Од Билјанини извори

Тогаш кога човечките трагедии, го изнесуваат на виделина најлошото од нас, наместо најдоброто, навистина треба да се прашаме, во каков свет живееме?

Нашите медиуми, и сите оние кои кохабитираат околу нив, покажаа дека бргу ги учат лекциите на светските медиуми, но само кога станува збор за експлоатација на трагични настани и човечки страданија. Сепак, да не морализирам премногу, да се фокусираме на манифестациите на медиумските и општествените аномалии при вакви жални настани:

Медиумско мршојадство

Навистина немаме никаков проблем со тоа медиумите да бидат на местото на настаните кои предизвикуваат најголем интерес, ниту да покриват нашироко за нив, но начинот на кој се прави тоа е недозволив. Се работи за најнечовечка експлоатација на човечки трагедии. И овој настан, медиумите махинално и по навика, го разбраа како „државно првенство во бркање ексклузиви“. Недозволиво е, не за мене, туку за светот и човековото достоинство, да се пласираат материјали од вакви жални настани под термини како „специјално“ и „ексклузивно“. Видете ја презентацијата, а погледнете го и покривањето на BBC на овој настан, и увидете го нивото на искажано достоинство на новинарите и дистанцата од папараци термини како „ексклузива“. Нашите медиуми се покажаа токму како такви, „папараци здруженија“ чие ниво на етичка и професионална свест не е ништо различно од овие ефтини и немилосрдни бркачи на ексклузиви. Не беа сите такви, но оние кои се сметаат за најдобри, беа токму такви, па ваквите манипулации резултираа и во најголема гледаност и кликаност токму на овие содржини.

Ефтино политиканство

Значи, не би спомнувал поединечни медиуми, на секој писмен земјак јасно му е кои се овие „ол стар“ медиуми, но мора да се каже дека изненадувачки голем број медиуми кај нас кои и не се медиуми. Се работи за медиуми деградирани на ниво на гласила на министерства, портпароли, служби и слични центри на моќ. Смешно а жално беше да се види како овие ГЛАСИЛА едно по друго, во бихејвиористичка трка со човековата способност да синтетизира и организира информации во глава, пласираа соопштенија и изјави кои требаше ама секоја фрикин институција да ја амнестираат од одговорност. А скапаницата од бродот (година на производство 1924, тогаш кога Хитлер почнал да ја пишува Meine kampf) ги имаше сите можни уредни дозволи од нашите „служби“ и превезуваше патници по своја, а не дозволена проценка, со сѐ двата појаси за спасување. Е за тоа никој не беше одговорен, сите си се си направија „пу-пу-пу“ и продолжија да си врват по своето и да гледаат фудбал. Ако има кривични пријави за „извршителите“ (кормиларот и помошникот), мора да има одговорност и до нивните „институционални соучесници и покривачи“. Тоа прашање никој не го постави. Јавниот сервис беше комуњарски билтен и журнал каде кој министер бил и на каков начин изразил сочуство. Сервис е, но јавен не е, се работи за сервис на инситуциите на власта, која и да е, сиве овие години наназад. Конвенцијата од министри може да се разбере само како суров политички PR. Ако имаш надлежности, работи ја својата работа а информациите пласирај ги преку службата за односи со јавноста, преку портпарол, што и да е. Ако немаш надлежности, не се експонирај како некаков „благороден набљудувач на трагедијата“. Оние кои се нурнаа во вода, фрлија појаси за спасување, оние кои покажаа човечка добрина и доблест, сите (0свен една госпоѓа, за волја на вистината) останаа анонимни. Важно ги видовме министрите кои беа тажни, а сѐ што надлежниот министер конкретно направи беше да повика експерти од Хрватска.

Конечно, ете што ви прави (по моја лична претпоставка присутната) корупција и врски: дади му на човек право да цеди профит како што ќе му текне, и тогаш ни човечките жртви не изгледаат многу скапо во очите на ваквите бизнисмени. Значи, не знаете утре дали ќе биде брод, авион, храна или лек: жртва на законското и моралното пропаѓање може да биде секој граѓанин на оваа земја.

