До многу скоро верував дека социјалните мрежи, сами по себе, не се ни добри ни лоши, и дека сè зависи од начинот на кој ги користиш. Сега веќе не верувам во тоа, а еве и зошто.
Уште од времето на Аристотел, за успешно учество во јавната дебата, во тоа време агората, а подоцна и низ различни други форми, неопходно било учесникот во дискусијата да поседува 3 главни карактеристики: етос, патос и логос.
Под етос се подразбира личната етика на учесникот/говорникот, односно неговата искреност, чесност и добри намери. Под патос – неговата способност да влијае на емоциите на слушателите или другите учесници во јавната дебата. Под логос – умешноста на логичка аргументација.
Сега, десетина години по воспоставувањето на социјалните мрежи, како главен јавен простор на денешницата, полека, но сигурно, исчезнува потребата на два од споменатите три аспекти. И тоа за жал, на поважните два, кога станува збор за јавниот интерес: етосот и логосот.
Показател за ова е аргументот што голем број учесници во јавната дебата, иако се затекнати во лага, плагијат, нечесни намери, тие на никаков начин не се санкционирани од учество во јавната дебата од страна на останатите учесници, ниту досегот на содржината која ја создават опаѓа. Ова е за етосот.
Што се однесува до логосот, исто така, без разлика на отсуството на логичка аргументација и непознавање на темата на која се зборува, еден куп луѓе на социјалните мрежи продолжуваат да шират неаргументирани информации кои добиваат голем досег.
Ова покажува дека патосот, односно играњето на картата на емоции остана единствениот предуслов за успешно креирање содржина на социјалните мрежи. Само поради присуството на патос, го занемаруваме отсуството на етос и логос во јавната дискусија.
За жал, најдоминантната форма на емоција во креираните содржини е и онаа која предизвикува најголема ангажираност на публиката, а тоа е гневот.
Не сум сигурен дали социјалните мрежи се генератор или само катализатор на оваа состојба, но денес е јасно дека нивните алгоритми:
- Наградуваат содржини кои предизвикуваат поголема ангажираност (engagement);
- Предлагаат содржини слични на оние со кои сме влегле во интеракција.
На овој начин остануваме заглавени во еден маѓепсан круг на постојан гнев и константна таборизација и радикализација. Дополнително, ангажираноста на публиката, покрај со содржината, се стимулира и физиолошки, хормонално, со еден куп бихејвиорални трикови.
Од таа причина, дури и медиумски писмените корисници имаат сериозен проблем со филтрирање на информациите и креирање на прочистен личен избор на извори на информација кои се базираат и на етос и логос, а не само на патос.
На некој начин, како да сме осудени на постојано циркулирање низ содржина базирана исклучиво на патос.
Иако ова звучи дефетистички, сакам да верувам во цикличност на културата и општествените поместувања и дека ќе следи некаков „digital detox“ период, ама не го гледам скоро.