151 #ПрегледВоПеток – Facebook, Facebook, Facebook…

Во недела каде 3 од најголемите социјални платформи направија пауза од работа, и те како има за што да зборуваме….

Што се случи со Facebook, Instagram и WhatsApp?

Неделата ни започна ептен драматично со прекинот на Facebook, Instagram и WhatsApp во период од 6 часа. 6 часа ниту еден уред во светот не можеше да се поврзе со било која од овие 3 апликации. Facebook, Instagram и WhatsApp беа отсечени од интернетот и не можеа да се поврзат со другата страна. Ова можеби претставуваше мал проблем и непријатност за дел од корисниците, но за големите и мали бизниси што секојдневно функционираат на овие две социјални мрежи и те како не им беше сеедно. Во текот на овие 6 часа биле пријавени 10.6 милиони проблеми – најголема бројка забележана.

Аналитичарите забележуваат дека овој проблем се должи на начинот на кој Facebook како компанија функционира. Можеби се поефикасни во работата, но ако едно нешто отиде во погрешен правец, предизвикува каскаден ефект што лесно може да излезе од контрола.

Како Facebook реагираше?

Малку и непријатен беше моментот кога Facebook се обрати на јавноста преку Twitter. Ова покрена лавина реакции кај јавноста што го искористија моментот да ја покажат својата креативност во мемиња и смешни твитови – но за ова друг пат.

Колку ова го чинеше Facebook?

Можеби најголемиот удар што компанијата мораше да го издржи е финансискиот. Некои штетата од 6 часовниот прекин ја заокружуваат на дури 6 билиони долари, додека пак акциите паднаа за речиси 5%.

И ова дојде во многу тежок момент за Facebook.

Facebook мета на хајка и обвинувања

Поранешна вработена во Facebook сподели документи од внатрешното работење на компанијата со The Wall Street Journal и беше дел од 60 minutes. Францис Хауген јавно зборуваше за тоа колку компанијата е ориентирана кон продажба по цена да создаде алгоритми што го поддржуваат говорот на омраза. Таа го напуштила Facebook во 2021 со образложение дека повеќе не верувала во целата приказна.

There was conflict… between what was good for the public and what was good for Facebook, and Facebook chose over and over again to optimize for its own interests — like making more money.

Frances Haugen

Таа приложила документи што јасно укажуваат на фактот дека Facebook знае колку говорот на омраза, политичките пораки и лажните информации штетат на општеството. Во друго истражување пак потенцира дека целиот проблем доаѓа од алгоритмот на Facebook што е моделиран на тој начин да форсира соодржина што предизвикува гнев и лутина кај корисниците, со цел да се добијат поголеми бројки на интеракција.

Марк Цукерберг во одбрана

По сите обвинувања од страна на Францис, Цукерберг излезе во одбрана на компанијата и вработените. Неговиот став за тоа дека Facebook форсира негативна содржина со цел да добие поголема интеракција е бесмислено. Тие продаваат простор за рекламирање и ниту една компанија и бренд што плаќа за тие реклами не сака да биде излистана помеѓу негативна содржина. Цукерберг во своето писмено обраќање не ја спомнува Францис директно. Тој и понатаму се труди да не остави слика во јавноста дека ова толку многу го засега, но освен Facebook на мета е и Instagram со последните истражувања дека е штетен за тинејџерите.

Колку секојдневната оператива нѐ прави непродуктивни

Свесни сме дека последните две години, оперативните задачи во секојдневната работа се натрупуваат се повеќе и повеќе. Повеќе мејлови затоа што нема состаноци во живо, повеќе виртуелни состаноци поради тоа што не можеш да разговараш лице во лице, повеќе телефонски повици, затоа што не можеш да се свртиш и да го повикаш колегата од соседното биро. Сѐ ова нѐ прави да удриме во ѕид, да се блокираме ментално и креативно и на крај целиот процес да биде неефикасен и непродуктивен.

Ова им штети на организациите и на менаџментот и ниту една работна средина не треба да остане слепа и глува на овие нечујни крици за помош. Многу компании во светот воведоа неколку нови правила и олеснувања со цел да се избегне “прегорување“ на вработените.

Harvard Business Review со одлично одлично четиво за тоа колку и дали секојдневните мали операции можат да ја доведат здравата работна средина во пропаст.

Instagram се ослободува од Igtv?

По лансирањето во 2018, Igtv и не ги исполни очекувањата како што сите се надевавме. Беше осмислено како дел од апликацијата наменета за споделување на фотографии, каде можеше да се погледнат подолги видеа. Но, 3 години подоцна, Instagram признава дека овој “проект“ баш и не им тргна од рака. Затоа ќе го ребрендираат во Instagram TV и видеата ќе можат да траат и до 60 минути. Со Reels во подем и форсирањето на кратка видео содржина, баш би сакала да знам колку ова всушност и вреди да сотане како опција.

Бонус линкови

Се читкаме во следен преглед!

Бај.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.