Македонските медиуми имаат доста слаба дописничка мрежа:

Со исклучок на неколку ретки, нашите медиуми имаат навистина слаба дописничко-соработничка мрежа. Додека другите стасаа, главен извор беа министрите. Ако за светот и светските центри тоа е разбирливо „in this economy“, тогаш да се нема известувачи од еден Охрид е навистина жално. Последица од ова беше ситуацијата „прв извор“ да биде Министер за одбрана и слични институционални репрезенти, кои ги верглаа своите политички жаргони, па наместо да се информираме, сакале-нејќеле гледавме политички театри на фрази и искажувања сочуства. Да се разбереме, овој елемент секако го има секаде во светот, проблемот овде е што тоа кај нас не беше само доминантен, туку често беше и единствената „информација“. Се сведовме на ниво на советските весници од 1924 (која коинциденција) кога советските служби по три дена им потврдија на весниците дека „Да, Ленин е мртов“.

Медиумска врева

Ако утре дојде крај на светот, ние македонските граѓани тоа нема да можеме да го разбереме од нашите медиуми: тие навистина се крајно необучени да одделат информации, од коментари, шпекулации, изјави, претпоставки и тези. Се создава една таква врева и шум, што необучениот гледач или читател, ќе изгенерира такви заклучоци што немаат врска со реалноста. Типичен расипан телефон. Only in Macedonia. Само на репортерот на BBC му беше логично да се запраша и уредно да ја нотира промената на бројките на присутните на бродот. Другите беа превозбудени затоа што добиле изјава wow од не знам си кој портпарол. Да продаваа ориз, а не информации, веројатно во кило ориз ќе ни шиткаа пола кило песок, зачинето со „четрвт“ прашина и други дребулии. Значи, информации имаше, но тие беа толку препокриени со нејаснотии и непотребности, што бирањето ориз претставува извонредно лесна активност за опуштање; гледачот пак имаше многу потешка работа.

Самопотценување и провинцијализам

Значи, аман „више“, престанете со блокот „вести“, од типот: за овој настан информираа и светските медиуми…дрн-дрн, па ете дознавме дека вчера и РТС (српска државна тв) „информирала“ за Охрид. Whatever, ептен whatever…Какви комплекси се лечат овде кога ете дознаваме дека „светот известува за нас?“

Терминолошки манипулации и конфузии

Вакви настани се „фестивал“ и на новинарски грешки и манипулации, како и слабо познавање на алатката со која работат: јазикот и семантиката. Трагедија е кога на пешак на улица ќе му падне пијано врз глава. Кога на брод од 1924 ќе нетрупаш дупло патници со два појаси за спасување, тоа не е трагедија, тоа е режирање на беља и предизвикување на судбината, тоа е сѐ друго освен трагедија. Изјава од МВР дека „ова е трагедија“ не е изјава, тоа е коментар на некој кој наместо да даде информација, затечен ги замајува медиумите. Еден новинар по грешка, министерската неморална отповиклива оставка ја преименува дури во „неотповиклива оставка од морални причини“, замисли? Медимуите кои се определиле за еден настан да имаат една главна статија на сајтот и неа да ја ажурираат, направија каша-попара зашто постојано им се мешаа претходните со новите информации, и кои најчесто беа контрадикторни, неповрзани и конфузни.

Нема ни помен од новинарскиот триаголник (најважните информации први, па потоа детали и други податоци).

