157 #ПрегледВоПеток – TikTok, Instagram, Snapchat, Spotify…

Океј, пак редот за куцкање е мој, па знаете што се прави додека се чита #ПрегледВоПеток со Наташа….СЕ ПИЕ КАФЕЕЕЕ! Да започнеме…

TikTok – Безбеден или не?

Се чини дека лошиот глас што започна да го бие TikTok поради сѐ побројните опасни предизвици што нагло стануваат популарни, стигна и до важните уши во компанијата. Тие направија истражување со цел да го подобрат нивото на безбедност на своите корисници што секојдневно се изложени на секаков вид на содржина. По многу случаи низ целиот свет каде практикувањето на предизвици од оваа социјална мрежа довеле до смртни последици, резултатот беа рестрикции за користење на TikTok од страна на малолетници во многу земји.

Затоа, компанијата најми независна агенција да го спроведе истражувањето. Побарано е мислење и направени се интервјуа со повеќе од 10 000 учесници, меѓу кои тинејџери, родители и учители од различни националности.

Истражувањето покажало дека поголемиот број од тинејџерите испитаници, не биле ни свесни дека некоја содржина е опасна. Она што е загрижувачки е дека TikTok не секогаш може да препознае одреден предизвик како штетен, особено ако истиот е во почетна фаза. Хаштазите што што ги носат познатите предизвици не носат секогаш заканувачки збор во себе, па ова е една од работите на кои треба многу да се работи. Овде се вклучува и содржината што може да претставува закана и опасност по самоповредување па дури и самоубиство.

TikTok работи на што поголемо и порелевантно алармирање на корисниците за секаква опасна содржина. Тие соработуваат со експерти за ментално здравје кај адолесцентите и го подобруваат корисничкото искуство за сите оние што им е потребна помош околу справување со вакви проблеми.

Snapchat е за частење

Snapchat одсекогаш ми бил најкул од цело друштво. Можеби затоа што сѐ секогаш започнува од него, и со што и да се занимава, очите се свртени таму. Затоа и не ме зачуди што направија договор со Sony Music Entertainment. Музиката игра голема улога во новото користење на технологијата и социјалните мрежи па Snapchat и овој пат се во тек. Она што е супер интересно е нивниот договор со NBCUniversal. Ова значи гоооооолем избор на користење на реплики и фрази од еден тон серии и филмови во продукција на NBCUniversal.

И додека Facebook измислува 101 начин како да продаде AR иднина, дечкиве отидоа до таму што секој може да биде ѕвезда на својот музички спот со новите Sound Lences.

“The Lens transforms pictures of anyone to appear as if they are singing a song, while Cameo Sound Lenses will apply visual effects to put you and a friend as the stars of your own animated music video.”

Snapchat

А за оние како мене, што секогаш сакаат нешто екстра специфично јадење направено дома а сѐ што имаат во фрижидер се јајца и кромид, Snapchat влегуваат со своjот Food Scan. Едноставно, ги скенираш достапните намирници со новата опција за скенирање и тадааам добиваш предлози од Allrecipes за што сѐ можеш да зготвиш со твојата (не)скромна кошничка. Секако дека не можеш да зготвиш ексклузивно јадење само со јајца и кромид, но ќе добиеш инспирација за супер рецепти, факти за храната и намирниците од Weekipedia и свашта.

Огладнев…

Кои FMCG производи се најпопуларни кај македонците?

Од Инсајдер направија истражување за тоа кои производи од FMCG индустријата се најпопуларни кај нас и каков е нивниот статус во поглед на потрошувачката споредено со минатата година.

Генерално, нема значајни промени на позициите кај најпознатите брендови во соодветните категории. Битолско млеко и Битолски јогурт учествуваат со 51% односно 41% во категоријата Млеко и Јогурт. Најпознато турско кафе е Grand кафе кое ја унапредува својата позиција од 22% на 32% за разлика од 2020 година.

Во категоријата Природни Сокови, Вива ја држи лидерската позиција како најпопуларен бренд кај секој трет потрошувач.

Како шампиони се издвојуваат и Витаминка, Виталија, Тиквеш, Здравје Радово и Скопска Пивара.

Работиме на две од овие компании што покажуваат дека се лидери во својата индустрија па….good for us! 🙂

Марк влегува во малопродажба?

По сите скандали и целата галама што се креваше околу Facebook (никогаш Мета), Марк решава да излезе од виртуелниот свет и да стапне во оној реалниот носејќи нешто од виртуелниот! Се разбравме? Ајде од почеток.

Се слушаат гласини дека Facebook ќе ги отвора своите први физички малопродажни локации каде секој ќе може да купи производ излезен од Reality Labs секторот на компанијата. Тој има идеја да им го овозможи на луѓето она чувство и возбуда на влегување во еден поинаков футуристички свет каде виртуелната и аугментираната реалност се спојуваат. Но, колку е публиката спремна за вакво нешто?

Ова е дел во кој уживаат само броен дел на луѓе, кои можат да си дозволат да бидат љубопитни за сите опции достапни. Компанијата минатата година ги лансираше своите нискобуџетни очила кои добија и не толку сјајни критики.

Сепак, директорот е мотивиран за промена и ја најавува новата голема технолошка ера по смартфоните.

Не сакам да звучам лошо но идејата за физичка продавница доаѓа во период кога се отвори Skopje East Gate….Хммм….

Spotify со опција за текст за сите претплатници

Во соработка со Musixmatch, Spotify ја лансираше својата опција за прикажување на текст на песните за сите претплатници на сите платформи. Од Musixmatch велат дека обезбедуваат текстови на повеќе од 8 милиони песни, така што не би требало да имате проблем во наоѓање на онаа што ја слушнавте во кафана минатиот викенд (аха да).

Instagram со нови опции

Најмногу ги сакам овие мали опции што реално не дека многу им значат на регуларните корисници, но на маркетерите – И ТЕ КАКО!

Конечно ќе можеме да избришеме една слика од албум слајдер!!! Ова е една од работите што корисниците доста ги бараа а компанијата сега го испорача решението.

Другата новина е уште покул и баш заради тоа сакам да завршам со неа а тоа е дека одсега ако апликацијата поради било која причина закочи или престане да работи, само потреси го телефонот (nudge опција за постарата генерација) и ќе добиеш прозорче со прашање Што не е во ред и простор за текст каде можеш да го впишеш проблемот.

Бонус линкови

Стигаме до делот за предлог серија/филм/документарец. Овој #ПрегледВоПеток ја препорачувам “The Unlikely Murderer” на Netflix! Netflix добија тужба поради серијава, па тоа ја прави уште попопуларна.

Бај.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.