Date Archives 2009

Нема повеќе LOL во собрание

(репост од блогот „Дејгиди“, 31.01.2009)

Сите мои надежи еден ден да станам благодостоен народен парламентарец паднаа во вода кога дознав дека нема Facebook во собраниските простории и кулоарчијна. Ич-од-ич не се трудам, ај’ ти се молjа. Не можеш да седиш у бифе, нема попуст на патарини, и сега нема ни Фејсбук? Аман!

Инаку, одлуката е донесена за да се сочуваат нашите пратенички писи-машини од вируси? Камон…Или дека наводно ништо не работеле, оти чатале?Ти зборам ќерко, сети се снао работава.

Се работи за уште една префинета манипулација со јавното мнение, со уште една Пинокијада на граѓанките и граѓаните. И ова новинариве, наместо да засукаат ракавите и да ги пронајдат фактите зад фразиве, само цитираат таму некој си неранигимајковци, а еве за што всушност станува збор:
Пратениците од спротивставените политикантски опции во Собрањево последниве неколку месеци почнале прилично да се дружат, да си разменуваат пораки и постапно да ги уриваат бариерите и барикадите, трпеливо градени и билдани од независноста до денес. Ова електронско дружење стигнало до тој степен што едни на други си праќале pokes речиси на пол-саат (тука Бучко го водел орото), да си оставаат пораки на Super Wall, да си разменуваат квизови, да си пополнуваат Likeness Matches (просто биле шокирани колку всушност си се сакаат и си одговараат вака онлајн), а се слуша муабет дека многумина од нив биле ептенски активни во Mafia Wars. Битката помеѓу Нинџи и Пирати, исто била прилично разгорена, Рaда била во водство на листите „Cutest Friends“ (инаку ѝ прерфлаат дека со ова фсашност му се додворувале на госпон дајнерс, не оти она била толку фаворитка), првиот министраш добивал најмногу „Macedonian Gifts“, Влаткосиѓорчев парче правел у мувис квизовите (некои велат затоа што многу се филмал?), Шема растурал у Kickmania!, а Ѕинго разарал у Speed Date, мавал по едно 15-тина дневно, да не ти се веруе?!?

Формално, гејм-оверот всушност се случил кога Вељо разбрал дека ептен слабо стои на Sexiest Friends on Facebook апликацијата, и си рекол, „јанасана, ја ним сите им делам оправдани к’о учителка од основно, а они мене ме гласаат за последен на Sexiest Friends , ма гаси Фејзбукот Жаки“. И така и би. РИП Фејсбук. Се слуша дека по ова многу пратеници го избришале Вељо од френд-листите, а они кои не смееле, по дома цело време се со статус инвизибл, да не ги сети Вељо нешто па да им направи муабет.

Славе пак откако узнал дека нема више Фејзбуци, а он планира да кисне таму за едно пет-шес ребаланса, башка растур праеше у Premiere Football лигата, одма потајно наручил саботаж на софтверот за бруто плати, за да им се освети на оние што го замислија и спроведоја ова проектот за дефејзбукирање на парламентот. Славе беше една од ѕвездите на Фејсбук и ваквата одлука тешко го погоди. Оттаму и бруталната реакција, наведуваат моите извори блиски до бифето.

Од други извори дознав дека имало и друга причина, секако од комшиско-злобњарска провиниенција, а тоа е дека истите кога виделе како постапно се зближуваат закараниве партии, веднаш решиле да го саботираат ова комуникациско помагало. Ова останува да се испита.

Од истиве извори веќе се наслушнува правење изборни програми во која враќањето на Фејзбук во собранието ќе биде едно од централните предизборни ветувања на многу наши партии, подржано од граѓански асоцијации и други тинктанкови. Некои одат дури дотаму што ветуваат и неограничен достап на Јутјуб, на што странските претставници сепак им рекоа да не претеруваат.

Тоа е како се случи, а тоа што се врти по вести, обични мижилажги од кујните на пиар менаџерите.

Медиумска пара-едукација

Денес во Скопје беше одржан еден од оние настани кои невнимателниот гледач или читател или нема ни да ги исперципира, или латерално следејќи ќе ги протолкува како океј-настан. Ако малку се продлабочите во контекстот на ваков тип настани, или систематски ги следите овој тип случувања кај нас, сосема е јасно дека станува збор за псевдо-едукативни настани кои немаат никакво влијание врз самата реалност, а со тоа и нагласената заштита на корисниците на новите медиуми. Јас би рекол дека имаат и штетно влијание затоа што прикриваат отсуство на вистински образовни и информативни мери (заб. ав. мерка е еден од најчесто погрешно употребуваните зборово во македонскиот јазик).

