Date Archives 2009

Македонија земја на информатичари + Ден на идеи = ?

Денес се одржа уште еден „Ден на идеи“ во организација на Владата:

На отворениот „Ден на идеи“ граѓаните имаа можност да ги презентираат своите идеи до членовите на Владата. Имаше предлози за побрзо завршување на судските процеси, за нови вработувања на младите, за начинот на донесување на закони за нивна поголема усогласеност со уставот (Нетпрес, 9.10.200).

Јас не отидов, но секако имам една идеја за предложување: зошто „Денот на идеи“ не се спои со „Македонија-земја на информатичари“ и се отвори еден веб-сервис/веб-страница, на која ваков проток на идеи може да се одвива постојано, и на кој центрите на одлучување ќе можат да бидат во отворена и здрава комуникација со граѓаните. Еве да не бидам формалист, не мора да биде веб-страница, нека биде која било друга платформа или сервис од новите медиуми. Новинарите добро забележаа, на Денот на идеи отидоа претежно постарите сограѓани, па за да во вистинска и искрена форма се чуе и гласот на помладите добро би било да се размисли за токму ваков хибрид на тековни потфати на Владата.

Glocal Conference: Inside Social Media

Од 15-ти до 17-ти во Скопје по трет пат се одржува меѓународната конференција „Glocal Conference“, овој пат насловена „Inside Social Media“. Организатор, а воедно и место на одржување, е „New York University Skopje“.

Сите поподробни информации, вклучително и финалната програма може да ја разгледата на веб-страницата на конференцијата, Glocal Conference.

За учество на конференцијата се пријавени редица интересни предавачи од кои, со должна почит кон сите, би ги издвоиле Кевин Рoбинс (Kevin Robins) од „Goldsmiths College, University of London“ (UK), Ивајлo Дичев  (Ivaylo Ditchev) од Софискиот универзитет, Нада Шваб-Ѓокиќ (Nada Švob-Ðokić) од „Институтот за меѓународни односи“ во Загреб,  Пол Бредшоу пак ќе има настап преку видео-линк (Paul Bradshaw, Birmingham City University, UK) и редица други. Во програмата на конференцијата секако се вклучени во голем број, наши истакнати домашни истражувачи и научни работници (Сузана Милевска, Владимир Давчев, и др.), а особено ни е драго што во голем број ќе бидат присутни младите истражувачи.

На конференцијата ќе учествуваат и авториве на блогов, Дарко & Сеад, па со надеж  дека ќе се видиме со вас таму, ве оставаме со препорака да ја следите конференцијата и дискусиите директно или пак на некој од каналите кои ќе бидат достапни (детали на веб-страницата).

Биди си BBC?

Во текот на минатата недела низ хрватските медиуми беа пласирани информации за наводната подготовка на нов закон за нивниот јавен телевизиски сервис, според кој рекламирањето би било забрането на ХТВ :

Već od iduće godine Hrvatska radiotelevizija trebala bi postati prava javna televizija na kojoj se više neće emitirati komercijalne reklame i oglasi. Cjelokupno oglasno tržište, na kojemu je lani potrošeno oko 960 milijuna kuna, prepustit će se komercijalnim TV kućama, dakle Novoj TV i RTL Televiziji. Budući da će HRT biti isključen s oglasnog tržišta, javna će se televizija financirati po tzv. finskom modelu: većim dijelom iz pretplate, a dijelom tako što će komercijalne televizije izdvajati određeni postotak zarade od marketinga i davati ga javnoj televiziji.

Бидејќи хрватските реформистички достигнувања и искуства, често се предмет на споредување со нашите, и тоа во повеќе сфери, човек не може а да не помисли колку е ваквиот (фински) модел на функционирање применлив за нашиот јавен сервис?

Неколку работи се повеќе од очигледни: фрагментацијата на пазарот на медиуми (која најчесто не дава некаква  побогата понуда, исклучок, фудбалски преноси, можеби?) кај нас е многу поголема. Во Хрватска, се работи за две големи приватни телевизии кои се во конкурентски однос, и чија реална кадровска и финансиска моќ нужно резултира во поголем програмски квалитет. И замислете и во таква состојба на нив малку им се и тие средства и таквата позиција, па се борат за повеќе?

