Homo Homini Latas est :))
Денес со соопштение се јави „Советот за радиодифузија“ во врска со (по мене режираниот) „скандал“ емитуван во емисијата „Бекстејџ“ на Сител-ТВ:
Советот за радиодифузија на својата денешна редовна седница донесе одлука на овој медиум да му изрече мерки за констатираните прекршувања во наведената емисија и во најавите за истата, емитувани на 19.11.2008 година, соопштија од радиодифузија.
“За прекршување на членот 71 од Законот за радиодифузна дејност и член 7 став 1 алинеја 5 од Правилникот за заштита на малолетната публика од програми што можат штетно да влијаат врз нејзиниот физички, психички и морален развој, на ТВ Сител да му се изрече мерка: писмена опомена со барање за објавување. За прекршување на членот 71 од Законот за радиодифузната дејнсот и член 13, став 1 од Правилникот за заштита на малолетната публика од програми што можат штетно да влијаат врз нејзиниот физички, психички и морален развој, на ТВ Сител да му се изрече мерка: времена забрана за рекламирање и телешопинг од еден ден. За прекршување на членот 71 од Законот за радиодифузна дејност и член 13 став 2 од Правилникот за заштита на малолетната публика од програми што можат штетно да влијаат врз нејзиниот физички, психички и морален развој, на ТВ Сител да му се изрече мерка: писмена опомена“, одлучил советот.
Советот за радиодифузија го оценува како скандалозно медиумското поведение на новинарот Драган Павловиќ – Латас, и изразува најостра осуда за дрското нарушување на јавниот морал, особено ако се има предвид дека поширокиот контекст на неговите вулгарности фрла сенка и врз работата на државни институции и врз индивидуалниот интегритет на одредени личности од политичкиот живот….стои во соопштението од Советот за радиодифузија (Нетпрес).
Сторијава може да се гледа и „анализира“ од мал милион аспекти, но не би сакал да ги чепкам премногу ефемерните меѓу нив. Мојот пристап е игнорирај ги глупостите по светов, оти ако не правите така малку ќе ви остане да доживете од вистинскиот живот…Па затоа неколку збора, системски гледано, за што овде станува збор. Борбата овде не е за јавниот морал (скраја да е), ниту за заштита на угледот на македонскиот јавен медиусмки простор (кој углед?)…Борбата овде е онаа суровата за гледаност, највулгарна и најсурова воедно. Советот за радиодифузија пост фестум тука треба да направи некаква илузија од присуство на институциите и одржување на системот вредности кој им дава легитимитет на регулаторните тела.
Ова не е мрчење, ова е директна индикација на реалните факти. Казната има смисла само ако ги регулира и коригира нештата во потребен и посакуван правец. Значи, ако оваа телевизија и тој си новинар се сменат, тогаш статијава ќе ја испринтам и ќе ја изедам, но мислам дека тоа е, што би рекле американците, „a long shot“.
Како што и начнав, сторијата е пред се поучен пример, како телевизиите во борба за некаков престиж, наречен гледаност, се подготвени да фрлат се под свои нозе, јавниот морал, угледот на медиумот, угледот и честа на јавните личности, и се таму што е наредено во соопштението.
Сижето, кое по мене најблиску ги доловува намерите на актерите, и актантите, на „скандалов“ е следно (ТМ): „Ексклузив“ (на А1) доживува силен подем (делумно и по заслуга на самиов скандал мајстор и некои негови епизоди во Ексклузив) во гледаноста кај помладата популација (инаку економски најатрактивна), па конкурентскиот Сител лансира свој пандан на тоа (Бекстејџ). Барајќи што поефтина реклама и самопромоција (а што е подобро за ова од добар „скандал“), го натокмува познатиов скандал-махер со прилично проѕирна намера, „тропај нешто скандалозно, да се фрапираат луѓево, а со тоа да се појават на мапата на емисии за кои се зборува“. И би „скандал“, па актериве кои се појавија потоа само играат во тој истиот исцениран театар. Целта е остварена, сите сега знеме за Бекстејџ.
Знам дека сево ова не е баш некоја академско-интелектуална промисла, но тешко е такво нешто човек да прави кога се зборува за нашите медиуми.