Кон дебатите за новите медиуми

Во последните неколку недели можеме да забележиме одредено раздвижување на локален план на тема нови медиуми. По одржувањето првин на „Glocal -Inside Social Media“ конференцијата, потоа на „E-Society“ и содржајните дебати кои се одвиваа таму, бележиме благ, но надежен, развој на дебатата на овие теми кај нас. Свеста за можностите кои социјалните медиуми ги нудат во секојдневниот живот на план на размена на информации, социјализација и поефикасно функционирање на речиси сите сфери од јавниот живот, се чини дека јакнат во Македонија.

Секако, далеку сме од суштински пробив и исчекор на овој план, но гледано низ некакви реалистични очила, мора да се каже дека развивањето на дебатата охрабрува, особено кога ќе се земе предвид честата појава на негативно покривање на темите околу интернетот, пред сѐ преку различни стории за девијантни однесувања и ексцесни случаи.

По постот на Мите за „Политичкиот дијалог и Твитер“, за тоа како политичките субјекти се прилагодуваат кон новите услови на децентрализирано комуницирање, сведочиме неколку интересни написи во медиумите кои се надеваме дека и понатаму ќе ја развиваат и шират оваа општополезна дебата:

Во сторијата на Утрински весник, и авторката Миркица ПоповиќНа сцена стапуваат нови медиуми“ се посочуваат некои од најрелевантните аспекти со кои новите медиуми можат афримативно да влијаат во  општеството:

Класичните медиуми не можат секогаш да одговорат на барањата на публиката. Во ова време и јавноста бара поинакви информации…Во ситуации, кога онемуваат традиционалните медиуми или, пак, во секојдневните цензури на кои се подложени поради уредувачката политика водена од онаа на сопственикот, на сила стапуваат социјалните медиуми…Кога традиционалните медиуми манипулираат со информациите или и сами се манипулирани, тука се новите медиуми да се посомневаат во тие информации и да отворат дебата“, вели Силвија Присли од „Глобал војсис онлајн“.

Од друга страна, интересот на политичките субјекти кон новите медиуми, се зголемува. Се надеваме дека тоа примарно е во правец кој ќе го надмине формално-трендовското,  и сѐ повеќе ќе се доближи до вистинска употреба на интернетот за понатамошна демократизација и полесна комуникација на граѓаните со институциите, носителите на јавни фукнции и други политички субјекти, а не во правец на некакво ново поле за пропаганда или празна политичка реторика:

„Очигледно е дека и во Македонија почнува конкурентска трка на сите нивоа и во сите сегменти за тоа кој и колку ќе има поголемо влијание во Интернет- пространството, колку подобра Интернет-страница ќе има, колку таа ќе биде полезна и лесна за граѓаните, колку ќе биде брза со достава на информациите, итн. Она што дава јасна слика дека доаѓа време кога ќе се намалува влијанието на класичното информирање и на класичните медиуми е фактот дека токму тие, класичните медиуми, меѓу себе се во најголема трка кој и како ќе има свое присуство во Интернет-пространството.“ (Илија Димовски, пратеник).

„Денес главната игра сé повеќе се води на Интернет. Модерната држава треба да го поддржи овој процес и да се приспособи, а не да се обидува да го контролира. Традиционалните медиуми се во процес на приспособување кон новата реалност во која информацијата е демонополизирана, децентрализирана и бесплатна“. (Александар Спасеновски, пратеник).

Како и да е, од нас зависи како и со која динамика овие можности ќе ги искористиме, особено кога се знае дека повеќе не постои таква ригидна дистинкција и одделеност помеѓу јавноста и општествените субјекти. Сега сите сме субјекти кои можат да придонесат во јавната комуникација, но и живеачка.

1 Comment Кон дебатите за новите медиуми

  1. Pingback: Tweets that mention Кон дебатите за новите медиуми | К О М У Н И К А Ц И И -- Topsy.com

Comments are closed.