Што се случува со пораката?!?

Текстов оригинално требаше да оди во АРТ Република, ама бидејќи три месеци не им се поклопува со уредувачката политика, решив да го објавам тука. Имајте предвид дека не е структуриран за на web, па затоа нема и многу линкови и ред други мали недостатоци :))

Message Minimal

Во една ТВ емисија за Брзината на BBC, по пет епизоди од серијалот авторот заклучи дека светот се успорува. Истражувањето докажа дека човекот максималната брзина ја достигнал во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век. Можеби навистина е така, но човекот се успорува кога станува збор за транспортот и физичкото надминување на одредено растојание. Сетете се колку време ви требало пред 10 години да поминете од едниот крај на градот до другиот, а колку ви е потребно денес?

Сепак забрзувањето продолжува и понатаму, но во други димензии на нашиот живот. Една од тие димензии е светот на информациите. Кој би можел да каже дека не зависи од информации денес?

Сосем нормално е дека нивниот транспорт треба да се забрза. Случајно или не, но развојот на информациските општества и успорувањето во традиционална смисла хронолошки се поклопуваат. Општествата започнале (дел од нив, вклучувајќи го и нашето сe` уште почнуваат) да се градат врз нови основни вредности. Вредности кои во центарот на случувањата ја ставаат информацијата, нејзината навременост, прецизност и достапност. Нормално паралелно со овој развој , се развиваат и соодветни медиуми.

За конвергенцијата на медиумите е зборувано и се зборува релативно многу. Ова особено важи за новите медиуми како интернетот, мобилните телефони, дигиталната телевизија или воопшто – дигиталните медиуми.

Секогаш кога се појавува нов медиум, општеството и индустријата заедно ги користат моделите на претходно познатите медиуми како мерни вредности, споредувајќи го новиот медиум со стандардите, успесите и неуспесите на постарите. И сосем е природно да се користат оние работи кои се познати и соодветни кога станува збор за споредување со новите елементи во животот. Но дали проучувањето на конвергенцијата на медиумите самата по себе е доволна, или потребно е да се разгледа и промената која í се случува на самата информација?

Информациите се менуваат

Денес многумина можат да ви кажат дека информациите кои се подготвуваат за различни медиуми треба да бидат составени од различни елементи. Medium is the message (медиумот е пораката), познатата теорија на Маршал Меклуан во овој случај може слободно да се протолкува/примени. Тоа значи дека секој медиум си ја обликува или поточно си ја креира пораката која ја испраќа.

Развојот на новите (дигиталните) медиуми со себе развива и нова структура на информациите. Структура која се карактеризира со кратки и јасни реченици, релативно кратки текстови – директно условени од физичката природа на медиумот (на пр. компјутерски екран, кој не овозможува долго читање), текстови поделени во што е можно повеќе блокови (пасоси) кои многу лесно на читателот ќе му овозможат ‘скенирање’ и префрлување од пасос на пасос, од тема на тема. Сепак се чини дека структурата не е доволна сама по себе, туку неизбежна е и промена на улогата и суштината на информациите. Особено денес кога информациите го затрупуваат светот.

Мултимедијалната индустрија вети дека како кулминација ќе ги соедини сите медиуми во едно интегрално и интерактивно искуство. Откако се создаде интернетот таа го доби својот медиум со кој може да ја испорача својата идеја во сите домови, училишта, канцеларии и каде било на земјината точка. Но целата оваа општествена активност започна кај луѓето да побудува нова зависност. Зависност од нови информации.

Капацитетот за прием на нови информации кај луѓето се зголемува секојденевно, но се поставува прашањето колкав е сега квалитетот и каква е структурата на информациите кои човек успева да ги прими, всушност колку од сите тие информации тој ќе успее да ги запомни или обработи/’испроцесира’. Најверојатно токму поради тоа сега информациите кои се пласираат се многу кратки и површни. Едноставно денес сите ние сме способни да прелистаме дневен весник за пет минути и да ги прочитаме сите наслови во него. И тоа ни е сосем доволно. И онака се што би прочитале повеќе, веќе во следните десет минути ќе го надополниме бидејќи ќе седнеме пред компјутер и ќе се наполниме со нова доза информации. Сите достапни канали на дигиталните телевизии, веб-страници, смс услуги, подкастинг датотеки, RSS надополнувања придонесуваат да се промени улогата на информацијата (за појснување на овие термини обидете се на wikipedia). Имено, во светот на информациите се менува суштината на поимот “многу”. Ако порано тоа значеше дека една вест, репортажа или критика содржи приближно 1000 зборови, денес тоа се сведува на само 100. И сето тоа е овозможено со новите медиуми кои се способни да сервираат нови, уште посвежи и поинтересни информации, веќе следната минута. А нивната (дигиталните медиуми) физичка карактеристика го овозможува сосем спротивното. Еден новинар кој во дигиталниот свет е и блогер вели:

Блог-постот го ослободува писателот од ограничувањето врзано со бројот на зборови. Тука не постои временска рамка ниту пак ограничен физички простор во кој треба да соберат две или три колони.

Иако интернетот како медиум нуди бесконечно многу простор тоа не резултира со концепт на долги и содржајни текстови. Напротив киберпросторот е преполн со наслови, поднаслови и атрактивни пасоси. (дефиниции за блог, блог-пост и блогер побарајте на samizdata)

Земајќи го сево ова предвид се наметнува историското прашање кој е постар кокошката или јајцето? Кој е клучниот фактор за намалувањето на пораката? Дали е тоа природата на новите медиуми? Брзите интернет протоколи, непрегледните компјутерски екрани кои создаваат главоболки или подвижноста на малите џебни помагала (мобилни телефони, компјутери на дланка, МП3 плеери)? Дали можеби човекот е пресудниот фактор во намалувањето на информацијата? Едноставно тој не е способен континуирано да обработува сложени и долги сеопфатни информации, па се што му преостанува е да се храни со кратки, добро концепирани и сензационални наслови?

Компресиран живот

Во овој контекст може да се наведе и накратко појасни суштината на XML датотеките (a common syntax for expressing structure in data). Зошто сега токму овој тип датотеки? XML дозволува обезбедувачите на содржина да го дефинираат, дозволат и поделат секој дел од содржината на страниците во една организирана структура која на луЃето им дозволува непрекинато користење на истата. Уште повеЌе тој Ќе им дозволи на програмерите да креираат специфични мета-документи кои Ќе овозможуваат еден вид на виртулен каталог со картички за нивната веб-страница. Популарноста на овој начин на пренесување на информации низ мрежата е во голем пораст. А тоа може само да го потврди тврдењето дека главно својство на секоја информација е таа да биде навремена, точна и прецизна. Големината не е важна, и една реченица, и еден налсов, и само еден збор често може да биде пресуден. Може само затоа што оваа ситуација не настанала преку ноќ, туку со децении луѓето се приспособувале и учеле како да ги откријат и декодираат суштинските зборови во пораката.

Не е без потреба речено: секој може да пренесе една информација со 1000 зборови, но тешко е да ја пернесеш истата со само 100, се разбира притоа сите да ве разберат.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.