Дирекцијата за заштита на податоците предупредува да се биде внимателен со објавување на фотографии и лични податоци на интернет. Со напомена дека може да дојде до злоупотреба, од дирекцијата, посебно до помладата популација предупредуваат да не се пристапува наивно кога станува збор за интернет порталите за дружење и комуникација, како фејсбук, хај 5, мајспејс и слично.

“Токму младите денес во услови на постојан развој на информатичката технологија се исправени пред многу предизвици, што лесно можат да ја нарушат нивната приватност“, посочи директорката на Дирекцијата за заштита на податоците по повод денешниот  Европски ден за заштита на личните податоци.

На настанот организиран по тој повод во ЕУ инфо центарот денеска не случајно беа поканети токму средношколци, како ранлива група која масовно подлежи на овој вид комуникација, без претходно да размисли за евентуални последици. Ним, првиот секретар и шеф на политичкиот и информативниот сектор на Мисијата на Европската унија, Патрик Паке им порача:

“Младите наивно ја користат модерната технологија. Пред да ставите нешто на фејсбук, размислете дали тоа сакате да го види вашиот иден работодавач“ (извор Нетпрес).

Станува збор за комплексна тема, што може да се увиди и од ова студија објавена скоро од стручњаци од универзитетите во Салцбург и Виена, Австрија: „Social Networking Sites and Surveillance Society“. Во него се наведени низа на последици и опасности од новите медиуми, но на елабориран и практично изложен начин, кои ви дава увид во оваа проблематика, за разлика од лимитираноста на нашите пара-едукативни активности кои се од типот на советите на мајка ми кога одев (во) основно „пази се на улица“.

Добрата волја и чесните намери на законски задолжените институции за жал нема да завршат работа, затоа што ќе завршат како штетен неефектен опортунизам. Потребни се плански и подолготрајни активности кои навистина ќе задоволат основни критериуми за едукација, пред сѐ на младите, иако и постарите ги демнат истите потенцијални опасности.

ПС: Ако имате трпение да го исчитате извештајот, супер, а ако го прелетувате, задолжително прелетајте ја страница 125-та и заклучоците каде се посочува дека јавните кампањи, како обид за лесни решенија и авто-сугестивно ослободување од одговорност од типот „нели ти кажав“, ретко кога имаат позитивен ефект во ситуации кога општеството каде се применува е високо стратифицирано, а проблемите комплексни.

Кој сее пропаганда ќе жнее бунт

Сега во стилот на некои наши доајени на шега да кажам (подвлекувам, не е сериозно ова во наводнициве 🙂 „кога ние тука зборувавме за штетните ефекти на изнасилените комуникациски ангажмани во форма на кампањи со сомнителен ефект и остварливост многумина не обрнуваа внимание“. И јас и Дарко напишавме неколку комуникациско-ориентирани постови на тема кампањи Made-in-MK, и искрено кажано, не чувствувавме дека има нешто ново или повеќе од тоа да се додаде. Матрицата остана иста, и хитчињата исто така. Еве ги овие неколку наши „осврти“:

Влада INC.

Една година ПР.

И повторно за Владата и нејзините кампањи.

Толку имавме да кажеме од некоја конструктивно-критичка позиција. „Фала на пажњи, пријатно“.

Она што пак моментно се случува во македонските медиуми е една спротивна крајност, со исто така лоши последици, т.е. тотален наплив и ентропија на критички текстови за владиниот ПР, до тој степен што новинарите станаа опседнати со тоа да ја ничкосаат оваа политички изгенерираана медиумска реалност, водени од максимата „клин се клином“ и подржани од некои европски институции (на пример Европскиот парламент).  Еве само дел од поскорешните:

Јас не сум

Молитвата на античките копачи

Што сѐ не знаеме за Македонија?

Власта е сила, власта е моќ

Владини кампањи, агресивен или позитивен напад на сите сетила

и.т.н……..