Според  резултатите на истражувањето на Советот за радио-дифузија од 2007 за вкупните телевизиски трошоци за огласување, Хрватска имала „скор“ од 406 милиони евра, а Македонија пак 121 милиони евра. Кога првото ќе се подели на 3, а второво на 20-тина, се гледа дека реалната моќ на нашите телевизии е многу слаба, и системски преодредена.

Од друга страна, реалната рекламна моќ на МРТВ е мала (2% во 2007, сега е можеби и помал?), па евентуалниот дел од колачот кој би го презеле приватните телевизии веројатно би бил помал од потребниот комерцијален дел од давачките кои би биле побарани од нив, што го чини овој модел тешко прифатлив на нашиот медиумски пазар.

Постојат и многу други аспекти на проблемов освен овој, па ако ги цените за доволно важни на темава , повелете споделете ги во коментарите.


Supernova Interview with Andrew Keen

Мојот омилен негативец, прави дополнување на своите контра, да не речам реални тези. Секако тој прави да звучат радикално спротивни зошто е таков како лик, негативец. Но во суштина некои од работите веќе се истакнати од ред други аналитичари и теоретичаи на новите медиуми.

Еве 10 минутно видео за мало освежување на контра ставовите.

Секако, не го пропуштајте видео серијалот на SupernovaHub има таму уште добри интервјуа.

Од Билјанини извори

Тогаш кога човечките трагедии, го изнесуваат на виделина најлошото од нас, наместо најдоброто, навистина треба да се прашаме, во каков свет живееме?

Нашите медиуми, и сите оние кои кохабитираат околу нив, покажаа дека бргу ги учат лекциите на светските медиуми, но само кога станува збор за експлоатација на трагични настани и човечки страданија. Сепак, да не морализирам премногу, да се фокусираме на манифестациите на медиумските и општествените аномалии при вакви жални настани:

Медиумско мршојадство

Навистина немаме никаков проблем со тоа медиумите да бидат на местото на настаните кои предизвикуваат најголем интерес, ниту да покриват нашироко за нив, но начинот на кој се прави тоа е недозволив. Се работи за најнечовечка експлоатација на човечки трагедии. И овој настан, медиумите махинално и по навика, го разбраа како „државно првенство во бркање ексклузиви“. Недозволиво е, не за мене, туку за светот и човековото достоинство, да се пласираат материјали од вакви жални настани под термини како „специјално“ и „ексклузивно“. Видете ја презентацијата, а погледнете го и покривањето на BBC на овој настан, и увидете го нивото на искажано достоинство на новинарите и дистанцата од папараци термини како „ексклузива“. Нашите медиуми се покажаа токму како такви, „папараци здруженија“ чие ниво на етичка и професионална свест не е ништо различно од овие ефтини и немилосрдни бркачи на ексклузиви. Не беа сите такви, но оние кои се сметаат за најдобри, беа токму такви, па ваквите манипулации резултираа и во најголема гледаност и кликаност токму на овие содржини.

