Негде кон почетокот на годинава во соработка со „Институтот за комуникациски студии“, и подржано од Британската амбасада, работев на истражувачка анализа за етиката во онлајн новинарството. Целите на анализата беа да се увидат промените и проблемите низ кои минува новинарството и новинарската етика во новата дигитална ера, или новото доба на интернетот и социјалните мрежи (СМ).
Резултатите од оваа анализа беа објавени пролетва и достапни се за преземање на веб-страницата на академскиот блог „ResPublica“ (АНАЛИЗА, РЕЗИМЕ).
За новинарите, професионалците, истражувачите и сите кои ги интересира и ја следат оваа тема, препорачувам да ја прочитаат анализата, која содржи информации, наоди и препораки кои можат да им користат во работата и истражувањата.
За останатите, неколку клучни пораки, кои можеби ќе ги заинтригираат да прочитаат и повеќе:
-Интернетот и новите дигитални платформи драстично ги сменија условите за работа на медиумите и новинарите. Не се работи само за нови канали и платформи за објавување, туку за сосема ново медиумско опкружување кое наметнува длабински промени во работата на медиумите и новинарите.
-Промените во медиумското опкружение, каде новинарите повеќе не се единствени објавувачи на информации за масовна публика, наметнаа промени и во новинарската етика. Тоа значеше нови проблеми и потреба од нови решенија за тоа како се собираат информациите, како се проверуваат изворите, како се селектираат информациите важни за публиката, како се почитуваат авторските права, приватноста, јавниот интерес и како се креира јавното мислење во новата дигитална ера.
-Интернетот за новинарството донесе двојни промени: позитивни, како слобода и демократизација во информирањето, но и многу негативни појави, како подем на пропагандата, експанзија на дезинформациите, дискриминацијата и говор на омраза, меѓу другите. Додека позитивните страни ги усвојуваме бргу, за негативните појави реагираме пост-фестум и откако ќе се натрупаат проблемите.
-Етичкиот аспект за овие проблеми е клучен. Работата на новинарите и медиумите во суштина се сведува колку веруваме на тоа што го објавуваат. Довербата се гради макотрпно, а се губи бргу. Затоа, почитувањето на етичките принципи во новинарството се НУЖНИ за опстанок на медиумите и зачувувањето на нивната корисна улога во општеството. Наместо да бараат нови бизнис модели не водејќи сметка за етиката и стандардите, новинарите треба да ја превртат оваа транзициска логика наглава: преку почитување на етиката и стандардите да градат доверба со јавноста, а преку нив да развиваат нови и прилагодени бизнис модели, кои ќе им овозможат економска независност.
-Македонија доцни и на ова поле. Етичките проблеми се бројни, а најчести се зголемување на дезинформирањето и пропагандата, нарушување на авторските права, приватноста и угледот на поединци и одредени општествени групи. За да се променат состојбите треба многу работа на многу полиња, од образование, преку институции, до граѓанскиот сектор. Дополнувања на етичките кодекси со нормативи кои ќе го вклучат и онлајн новинарстовото би било добар почеток, само да тргне работата во добар правец.