Алгоритмите имаат сè поголемо влијание врз нашите кориснички искуства на интернет и на социјалните мрежи. Иако со нив најмногу се занимаваат програмерите и маркетинг професионалците, сепак се чини крајно време е оваа тема нешто повеќе да се вклучи и во интересот на поширокиот круг на корисници. Пред извесно време разговарав на оваа тема со новинарката на Радио МОФ, Ивана Смилевска. Зборувавме за тоа какво влијание имаат алгоритмите врз нашата секојдневна комуникација, а овој напис е достапен на Радио МОФ под наслов „Корисниците заедно со алгоритмите го создаваат информацискиот меур“ – како функционираат алгоритмите“. Подолу следуваат извадоци од оваа објава, односно моите ставови за темата.

Во времето поминато онлајн, доаѓаме до секакви информации. Но, дали ние ги контролираме информациите или тие нас? Колку пати ви се случило да побарате одредени информации за некој производ, а потоа да бидете бомбардирани со реклами за него?
Алгоритмите се софтверски алатки или посебен вид програми за автоматско сортирање, организирање и управување на информациите. Поради големиот наплив на информации, создавањето и употребата на алгоритмите се смета дека е сосема оправдана, бидејќи тие ги олеснуваат и оптимизираат организирањето и користењето на информациите.
Новите медиуми и интернетот оформија нова индустрија на рекламирање заснована на т.н. персонализиран маркетинг или огласување. Па така, наместо реклама за новиот парфем кој го застапува Кристијан Роналдо, и која сите ќе ја видат во ударниот термин на телевизија или во некое модно списание, овде тоа се заменува така што секој корисник добива различни рекламни пораки зависно од својата претходна активност на интернет.
Интернет сервисите задржуваат некои информации од корисниците и креираат наши „профили“ според кои потоа, со автоматска обработка, се канализираат различни рекламни пораки кон нас. Ако на пример сме пребарувале некој поим поврзан со спорт, или следиме некоја спортска ѕвезда, кон нас ќе бидат насочени повеќе реклами за спортски производи и услуги.
Корисниците заедно со алгоритмите заедно ги креираат сопствените меури, и денес тие се проблем и предизвик за кој сè уште нема универзално или стандардно решение. Компаниите кои ги користат алгоритмите досега немаа интерес да ги решаваат овие проблеми, бидејќи нивната цел е да поминуваме што повеќе време на нивните платформи.
По т.н. инфодемија, проблемите со дезинформациите, онлајн екстремизмот и слично, сè повеќе се работи на решавање на овие проблеми во соработка на државите, меѓународните организации и на компаниите, со цел да се најдат решенија. На пример, по терористичкиот напад во Крајстчрч во Нов Зеланд во 2019 година, Мајкрософт, Фејсбук, Гугл и Твитер го основаа „Глобалниот интернет форум за борба против тероризмот“ заради подобрување на усогласеноста на овие компании со Кодексот на ЕУ за борба против говорот на омраза на интернет. Во рамките на ова партнерство, компаниите ги разменуваат искуствата за нивните алгоритамски алатки. Ова е секако само еден тип на решение. Главен чинител, исто така, е соодветната едукација и лично оспособување да се увидат ограничувањата на алгоритмите и овие платформи, како и нивните негативни ефекти.
Интернетот денес станува клучна јавна сфера, со амбиции во догледно време да биде и доминантна. Во теоријата се наведува дека медиумите поминуваат низ три фази – популаризација, комерцијализација и политизација, што и де факто и се случува со интернетот и новите платформи за комуницирање, а денес веќе доминираат комерцијализацијата и политизацијата на интернетот. Основните и помалку квалитетните содржини остануваат бесплатни, а сè што е поквалитетно мора да го платите.
Дури и она што е бесплатно, како социјалните мрежи и бесплатната електронска пошта, го плаќате со споделување на дел од своите приватни податоци. Потребно е да сфатиме дека присуството на интернет и креирањето содржини е сè посложено и посакапо, така што трендот на комерцијализирање само ќе се засилува. Токму затоа потребно е јакнење на една нова култура на користење на интернет заснована на споделување и креирање онлајн заедници кои работат за јавен интерес, креираат и споделуваат бесплатни содржини и информации. Такви платформи и иницијативи има многу, на пример иницијативите за бесплатни и отворени образовни ресурси (OER, open education resources“).
Правилото дека секогаш е важна едукацијата останува клучно.
Образувајте се и унапредувајте ги своите способности да го користите интернетот и новите медиуми ефикасно и безбедно. За тоа е потребно да развиете свест колку е тоа важно за вас, особено за помладите кои се родени во дигиталното доба и не знаат како е да се живее без интернет. Исто така, за сето ова потребно е да инвестирате во себе си со време, личен ангажман и труд за да се здобиете со овие вештини и способности, што секако вреди и долгорочно се исплати.