Ефтино политиканство

Значи, не би спомнувал поединечни медиуми, на секој писмен земјак јасно му е кои се овие „ол стар“ медиуми, но мора да се каже дека изненадувачки голем број медиуми кај нас кои и не се медиуми. Се работи за медиуми деградирани на ниво на гласила на министерства, портпароли, служби и слични центри на моќ. Смешно а жално беше да се види како овие ГЛАСИЛА едно по друго, во бихејвиористичка трка со човековата способност да синтетизира и организира информации во глава, пласираа соопштенија и изјави кои требаше ама секоја фрикин институција да ја амнестираат од одговорност. А скапаницата од бродот (година на производство 1924, тогаш кога Хитлер почнал да ја пишува Meine kampf) ги имаше сите можни уредни дозволи од нашите „служби“ и превезуваше патници по своја, а не дозволена проценка, со сѐ двата појаси за спасување. Е за тоа никој не беше одговорен, сите си се си направија „пу-пу-пу“ и продолжија да си врват по своето и да гледаат фудбал. Ако има кривични пријави за „извршителите“ (кормиларот и помошникот), мора да има одговорност и до нивните „институционални соучесници и покривачи“. Тоа прашање никој не го постави. Јавниот сервис беше комуњарски билтен и журнал каде кој министер бил и на каков начин изразил сочуство. Сервис е, но јавен не е, се работи за сервис на инситуциите на власта, која и да е, сиве овие години наназад. Конвенцијата од министри може да се разбере само како суров политички PR. Ако имаш надлежности, работи ја својата работа а информациите пласирај ги преку службата за односи со јавноста, преку портпарол, што и да е. Ако немаш надлежности, не се експонирај како некаков „благороден набљудувач на трагедијата“. Оние кои се нурнаа во вода, фрлија појаси за спасување, оние кои покажаа човечка добрина и доблест, сите (0свен една госпоѓа, за волја на вистината) останаа анонимни. Важно ги видовме министрите кои беа тажни, а сѐ што надлежниот министер конкретно направи беше да повика експерти од Хрватска.

Конечно, ете што ви прави (по моја лична претпоставка присутната) корупција и врски: дади му на човек право да цеди профит како што ќе му текне, и тогаш ни човечките жртви не изгледаат многу скапо во очите на ваквите бизнисмени. Значи, не знаете утре дали ќе биде брод, авион, храна или лек: жртва на законското и моралното пропаѓање може да биде секој граѓанин на оваа земја.

Македонските медиуми имаат доста слаба дописничка мрежа:

Со исклучок на неколку ретки, нашите медиуми имаат навистина слаба дописничко-соработничка мрежа. Додека другите стасаа, главен извор беа министрите. Ако за светот и светските центри тоа е разбирливо „in this economy“, тогаш да се нема известувачи од еден Охрид е навистина жално. Последица од ова беше ситуацијата „прв извор“ да биде Министер за одбрана и слични институционални репрезенти, кои ги верглаа своите политички жаргони, па наместо да се информираме, сакале-нејќеле гледавме политички театри на фрази и искажувања сочуства. Да се разбереме, овој елемент секако го има секаде во светот, проблемот овде е што тоа кај нас не беше само доминантен, туку често беше и единствената „информација“. Се сведовме на ниво на советските весници од 1924 (која коинциденција) кога советските служби по три дена им потврдија на весниците дека „Да, Ленин е мртов“.

Медиумска врева

Ако утре дојде крај на светот, ние македонските граѓани тоа нема да можеме да го разбереме од нашите медиуми: тие навистина се крајно необучени да одделат информации, од коментари, шпекулации, изјави, претпоставки и тези. Се создава една таква врева и шум, што необучениот гледач или читател, ќе изгенерира такви заклучоци што немаат врска со реалноста. Типичен расипан телефон. Only in Macedonia. Само на репортерот на BBC му беше логично да се запраша и уредно да ја нотира промената на бројките на присутните на бродот. Другите беа превозбудени затоа што добиле изјава wow од не знам си кој портпарол. Да продаваа ориз, а не информации, веројатно во кило ориз ќе ни шиткаа пола кило песок, зачинето со „четрвт“ прашина и други дребулии. Значи, информации имаше, но тие беа толку препокриени со нејаснотии и непотребности, што бирањето ориз претставува извонредно лесна активност за опуштање; гледачот пак имаше многу потешка работа.

