Предновогодишен преглед во петок, веројатно претпоследен годинава. Затоа уште еднаш повеќе ќе се осврнеме на новостите отколку на заокружување на најинтересното од годината и предвидувања за следната. Тоа ќе го оставиме за последниот преглед, со надеж дека деновите што следат нема да сме преокупирани со прослави и лечење мамурлак од истите.
- Првото четиво што го издвојуваме е поврзано со трендот кој и кај нас почнува сè повеќе да се користи – работа со инфлуенсери во промоцијата на твојот бренд. Овој тренд веќе со години функционира на глобалниот пазар, па затоа може да се издвојат сите оние насоки во кои треба, односно не треба, да ја движите соработката со инфлуенсерите. Затоа, доколку планираш да почнеш со овој тип на маркетинг активности или да го унапредиш односот кој веќе си го воспоставил, прочитај ги 10-те грешки што ќе го расипат твојот однос со инфлуенсерите.
- Вистина е дека Facebook веќе подолго време посветува сериозна грижа за ограничување на спамирачката содржина на мрежата. Сведоци бевме на постепено исчезнување на многу трендови за билдање на страниците, досегот и ангажираноста на постовите. Овој пат битката е насочена кон т.н. „engagement bait”, односно кон постовите кои ги охрабруваат корисниците да лајкнуваат, коментираат или да тагираат други корисници во секцијата за коментари со цел да се дојде до поголема видливост на содржината.
- Почетокот на новата година ќе биде одлична шанса да воведеш нови практики во твојата маркетинг и бизнис стратегија. Една од нив без која сè потешко ќе можеш во периодот што следи е носењето на одлуки на база на анализа на податоци (data driven decisions). За таа цел ти најдовме едно симпатично pdf-че креирано од секторот за бизнис аналитика на Google, наречено The Data-Driven Marketer’s Strategic Playbook.
- А ако дефинитивно решиш дека 2018-та мора да биде годината во која ќе се свртиш кон performance маркетинг, ти најдовме и листа на 25 алатки кои ќе ти бидат од голема корист во тоа.
- Бидејќи името на нашиот блог сè уште е Комуникации, редно е да кажеме и збор-два за теоретските толкувања на дигиталните трендови. Еве една мошне интересна студија, со мошне провокативен наслов – The Automated Public Sphere која зборува за начините на кои социјалните мрежи и новите дигитални трендови ја редефинираат јавната сфера.
- Уште една скокотлива тема за теоретичарите, но не помалку и за маркетерите е т.н. Attention span, или опсегот на внимание на корисниците, за кој генералната перцепција е дека со зголемениот проток на информации сè повеќе се намалува. Вистина или мит, открива оваа интересна анализа.
- Продолжуваме во ист стил, со вечната тема на дигиталното суштествување – Дали користењето на социјалните мрежи е добро или лошо за нас. Тоа што е објавена на Facebook Newsroom може да биде посебна тема за дискусија.
- Носталгија, дизајн, retro UX во еден линк. Да се потсетиме на најдобрите веб-страници од 90-те. Праисторија во дигитална смисла, а само дваесетина години не делат од неа.
Се надеваме дека ќе успееш да одвоиш време за читање во овие динамични денови, но и дека ќе споделиш со нас некое твое интересно линкче. Со надеж дека се читаме уште еднаш во 2018, ве поздравувме.