Network, Zeitgeist, Matrix…

Два моменти битни за создавањето на овој пост: (1) пред некоја недела во „Точка“ во рамките на „Сподели кино“ беше пуштан „The Network“ (Телевизиска мрежа, 1976). Настанот за жал го пропуштив, но истиот ме мотивираше да го гледам повторно овој филм за кој прв пат дознав гледајќи го „Zeitgeist“ (Духот на времето) на Питер Џозеф (Peter Joseph) каде сцена од овој филм е сместена при крајот на „Zeitgeist“. (2) периодов мислам дека го здогледав светлото наречено привршување на тезата за информативните програми (вестите) на националните ТВ концесионери па самиот филм одлично ми се вклопи во ова.

Во контекст на овие неколку моменти го анализирав нешто поподробно филмот и морам да признам дека самото сценарио, во делот на говорите на „лудиот“ Хауард Бил (Howard Beale), се нешто најчесно и најискрено произлезено од Холивуд на тема тв-вести, телевизија и сродни топици. Еве земи, напиши си и научен труд, та кога ќе видиш дека сè што имаш да кажеш е збрано во сентенцата „Изгасете ги телевизорите!“ (барем тогаш кога одат вести, се разбира :). Секако, алтернативата е критичко следење на тв-програмите, што е многу потежок и помакотрпен процес. Значи гаси телевизорите…дури во училиште не почнат да нè обучуваат како да се справуваме со манипулативните машинерии на медиумите, наместо да нè учат „колку овци има во Аргентина“.

„Телевизиска мрежа“ е еден вид рана верзија на „Матрица“ во делот на директно претставување и разоткривање на митовите на секојдневието, т.е. за тоа каков систем е јавната тв-мрежа од тоа време, но слободно може да се рече и во нашево време, бидејќи работите не се многу сменети, особено кај нас каде сè доцни по 20-тина години. Таму каде што „Мрежа“ вели дека „телевизијата е илузија“, „Матрица“ вели дека „сè е илузија“. Самиот Матрикс може да се чита не како СФ филм за некоја можна тмурна иднина, туку напротив како филм ориентиран кон реалноста на нашето време, каде „машините“ се само метафори за поимите како „закони“, „корпорации, „регулативи“, „берзи“ и слично.

На домашен терен кога ќе видиш медиумскиот ТВ систем функционира како сервис на политичките субјекти, во кој промените се одвиваат исклучиво во смисла на наоѓање различни начини (и различни луѓе) да се одржи истиот систем, цврста политичка контрола над тв-медиумите. Иако бизнисот е општествена категорија која во либерален економски систем, систем на отворен пазар, може да си се однесува автономно, кај нас тоа за сега не е можно затоа што секој плукнат закон секој различно си го чита, и уште поразлично го применува, па бизнис-елементот во Македонија како да чувствува дека мора, за да преживее, просто да „се продава“ на оној кој е овластен „да го чита и применува“ законот или на оној кој има влијание на истиот процес. Подреденоста на економскиот столб кон политичкиот длабински поткопува многу работи, па меѓу другото и независноста на медиумите, кои се тесно поврзани со корпорацискиот, т.е. компанискиот сегмент во една држава.

И сега токму оттаму имаш цела една генерација новинари кои практично не знаат ништо друго отколку тоа дека „тие мора да се продаваат“ за да функционираат како медиуми. Така и го разбираат медиумскиот пазар, како продавање на центрите на општествена моќ, а не како бизнис кој дава производ за продавање на публиката (најблатантен пример секако е овој латас-он, најекспонираниот репрезент на ваквото пара-новинарство, и така додека во државава таквите проаѓаат и се ангажираат како „медиумски платеници“ и „кучиња на медиумските војни“  не можеме да зборуваме за професионалност во тв-медиумите). 

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.

2 Comments Network, Zeitgeist, Matrix…

  1. Darko Buldioski 21/11/2008 at 15:19

    Со Латас ич не се ни замарам, ама Network мислам дека вреди да се исцепка цел, сцена по сцена и да се користи за едукативни цели, за дискусии, за приемри и сл.

    Алал вера на тој што го направил. Можеби тотално неповрзано ама мојот најомилен филм досега ваква закана не добил.

  2. sead93 21/11/2008 at 15:49

    :))) се слагам, не вреди, чисто егземпларно, но одговорен си делумно оти ми го испрате линко 🙂

Comments are closed.