Самопотценување и провинцијализам

Значи, аман „више“, престанете со блокот „вести“, од типот: за овој настан информираа и светските медиуми…дрн-дрн, па ете дознавме дека вчера и РТС (српска државна тв) „информирала“ за Охрид. Whatever, ептен whatever…Какви комплекси се лечат овде кога ете дознаваме дека „светот известува за нас?“

Терминолошки манипулации и конфузии

Вакви настани се „фестивал“ и на новинарски грешки и манипулации, како и слабо познавање на алатката со која работат: јазикот и семантиката. Трагедија е кога на пешак на улица ќе му падне пијано врз глава. Кога на брод од 1924 ќе нетрупаш дупло патници со два појаси за спасување, тоа не е трагедија, тоа е режирање на беља и предизвикување на судбината, тоа е сѐ друго освен трагедија. Изјава од МВР дека „ова е трагедија“ не е изјава, тоа е коментар на некој кој наместо да даде информација, затечен ги замајува медиумите. Еден новинар по грешка, министерската неморална отповиклива оставка ја преименува дури во „неотповиклива оставка од морални причини“, замисли? Медимуите кои се определиле за еден настан да имаат една главна статија на сајтот и неа да ја ажурираат, направија каша-попара зашто постојано им се мешаа претходните со новите информации, и кои најчесто беа контрадикторни, неповрзани и конфузни.

Нема ни помен од новинарскиот триаголник (најважните информации први, па потоа детали и други податоци).

И тоа не е сѐ, но нека остане точката на критика до овде, колку и ние критичарите и аналитичарите да не го користиме мигов како и тие кои ги критикуваме. Значи, драги медиуми, кои „постоите само заради нас“, не туку мрчиме, ами молиме за малку свест и совест, за доброто, ако не за нас стариве дртала, тогаш за нашите деца, приберете се и преземете ја одговорноста за она што го чините. За политичарите нема надеж, да беше Данте оддамна ќе ги сместеше таму каде треба, кај вас белким уште има надеж и дијалог? Вложете во квалитетот на известувањето и информирањето, не вложувајте во фотосесиите на последната мис не знам што и „ексклузивното интервју“ на нашиот моден дизајнер од Бали, вложете во својот кадар, професионализам и новинарска методологија, а со тоа ќе му помогнете на ова општество. Трагедиите ќе поминат, вашите (зло/не)дела остануваат.

Ако не сакате етички да ги толкувате работите, еве ви и материјалистичка страна на вашите дејанија: јас ќе бидам прв на кого ќе му биде жал да даде 10 денари за такви псевдо-новинарски скапаници (чест на исклучоците кои сепак ги има), кои вие неуморно ги фабрикувате.

Пресови

„Пресовите“ или конференциите за печат на политичките/општествените актери во Македонија се еден од најчестите медиумски настани и доминантен начин на остварување на политичката комуникација. Партиите, органите, телата, граѓанските здруженија и слично, имаат потреба да ѝ се обратат на јавноста, и тоа го прават по своја лична проценка, во однос на тајминг и теми. Новинарите некако евоулираат во поглед на „пресовите“, порано тие секако беа ептен добродојдени затоа што со нив лесно се полнат информативните програми на медиумите, но денес и тие сѐ повеќе стануваат свесни дека често се работи за пропагандна или обиди за инволвирање на медиумите во себични пресметки на актерите, па сѐ почесто се појавуват и наслови (препукувања, кавги, и сл.) кои го насочуваат мислењето на читателот/гледачот кон негативна конотација на ваквите информации.

Најчести форми при ваквото обраќање се класичниот „прес“, потоа „изјава/демант“, онака на нозе пред партиските седишта, или пак преку некаков допис (факс, електронска порака и сл). Во ваквите форми на обраќање политичките актери ја отвораат комуникацијата, за разлика од другите форми (телефонски јавувања, новинарски „сачекуши“, прашања на прес-конференции, и сл.) каде новинарите иницираат комуникација, и која во многу помал обем е успешна, заради проценката на политичките актери и нивните претставници пред јавноста дека не ја контролираат доволно комуникацијата (во однос на теми, времетрање на комуникацијата, начинот на комуникација и сл.).

Она што е специфично за нашава локална политичка комуникација е што наместо пресовите да бидат информативни, тие се вистински пункт за политичка пропаганда во која без пардон се користат сите можни пропагандни техники и средства. Не дека странските се нешто морално супериорни, но кај нив барем има разновидност, па информативнотои пропагандното некако се „балансираат“.

