Date Archives 2010

Што е тоа плоча?

Подготвувајќи неколку презентации на тема „Нови медиуми“, и како тие се разликуваат од своите претходници, т.н. класични медиуми, обработив едно доста упатно видео (According to Jim, S02Ep25), кое на доста сликовит начин ни покажува како медиумите се менуваат низ времето, и како разни генерации корисници ги чувствуваат тие промени во секојдневието:

Нашата цивилизација ја задржува особеноста да се обидува старите работи да ги објаснува со своите претходници, односно новото да го гледа низ призма на старото. Сепак, едно од поголемите искушенија во ваквиот процес на смена на генерации на медиумите, или медиумски револуции, е во тоа што новите медиуми носат сосем нови правила, не само на употреба и користење, туку и на степенот и квалитетот на кој тие влијаат врз нас како поединци, но и како општество.

Доколку ве заинтригира оваа тема, многу повеќе детали за овој сооднос можете да најдете во предлетното истражување на „PEW Research Center“ насловено како „Разлики помеѓу новите медиуми и традиционалниот печат“. Како тизер за самото истражување приказ на тоа како се разликува фокусирањето на темите во новите и старите медиуми:

Зошто се ретки добрите интернет дискусии?

Не знам дали ви се случува да бидете во искушение и да се премислувате „да улетате“ во некоја дебата на интернет? Бидејќи претежно посетувам сајтови на медиумите, блогови, форуми и слични веб-локации, каде размената на ставовите и коментирањето е нивен raison d’être, често сум на раб на приклучување во онлајн дискусии. Во некои од нив и се вклучувам, но во значителен број од нив се воздржувам од учество. Ова се должи на прилично наталожено искуство за тоа дека голем број од дебатите кои се водат на интернет се бесполезни, а некои дури и штетни. Проценката за тоа каде вашиот коментар и полемика можат да бидат корисен дел од дискусијата и да ја развијат истата е клучна работа за тоа какви впечатоци подоцна ќе имате од неа.

Oвој пост не сака да порача дека корисната дискусија и дијалогот се невозможни на интернет, туку да посочи некои од причините зошто тоа често не се случува и да не направи посвесни за тоа кои нешта треба да ги земеме предвид кога се вклучуваме во онлајн дискусија.

Интернетот како сложен медиум (види и пост „Што е тоа медуим, фсашност?“) е можеби најпогодното место за реализација и развој на т.н. „граѓанска јавност“ (според теоретичарот Ј. Хабермас). Граѓанската јавност треба низ аргументиран и рационален дијалог да ги расправа актуелните прашања се додека низ разговор не се прочисти точното од неточното, издржаното од неиздржаното и не се искристализира вистината или решенијата за темите за кои се дебатира. Но, во практиката „граѓанската јавност“ често останува апстрактен поим а се остварува она што Пјер Бурдие (Pierre Bourdieu) го нарекува „нарцисово огледало“, односно поединците ги користат медиумите за „приватни нарцисоидни егзибиции“ во кои најчесто се обидуваат да го наметнат својот став, без трпеливост или уважување и прифаќање на различен став.

Една од поважните причини за ваквите појави на интернет е брзината на самиот медиум. Интернетот, како и телевизијата, е т.н. „брз медиум“ кој не трпи многу „тупење“ и продлабоченост на пораките. Ова се пренесува и на дискусиите: луѓето не ги читаат внимателно (или воопшто) туѓите ставови, површно ги интерпретираат, делумно ги читаат, селективно ги конотираат и разбираат и така натаму. Сето тоа влијае комуникацијата да биде лоша, неефикасна и неразбирлива.

Штом е медиумот брз а соучесниците во дебатите со „брза рака“ на тастатурата, дискусиите тежнеат да се сведат на своите најпрости чинители и да гравитираат околу најбазичните можни опозиции: добро-зло, конзервативен-либерален, учен-неписмен, господин-сељак, и сл.

Понатаму, тоа што медиумите ни угодуваат (потхранувајќи го егото на нашите онлајн персони), влијае врз тоа ретко кој од нас да има трпение и толеранција кон различен туѓ став кога дебатираме на интернет. Претежно исказите во интернет дискусиите се категорични, мојсиевски „аксиоматични“, а често преовладува одреден „гејмерски дух“ во кој соговорникот треба да се порази, како да се работи за видео-игра, а не соочување на ставови.

Во прилог на ова мора да се спомене и анонимноста на корисниците, кои сметаат дека во таков контекст (ослободени од секаква одговорност) можат да кажат, напишат, префрлат, дофрлат, се она што во директна комуникација не би ни помислиле. Токму овде лежи причината за развивање на негативната комуникација, од невини навреди, до говор на омраза.

Конечно, колку и да е интернетот кориснички развиен, сепак тој останува медиум за посредна комуникација. Посредноста значи зголемена веројатност нашите различни интерпретации и различни искуства да влијаат врз тоа пораките да ги разбираме различно, дури и тогаш кога се дебатираат едноставни теми.

Ова се само некои од најважните причини кои се покажуваат како штетни за плодотворни и интересни интернет дискусии и дебати. Повели и остави свое мислење во коментарите кон овој пост.