104 #ПрегледВоПеток

Еве не стигнавме до уште еден петок, еден од последните кој ни доаѓа пред викенд во кој може да се направи ајвар. Ако не си ја завршил таа работа, прочитај го прегледов и веднаш на правење ајвар, да не биде доцна после. 🙂

Tesla го укина PR одделот

Првиот линк за денес е за Tesla, да, онаа на Elon Mask. Не сум сигурен дали до сега сме ги спомнале во изминатите прегледи, но сега навистина има интересна причина.

Имено, без многу големо кревање галама Tesla одлучиле дека, пред се во Америка, нема да имаат вработени одговорни за комуникација со медиуми. Со други зборови немаат PR тим. Еден по еден вработените од овој оддел или си заминувале или добивале нови позиции и пред кратко време оваа одлука ја објави и потврди Electrek.co.

Tesla традиционално не беше милениче на медиумите, и до некаде може да се разбере овој нивни потег, но каков резултат ќе даде, ќе треба да следиме и да видиме.

Instagram слави 10 години

Еееее како да беше вчера кога апликацијата ја имаа само избраните, корисниците на iPhone. Кога ќе размисли човек 10 години не се воопшто малку во овој дигитален свет, ама па и кога ќе размислиме дека и Instagram доживеа доста промени и надградувања… некако се си е на место.

Се сеќавам на првиот #instameet во Зоолошката градина во Скопје, и најавата на #letogram на ONE Telecom следниот ден. Тоа беше само една недела по лансирањето на Instagram за Android телефоните. Па #instawalk низ чаршија… па #ФотоНаНеделата и #Инстаграмџии. Убави времиња беа тоа, не дека сега не се убави… сега си имаме инфлуенсери кои доминираат и милион опции за нарачка во DM 😉

Мојата носталгија на страна, Social Media Today имаат убав инфографик каде хронолошки ги одбележуваат важните делови од историјата на оваа апликација. Вреди да се потсети човек.

Бот одговарал на прашања на Reddit без да биде откриен

О не, не мислам на оние човечките ботови, кои се лепат на зададени теми и може да ти го уништат денот. Не мислам ни на пасионираните вљубеници во Reddit. Тука станува збор за вистински бот, придвижен од GPT-3 јазичниот модел за кој пред неколку месеци MIT се изјасниле дека е изненадувачки добар. На страна техничкото мамбо-џамбо, деталите од оваа ситуација се навистина интересни: GPT-3 Bot Posed as a Human on AskReddit for a Week

Telepath – нова „добра” социјална мрежа

Уф колку грдо ми звучи она социјална мрежа горе, ама ете заради општа препознатливост на терминот ќе го искористам. Веста е дека имаме уште еден обид да се направи нов сервис за вмрежување, се вика Telepath, каде фокусот ќе биде на само добра содржина. Деталите се тука: A new social-media platform wants to enforce “kindness.” Can that ever work?

Она што мене ми се виде интересно е фактот дека модерацијата во западниот свет стана толку нормална работа што еве сега имаме и цел нов сервис кој се базира токму на модерација (да не речам цензура) како најсилна страна. Како да беше до вчера кога ги осудуваа општествата каде се вршеше строга контрола на содржините… Хмм. Секако, Telepath доаѓа од Америка, инаку немаше да привлече внимание.

Бонус линкови

Marketoonist on Instagram

Не заборавајте да ни пишете дали ви се погоди ајварот 😉