-Најчесто темата наместо кон општествени теми или се ограничува или веднаш се наведува кон личности (ad hominem) со што се одбегнува соочување на аргументи, а се врши манипулација со вклучување на афекти и страсти во комуникацијата, наведувајќи ја јавноста кон генерирање на негативни емоции кон политичкиот конкурент/противник.

-Втора техника е секако поврзана со првата, а тоа е т.н. етикетирање (name calling). Во официјалната комуникација на пресовите не се користат директни „етикети“ (најчесто се тоа пробрани еуфемизми на класичните и директни етикети: олигарх, популист, бизнис газди, роднини, и сл.), но тие се во директна врска со политичкиот говор на омраза (каде и се употребуваат навредливите етикети) и тие практично се хранат еден од друг, иако добиваат навидум различни форми.

-Третата најкористена техника се т.н. „наметнати асоцијации“ (плански метонимиски интервенции, или „transfers“, англ.) кои се прилично популарна техника на манипулација. Тоа е како на пример, сообраќаец при контрола наместо да ви даде алко-тест, да ви каќе дека знае дека сте пијан(а) затоа што 2002 ве видел во некој „кафич“ како пиете. Наметнати асоцијации делуваат токму така, мешаат контексти, ги маргинализираат фактите и аргументите, и повторно ја отелотворуваат вистинската природа на локалната политичка комуникација, а тоа е пропагандата.

Зошто Facebook Page, а не личен профил за твојот бренд

Далеку поголем дел од корисниците поблиско им е искуството во одржување на личен профил. Оттаму тие прават профил наместо страница. Па, еве само неколку точки зошто присуството на еден бренд е посоодветно ако е реализирано преку т.н. Facebook Page наместо со класичен профил.

Continue reading

Дали се препознаваш?

Не мислам дали се препозна во некој од карактерите туку дали се препозна како корсник на серијата Vaio на Sony?

Фала, до Сеад што го проследи линков до 365.com.mk, навистина не очекував на крај да заврши ова како реклама, мислев дека е нешто од типот на Collage Humor

Новите медиуми се сервис на граѓаните

Често се слуша во политичкиот жаргон дека избраните функционери ќе се погрижат администрацијата и институциите да станат „сервис на граѓаните“. Е па дојде време и тоа прашање да се ажурира малку.

Сѐ што треба политичарите да сторат е да ги имплементираат можностите на новите технологии и медиуми, и практично да го овозможат толку глорифицираниот институциски сервис за граѓаните. Новите медиуми и дигитални технологии го имаат сиот капацитет речиси инстантно да станат вистински сервис каков што им треба на граѓаните.

Показна вежба на оваа тема од „Citizens Service“веб-страницата. Што е најдобро, за вакви онлајн проекти кои навистина можат да ни го поедностават животот не требаат огромни инвестиции, доволно е мала промена на свеста и планска примена на новите медиуми во нашите инситуции, vis-a-vis граѓаните.

Blitzkrieg на хакери и новинари

Одамна не сум пишувал на вакви теми. Некако помалку споделувам од информаците кои ги читам а се поврзани со online news, некако ме истиштија другиве сервиси. Но ете, сред лето, морам да го прекинам тој пост и да споделам еден интересен проект кој само покажува до каде стигнаат и на каде одат активностите на големите имиња во светот на вестите.

Guardian Hack Day 2009. Photograph: Kevin Anderson

Guardian.co.uk по втор пат организирал настан на кој во иста просторија се собрал хакери и новинари за да поработата во рок од 24 часа на некои нови кратки експериментални проекти. е го важниот муабет:

Bringing hacks and hackers together, the Guardian’s second hack day aimed to see what developers working with journalists could build in 24 hours.

Hack days are not new – coding competitions have given developers a chance to show off their skills and creativity for years. But adding journalists to the mix is a relatively recent development.