Ако се гледа некоја генеологија на оваа префорсирана анти-пропаганда, може да се каже дека социјалните медиуми одиграа голема улога во раните фази на јавната дебата и отпорот на оваа тема. Бидејќи инерцијата на самото новинарство е од тој тип што кога ќе тргне нешто, тешко се сопира, па сега ние критичарите и јавноста сме затрупани со контра-текстови и материјали кои исто така се изнасилени и во претерана форма. Се разбира реакциите се потребни, но толкавата фиксираност само дополнително ја влошува стабилноста и функционалноста на комуникацискиот систем.

Негативните ефекти се очигледни, виртуелизација на јавната комуникациска сфера од типот на дебатите за НЛО, додека самата реалност продолжува да си тече, а ние остануваме во расчекор со неа, се разбира на своја сметка.

Лекциите од оваа пропагандна епизода се секако крајно едноставни и дидактички на ниво на „општествена градинка“, па сума сумарум повеќе од јасни се последиците од ваквите  пропаганди војни: поделба во јавноста во период кога на општеството му треба сосема спротивното, системски легално корумпирање на медиуми, како и застој во развојот на медиумите и нивно приближување до европските.

Никој не обрна внимание дека во духот на времето во кое живееме, никој, ама никој (генерациски под 50г) не трпи медиумско подучување и некаква добронамерна дидактика,. Денес гледачот и читателот е од сосема поинаков сој, тој ги бара содржините и рефлексно ги одбива оние кои го бркаат како спрејот бубачките, тој сака да има контрола над медиумските содржини, да бира што и колку, кога, да ги разложува, коментира, проследува до своите пријатели, и да си го менаџира сам своето медиумско искуство.

Тоа е реалноста во своја едноставна и непосредна форма, сето друго е некаков пасатизам со какви и да е мотивации.

ONLINE/OFFLINE фестивал

Двата македонски портали за култура,culture.in.mk и plagij.at, со поддршка од Про Хелвеција, го создадоа фестивалот ONLINE/OFFLINE кој месецов ќе го доживее своето прво издание.

Continue reading

Само-опредметување како метод на еманципација

Моментно работам на превод на текстот на д-р Зала Волчиќ и м-р (2b) Мојца Планшак од годинешнава „Glocal2“ претставен под насловот „Social Networking as a Way of Crafting Commodified Identity“ кој ќе биде објавен во зимскиот тримесечник на „Културен живот“. Во него авторките на аналитички начин ги разгледуваат начините на кои се само-претставуваат жените (девојките) на сајтовите ала-Facebook/MySpace. Низ методите на феминизмот и пост-феминизмот се разгледува кои се сѐ последиците од практикувањето на слободите на модерната жена во онлајн сферата.

Еден од поклучните заклучоци е дека, жените (на овие сајтови) симулирајќи ги методите на претставување на жената во машки доминираните медиуми подлегнуваат на континуирано само-опредметување како парадоксален начин на практикување на своите изборени слободи.

Машкиот поглед (male gaze) или „опул“ во современите медиуми историски се поврзува со ренесансата и машкиот поглед на уметникот кој женското тело го користи како предмет во својата борба со тогашната владејачка средновековна идеологија.

Еве неколку цитати од овој текст (да не глумам тука расипан телефон):

Иако жените сега уживаат сѐ она што за претходните генерации беше незамисливо, особено на поле на сексуалните слободи, тие во исто време се подредени на низа ненасилни, но во исто време екстремно наметливи, дисциплинирачки техники кои ги регулираат димензиите на нивните тела, неговите контури, движењата, гестикулациите, како и општото држење во јавниот простор, и појавноста на сите негови делови…

Постои сѐ пораширен став во феминистичката литература дека, на пример, MySpace, ги еманципира жените. Жените ја наметнуваат својата независност и еманципираност во општеството (…) и , спротивно на минатите времиња, сега жените се ре-сексуализираат за себе, а не за мажите. (Сепак)… медиумите ги претставуваат жените на сѐ посексуализирани начини, слично на претставување(то) на предметите за продажба преку вообичаените техники…а тие претставувајќи се преку овие техники прават еден вид континуирано само-опредметување како парадоксален начин на практикување на своите слободи…

Новинарска драма

Еве ќе се навршат речиси две недели од пробликот на еден интересен феномен, па откако стручната, академската и пошироката интелектуална јавност не се огласија, низ разговор со Дарко одлучивме овде на овој блог да го прибележиме настанов. Навистина, штета да остане неспомнат.

