Date Archives 2010

Гревовите на новинарството

Видеото „15 смртни гревови на македонското новинарство“ е студентски проект на Тијана М. од „New York University Skopje“ и при Факултетот за комуникации и медиуми. Во него се прави обид да се наведат најчестите, а воедно и најголемите, етичко-професионални аномалии на новинарството во Македонија:

Зошто медиумска етика?

Сценарио прво:

Вработени во јавна институција се малтретирани од страна на својот претпоставен (т.е. се жртви на мобинг). Тие го информираат ресорниот Министерот. Тој не реагира. Малтретираните се обраќаат до медиумите. Овие ја објавуваат нивната потресна сторија.

Сценарио второ:

Вработени во јавна институција влегуваат во конфликт со својот претпоставен. Не можејќи да го  истераат своето, решаваат да потпишат петиција дека се „малтретирани“ и „омаловажувани“ за да наштетат на кариерата на претпоставениот и да му се осветат.  Праќаат поплака до ресорниот министер и повикуваат новинари за да го го наклеветат.

Во реалноста на македонските медиуми за овие две хипотетични, а можни, ситуации од секојдневието, ќе добиете идентични извештаи и стории, нешто како оваа: „Државен секретар ги малтретирал вработените“.

Во писмото до министерот високи структури од екологија твдат дека државниот секретар Н.Н. ја злоупотребувала функцијата – со закани, пцости, примена на навредливи зборови, висок тон на комуникација – како државен секретар ја оценувала и нивната работа, применувала казни за бркање од работа, промена на работното место – кои поради неаргументираност подоцна биле отфрлани од Агенцијата за државни службеници.

Значи, без разлика на двете можни ситуации, примарност ќе добие „скандализирачката“ верзија по која „висок функционер прави нешто скандалозно, непримерно, нечовечно…“.

Овде секако се работи за една комплицирана ситуација во која медиумите ја газат презумпцијата на невиност на лицата кои се дел од нивните стории, она за што често ги обвинуваат политичките чинители и истражните органи.

Во прилог на тоа, името на осомничената не само што не се прикрива, тука од одредена фотографија, на сите им е заштитен идентитетот, освен на ова лице. Последица на ова секако е т.н. „жигосување“ во јавноста.

Се разбира, никој од нас не е наивен, па да не насети дека е далеку поверојатно дека   оние кои обвинуваат за мобинг веројатно се и жртви, отколку дека се работи за „режирана клевета“. Она што зачудува е континуираниот недостаток на свест за фер однос кон сите инволвирани страни во медиумските стории. Додека не се истражи случајот, и додека соодветната комисија или тело кое треба да го испита целосно, идентитетот на лицето мора да биде заштитено, наведено во иницијали, а сите обвинувања наведени како „наводни“ или според „тој и тој“. Во многу други средини и по авршување на истрагите имињата не се објавуваат, за да тоа лице не биде стигматизирано во текот на целиот живот, но за нас таа фаза е далеку од реалноста. Иако многу  едноставно, за жал уште е недосегливо за нашите медиуми. Сликата од погоре навистина е показ за тоа како медиумите уживаат во моќта да бидат средства за јавен отстрел.

Во пошироки рамки, последиците се следни: довербата во медиумите опаѓа, а тие конечно завршуваат како овчарчето во приказната „Волк волк!“, на кого никој не му верува дури и кога има легитимна сторија дека волкот навистина нападнал.


[Истражување] ИКТ во МК образование: само на декларативно ниво

Гостински пост на Радмила Живановиќ. Истражувањето не беше изработено со цел да ја критикува актуелната ситуација иако тоа неоспорно се наметнува.

Continue reading

Пет знаци дека сте зависни од Facebook

Во прилог на јакнење на свеста за реалностите околу користењето на мрежите за дружење и дебатата за некои негативни аспекти, едно референтно видео во изработка на „ABC“ телевизија, САД:

Сумарно:

1. Не спиете доволно

2. Поминувате повеќе време на Facebook отколку што првично сте планирале

3. Станувате опседнати од „старите љубови“.

4. Ја игнорирате работата заради Facebook

5. Студена пот ве облева на помисла за исклучување од Facebook

Интегрирана онлајн комуникација за непрофитни организации

Повеќе години сум вклучен во работата на непрофитните организации или кај нас попознати како невладини организации. Од досегашното искуство можам да кажам дека или воопшто или малку ги користат предностите на онлајн медиумите и онлајн комуникацијата (без разлика дали е еднонасочна или двонасочна). Со овој запис сакам да најавам серија од записи кои ќе се однесуваат на тоа како непрофитните организации полесно да ја сфатат предноста на новите и социјалните медиуми и како ефикасно да ги користат. Ќе посветам посебно внимание на употребата на мобилната технологија и кампањи преку споделување на искуството кое го стекнав преку креирање и спроведување на првата глобална СМС кампања во светот за потребите на 350.org. Следниов запис не се однесува на оние кои ги следат овие теми подолги време и се запознати со нив.

