66 #ПрегледВоПеток

Не е преглед во петок 13-ти, ама исто како да е… Се надевам кафаната вечерва ќе ги поништи сите клетви фрлени на мене. 🧙‍♀️🙅‍♀️

Шала на страна, време е за нов #ПрегледВоПеток 😉

Пред да почнеме со прегледот ја користам оваа прилика да те известам дека неделава имавме уште еден #комкаст 🙂 Дарко и Мите (еден од луѓето зад ВидиВака) разговараа за враќањето на популарноста на подкастите. Пиши ни како ти се допаѓа и subscribe на YouTube 😉

Најпребарувани работи на Google за 2019

Не се пребаруваат само големи работи. Google’s Year in Search ни покажува дека најпребаруваните работи за 2019 се како резултат на социјалните мрежи. Во неколку земји прашањата ‘What is Area 51?’, ‘What is a VSCO girl?’ и ‘What is momo?’ биле најпоставувани. Дел од најпребаруваните фрази на светско ниво ги вклучуваат ‘Baby Yoda’, ‘Baby Shark’, ‘Old Town Road’ и ‘Eboy outfit’. Сите овие ја претставуваат колективната светст на корисниците (и) на социјалните мрежи.

Во знак на празниците, Facebook додаде нови опции и алатки на Messenger

Facebook најави нови опции и алатки за Messenger кои ќе ти помогнат да ги зачуваш спомените од новогодишните и божиќни празници. Најпрво, имаме нови опции за едитирање слики (филтри и стикери) што се споделуваат директно преку камерата од Messenger. Второ, имаме нови анимации за реакции на Stories што се појавуваат низ целиот екран (слично како кога стигаат реакции за време на видео во живо). И последно, Facebook додаде нова Messenger Stories архива во која ќе можеш да видиш сè што си објавил.

Instagram воведе нови рестрикции за возраст за бизнис и креатор акаунти

Бизнис и креатор акаунтите ќе можат да подесат рестрикции за возраста на својата публика за различни земји. Ова доаѓа откако Instagram додаде проверка на возраст за нови корисници при креирање на сметка. На овој начин Instagram се оградува од прикажување непристојна содржина на млада публика. Овој апдејт е само уште една најава за тоа дека Instagram ќе направи повеќе потези од овој тип во 2020.

Twitter ќе прави децентрализирана верзија од платформата

Twitter ќе одвои буџет за мал тим истражувачи кои ќе работат на градење “open and decentralized standard for social media”, а Twitter ќе биде нивниот “клиент”. Проектот се вика Bluesky и ако ова успее, ќе бидат потребни години да поминат за да се види ефектот. Одлуката за ова е малку необична, но ајде да видиме што ќе произлезе од истата.

Apple, Amazon и Google станаа партнери

Светските гиганти за технологија – Apple, Amazon и Google – здружија сили да креираат заеднички стандард за технологија. Новиот стандард е насочен кон смарт производи за домот како Amazon’s Echo, Apple’s HomePod и Google’s Home. Под називот “Project Connected Home Over IP” овие 3 компании ќе креираат нов, бесплатен стандард за конекција со цел да ја зголемат компатибилноста на горенаведените производи.

Во превод, сакаат да направат потрошувачите да се чувствуваат сигурни во фактот дека уредот ќе работи во нивниот дом и дека ќе може да го инсталираат и контролираат со систем по избор. Дали ова ќе успее останува да видиме, а првите имплементации ќе ги видиме најверојатно кон крајот на 2020.

Yubo собра $12.3 милиони за својата социјална мрежа за тинејџери

Францускиот стартап Yubo собра $12.3 милиони за финансирање на својата социјална мрежа за млади под 25 години. Оваа апликација има еден фокус – да им помогне на тинејџерите да запознаат нови луѓе и да градат пријателства. За разлика од останатите од овој тип, Yubo не се фокусира на лајкови и следбеници.

Со собраните пари Yubo сака да се прошири во Јапонија и Бразил и да вработи 35 нови луѓе. Дел од парите ќе одат и за подобрување на безбедноста при користење на апликацијата.

Бонус линкови

Тука го завршуваме денешниот преглед во петок. Ако имаш линк што сакаш да го споделиме слободно пиши ни порака на Фејсбук.

Marketoonist on Instagram

Се читаме во следниот, специјален, последен за ова година преглед во петок. 😊