Wave – Најголемото истражување посветено на социјалните медиуми ја вклучи и Македонија

Викендов на time.mk наидов на реклама која повикуваше да се учествува во глобалното истражување Wave. Во минатото сум ги симнувал и читал овие истражувања па бев ептен позитивно изненаден од овој потег. Споделив каде можев и отворив да го пополнам. Беше доста обемно, на моменти и заморно, но успеав да го пополнам како и поголем дел од луѓето со кои дискутирав на оваа тема, кои исто така го пополниле.

Пополни го и ти!

Веќе во понеделникот решив да пратам некои прашања до тимот кој стои зад локалната имплементација на ова истражување. На неколкуте прашања ми одговори Маја Стојановска од Универзал Медиа. Еве го муабетот:

1. Што точно претставува Wave? Колку време постои и кому му служи?
Wave e најголемото истражување посветено на социјалните медиуми во светот. Истражувањето е иницирано во 2006 година со цел мерење на големината и влијанието на социјалните медиуми ширум светот. Оваа година се спроведува 6-тото изданије на Wave . Wave нуди длабоко разбирање на желбите и мотивациите на потрошувачите и е клуч за вистинско разбирање на социјалните медиуми и нивните корисници. Разбирањето на природата на социјалната побарувачка на секој корисник, категорија и пазар, е клучот во креирање на успешно искуство во социјалните медиуми. Последниот бран, Wave 5 – Социјализација на брендовите, содржи 20 категории за повеќе од 54 земји, со 34.600 испитаници (интернет корисници). Само како илустрација, еве неколку статистики од последниот Wave : 1,5 милијарди посети на социјалните мрежи на ден во 2010г, 30% од сите корисници на социјалните медиуми се вклучуваат преку мобилен телефон, 66% се чувствуваат полојални кон брендот откако ќе се придружат на фан страната на брендот.

2. Кој стои зад ова истражувње на глобално и локално ниво?
Wave истражувањето е проект на Универзал Меккен, водечка интернационална мрежа на медиумски агенции која има свое претставништво и кај нас – Универзал Медиа Скопје. Проектот е дел од континуираната истражувачка програма на УМ која ги следи огромните промени во комуникациските технологии. Истражувањето го спроведува тим на Универзал Медиа задолжен за ЕМЕА регионот, во соработка со глобалната мрежа на УМ агенции низ целиот свет. Оваа година за прв пат е вклучена и Македонија. Истражувањето кај нас го спроведува УМ Скопје, медиумска агенција која е рангирана помеѓу првите 3 на нашиот пазар.

3. Кои се очекувањата за МК? Прво во поглед на реакција од интернет корисниците, колку одговори очекувате а потоа и во поглед на резултатите, дали тргнавте со некои груби претпоставки?
Како прво, многу сме горди што нашата агенција успеа да ја вклучи Македонија во ова истражување. Тоа значи дека е интересна земја за истражување на онлајн пазарот, навиките и трендовите на потрошувачите и воопшто, развивањето на социјалните медиуми. Таргет група на ова истражување се активните интернет корисници (тие што користат интернет секој ден или секој втор ден).
Преку Wave и вклучувањето на Македонија во него, ќе имаме алатка со која ќе го поткрепиме нашето сознание дека социјалните медиуми се одличен канал преку кој може да оствари интеракција со потрошувачите; алатка која ќе ја користиме во создавањето на медиумски стратегии за нашите клиенти.
Одговорите ќе ја рефлектираат моменталната состојба на користењето на социјалните медиуми кај нас, што ќе биде добар доказ дека компаниите треба повеќе да се ангажираат во оваа област. Македонија има одличен капацитет и е меѓу ретките земји во светот со околу 80% од населението 16-54 (таргет група на Wave) корисници на Facebook.

4. Кога ќе бидат објавени резултатите и дали ќе бидат достапни издовоени само за МК?
Мора да напомениме дека ова е обемно истражување за кое е потребен огромен труд и ангажман. Целта е секоја година да се зголеми бројот на земјите кои учестуваат во истражувањето и затоа треба време за изработка на сите добиени резултати. Се надеваме дека ќе биде готово некаде после Нова година. Во целосниот Wave извештај, ќе има и резултати и за МК. Во моментов е важно сите да се ангажираме и поттикнуваме на што поголемо учество во истражувањето кое е најголемото истражување од ваков вид спроведено во Македонија.

_____

Кој не знае за каков проект станува збор еве го извештајот од минатата година, Wave 5:

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.