Годишниот извештај на Европската Комисија (ЕК) за државите од регионот беше долго најавуван и очекуван документ. Гледано низ призма на медиумите и како тие ја покриваат темата неколку „моменти“:
-документот е таков (избалансиран 🙂 што дозволува од него да извлечете и позитивни и негативни нешта, по потреба, па локалните медиуми најмногу тоа и го прават, го преџвакуваат документот по потреба и главно ги комбинираат со изјавите на вчерашниот прес на Оли Рен;
-за разлика од неколку блогери кои пренесуваат информации, локалните медиуми им даваат предност на коментарите, кои можат да добијат и ваква форма:
Како што беше и извесно, Европската комисија не даде препорака за датум за започнување на преговори со Македонија во извештајот за нејзиниот напредок кон членството во ЕУ, кој беше објавен вчера во Брисел и во Скопје. Со ова Македонија стана единствената земја (освен Турција), која чекала повеќе од две години за датум за преговори по доделувањето на кандидатскиот статус кој земјава го доби на 17 декември 2005 година, Вест 07.11.2007.
Па ако Турција чекала подолго од нас значи Македонија не е единствената, но авторот овде внел сопствен критички став по цена и на фактите. Како и да е, коментрите на медиумите се засновуваат на коментарите на политичките репрезенти, па нивните коментари се претежно секундарни, а самиот извештај станува виртуелен. Ако треба граѓаните да се информираат за извештајот, а треба, тогаш спинуваните, т.е. извртените, ставови на политичките претставници не се баш најдобар начин да се направи тоа. Нема информации дали е јавно достапен извештајот и слично, па најдобра надеж на јавноста е дека некој од тие што го добиле на рака од владате ќе излезе и ќе ни го чита онака следниве денови за добра ноќ.
(Про)владините (наречи-ги) медиуми ги потенцираат добрите страни и примарен простор им даваат на владините интепретации:
Напредок има, датум нема – „Во деловите во кои Владата може да делува сама, без да зависи од опозицијата или од некои други фактори во државата, имаме позитивни работи, а во деловите каде е потребна волјата и на некој друг имаме и по некоја слабост“, порача премиерот (а датумот требаше да биде напредокот кој се очекува, па насловот му испаѓа еден солиден оксиморон).
Утрински метафорично приказната за „хајлајтот“ на извештајот (The „Датумот“) ја прикажува со пресмислената фотографија не Еврокомесарот како „гледа во далечина“ наместо да каже кога ќе биде почетокот на преговорите.
И така натаму и така наваму. За жал продолжуваат двете најголеми фалинки на локалните медиуми, вака погледано полу-аналаитички, (а) доминирање на коментарите над информациите и (б) третирање на читателите/гледачите/слушателите како публика, а не јавност, да не зборуваме за тековните трендови на проактивна и содржунски придонесувачка јавност. Вака земено тешко дека можат да го заслужат атрибутот информативни, па некако ни останува надежта дека барем блогерите подобро ќе ја покријат темата.
Додавка: Еве како информативните медиуми го прават тоа 🙂 со се Ависот на купче. Мислам дека клучниот збор во него е „however“, кој најчесто (во ваков тип текстови) се употребува да се искаже воздржано разочарување.