…не можам да престанам да мислам како ќе изгледа новиот модел на iPhone
…ме нервира тоа што вестите се премногу необјективни
…ми се повраќа од коментарите на вестите
Текстот е изработен во соработка со „The School of Life“ и преставува адаптација на дел од едукативните материјали од серијалот Newstherapy.com.
…не можам да престанам да мислам како ќе изгледа новиот модел на iPhone
Во вестите често наоѓаме шпекулации за тоа како ќе изгледа новиот модел на вашиот омилен смартфон, лап топ, таблет или некој друг уред.
Ако подразмислиме, ќе сфатиме дека сме наведени премногу да се возбудуваме за промените на некои производи кои во суштина се ситни или површни. Најчесто, овие најавени производи се многу слични на своите претходници.
Под постојаниот притисок на овие информациски подбуцнувања стануваме нетрпеливи колку бавно се развива технологијата: каде се веќе тие мобилни телефони што се полнат еднаш неделно и кои ќе можат да принтаат материјали?
Ваквите содржини често се придружени со привлечни и шареникави фотографии, кои најчесто се креирани, неавтентични и поттикнуваат на мечтаење.
Знаеме дека иднината доаѓа, но тоа се случува некако пребавно за нас. Веројатно во таа иднина ќе има и поефикасни побезбедни средства за транспорт, но сета веројатност е дека тоа ќе се случи за 200-300 години. Ќе има ли лек за ќелавост или болестите од кои стравуваме?
Распнати сме помеѓу милениумските очекувања на новото време и секојдневната резигнација.
Бидејќи нашите надежи се така големи, и потхранувани секојдневно, развиваме мечтаење и копнеење кое нè прави нетрпеливи и незадоволни со тоа што го имаме денес.
Овие копнеења често се фиксирани за предмети околу кои се создава фама, популарност и кои ни се наметнуваат како статусни симболи. Ако ги имаме тогаш нашето место во општествената средина автоматски се менува: стануваме дел од одредена класа или група што ни гарантира престиж, надмоќ, супериорност и привилегии.
Ваквите информации ја експлоатираат, и се еден вид протези, на нашата надеж за промени, токму во смисла на динамичноста на нашето место во општествената хиерархија. Денес си питач, утре можеш да бидеш ѕвезда!
Негативната страна од преокупирањето со вакви информации и мисли за нив е игнорирањето на пореалните начини како да го подобриме сопствениот карактер и односите кон другите луѓе, а со тоа и сопствениот статус во општеството. Наместо да работиме на тоа, овие скокотливи информации уверуваат дека само што не дошол денот кога сето тоа ќе може едноставно да си го купиме: благосостојбата, здравјето, пријателите, партнерите…а новиот модел на iPhone ќе ни биде неопходен токму за тоа.
…ме нервира тоа што вестите се премногу необјективни
Повеќето од нас мислат дека одреден медиум може да биде сериозен и професионален само ако ни нуди „неутрални и објективни информации“.
Но, ова стојалиште е погрешно. Фактите можат да добијат смисла само ако се вклопени во одредена слика за реалноста. Медиумите кои претендираат да се прикажат како неутрални, забораваат дека е невозможно да се биде неутрален кон клучните прашања на нашето време: како да се биде неутрален кон еколошките предизвици? Која е неутралната и објективната позиција кон прашањата на тероризмот, екстремизмот, педофилијата и други горешти прашања? Не постојат такви неутрални позиции кои гарантираат објективност.
Во реалноста, она што се подразбира под „неутралност и објективност“ го отежнува заземањето став кон нештата. Ставот е неопходен за да одредиме што е навистина важно? Што е навистина праведно? Кон што стремиме и кон што одиме?
Ако вестите се сведат на попис на штети од одредена еколошка катастрофа, дали со тоа е исполнета улогата на медиумите и нивните информации? Или тука е потребен став за одговорност и некакви промени кои би спречиле такви несакани настани во иднина?
Големите дејци и историски личности не станале тоа што биле со неутралност и објективност. Платон, Буда, Ганди, Мендела, сите тие биле „пристрасни“ борци за одредена кауза и имале силна свест за тоа што е важно во одреден историски миг.
Во таа смисла, функцијата на дневните информации не е само да отсликаат одредена медиумска реалност. Точноста на информациите е неопходен основен елемент за професионалното информирање. Информациите мора да бидат точни, од компетентни извори, целосни и заокружени (спротивно од овој модел се плански селектирани информации измешани со дезинформации, заокружени со наведувачки коментари), но точните информации често е потребно да се надградат со заземање став на одредена општествена тема. Ако тој став е на линија на јавен интерес, општо добро или вредност, тогаш ваквата „општокорисна пристрасност“, или „необјективност“, треба да се поттикнува. Ако заземениот став е во спротивност со јавниот и општ интерес, тогаш станува збор за „штетна пристрасност“, која најчесто зад својата реторика крие штитење на сопствени интереси или интереси на одредени групи моќници.
