Последниов месец и повеќе, решивме, јас и другите луѓе од Центарот за нови медиуми да бидеме малку поагресивни во напорите да поттикенеме позитивна дискусија за Интернет и социјалните медиуми. Не дека нешто значително сме направиле, но сепак, ете некои работи се придвижуваат. Дали е до нас или не, нема да носам заклучоци сега. Не е ни важно тоа.
Имено, кога се дискутира за Интернет секогаш мора да се имаат на ум неговите импликации и да се има крајно конструктивен пристап. Мотивацијата за овој пост ми е текстот кој денес Бисерка Велковска го објави во Нова Македонија: „Фејсбук“ не е за десетгодишници.
– Родителите често се во дилема дали на своето дете да му дозволат или да му го ограничат користењето на „Фејсбук“ и на другите социјални мрежи. Сметам дека не е препорачливо децата уште од многу мала возраст да имаат профили, но тоа не значи строго да му забранувате на вашето дете да користи „Фејсбук“. Добро е отворено да разговарате со него и да бидете информирани за тоа колку време посветува на ваквите активности и што работи за да можете навремено да го советувате и да интервенирате ако има потреба – вели психологот Јана Величковска од општата болница „Ре-медика“.

Навистина ми се допадна аголот на пренесување на темата, нормално не дека има изјава од мене 🙂 туку дека Бисерка не се обидува да дига паника или да брка сензационалност. Пред да го пише текстот препорачав да фати позитивен агол и ја замолив да ги види постовите кои се линкани на погоре. Не знам дали и тоа имало влијание, ќе си каже самата 🙂 ама текстов покажува дека не паднала во стандардната замка во која новинарите, особено после емисијата Пулс на ТВ Алфа од пред некој ден, докажано „паѓаат”.
А свеж доказ за оваа замка, ако воопшто може и така да ја наречеме, е текстот кој исто така беше објавен во Нова Македонија пред некој ден со наслов: Уништен имиџ од видео на Јутјуб. Покрај позитивниот крај на локалниот пример, авторот (во овој случај проектот на Метаморфозис) не успеал во главен фокус (најочигледно е во самиот наслов) да го истакне позитивниот исход и соодветната постапка за спречување на злоупотребата.
Во секој случај и двата текста се крајно за поздравување и се надевам дека секој од нас во иднина ќе се обиде да ја извлече и што е најважно да ја истакне позитивната страна на интернетот. Свесен сум дека сите ги знаеме и мислиме дека нема потреба да ги истакнуваме позитивниве страни, ама ако оставиме традиционланите медиуми да ја поставуваат агендата и понатаму ќе продолжиме да воздивнуваме секогаш кога на некој настан или тв емисија ќе се поставуваат, искрено речено, досадните прашања за безбедност, опасност од измама и слично.
Доволно е само да ги видиш прилозите на ТВ што ги прават за тоа колку македонските граѓани купуваат преку Интернет. Иако немаме некој посебен напредок во таа област, секогаш се типични негативни примери. Зборовите безбедност, опасност од измама им се keywords.
Општо ми се допаѓа пристапот на Нова Македонија кон сите теми, поразлични се од другите.
Pingback: Tweets that mention Локални примери за позитивен пристап кон Интернет и социјални медиуми | К О М У Н И К А Ц И И -- Topsy.com
Поентата е дека интернетот има предуслови да ги направи објавените нешта многу повечни од традиционалните медиуми. Ако еднаш видеото се појавило онлајн, заедно со коментарите под него, тоа значи дека многу луѓе имале можност да го видат, а имиџ и не е нешто што туку така се поправа.
Приказната треба да ги разбуди младите дека тоа може да им се случи и ним, а не да ги утеши дека се` се завршува со среќен крај. Во оваа приказна крајот е позитивен само затоа што видеото и сите коментари се отстранети од сервисот, но не е среќен во никој случај. Девојчето било доведено во многу неугодна ситуација која траела еден месец, што е доволно време за да луѓето во некое нејзино онлајн окружување добијат поинакво мислење за неа. Секако дека луѓето кои ја познаваат ќе ја дознаат вистината, но тоа може да не е доволно.
Важно е да не се создава негативно мислење за интернетот и да не се создава страв и потреба за преземање драстични мерки од страна на родителите, како забрана, строги ограничувања и сл. Токму таквиот пристап се трудиме да го практикуваме во сите содржини од оваа област. Но, и понатаму останува фактот дека лоши работи им се случуваат на младите, понекогаш и многу пострашни од она што е опишано во оваа приказна. А свеста за оваа реалност не може да се разбуди со прикажување на истата во позитивно светло, некогаш е потребно да допре подлабоко за да има ефект.