Поминати цели 104 петоци и конечно #ПрегледВоПеток тимот да здивне малку и да добие зајакнување :). По добри 4-5 години редно е и јас да се вратам на мојата прва љубов – блогирањето, и да бидам редовно присутна и во вашите петоци.
Неделава не беше многу возбудлива, но сепак има неколку работи кои вреди да се споменат. А бидејќи сите сме опседнати со бројки заради друга причина, ќе го почнам и овој преглед со бројки.
Потрошивме 28 милијарди долари за купување во апликации
Се чини дека пандемијава глобално нè направи побогати кога светот успеа да потроши дури 20% повеќе долари за купување во апликациите во последното тромесечие од годинава :). Во време кога ни е ограничен физичкиот контакт, онлајн контактот и часовите потрошени на апликации се зголемија за 25% само во последните 3 месеци. Според истражувањето на App Annie дури 180 милијарди часови глобално луѓето поминаа користејќи апликации.
Под влијание на Covid19, на светско ниво го забрзавме користењето и трошењето во апликациите за едно 2-3 години според планираното темпо. Ова е златно време за сопствениците на игри затоа што се потрошени над 20 милијарди долари за гејминг апликациите, а до крајот на годината, App Annie предвидува дека мобилните игри ќе ги надминат десктоп игрите за 2,8 пати, а конзолата за 3,1 пати.
За 73% од маркетерите иднината на TikTok ќе ги смени плановите за рекламирање
TikTok успеа да го избегне банот во САД за кратко, ама пак е под закана доколку не постигне договор со Oracle и Wallmart до 12ти ноември. Додека се водат преговорите, маркетерите размислуваат за своите стратегии кои ќе бидат под влијание на овој договор. Според истражувањето кое го спровела онлајн платформата за соработка помеѓу професионалци Vancery, 94% од маркетерите сметаат дека ќе има промени во производите за рекламирање, 75% веруваат дека TikTok корисниците ќе имаат различно однесување при купувањето, а 38% дека ќе мора да има нови производи во рекламирањето.
И ваквите бројки не се зачудувачки ако се земе предвид фактот дека TikTok добива повеќе податоци во минута од која било друга апликација и може да помогне Oracle да стане извор број 1 на податоци за потрошувачите за маркетерите. Овој договор би му дал шанса на TikTok уште повеќе да ја прошири публиката во САД, а маркетерите ќе имаат уште поголема можност да ја пласираат својата понуда до помладата публика која е тешко достапна на останатите канали.
Ќе биде ли YouTube новата најголема шопинг дестинација?
Bloomberg потврди дека Google експериментира со нови карактеристики за YouTube, кои би требало да ја претворат платформата во значајна шопинг дестинација.
Некои од видео креаторите (ограничен број) веќе се дел од овој експеримент и според насоките на Google имаат можност да ги тагираат производите во своите видеа, и тие да се купуваат директно од YouTube. Податоците од овие видеа може да се следат откако прозводите ќе се поврзат со аналитиката на Google и алатките за купување.
Веќе некое време се зборува дека Google тестира начини за интегрирање и со Shopify, дозволувајќи им на некои видео креатори да излистаат дури 12 предмети за продажба под нивните видеа.
Иако Bloomberg тврди дека намалувањето на маркетинг буџетот за време на пандемијата во комбинација со зголемениот интерес за електронска трговија се всушност причините зад ваквите новини, сепак согласни сме дека целта на овој потег во најмала рака е да го трансформира YouTube од рекламен гигант во нов лидер за е-трговија, и да биде сериозна конкуренција на Amazon и Alibaba.
Facebook го обои Messenger
За оние што не забележаа, ако има такви, да ви потенцирам да обрнете внимание на следниот отворен Messenger чет. Уште на сам старт ќе забележите дека синото (еднобојно) лого го заменија со ново, пошарено. Дифолтните бои на четот се исто така сменети, а Facebook додаде и две нови теми, како и нови реакции.
Facebook за оваа промена вели: “Новиот изглед на Messеnger ја одразува иднината на четувањето – подинамичен, позабавен и интегриран начин за дружење со вашите омилени луѓе, на вашите омилени апликации и уреди“.
Medium со (уште едно) ново лого
Си се заиграа Medium со брендирањето па решија по трет пат во 5 години да го сменат дизајнот со нова палета на бои, стил на илустрација и уште едно ново лого.
И покрај тоа што новиот стил на илустрација изгледа елегантно и современо, што совршено ја комуницира целта на страницата како платформа за пишување идеи, новото лого сосема ги збуни корисниците. По играњето со буквата М во претходните 2 наврати, Medium креираше лого со три елипсовидни форми кои донесоа многу конфузија што всушност треба да преставуваат.
Многу од корисниците имаат тешкотија да ја сфатат целта на логото, за што од Medium го дадоа следново објаснување: “Дизајнот беше инспириран од јазикот и типографијата. Роден е од елипсите: интерпункција што претставува незавршена или претстојна мисла, идеја што треба да дојде, што е следно. Токму ова се случува на Medium – секогаш има нова идеја, секогаш повеќе во приказната.“
Ако ме прашувате мене, приказната зад ребрендирањето е супер, а за дизајнот мудро ќе си молчам. Времето ќе покаже дали, и покрај првичната конфузија, новиот дизајн на Medium ќе заврши како успешна целина – само се надевам дека компанијата ќе одлучи да го задржи доволно долго за да можеме да дознаеме.
Бонус линкови
- Google Announces New Advertiser Insights, ‘Performance Max’ Automated Campaigns
- Facebook Issues Official Response to Claims Made in Netflix Documentary ‘The Social Dilemma’
- Microsoft’s image-captioning AI is pretty darn good at describing pictures like a human
- Oreo brings a rainbow message to this touching tale of parenthood
- What’s driving so many car brands to redesign their identity?
- Apple’s iPhone 12 event: the 7 biggest announcements
Испадна малку подолго од планираното, ама ајде да повежбаме читање на подолги стази да се подготвиме ако случајно пак не карантиносаат. Е дури тогаш ќе пишувам доооооолги прегледи :).