И тоа не е сѐ, но нека остане точката на критика до овде, колку и ние критичарите и аналитичарите да не го користиме мигов како и тие кои ги критикуваме. Значи, драги медиуми, кои „постоите само заради нас“, не туку мрчиме, ами молиме за малку свест и совест, за доброто, ако не за нас стариве дртала, тогаш за нашите деца, приберете се и преземете ја одговорноста за она што го чините. За политичарите нема надеж, да беше Данте оддамна ќе ги сместеше таму каде треба, кај вас белким уште има надеж и дијалог? Вложете во квалитетот на известувањето и информирањето, не вложувајте во фотосесиите на последната мис не знам што и „ексклузивното интервју“ на нашиот моден дизајнер од Бали, вложете во својот кадар, професионализам и новинарска методологија, а со тоа ќе му помогнете на ова општество. Трагедиите ќе поминат, вашите (зло/не)дела остануваат.

Ако не сакате етички да ги толкувате работите, еве ви и материјалистичка страна на вашите дејанија: јас ќе бидам прв на кого ќе му биде жал да даде 10 денари за такви псевдо-новинарски скапаници (чест на исклучоците кои сепак ги има), кои вие неуморно ги фабрикувате.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.

12 Comments Од Билјанини извори

  1. E 06/09/2009 at 08:41

    Odlicen napis, no e preemotivno oboen. Easy to see the author is truly pissed off with the trigger(s) that have sparked the creation of this text. Not that I wouldn't be…

  2. Pingback: Tweets that mention Од Билјанини извори | К О М У Н И К А Ц И И -- Topsy.com

  3. Darko Buldioski 06/09/2009 at 14:57

    Одличен пост Сеад. Навистина емотино, ама ајде да видиме дали некој од оние кои се спомнати ќе успее да го прочита постов онака како што треба.

  4. Kristina 06/09/2009 at 17:41

    Sekoja chest, odlichen tekst,i da, avtorot treba da e pissed off, kako i site nie, ama za zal ne sme, poshto ne sme razbrale deka taka ne treba!!Ma aman veke od tkn novinari, bez osnovna pismenost i kultura, na koi nozete im se tresat koga zemaat izjava od ministerot koj si dal ostavka, a oni go ubeduvaat deka, NE NE, GOSPODINE MINISTRE, VIE NE TREBA DA SI DADETE OSTAVKA, PREKRASEN STE!Ma bljak….ne doziveav da vidam vistinsko novinarstvo na makedonski medioum…Ustvari, chest na iskluchocite, koi za zal, poradi toa shto ne se ,,eksluzivni i skandalozni,, rabotata na tkn. mediumi koi ne se u All star ekipata! I da zamisli, koj dozivljaj…za nas izvestuvale BBC i RTS , woooow!

  5. sead93 06/09/2009 at 20:33

    Фала ви на сите за коментарите и за мислењата. Забелешката за емотивноста ви држи, иако немав некоја цел тоа да биде можеби нешто истакнато, се трудев да има баланс на факти и човечки чувства, во склад со темата и самиот настан, но секако за еден напис мислам дека е поважно како е доживеан и каков ефект има. Усвоено 🙂

  6. Pingback: Global Voices Online » Macedonia, Bulgaria: Days of Mourning After the Lake Ohrid Shipwreck

  7. Pingback: Macedonia, Bulgaria: Days of Mourning After the Lake Ohrid Shipwreck :: Elites TV

  8. Pingback: Global Voices на македонски » Македонија, Бугарија: Денови на жалост по охридскиот бродолом

  9. Pingback: Global Voices in het Nederlands » Macedonië, Bulgarije: Rouwperiode na scheepsramp op meer van Ohrid

  10. GoodBytes 07/09/2009 at 23:33

    Честитам за текстот, Сеад. Се' што е кажано е на место, all meat, no bones.

    За еден момент, нешто што јас доживеав… На денот на несреќата, локалната телевизија НТВ даваше неедитиран (веројатно) запис од извлекувањето на телата, нивното пренесување од глисерите до плажата и покривањето со ќебиња. Толку беше експлицитно (i.e. ШОКАНТНО) што мајка ми многу се вознемири, а и сите ние не можевме да гледаме повеќе од 1 минута. Наместо некоја информација за несреќата, добивме сцени кои ќе ни се врежат во сеќавање уште долго време.

Comments are closed.