Анкетите кај нас често се интерпретираат како што на кого му одговара, по правилото чашата е полупразна или полна до пола, зависно до односот кон проблемот кој се расправа во анкетните прашања. Ваквиот релативизам кај нас доживува и свои екстреми, па медиумите, неретко, зависно од своето наложение, најчесто со суперпрагматичен бекграунд, се одважуваат своите фрагментарни или произволни интерпретации да ги треснат на насловна страница или во ударните вести.
Се би било ок, секој да се бори за својот интерес, да ова не се заснова на целосно потценување на публиката и на нејзината здраворазумност да ги спореди резултатите од анкетите од различни извори. Одредени медиуми се однесуваат апла „жанровски“, па си ја свират својата песна како да не постојат други медиуми кои свират друга музика. Ваквата манипулација со бројките обично оди под рака со подразбирливото потценување на логичката моќ на публиката и се потпира токму на тоа, да ги научите луѓето, вестите да ги гледаат и конзумираат како што ја конзумирате музика, по типот, ако сакам екс-ју музика ја слушам таа станица, ако сакам тренди странска музика, таа и така натаму. Па тој што сака да слуша добри вести за владата знае кои вести и кој весник да ги чита, тој кој е кивен на истата знае каде да си се обрати и да се утеши со критика до неа и слично. Каде води ова?
Води кон тоа информациите во едно општество да се циркулираат до публиката како афективни пакети (микро-дискурси) со манипулативна намена. Всушност, информацијата мутира во нешто што може да се нарече наменски дискурс/наратив кој симулира присуство на информации.
Или поконретно, споредете ги само овие две слики од една иста анкета. Како да не се работи за иста анкета. Како читател/гледач, заинтересиран сум за сите аспекти на анкетата (информација), а не за нејзините фрагментарни репрезентации (интерпретација/коментар):
АНКЕТИТЕ ПОКАЖУВААТ ДЕКА ГРАЃАНИТЕ ВЕРУВААТ ВО АКТУЕЛНАТА ВЛАСТ
Речиси 54 проценти од граѓаните се задоволни од работата на Владата во првата година од мандатот, 36 отсто негативно ја оцениле нејзината работа, а 10 проценти воопшто немаат став по ова прашање, покажуваат резултатите од последната анкета на Институтот за демократија спроведена месецов.Од друга страна, 660 од 1118 или вкупно 59 проценти од испитаниците метаат дека опозицијата лошо работи, а 26,3 проценти го сметаат спротивното…
АНКЕТА: НЕ Е ПОДОБРЕНА СОСТОЈБАТА ВО МАКЕДОНИЈА:
Вкушната политичката ситуација во Македонија нејзините граѓани сметаат дека е непроменета, а во некои сегменти и влошена, покажува најновата анкета на Институтот за демократија.
Над 70 отсто од анкетираните одговориле дека политичката и економската состојба е непроменета, или влошена, од пред една година, покажуваат резултатите од истражувањето.
И шлагот на тортата на непрофесионалното (и дебилно, простете на зборот) известување оди ова:
Е па ако се нарачуваат анкети, зошто да не се нарачуваат и текстови за анкети? Сигурно поефтино чинат, нели?
Последнава реченица: in the bulls eye
🙂 мислам самата реченица е ептен автогол за новинарот/весникот: ги истакнува позитивните аспекти од анкетата, а потоа вели дека тој што ја прави самата анкета е отворен за нарачки?!?