Конференцијата „Renaming Machine“ започна денес. Во шареноликата програма можат да се најдат приличен број интересни настани. Конференцијата имаше свои пред-изданија и во неколку други градови во странство.
Феноменот на преименување е несомнено проблем што иницираше огромен корпус на дискусии во контекст на спорот околу името меѓу Македонија и Грција. Воопшто, процесите и схемите на преименување силно влиаеја врз конструкцијата и дестабилизацијата на
меморијата поврзана со националните, културните и личните идентитети, a особено во текот на последниве две декади на просторите на бивша Југославија и Југоисточна Европа…Промената на имињата во историската пракса вообичаено се перципира како прв чекор кон апропријација или бришење на извесен национален, културен или личен идентитет, но и како стратегија за освојување или зачувување на одредени територии. Како контрапункт на овие, длабоко вкоренети, политички и културни пракси на (пре)именувањето го имаме кибер просторот како нов медиум за комуникација, или како експериментален топос кој ја отвора играта со идентитетот и преименувањето.
Во нејзиното утрешно продолжение ќе настапи троецот (без кормилар) од „Центар-ов за нови медиуми“ со своја поставка (Renaming Semantic Cloud).