На ден втори, месец јануари, лето 2009, осамна на сајтот на А1 мошне интересен прилог под наслов „Во март одговор дали Македонија заслужува безвизен режим“. Во него покрај техничките информации од седницата на македонската Влада беше прибележен и еден дел од самиот прилог кој од корен ги видоизмени нашите сфаќања за новинарските жанрови. Станува збор за вметнувањето од ТВ прилогот на дијалогот помеѓу два члена на Владата (види линк до веста).

Ако малку повнимателно се изанализира самиот текст лесно ќе се воочи дека станува збор за микс од прилог и новинарска драмска едночинка со два лика и антички хор во ликот на министрите од Владата. Многу, многу интересно, и останува само да жалиме што самиот автор на прилогот не ги употребил и останатите драмски средства и методи за постигнување на уште посилен ефект во автентичното пренесување на овој настан. Еве некои сугестии во тој правец:

Драма, едночинка, ликови Ивица Боцевски, Груевски, хор.

Боцвски: (се закашлува и погледнува самоуверено кон Груевски): „Од наша страна останува да ја завршиме работата, рековме не завршуваме со визна либерализација, одиме да се интегрираме целосно на Шенген системот. Ќе го презентираме тој план“,

Груевски: Кога ќе станеме членки на ЕУ, па одма да влеземе во Шенген, тоа ли сакаш да кажеш?

Боцевски: Апсолутно (климнува потврдно и значајно со главата).

Груевски: Ивица, многу напред си отишол. Што ќе правиме вака? (прашува со насмевка на лицето).

Е тоа ќе беше оваа новинарска иновација во своја потполна и целосно ефектна форма. Добро, сега некој скептик ќе рече дека ќе треба Deus Ex Machina ефекти за довршување на оваа ендочинка, но не ни беше тоа муабетот.

…за земјотресното мк новинарство

Ете, пак мора да се реагира.

Не дека уживам да критикувам ама ете, морам :). Во првиот обид кога коментиравме за техниките на објавување на онлине вести на сајтот на А1, Стеван реагираше позитивно. Стеван веќе не е таму, ама ајде да видиме дали сега ќе реагираат пак.

Ева што не ми чини.

А1.com.mk – Насловна вест – Земјотрес!

– Информацијата е објавена во 13:54. Фино. Брзо реагирале и објавиле. Јас преку линк на Twitter (патем и овој од таму го кликнав) видов дека и Макфакс имаат објавено ама според нивните детали некоја минута подоцна во 14:09. Одиме понатаму.

– Почнувам да читам. Изјави од скопјанка, видео прилог, изјава од Сеизмолошката опсерваторија. Слики од тие машините што мерат. Мапа. Браво. Браво. За 50 минути новинаров се си стокмил. Алал нека му е.

– Па и стендап си направил новинарот во прилог кој наликува како да е правен за некоја хипер локална телевизија (Скопје и скопјани се во центарот на сторијава) а не национална телевизија. Патем нели епицентарот бил блиску до Гостивар

– Продлжувам понатаму, 79 коментари (до сега 🙂 првиот од нив објавен во 13:29, па 13:30 и така се до 20тиот коментар, се видовити. Сите тие објавиле коментар пред и да биде објавена сторијава. Алал нека му е на народов. Брз, информиран и поише од новинариве, знае народов дека А1 ќе објави па да си стаат они кометар на време 🙂

– Налет друго, од коментарите добив чувство дека сторијава не била баш таа кога тие почнале да коментираат. Ко да собирале информаци заедно со новинарот, паралелно, ко да барале на интернет и ко да споделувале и тие.  А нив, читателите, активните читатели на А1.com.mk никаде ги нема во прилогот. Поглед во коментарите открива каде и колку се осетил земјотресов, и тоа е вредна информација а?

Да резимирам или јасни ми се поентиве?

Објавување на интернет си има свои принципи, етички и уредувачки правила. Тоа што на интернет може да се дополни/промени содржина лесно не значи дека треба да се изгуби доследност транспарентност и сл. Изгледа професорот мој по печатени медиуми имаше право кога ми викaше: „Од кај да знам јас дека не сменилe нешто. Вака на харија е можам за збор да го фатам”.

Се обидував да му објаснам дека не оди тоа баш така, ама по се изгледа тој пореално ги гледал локалниве практики. Може бидејќи ги учел нашиве новинари, затоа. А јас само се надевам дека некој медиум ќе се обиде да гради доверба. На овој начин дефинитивно не се гради тоа знам сигурно.

