Нашите (дигитал) маркетинг желби за 2020 година

Текстот оригинално е објавен во новогодишното издание на месечникот Економија и Бизнис. Им благодариме за дозволата да го реобјавиме.

Измешавме предвидувања, трендови, желби и искуства. Еве што може да очекувате или уште подобро да работите да се случи во следната 2020 година во полето на дигиталниот маркетинг.

Ете нѐ повторно на преминување од стара во нова, ете нѐ повторно пред предизвик да кажеме што можеме да очекуваме во следнава година. Нова година не е само време на предвидувања, туку е време на посакување и на исполнување желби. Токму затоа се обидов да ги откријам желбите, пред сѐ на професионален план на дел од моите колеги од NewMediaMK, дигиталната маркетинг-агенција која ја раководам речиси 10 години.

Еве кои се нивните желби, секако поврзани со трендовите кои ги гледаат и ги очекуваат.

Микроинфлуенсери – иднината или пропаста на маркетингот

Пишува: Наталија Стефановска (@natalija)

Изминатава година Македонија доби инфлуенсерски наплив. Она што ми се допадна е дека се „родија“ многу микроинфлуенсери. Mикроинфлуенсерите во повеќето од кампањите многу поефективно ја постигнаа целта на брендот од „големите“ селебрити инфлуенсери. Луѓето се повеќе подготвени да веруваат во мислењата на луѓето кои ги знаат и ги бараат; оние за кои чувствуваат дека ќе дадат искрено мислење, а не платена промоција. Овие инфлуенсери со „помали“ профили се поврзуваат подлабоко со својата публика и создаваат поголем ефект. 

Има многу придобивки за брендот од работата со микроинфлуенсерите, тие генерално се подостапни, пофокусирани и поефективни. Но, работата со микроинфлуенсерите исто така има и неколку недостатоци, во исто време тие се и помалку искусни во работа со брендови, помалку одговорни и почесто може да направат погрешна проценка за очекуваниот ефект.

Земајќи ги предвид искуствата од годината која измина со сите придобивки и недостатоци, мои предвидувања се дека микроинфлуенсерите се тука за да останат, за да растат и да стануваат уште побројни и побарани од страна на брендовите во 2020 година. Мојата желба за 2020 година како посредник меѓу брендовите и инфлуенсерите е двете страни да покажат поголема лојалност кон соработката и од соработката. Што значи тоа? Микроинфлуенсерите „да научат“ како изгледа професионална и одговорна соработка и да не ја изневеруваат довербата дадена од страна на брендот. Од друга страна, посакувам брендовите да покажат поголема почит кон ангажманот на инфлуенсерот, значи ако одреден бренд е голем и силен тоа не значи автоматски дека секој инфлуенсер сака и нетрпеливо чека да работи со тој бренд и дека ќе прифати соработка под кои било услови.

Брзина + квалитет. Приватност + едукација

Пишува: Давид Ристевски (@dreadpen)

Знаете ли дека 25 % од корисниците кои посетуваат веб-страници нив ги напуштаат ако не се вчитаат во рок од 4 секунди? Овој фактор ни кажува дека со намалување на времето на вчитување на страницата автоматски расте бројот на конверзии.

Бидејќи процентуално поголемиот број на посети денес доаѓа од мобилен и ако земеме предвид дека распонот на внимание ни е краток, многу е важен факторот страницата да се вчитува брзо. Секако, како приоритет треба да се и останатите параметри кај еден сајт, безбедност и приватност, квалитетна содржина, добра оптимизација за пребарувачи (SEO) и, секако, убав и практичен дизајн.

Она што последниве години е важен фактор во маркетинг-делот е безбедноста и сигурноста на податоците кои се оставаат на веб-страниците и социјалните медиуми. Знаеме што се случи со Марк Закерберк и како прашањето за приватност и заштита на личните податоци покрена низа морално-општествени прашања. Кога е во прашање маркетингот, односно дигиталниот маркетинг, многу пред нас е приод во кој пресудно ќе биде стекнувањето доверба кај корисниците, а заштитата на приватноста и сигурноста без дискусија е најјакиот адут за зголемена доверба. Секако, важна е и едукацијата кај корисниците за тоа како и зошто да ги оставаат своите податоци за да имаме помалку „Го сакам Кам во моето сандаче“ искуства.