… The hack days are as much about building relationships as they are about building apps. As more journalism becomes digital, journalists are having to learn the art of the possible in terms of web and mobile applications. Print journalists now work in a world where we have to think not only about multimedia, but also, increasingly, about data, visualisations and how web technology can enhance our stories and even add new ways to make money and support our work. … What happened at the second Guardian hack day

За проектите на кои се работело на првиот и на овој вториов Guardian hack day може да читаате тука: Guardian Hack Day 2: Projects for your consideration. Она што посебно радува е фактот што се почесто решенијата и во овој домен се гледаат во Слободниот софтвер.

Не сум програмер, нити пак сум учествувал на некој ваков настан, но од скромните искуства со нашето Сподели знаење и од она што имама прилика да читам на нет, 100% сум сигурен дека сакам вакви настани да има и кај нас, и тоа што е можно повеќе.

Ретро пост: Прилог кон актуелната тема

Летниве топли денови се решивме да воведеме една рубрика наречена ретро пост. Јасно е сакаме малку да се одмориме од пишување но и да се навратиме на некои постари а сепак и од денешна перспектива интересни постови кои поминале тука на блогов.

Причини има повеќе, но ете,  ако ти се бендиса оваа наша идеја ти најди си ја своајта не мора да ги знаеш нашите. Прв пост за во оваа рубрика, по случаен избор е постот: Прилог кон актуелната тема обајвен на 6 декември 2005. година.

Постов и линковите во него (задолжително кликај) се однесуват на МБЗ (македонска блог заедница) термин кој во последно време за жал  не се користи премногу. Доста воведи ајде…

Најверојатно и блогерчињата на гранка знаат дека и Неделно Време ќе почне да објавува текстови од блогови. …Прилог кон актуелната тема обајвен на 6 декември 2005. година.

Предлог решение за регистрација на .mk домени

Да не беа кампањиве на МТВ на телевизоров лево од мене ќе помислев дека сме 1996 или 1997 година. Сеад е крив, ми прати линк, продолжение од анализата во Дневник на тема: домени, интернет, google, чаир и сл.

Скапи измами со евтини интернет-адреси (Дневник 20.07.2009)

Во „МАРНет“ не вршиме проверка при регистрацијата на домените дали со тоа се врши прекршување на некакво заштитено име или трговска марка. Ова е од причини што регистрацијата мора да се врши релативно брзо, а Заводот за индустриска сопственост, кој, иако има релевантни информации, не може да одговори во реално време.

Имам предлог решение за надминување на оваа опасност која демнее над нашиот интернет простор.

  • Да се воведе 055 или сл. линија за закажување на регистрацја на домен.
  • Да се воведе плаќање на таксени марки во вредност од 110 денари за секоја регистрација или промена во регистарот
  • Наместо само еднаш, да се бара уверение од Централен Регистар на секоја нова регистрација од иста фирма
  • Да се бара бизнис план и среднорочна стратегија за употреба на соодветната интернет адреса која се регистира
  • Да се одобрува барањето во рок од 10 работни дена

Со вакво третирање на темиве, ништо чудно и последициве да бидат токму овие.

Весела интернет маркетинг математика

Од одма да си кажам, за математика не ме бива баш, па затоа ако сум ја утнал работава барам да ми простите. Вака оди мојава математика:

Според мерењата на Httpool една од најпосетуваните страници во МК во месец јуни е www.24fudbal.com.mk. Оваа страница во јуни имала 6.104.265 посети (не знам дали се уникатни или не), според истата статистика истата страница има дневно просечно 203.476 посети.

Еве што вели еден ред од ценовникот на 24fudbal.com.mk: Leaderboard (728х90) банер, закупен преку истата таа Httpool чини 0,35 ден по прикажување. И сега значи, ако заокружиме, дневно сајтов нека има 200.000 посети, равенката би изгледала вака:

200.000 х 0.35 = 70.000 ден на ден, што значи за една недела тоа би било скоро 8.000 евра.

Еден ред погоре доколку закупите банер директно кај сопствениците на сајтот цената за една недела е 150 евра.

Пред да го пишам постов направив reality check со неколку пријатели, и сите бевме зачудени ама резултатите се тие. Каде лежи зајакот, не знам, може ќе ме просветлиш, ако ја гледаш логиката или имаш некоја информација повеќе, остави коментар.