Виралните содржини се шират со масовно споделување преку социјалните мрежи, електронска пошта, „чет-сервиси“, блогови, „crowd sourcing“ сервиси, онлајн написи и слично [Wiki: List of Viral Internet Phenomena]. Нивното влијание врз културата и општеството станува сé позначајно, за што сведочи фактот дека начините на виралното ширење на пораките наоѓаат и своја комерцијална примена во т.н. „вирален маркетинг“ [Wiki: Viral Marketing].
Вирална Македонија
За Македонија чест е феноменот во вирални фото или видео содржини главна тема да бидат грешки, лапуси, смешни изјави на познати личности, или личности промовирани од медиумите како „опинион мејкери“, „тренд-сетери“ и др. медиумски препознатливи личности, фатени во некоја смешна или незгодна ситуација.
Некои од најпознатите вирални содржини од овој тип се: Beh sas kozite, Rasizmus, Pato masovno e na celo selo и редица други. Споделувањето на смешни видеа не е никаква реткост, па во виралните содржини на глобално ниво најбројни се токму ваквите видеа и фотографии, а местото на смешните видеа во локалната масовна култура е етаблирано уште од времето на „America’s Funniest Home Videos“, едно од најпопуларните телевизиски шоуа во 90-те во Македонија.
Она што станува одлика на домашната онлајн, или дигитална, култура е проследувањето на виралноста на овие содржини со одреден вид додадена хумористична содржина на социјалните мрежи и блоговите и кои најчесто се сведуваат на своевидна онлајн аудиција за јавно исмевање на одредена тема или на одредна личност. Некои од попопуларните скорешни „онлајн аудиции за исмевање“ ги вклучуваа случаите на „МисМакедонија“ и „Кико“. На овие две теми корисниците од Македонија можеа да приложат свои досетки и мемиња (мимчиња), а тие, може да се каже, масовно ја искористија таа шанса.
Анализирајќи го општествено-културниот контекст може да се направат одредени паралели кои овој феномен би го поврзале како онлајн верзија на „сеирот“, често невадувана како една од важните одлики на домашната култура и менталитет. Сеирот, кусо дефинирано, е исмевање, потсмејување или иронично „ситење“ врз маката на другиот (напис: Сеир, okno.mk, видео: Ilina Jakimovska via TEDxSkopje). Oва прашање може и да се регионализира, ако се земе предвид и т.н. феномен Екрем Јевриќ, во која ликови кои се доживуваат како комични се промовираат во медиумите како „must see“ содржини за сеопшта забава. Врските се „лабави“ општо кажано, поради фактот што сеирот и исмевањето имаат допирни точки, но исмевањето често може и да не вклучува нечиво страдање или мачење.
Ако смеењето е здраво и со сигурност е важен издувен вентил од секојдневниот стрес, тогаш кое е местото на исмевањето и која е потребата од него во вакви домашни услови?
Исмејувањето
Според психо-анализата исмевањето се поврзува со справување со стравот: се смееме на работи од кои потајно стравуваме или имаме нелагодност кон нив. Низ психо-аналитички поими може да се каже дека големата потреба од јавното исмевање на туѓи лапсуси или смешни (недоветни) изјави е колективно справување и ослободување од стравот од сопствената несигурност, незнаење или фактот што рационално немаме разрешено некои табуа или скокотливи теми. Потребата од масовно јавно исмевање ја канализира потребата на колективот низ смеа да го ритуализира процесот во кој своите слабости ги исфрла на јавна сцена и ги проектира врз жртвени медиумски ликови со тоа убедувајќи се себеси дека се ослободуваме од сопствениот страв или нелагодност од сличен „резил“ или некадарност. Повратно, оној кој исмева или ужива во исмевањето, подлегнува на процес на убедување дека тој не е таков, или е многу подобар воден од рациото на процесот, ако табуто или нелагодното можам да го трансформирам во хумористично, тогаш, воедно, успевам да го надвладеам или да го исфрлам од својот систем.
Ваквото медиумско соочување на колективот со сопствениот примитивизам, табу-теми, перверзија, лична или медиумска неписменост, незрелост, искомплексираност, како и многу други психолошки сиви зони, станува доминантен тип на јавна терапија. Избивање на „злото“ низ смеа е модел кој телевизиските продуценти од регионот го научија и ќе го практикуваат сé додека тоа функционира. Се разбира, секој оној кој ќе се приклучи на ваквата онлајн аудиција на исмевање не значи дека автоматски е ист како тој што го исмева, често и крајно напротив, но низ потребата од вакви феномени и низ нивната масовност, се отсликува потребата на самиот колектив, јазична заедница или самото општество. Кој е нашиот мотив за приклучување во таквиот онлајн ритуал е сосема друга приказна.
Ако не се работи за ритуална медиумска терапија за справување со своите нелагодности и стравови, која допира до сите нас, тогаш тешко е да се објаснат стотиците илјади евра дадени на Екрем Јевриќ за учество во неколкуте „Фарми“, за Екрем тој обичен физички работник од Њујорк со потекло од Балканот и грандиозен анти-талент за пеење?
Важен аспект е секако тоа што ваквиот јавен притисок и исмевање е навистина непредвидлив процес: секогаш е круцијално прашање како оној кој ќе е предмет на исмевањето го доживува и проживува целиот процес? Речиси секогаш тоа е лична драма која се одвива далеку од „очите и ушите“ на смево-задоволената јавност. Доволен е еден негативен пример, скраја да е, каде некој кој е исмеван нема да има доволно тврд образ и карактер да го издржи тоа, за да се согледа бруталноста на тој процес. Во таа смисла треба да се посочи на фактот дека јавното онлајн исмевање во голем број случаи од оние кои се под негов удар се доживува како класично „кибер-силеџиство“. Бројни се примерите на трагични приказни од овој тип и за кои се надевам не е потребно илустрирање.
Секако, креативноста во генерирањето на смешни содржини на интернет е неспорна и за неа се навистина потребни доста досетливост, луцидност, владеење јазик, стереотипи, колоквијализми, интернет жаргонизми, често знаења од разни софтвери и слично. Сепак, останува прашањето за какви цели ги користиме сопствените дарби и таленти? Релативната анонимност на позицијата од која се исмева повеќето од нас навидум нé ослободува од одговорност или од размислување за последиците од она што го правиме на интернет.
Треба да се подвлече дека исмевањето има и своја друга страна, онаа на која јавното исмевање не само што не ѝ е смешно, туку и ѝ претставува лична траума. Дали некој свесно или несвесно, кадарно или некадарно, се впуштил во авантурата наречена јавен живот или јавна сцена е веројатно важно прашање, но тоа не нé ослободува од одговорноста за она што го правиме на интернет и последиците од тоа. Да им се прати порака на медиумите дека пласираат „треш“ содржини е легитимно прво на секој од нас, но журкањето во процесот на исмевање на ликови кои некогаш се загубиле во медиумите е прилично поразлична приказна.
Сите имаме одговорност за она што го оставаме на интернет. А вирални содржини можат да бидат употребени и за корисни цели, да не заборавиме и на тоа.