162 #ПрегледВоПеток – #комкаст, TikTok, OneID, предвидувања за 2022

Уште еден #ПрегледВоПеток и мојот последен за 2021, па ќе се читаме нови и освежени во 2022, се надевам corona free и со нормален тек на бизнис и живот. Да видиме што ја одбележа изминатава недела.

Нова #Комкаст епизода со Иван Скендер

Уште една епизода од новата сезона на #комкаст посветена на дигитална трансформација, а овој пат на гости го имаме човекот директно одговорен за спроведување на дигиталната трансформација во А1 Македонија и А1 Хрватска, Иван Скендер. Слушнете од прва рака за искуствата, препреките со кои се соочуваат но и за методите и пристапот во трансфорамцијата, епизодава вреди злато.

Еве го видеото подолу а аудио може да слушате на:

Spotify: https://spoti.fi/3oHztZ4
iTunes: https://apple.co/31TUeXw
Google Podcasts: https://bit.ly/3kEqkxK
Deezer: http://bit.ly/3qZZX87
Anchor.fm: https://anchor.fm/komkast

TikTok е најпосетуваниот сајт за 2021

Не е дека не очекував ама некако бев убедена дека не може така лесно да се сруши гигант како Google, прва рака на посетители од сите возрасти. Ама можело, и тоа лесно ако се работи за пасиите на деца и тинејџери. Тоа значи дека TikTok e и најпосетувана социјална мрежа во светот, што го прави фактот уште поневеројатен. Facebook, чао! И третиот неверојатен факт е дека Американците немаат ништо со тоа (TikTok е на 33то место во САД), а ни Индија нема вмешано прсти тука (платформата е целосно забранета).

Ова значи само едно нешто: сериозна прераспределба на маркетинг буџетите за рекламирање во 2022, на пазарите надвор од САД. Иако цената по клик е далеку поголема, сепак ова е шанса која мора да се истражи и да не се пропушта. Доколку TikTok направи сериозни напори во контрола на токсичната и опасна содржина која не е прилагодена за најголемиот дел од нивната публика, може да очекуваме сериозни поместувања во таканаречениот Meta монопол. Па за помалку од два месеци да се искачиш цели 7 места нагоре (во 2020 TikTok е на 7мо место, а во февруари 2021 веќе на 1во) е подвиг вреден да се екпериментира со маркетинг стратегиите на брендовите.

OneID – прва македонска дигитална идентификација

Оваа недела имаме уште една многу значајна услуга креирана и промовирана на македонски пазара. КИБС во партнерство со Некстсенс, ја лансираше првата македонска услуга за електронска идентификација – OneID, со која граѓаните ќе можат да се идентификуваат преку својот мобилен насекаде, во банки, осигурителни компании, телеком оператори и државни институции, и е изработена согласно одредбите од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. 

OneID идентификацијата може да ја користите секаде каде од вас се бара да го докажете вашиот идентитет. Со неа добивате пристап до најразлични услуги кои се строго регулирани и сите услуги и трансaкции ќе ви бидат достапни преку вашиот мобилен уред 24/7, а вашите податоци со OneID се сосема безбедни. 

Одиме чекор напред во дигиталното услужување на граѓаните и да се надеваме дека голем број од давателите на електронски услуги, институциите и организациите коишто ќе ја имплементираат оваа нова македонска услуга па за нас граѓањите чекањето по шалтери да си остане закопано во минатото.

Предвидувања за 2022

Почнавте да гледате “предвидувања” за било што во секој втор наслов? Мислам дека бар месец дена само тоа ќе читаме. Како за последен преглед годинава некако задолжително е да ставиме и тука некои предвидувања, иако мислам дека во 2022 ќе има многу неочекувани изненадувања.

Јас решив да споделам некои од предвидувањата на Guardian, па да почнам од првото: Twitter може пак да стане важна мрежа за брендовите. Ова го прочитав и во неколку други предвидувања, па може да видиме пресврт после години политика, булинг и жестоки пресметки меѓу кориснициве на мрежава. Кога јас почнував да се бавам со маркетинг, Twitter беше hot af, и непроценливо богатство за брендови. Дали ќе се врати тоа време останува да видиме, секако малку подоцна кај нас (имаме многу ѓубре да расчистиме пред да ги вратиме брендовите на Twitter).

Следни предвидувања кои ги наведува Guardian се дека NFT ќе остане возбудливо за следење додека не пропадне. Кај нас толку малку луѓе знаат за NFT (секоја чест за македонските NFT орки), а светот веќе се подотвува за нивен заборав. Секако мислам дека има уште некоја година каде бидно ќе ги следиме промените и ќе бидеме возбудени за новостите што ќе ги донесат.

Во меѓувреме развојот на метаверзумот некако крчка дека VR ќе се врати на голема врата. Корисниците генерално ја избегнуваа виртуелната реалност заради тешките уреди, вртоглавиците, лошата содржина на VR. Но, со метаверзумот, извонредниот интернет за кој нè уверуваат дека овојпат ќе работи како што е очекувано, како нова технолошка фиксација, очекувајте многу наскоро да видите нов наплив на VR возбуда.

Следново е многу важно за нас, посебно за Дарко и ќе му биде омилено. Хајпот за подкаст нема изгори.
Ако сте си планирале подкаст или си го имате веќе таман сте и да си продолжите така. Поткастите ќе си продолжат да си го обезбедуваат заслуженото место и да си останат популарни и релевантни. Поткастите се успешна приказна и ќе останат така.

На крајот јас би додала и некои мои субјективни предвидувања за нашиов пазар. Прво предвидувам (се надевам) дека ќе има некоја голема драма и промени во инфлуенсерскиот свет, посебно Инстаграм, затоа што мислам дека сме доведени до работ и тој меур мора да пукне и да се преструктуира. Има инфлуенсери за почит, ама и тие ќе прегорат ако не се случат некои значајни промени, (пак се надевам) поттикнати и иницирани од страна на брендовите кои ги ангажираат. За сметка на овие промени искрено посакувам да се врати на цена (и тоа висока) вредна содржина и квалитетни приказни раскажани од страна на брендовите (видео, блог, поткасти па и инфлуенсери). TikTok ќе си гази (со желба за помалку идиотски и опасни по живот предизвици), а Reels ќе станат норматив на Инстаграм содржината. Facebook ќе остане на бумерите ама ќе остане и најголем дел од маркетинг буџетите за реклами на брендовите, бар уште следнава година. И за крајот ставам еден голем извичник да се следи крипто пазарот, ама нема да си дозволам на широко да се праам паметна кога сум прилично неписмена на темава.

На крајот на овој преглед ви споделувам неколку екстра линковите подолу и еден фин инфографик. А честитките за Нова година ќе ги оставам за некој ден подоцна во еден друг планиран формат 🙂

Бонус линкови

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.