Деновиве беа објавени резултатите од истражувањето за мислењето на публиката за различни програми на домашните телевизиски и радио канали спроведено од Советот за радиодифузија. Оние кои беа задоволни од резултатите го претставија, додека останатите главно го игнорираа.
Како што наведува и самиот наслов на истражувањето, фокусот е на ТВ и радио програмите, но во првиот дел од извештајот има и неколку податоци за користењето на интернетот во Македонија.
Една третина од гледачите гледа телевизија повеќе од 4 часа, што е бројка за врвот на листата во Европа. Наспроти тоа, само третина од гледачите во Македонија следат TВ помалку од 2 часа дневно.
Во однос на телевизијата за генералните трендови нема големи промени: телевизијата е сè уште доминатен медиум за информирање: секојдневно 79% се информираат од ТВ, наспроти 44% од интернет и 20% од печатот. Интернетот бележи пораст, печатот пад, но телевизијата останува упорна во своето убедливо водство. Остануваме далеку во однос на трендовите во медиумски поразвиените средини каде онлајн информирањето и времето проведено пред дигиталните уреди веќе ја надминаа телевизијата.
Вестите во Македонија остануваат најгледана содржина (84%), пред сериите (63%), а културната и образовната програма заедно имаат одвај 19%, што ги потврдува процесите дека ТВ е доминантно забавен и дневно-информативен медиум. Сител и Канал 5 остануваат најгледани национални тв (58% и 54%, соодветно), додека јавниот сервис со 27% има поголема гледаност само од Алсат-М. Иако во најгледани содржини на Сител и Канал 5 влегуваат и нивните вести интересно е да се издвои дека тие имаат и доста негативен индекс, односно процент на луѓе кои главно или целосно не им веруваат на нивните информации (Сител 51%, Канал 5 33%, МТВ1 31%, Телма 17%, 24 вести 11%).
Бидејќи ефектите од дигитализацијата во Македонија допрва треба да се измерат (анкетата е спроведена во првата половина на април 2013), може да се наведе дека кабелските оператори остануваат доминантен дистрибутер на телевизиските содржини до публиката (58.3%, додека IPTV и Boom TV заедно имаат 29%).
Што се однесува до интернетот, колку и да знае човек каква е публиката во земјава, сепак кога ќе ја посведочи состојбата така емпириски прикажано, не може да остане рамнодушен на актуелната ситуација. Ова секако го кажувам од аспект на интернет корисник кој баш и не ја милува телевизијата.
За илустрација да издвоиме уште неколку интересни податоци:
Кога би морале да се откажете од сите медиумски активности, која најмногу ќе ви недостига?
ТВ – 58,3%; Интернет – 28,2%;
Исто така, едно од прашањата кои по се изгледа биле наведувачки поставени за одговорите да одат во полза на СРД е она за соодносот и влијанието на квантитет врз квалитет:
Дали сметате дека зголемувањето на бројот на радиодифузери ќе придонесе за зголемување на квалитетот на програмските содржини кај домашните канали?
Да – 71,3%; Не – 28,7%
Искрено, не верувам дека толку многу луѓе не можат да разберат како стојат работите на пазарот и покрај толку многу јавни дискусии за состојбите на медиумите. Ако многу проблеми произлегуваат токму од преголемиот број медиуми и фрагментираноста, штетно е да се наведува јавното мислење кон тоа дека повеќе медиуми би значело повеќе квалитет.
Сите детали можете да ги погледнете во истражувањето на линкот подолу и да донесете и свој суд.
Не треба да си многу паметен за да сватиш зошто македонците се први во Европа по гледање телевизија, тоа е така бидејќи се најсиромашни а пари не им остануваат за ништо друго освен да се прехранат и единствено што им останува да бидат залепени на телевизија.
Ај да направиме еден експеримент. Нека ги прекратат сите Турски, Шпански и незнам веќе какви не сапунски серии и по неколку месеци да се направи одново анкетата. Мислам дека тогаш (најмалку!) три четвртини од гледачите ќе следат ТВ помалку од 2 часа дневно во просек.
А ако грешам, тогаш сепак сме во добивка, бидејќи сигурно ќе следат нешто пополезно на ТВ (ако случајно се способни нашиве ТВ куќи да направат нешто попаметно во програмата, бидејќи верувам дека барем 1/3 од нив во рок од една година би пропаднале без сапунските серии).
Јас би ја прифатил идејата да се прекинат сериите, ама не верувам дека тоа ќе ја промени ситуацијата. Пред 5 години немавме толку многу ефтини ТВ новели на ТВ, или подобро речено освен таква имаше и поквалитетна програма а бројките во минатото не покжауваат дека гледаноста на ТВ се зголемила. Долго време сме при врвот или на самиот врв во Европа.