку фалеше авионот на „Виз ер“ да ги покоси туристите на Скијатос, Застрашувачки слетувања на аеродромот на Скијатос, она на Визер ќе ве замрзне, Авион слета на грчки остров, туристите шокирани се фрлаат на земја (ВИДЕО), и др.).

На помал дел од медиумите малку им паднало незгодно да се поигруваат толку грубо со своите читатели, па срамежливо во насловите навестиле дека не се работи за инцидент, или пак во текстот на написот појасниле за што навистина станува збор.
Како и да е, со чести вакви и слични објави јасно е дека се работи не само за неетичко или непрофесионално известување, во кое се вклучени веб-страници на електронски медиуми и членки на регистри на професионални медиуми, туку станува збор за разработен модел за манипулирање заради зголемување на посети на сајтовите.
Оваа манипулација се заснова на експлоатирање на слабата медиумска писменост на публиката и когнитивно програмирање на автоматизирани реакции на посетителите. Вакви примери нѐ соочуват со реалноста дека огромен дел од медиумите информациите не ги користат за информирање, туку за програмирање на однесувањето на публиката. Идеалниот читател кои тие на овој начин се обидуваат да го креираат е психотичен и медиумски полуписмен граѓанин кој нагонски реагира на медиумски дразби без контрола или свест како сето ова влијае врз него.
За крај, мало потсетување на предупредувањата и советите за вакви манипулации кои датираат уште од антиката: „Биди слободен мислител и не прифаќај сѐ што ќе чуеш како вистина. Биди критичен и проценувај во што веруваш“, Аристотел (384-332 п.н.е.).