…политичарите се идиоти
За нашиот здрав разум и разбирањето на општествената реалност, клучно е сфаќањето дека политичарите се ужасни личности: егоистични, суетни, непринципиелни, затупени ликови, или пак дури и злобни и болни карактери.
Во медиумите секогаш ќе пронајдеме информации или содржини кои ќе ни помогнат да ги зацврстиме овие свои уверувања. Ова е особено точно за Македонија, каде критериумите за станување јавна личност или функционер се многу ниски. Најчесто е доволно да бидете роднина, школски или во брачно-партнерска релација со некој на кого му се паднал ред да одлучува за нешто.
Но, „финтата“ е во тоа што политичарите најчесто не се идиоти. Во голем процент се работи за активни, амбициозни, снаодливи, а понекогаш и интелигентни личности. Можно е тие и да се добронамерни, иако за ова е особено тешко да уверите некого во нашава земја. Со други зборови, иако сигурно не се супер-таленти, политичарите не се ни идиоти. Реалната шареноликост на политичката класа е доста сложена за варење и сфаќање за секојдневниот човек. Тој најчесто кај нив не бара специфики и индивидуалности, туку тоа како политичарот се вклопува во одредени модели или архео-типови (лидер, реформатор, манипулатор, „лопужа“ и сл.).
Втор важен фактор е нашата тенденција да им пронаоѓаме мани на политичарите.
Психолозите ова го толкуваат како манифестација на нашата љубомора кон политичарите. Им завидуваме на експонираните политичари на нивната моќ, нивниот успех на изборите, нивниот статус, привилегии, можност да влијаат на другите, скапите автомобили, одлучувањето за клучни прашања и слично. Во дел од нашата потсвест се прашуваме, зошто тој човек не можам да бидам јас? Во денешната реалност на популистичка демократија, каде политичарите плански се прикажуваат како „блиски до народот“ и како „обични но работливи луѓе“, и кога медиумите ве информираат за секаков детаљ од нивните животи, овој наш негативен однос на љубомора само се засилува. „Види го каков е, милион физички и карактерни мани има, како тој има власт врз нас? Зошто јас не можам да бидам и подобар во таа улога?“.
Парадоксот што во исто време свесно ги сметаме за идиоти, а потсвесно им завидуваме, често се разрешува со манифестирање на цинизам или иронија. Како да го поднесеме тоа дека со нас владеат луѓе за кои немаме никаква почит? Барем да беа тоа луѓе кои имаат дигнитет и класа?
Односот кој го воспоставуваме со политичарите често наликува на односот на адолесценти кон своите родители: не се секогаш родителите „катастрофа“, но проблемот е волјата и тоа што адолесцентот не сака да ја разбере одговорноста и тешкотијата да се биде родител. Не треба да му се лутиме на адолесцентот за неговата, главно, бунтовна улога во оваа дуална динамика, но сите знаеме дека кога адолесцентот подоцна станува родител, неговото сфаќање на родителството драстично се менува.
Заклучно, не се обидуваме да ги амнестираме политичарите од нивните одговорности и чести грешки и гревови, туку да подразмислиме колку со тоа што кај нив најмногу бараме недостатоци и грешки, и истите најдолго ги помниме, самите учествуваме во креирањето на сопствените нервози и фрустрации од политичарите.
…ми се повраќа од коментарите на вестите
Кога ќе се зачитате во коментарите на вестите, се соочувате со грдиот лик на луѓето, дури и на оние кои ги знаете како фини и љубезни: во коментарите тие се речиси исклучиво бесни, гневни, љубоморни, опсесивни, исфрустрирани, често и безобѕирни и бесчуствителни.
Ова е секако сериозен проблем. Каде грешиме, во проценката на луѓето или во интерпретирањето на коментарите? Потребно е подобро да разбереме каков тип на комуникација се коментарите и сродните форми како телефонски јавувања и писма до редакциите на медиумите.
Коментарите се директни форми на обраќање со кои сакаме, како во некој свој личен дневник, да ги изразиме директно своите најостри ставови и стравови: би го задавиле пријателот што нè разочарал, ги мразиме роднините и пријателите, се плашиме од разни закани и осаменост, бараме поддршка за сопствените проблеми, жртви кај оние кои не фрустрираат и така натаму.
Коментарите во денешните медиуми постепено наликуваат на однесување на стадион: место каде можеме да се извикаме за сè она што ни лежи на срце. Ние сме во центарот на темата и не се трудиме да бараме логичка издржаност, толерантност или поблаги форми на комуницирање и размена на противставени идеи. Најчесто заради ваквиот тип на „субјектизација“, односно поставување на говорителот, дијалогот колабира во делот на коментарите. Тука сме да кажеме што имаме, немилосрдно и без пардон, а потоа бараме поддршка или детектираме противници.
Ако се обидеме да бидеме посвесни што сакаме да постигнеме при коментирањето, полесно ќе ги разбереме алтернативите и останатите можности во комуникацијата со другите: доверба, толерирање на различен став, разбирање на нашите специфичности и специфичностите на другите.