Патем, јас не го осетив земјотресов, ми кажаат подоцна на чет, а првите информации ги добив Twitter. Ова беа моите пораки на Twitter:

Tweet1: Првиот земјотрес во МК кој се појави на твитер 🙂 http://tinyurl.com/7plbfy детал на Макфакс http://tinyurl.com/9ganz4

Tweet2: The first earthquake in MK that hit Twitter 🙂 http://tinyurl.com/a4o4pd and in Macedonian http://tinyurl.com/7plbfy

По утрински годината се познава

Утрински весник за празничнава сезона нѐ почестија со два интересни потега, првиот беше можноста да се комуницира со уредникот на интернет-изданието на Утрински Зоран Ричлиев (за евентуално прашање имате време уште некој ден, до 12-ти јануари), кого пред некое време го имавме како соговорник и на овој блог, а вториот беше изборот на најчитаните написи на сајтот на Утрински долж 2008.

Идејата на постов беше само да се посочат двава интересни „настани“, но сепак кус коментар: листата на најчитани статии на Утрински покажува каков тип вести и информации привлекуваат најголемо внимание; тоа се теми од национално-политички карактер, па иако публиката на онлајн изданијата е поинаква од „офлајн“, тие доминираат и тука. Сепак интересот за лајфстајл и социјални теми исто така е изразен, па дава увид како интересот на читателите дивергира и се развива и во овој правец. Драго ми е што нема некои скандалистички псевдо-новинарски теми на оваа листа, која кај други локални весници секако би покажала со какви „мамки“ се користат тие за да ја напумпаат посетеноста на своите сајтови.

Сега да не испадне постов некаква си апологија морам да ја искритикувам редакцијата на Утрински и да го замолам уредникот на онлајн изданието да поттикне „follow up“ сторија за една од најчитаните вести за данокот на ергенлок. Треба да се истражи работава до крај 🙂

Популарноста на бесплатните весници спласна во 2008

Според податоците пренесени преку најрелевантниот извор кога станува збор за бесплатни весници, Piet Bakker, аворот на Newspaper Innovation изминатава година бесплатните весници бележат најмал глобален раст од само 2%.

Continue reading

Стварно има премногу реклами!

Што? Уште мислиш дека рекалама е единствениот и најдобар начин да комуницираш со потенцијалните купувачи? Па, добро ДА, до некаде имаш право, ама ако не живееш во современов Интернет свет, каде реклами има на претек.

Continue reading

Весник за весниците, вести за вестите

Во неколку преписки и разговори францускиот книжевник Алберт Ками (Albert Camus) им се обраќа на своите пријатели со идеја да почне да печати весник. Но, според неговите планови, тој весник никако не би бил како вообичаените печатени весници од неговото време.

Според идеите на Ками, овој весник би излегувал неколку часа откако во продажба ќе отидат сите други весници и би пишувал за самите весници, за што тие пишуваат, како пишуваат, кој новинар со каква агенда ја напишал својата најнова статија, додека самата редакција според утврдени формули би пресметувала процент на вистина во самите весници.

Изгледа помалку наивно од оваа перспектива, но самата идеја доловува една тема кој е важна во извонредна смисла и во нашиве транзициско-интегративни времиња. Никој повеќе не ги анализира медиумите на дневна, содржајна, свежа форма, на оној начин кој ќе ви помогне да ги декодирате спиновите, дезинформациите, шпекулациите, л’жгите, клеветењето и слични доминирачки аномалии на нашиот медиумско-комуникациски систем.

Новинарите не го прават тоа, мошне ретко, од јасна причина што не сакаат да ги откриваат „дриблинзите“ на својата професија, академско-интелектуалната елита има побитни работи од ова (на пример тезгарење по разни факултети), влијанието на регулаторите се сведува на формални соопштенија, апели и слично. Тука некаде завршува приказната. Тук и там ќе се појави по некој научен труд, но прилично застрен во однос на својата актуелност, и тоа е тоа. Сите знаеме деке крупни работи не се во ред, сите сме скептици, но на содржинско ниво на дневен план сѐ останува на истото.

Свеста за медиумско образование во едукативниот систем се развива пребавно.

Во земји како нашава идејата на Ками би била извонредно решение, како крајна мера и очајнички обид да се раздвижи критичката свест на јавноста.

За среќа новите медиуми и платформи им даваат на самите корисници и простор и поттик да го прават тоа неформално, и може да се каже дека на тој план нештата се најразвиени и најсветски, ако сакате.