Слободно би кажал дека од 2020 година многу посериозно ќе биде користењето на податоците за маркетинг-цели, а она што би сакал да видам кај нас во иднина е сериозно зголемен број на добро оптимизирани сајтови и квалитетни содржини.

Настрана сето ова. Видеото ќе биде крал во 2020 година. Нема поента да кажуваме дека е тренд и дека ќе расте.

Сакам македонски брендови на TikTok

Пишува: Симона Пеовска (@simona.peovska)

Во 2020 година сакам да ги видам македонските брендови активни на Тик Ток (TikTok) како дел од нивната креативна стратегија. Очекувам помалите бизниси да почнат да го користат за зголемување на видливоста, а големите да бидат храбри и да воведат нов, досега невиден, креативен начин на спроведување големи кампањи кој ќе служи за пример во практиките за дигиталниот маркетинг.

Патем, Тик Ток (TikTok) е социјална мрежа за креирање и споделување кратки видеа, која за само две и пол години откако беше лансирана надвор од Кина стана една од апликациите со најголем тренд на растење. Во 2019 година доби повеќе од 500 милиони нови корисници и вкупно има речиси 1,5 милијарди корисници.

Тик Ток (TikTok) го менува начинот на кој функционираат социјалните мрежи, дури и ако го избегнуваш. Тик Ток (TikTok) е различна од другите апликации во начинот на кој работи. Ја симнуваш, ја пушташ и веднаш добиваш 15-секундни видеа без воопшто да креираш профил. Станува збор за бескрајно персонализиран алгоритам кој ти прикажува избрана супер забавна видео содржина.

Месинџер-маркетинг (Messenger marketing) за подобро поврзување со корисниците

Пишува: Наташа Атанасова (@natasaatanasova)

Повеќе од 60 % од брендовите како предизвик во работата го именуваат генерирањето на лидови и носење квалитетен сообраќај до нивните веб-сајтови. Моментално постојат повеќе активни корисници на чет (messenger) апликациите отколку на која било друга социјална мрежа. Тогаш зошто не ги бараме нашите идеални и потенцијални корисници онаму каде што тие поминуваат најголем дел од времето – на чет?

Помалку од 1 % од бизнисите ги користат месинџер (messenger) ботовите како начин да се поврзат со своите корисници. Ова го прави месинџер-маркетингот најдобро чувана тајна во дигиталниот свет која чека да ги покаже своите предности во бизнис-сферата.

Неколку причини што би ги издвоила зошто би требале да размислувате за ваквиот начин на маркетинг се: 50–80 % од луѓето кои во својата месинџер апликација биле изложени на содржина од брендови ја отвориле пораката, повеќе од 20 % направиле интеракција со содржината и дошле на сајтот, комуникацијата е персонализирана и ги допира само оние кои имаат интерес за вашата содржина, чет ботовите ја зголемуваат вашата листа на корисници затоа што е потребна само една интеракција со ботот за вие да ги добиете информациите што ви се потребни и како шлаг на тортата – трошоците се значително пониски. Како заклучок на сето ова, во 2020 година би сакала да видам повеќе брендови и организации што го користат овој начин на комуникација со корисниците – да дознаат што бараат корисниците од нив, на кое ниво на поврзаност со брендот би сакале да се и како да ги искористат сите собрани информации за нив во најдобра можна примена. 

Има поважни работи од „брзиот“ развој на технологијата

Пишува: Дарко Булдиоски (@darko156)

На последното издание на AllWeb говорникот кој ја отвори конференцијата, Мат Десмиер (Matt Desmier), јасно и гласно истакна дека не е реално да очекуваме големи ненадејни промени во нашите општества. Не може да се случи тоа на полето на технологијата, на полето на комуникацијата, на полето на маркетингот, на кое било поле. Не може затоа што секој ден има мали промени кои сами по себе не се доволни за големо внимание, но ако се свртиме наназад и ја погледнеме поголемата слика, тогаш може да констатираме посериозни промени. Па така е и со трендовите и со очекувањата, ниеден новитет не може да дојде преку ноќ, ниту може да биде календарски хит, и да очекуваме дека ќе донесе вистинска голема промена. Трендовите треба да ги знаеме, да ги следиме и да ги земаме предвид во секој случај. Но, она што е во центарот на секоја промена се луѓето и всушност нивната грижа за: поврзаност/припадност, здравје и добросостојба, вредносни системи, себенадградување и безбедност.

Среќна и успешна 2020 година од целиот тим на NewMediaMK!

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.