ХТВ2, ХТВ1, ХТВ0…

Во последните неколку дена, напоредно со честите текстови по дневните весници (линк 1, Дневник 03.09.05 стр. 5) и соопшенијата на „Советот за радио дифузија“ (СРД) се разви дебатата околу тоа какво влијание има следењето на програмите на хрватската државна телевизија за нашите гледачи, но и за локалните телевизии. СРД навидум ја пресече работата со соопштението дека емитувањето на ХТВ1 е сосема легално (линк 2), но останаа дилемите кои се вистинските (или скриените) причини за офанзивата на здружението на локалните медиуми (АПЕМ) против ХТВ. Едната нишка на толкувања е комерцијалната (спонзорите на локалните ТВ куќи наводно одбивале да се рекламираат во платени серии и програми кои ги има и на ХТВ, sic!), додека втората е побанална, завист и обид да се укине најпопуларното за да публиката се сврти кон она што ќе остане, локалното (читај бедното). Втората теорија навистина нема да ја коментирам, додека за првата човек може да се запраша зошто некој оди да гледа епизоди од „Маѓепсани“ на ХТВ1 кога „фино-лепо“ си ги има на А1 со македонски превод? Причините се длабоки и не се сведуваат на локалната „неподносливост кон самите себе си“. Пропаднатиот углед на локалните Тв-куќи (види МТВ, А1 вести), неинвентивноста , слепо копирање на разработени модели, повторливоста (види Ѕвездена планета) и слични локал-атрибути се нешто што не се решава со ставање на завеса на подоброто. Нека научат од подобрите (не е тоа само ХТВ) и нека ја разберат конкуренцијата позитивно, а не со акции од типот „пу-пу не важи“ и „не сакаме повеќе да си играме телевизии“.

1 Comment ХТВ2, ХТВ1, ХТВ0…

  1. GoodBytes 04/09/2005 at 14:39

    ВЧиШС = Вести, Чашитлама и Шпански Серии

    Горе-долу, на тоа се сведува ТВ програмата во Македонија. Хрватските телевизии не се нешто многу подобри, а она што се нуди од Србија е уште полошо од нашето.

    Каналите кои се специјализирани за некоја тема се можеби единствените во кои гледач може да помине време и да го добие тоа што е компатибилно со неговиот вкус или потреба.

    Кога медиумите кај нас ќе застанат на правилна основа, да функционираат самостојно и на пазарни принципи, ќе може да се зборува за подигнување на квалитетот на нивната програма (или продукција). Треба да се тргне од „менаџментот“, за почеток.

    Исто така, не ми се допаѓаат и многу „кадровски решенија“ во нашите медиуми. Човек да се запраша дали во Македонија има навистина доволно способни новинари / репортери / водители за да го пополнат медиумскиот вакуум?

Comments are closed.