Во минатиот пост пишувавме за новостите на LinkedIn кои беа објавени на конференцијата на Business Insider, Ignition. Ниту LinkedIn не пропушти да го спомене Facebook и неговите слаби страни. Во овој пост потврдуваме дека вечната борба помеѓу Google и Facebook продолжува. Овој пат Google повторно се обидува да го дискредитира Facebook на истата конференција.
Ни помалку ни повеќе, Bradley Horowitz, Google VP, јавно се потсмева на невкусниот приод кон можностите за огласување на оваа социјална мрежа. Во своето интервју за Wired, уште пред да излелзе на сцена на конференцијата, Horowitz не ја пропушти можноста да ги истакне сите слаби страни на Facebook и негативната репутација која ја доживува со последните промени во калкулацијата на досегот.
Започнувајќи со рекламите кои се појавуваат во Facebook „News Feed“ на корисниците, Bradley Horowitz јасно ја истакна разликата помеѓу рекламирање и препорака, со што ги истакна и предностите на Google+ во споредба со Facebook. Рекламите на Facebook Horowitz ги опишува со соодветно сценарио во реалниот живот и ги поистоветува со човек кој се појавува со табла за реклами во ситуација кога татко и ќерќа си разговараат меѓу себе, и им ја нарушува приватноста. За разлика од овој контроверзен и невкусен приод, Google на многу поелегантен, софистициран и ненападен начин, листа резулати од пребарување врз база на препораките на пријателите на Google+, и што е најважно тие не се плаќаат. Horowitz оди дури и чекор подалеку, велејќи дека Google нема потреба да си ја заработува следната плата за вработени преку насилно рекламирање, за разлика од Facebook.
Она што особено ми се допадна во ова излагање, е што Horowitz јасно ја истакна важноста на контекстот, за разлика од трката по лајкови и фанови. Она што Google+ го дозволува е јасно запознавање на публиката на која се обраќа брендот, и адаптирање на пораките на потребите на таа публика. Препораките секогаш играат огромна улога врз формирањето на генералното мислење за брендот, и на оваа мрежа компанијата јасно знае дека публиката која ги следи нејзините пораки е донесена благодарение на позитвно или негативно искуство на некои од нивните пријатели.
Сепак да не заборавиме дека Google+ скоро и да не успева да се пробие меѓу корисниците на социјалните мрежи и самата мрежа е предмет на многу потсмев.
Останува да видиме дали ќе го искористи моментот кога Facebook кризира и предмет на критика од многу брендови, познати личности и огласувачи, кои се мачат да остварат пристоен досег за своите псотови заради новите промени.
Еве линк до видео со целото интервју со Bradley Horowitz.