Не, не се решил Мурдок да направи уште една локална верзија на светскиот хит MySpace. Туку јас по долго време повторно појдов на две локални дестинации кои потпаѓаат под групата сајтови за социјално вмрежување.
Се трудам, искрено, во последно време малку да му дадам шанса на Facebook, ама никако не можам да им влезам во шема на MySpace и неговите клонови. Сепак тоа што јас не сум во тој ритам не значи дека ваквите сервиси не се успешни како проекти, или дека во иднина нема да станат уште поуспешни.
На BlogOpen08 во Бор имаше еден интересн тип (по се изгледа Индиец од Британија) кој имаше неуспешна презентација со која се обиде да убеди искусни блогери (стари волци демек) дека било подобро да се блогира како составен дел од социјална мрежа. Како и да е, колку и да не му беше на место презентацијата она што ме мотивираше да го спомнaм е фактот дека тој беше претставник на една компанија (Howdygroup) која инвестира во социјални мрежи на пазари во развој. Во Србија го поседуваат Znamo.se
Вчера сфатив, фала Дарко, дека локалниот Top.mk е дел од уште една ваква слична компанија основана во Естонија (Rate Solutions). Тоа е едната од двете мрежи кои сакам да ги спомнам во постов. Ме изненадуваше фактот што многу често среќавав реклами на google adsense за овој сервис но сега веќе работите ми се појасни. Политиката е јасна, настапуваат агерсивно нудат награди на своите активни кориници за да зафатат поголем дел од пазарот. Додека е рано.
Од друга страна, конкуренција имаат, ама не баш многу силна. Зборувам повторно во рамките на локална понуда, а не за MySpace и Facebook. Втората дестинација: Kadevecer е онаа на која бев за да сфатам дека од последниот пат кога јас бев таму се случиле доста промени. Смениле хостинг, и додале нови скрипти за креирање профили и блогирање. Морам да го наречам тоа додавање скрипти бидејќи така и изгледа. Едноставно, малку неубаво и нефункционално, се додадени на основата на сајтот. Сепак, како позитивен аспект, мора да признаам дека на добар дел од корисниците тоа не им смета па си комуницираат, креираат профили и пишуваат блогови таму.
Постов малку хаотичен, но ајде да пробам да внесам за крај и уште една тема. Дамјан на крајот на својот одличен пост за неусшениот подвиг на ПроКредитБанка (патем исто сме мислеле на почетокот) наведува:
…луѓето треба да разберат дека најпосетуван сајт во Македонија не значи и најдобар сајт за рекламирање. Тука се јавува потребата од анализирање на онлајн медиумите, внимателно одбирање на целни групи, давање приоритет на сегментација на публиката пред да се започне со рекламирање на интернет…
Ова во контекст на сервисиве кои имат јасен таргет и каде многу лесно може да се процени, т.е. утврди за која целна група станува збор.
Дали можат некаде да се добијат бројки на корисници на овие сајтови за социјално вмрежување, или мрежно дружење? Тешко е истите да им конкурираат на глобалниве сервиси, затоа што таму веќе постојат големи заедници од нашиве краишта, но ќе видиме дали можат да опстаната вака функционирајќи локално.