54 #ПрегледВоПеток

Ме смени Дарко минатиот преглед во петок но за денешниот се враќам во програма. Интересни четива се собраа неделава. Не се многу, но во последните две навлегов малку подетално бидејќи ептен ме интересираа. Се надевам и тебе исто! 🙂

Подобро менаџирање со табовите во Google Chrome

Ако си некој што го користи Chrome со 50+ табови отворени во секое време, *кхм* Дарко, го користам овој преглед да ти кажам дека менаџирањето со табовите ќе ти биде олеснето. Google најави дека ќе има нов привју што со “hover over” ќе ти овозможи побрзо да го најдеш табот што го бараш.

Покрај овие промени, Google планира и дотерување на делот за URL. Ќе добиваш инстант одговори за пребарувања од типот на временска прогноза, превод, спортски настани, и друго. Исто така ќе има и нова алатка со која ќе можеш да ја смениш бојата на целиот пребарувач и пејџот за нов таб, без воопшто да симнуваш теми од Chrome web store.

Instagram ќе се претвори во TikTok

Исто како TikTok, “Clips” ќе им овозможи на корисниците на Инстаграм да снимат сегменти од видеа и да ги објават како едно видео на Story. Корисниците ќе можат да стават музика на видеата и да ја подесат брзината и тајмингот на секој клип.

Копирање на други апликација изгледа како дискутабилна постапка, но доминацијата на Facebook продолжува да се шири. Во моментов нема официјална изјава од Instagram за новата опција.

Како Jala Brat изгази со новиот албум

Не е важно каква музика слушаш, какви се твоите лични ставови и останато, зборуваме за маркетинг. Босанскиот рапер, Jala Brat, за само 24 часа по објавување на новиот албум успеа да собере по милион+ прегледи на сите 6 песни.

Создавање hype со инфлуенсери

Неколку недели пред да го објави албумот, преку своите профили на социјалните мрежи, Jala ја заинтригира публиката и го прикажуваше процесот на креирање на албумот. Ништо ново, нели. Но во креирање на хајпот се вклучија и негови колеги кои го поставија каверот од албумот како нивна профилна слика.

Референци од популарната култура

Тука е битно да се поврзе брендот со други успешни и познати брендови кои се моментално популарни затоа што така се прави позитивна асоцијација кај таргет публиката. Бидејќи Jala знае што сака неговата публика, тој во сите 6 песни споменува 20 различни брендови кои се светски познати. И не само брендови, и личности.

Лансирање на производот кога е 100% завршен

Jala одеднаш ги пушти спотовите за сите песни на албумот, што е реткост за музичарите на Балканот. Доста пари се потрошени на продукција, но и многу добар дел од парите ги врати уште во првите 24 часа од прегледите на YouTube.

Играње со тајмингот и платформите

Албумот не беше истовремено објавен на сите музички платформи. Amazon, iTunes и Google Play беа први бидејќи се премиум платформи и не може бесплатно да се слуша музика. Најнетрпеливите фанови си го купија албумот за $5 до $7 и први ги слушнаа песните. Наредниот ден песните беа објавени и на YouTube, секоја во растојание од 1 час. Понаредниот ден, песните беа објавени и на Deezer и Spotify. На овој начин Jala ги оптимизираше своите шанси за профит уште во самиот старт.

Ширење на брендот = поголема заработка

Секогаш може уште! Пред три години Jala и екипата направија свој бренд за облека. Специјално за новиот албум дечките направија брендирана кутија полна со работи, нешто што до сега не е направено на Балканот. Во кутијата го има албумот, маичка, привезок, постер и стикери.

Настан во чест на промоција на албумот

На денот кога официјално излезе албумот, Jala направи мини промоција во центарот на Sarajevo. Со еден мал настан, тој доби покриеност од скоро сите медиуми.

Целата промоција на албумот #99 ја одиграа многу паметно и мудро го вклопија стариот добар 4P маркетинг микс.

Ни треба MESH едукација

STEM едукацијата е витална во решавање на многу општествени проблеми. Но без да посветиме еднакво внимание и на едукација за меѓучовечките односи, државата, економијата и медиумите – техничкото образование би било залудно.

Tim Wise зборува за фокусирање на MESH едукација, што значи Media Literacy, Ethics, Sociology and History. Бидејќи овие науки не се доволно во фокус, тој вели дека на крајот остануваме со квалификуван кадар по техничко образование кој не знае за демократско државјанство.

Треба да се образуваме за медиумите за да научиме како да филтрираме пропаганда и политички наддавања. Сведоци сме на многу лажни вести што се споделуваат на социјалните мрежи. Етички дилеми има насекаде околу нас. Социологија е предмет кој не сите го учат или многу малку се изучува, а нуди многу битни информации кои помагаат во разбирање на општеството и како тоа работи. Секој граѓанин треба да биде запознаен со историјата на држвата во која е роден.

Wise вели дека иднината на нацијата и на светот зависи од луѓето кои се ангажираат да направат нешто, се точно информирани и размислуваат критички. Тоа значи дека ни треба повеќе од STEM. Ни треба MESH едукација.

Бонус линкови

Тоа е сè од денешниот преглед во петок. Ако имаш линк што сакаш да го споделиме слободно пиши ни порака на Фејсбук.

Marketoonist on Instagram

Се читаме во следниот преглед во петок! 🙂

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.