Пред некое време „Советот за радиодифузија“ додели нови концесии за сателитски телевизии:
Советот за радиодифузија додели 8 дозволи за телевизија преку сателит.
Советот за радиодифузија на РМ донесе Одлука за доделување дозволи за вршење радиодифузна дејност (телевизија преку сателит).
Потоа објави нов конкурс, на кои концесии добија, меѓу другите:
…телевизиите на Бојо Андрески – Скопје, Ѓорѓи Атанасовски – Прилеп, Тинекс МТ – Скопје, Лукотрејд – Скопје, Наш концепт – Скопје, Нова ТБ – Скопје и К – 15 – Скопје. Програма од специјален формат како што е само музика, филмови, спотови, цртани филмови или слично ќе емитуваат телевизиите Ера Компани – Скопје, Зајди, зајди – Скопје и Николина Спасова – Миравци, Гевгелија. Досега во земјава имаше седум сателитски телевизии од кои 5 се со општ, а две со специјализиран формат. Оваа бројка сега е зголемена на вкупно 17.
Анонимните експерти се изјаснија, „многу се“ („Познавачите на радиодифузниот сектор велат дека толкав број телевизии е економски неисплатлив, оти за да функционира една национална телевизија со добра опрема и програма и кадар потребни се околу 5 милиони евра. “)…
Генерално, нам како гледачи не ни пречи, што повеќе телевизии, тоа подобро. Оценката дека „многу се телевизии и ќе го загрозат делењето на рекламниот колач“ (кој бил 17 милиони евра годишно, според Вест) можат да бидат земени како точни, но не мора, затоа што сателитските канали можат да прибираатспонзорства на далеку поширок пазар од домашниот.
Што ми пречи, т.е. на што реагирам е следново: „На вестите на МТВ го кажаа ова: “Со отварањето на новите телевизии ќе се запре инвазијата на светските сателитски телевизии кои го нарушуваат македонскиот национален идентитет” (Сакам да кажам, Горан Михајловски, 23.08.2008, т. 5).
Не знам само на кого му текнуваат вакви бисери? Како да живееме во некој Алан-Фордовски, или „Бизаро“ свет. Неверојатно, зарем некој може да поверува во ова, и да го земе за сериозно, со ТВ Миравци против конкуренцијата на светско ниво? Па ние со нашите „најдобри“(најскапи) телевизии не можеме да им конкурираме на оние од типот на Нова и Пинк, па со еден BBC ли, навистина смешно.
Како и да е, ваквите искривени „тумачења“ на реалноста се дел од еден поширок општествен преродбенички контекст и ентузијазам, кој некако грчевито се обидува да ја смени нашата живеачка и погледи светот, но истата изгледа, се губи во тешкотиите на кои наидува во својата реализација, па се обидува со некакви „ефтини“ компензации да се одржи во живот.
Прво битката за националниот идентитет (наспроти глобализмот), таков каков што го имаме во учебниците во основно, е загубена, но ако е за утеха, поголемиот дел од светските нации ја имаат загубено истата. Големите Французи нешто се препелкаат (со законите за заштита на францускиот јазик, проценти на француски песни на нивните медиуи и сл.), но џабе везат. Другите се свесни дека таа битка не може да се добие, барем не со рестриктивни мерки и закони, туку со обмислено прилагодување и кохабитација со глобализмот. Жално е што ете, на важни позиции во општеството, се распослани луѓе што не ги разбираат овие процеси, и водат некакви Дон Кихотовски битки.
Нека ми простат неистомислениците, но јас мислам дека со тоа што би гледал ТВ Миравци не би бил подобар и покорисен граѓанин, напротив, луѓето кои го разбираат светот реално, ќе и помогнат на својата заедница да просперира и да биде дел од светот. Идентитетот, јазикот, и сличните вредности, се градат во образованието, а потоа преку афирмативни мерки (а не само рестриктивно) се негуваат и одржуваат во „ризницата на светските култури“.
Pingback: 2008 година на купче | К О М У Н И К А Ц И И