Кај нас има организации или поединци од тие организации кои разбираат што значи „статичен веб“, „динамична содржина“, „содржина креирана од корисници“ и „семантички веб“, но многу од непрофитните организации и нивните членови не го зборуваат или разбираат овој јазик. Затоа, ќе се обидам со едноставни дефиниции и интерпретации да кажам што е Web 1.0, Web 2.0 и Web 3.0.

Continue reading

Отворено за приватноста

Како што вели народниот мудрец, „секое лошо за добро е“, па така и немилиот случај со „докторките“ придвижи значајна дебата во Македонија за приватноста и етиката на медиумите, новите медиуми и на општеството во целина. Можеби резултатите за некого сега-засега се скромни, но „црвеното сијаличе“ е вклучено, па третирањето на оваа тема во македонското општество сега е секако на едно повисоко скалило.

Едно од местата, покрај неколкуте други, каде оваа тема беше дискутирана беше и неделникот „Теа модерна“, на кои сме им благодарни за покривањето темата и нејзино приопштување кон нивните читатели.

Теа модерна – Приватноста и медиумите

Како еден вид надополнување на сите овие дискусии, по препорака на Дарко линк до два интересни и содржајни текста токму на овие теми:

– „The Facebook Privacy Debate: What You Need to Know“, (ReadWriteWeb)

-“Facebook’s move ain’t about changes in privacy norms” (Дана Бојд)

Само еден кус пасус, извадок, од првиот посочен текст, како важна порака:

Приватноста секако не се однесува само на чување на нештата во тајновитост, туку и на почитување на контекстот на комуницирањето, и на тоа да не се вади од комуникацискиот контекст она што луѓето го разменуваат и споделуваат. Токму затоа фактот дека „ништо не е тајна на интернет“ е надвор од секаква дискусија“. Кога приватноста е првично зададена (default) мора да се замислите ако сакате тоа да го направите јавно…Во секој случај, денес луѓето се многу посвесни за приватноста од кога и да е.

Ако продаваш, треба да те има на Википедиjа

Википедиа, стара само 8 години а веќе има повеќе од три милиони написи само на англиски, покривајќи ги сите сите главни компании како и многу од малите компаниии. Дали твојата компанија треба да биде на Википедиа? Ако сте насочени кон потрушувачите тогаш мора да ве има на Википедија. Луѓето ја посетуваат Википедија за основни информации за вашата организација или компанија. Доколку сакате вашата компанија да ја има на Википедија следете ги следниве чекори:

1. Започнете со генерални кампања за односи со јавност. Колку повеќе ве има во медиуми толку повеќе ќе бидете присутни и во друштвените медиуми и на блоговите. Вашата интернет страница мора да биде ажурирана и да нуди целосна информација за вашата компанија. Поврзувањето со блогосферата е многу важно.

2. Волонтирајте за Википедија. Сите волонтери на Википедиiа пишуваат на различни теми и ќе биде лошо доколку ваша единствена цел е да ја промовирате вашата компанија или производ. Потрошете дел од вашето време за да придонесете на темите кои се во ваша експертиза. Ова ќе ви даде добра слика за тоа како Википедија работи.

Continue reading

Хипократ или Хипокрит?

Денес во македонскиот телевизиски „prime time“, македонската телевизиска публика беше сведок на (барем) два контроверзни настани:

(а) известувањето за објавувањето на фотографиите на две медицински лица од Ургентниот центар во Скопје, со слика покрај девојка во бессознание (А1, Канал 5).

(б) интервјуто на Гоце Гиновски (alias Карло Бос) актер во филмови за возрасни, со потекло од Куманово во емисијата „Backstage“ (моментно недостапно онлајн), на Сител 3.

-Во првиот случај се работи за „...скандал на хируршките клиники…фотографија е направена во текот на новогодишната ноќ. На неа се гледа како две медицински лица се сликаат покрај девојка во бессознание покажувајќи на пациентката“ (А1), „скандал на хируршките клиники. Оваа фотографија е направена во текот на новогодишната ноќ. На неа се гледа како две медицински лица се сликаат покрај девојка во бессознание покажувајќи на пациентката.“ (Канал 5).

Според медиумите и коментарите за ова,скандалозно е: (а) егзибиционизмот на вработените медицински лица (објавување на слики на Фејсбук каде се гледа девојка во бесознание), (б) прекршување на лекарската етика (vis-a-vis Хипократовата заклетва, хумано однесување кон пациентите, одржување на честа и благородните традиции на лекарската професија, и.т.н., (в) повреда на приватноста на пациентката (јавно прикажана во состојба на несвесност).

Во што е проблемот?

Вака, народски кажано, тоа ти е како на улица да сретнеш како некој силеџија мава некое немоќно дете, и ти почнеш да го маваш со сета сила и него и детето. Дали е тоа начинот да решите ваква сцена?

Медиумите во овој случај се јавуваат како еден вид „етички агенс“, односно субјект кој претполага на правото да ја алармира јавноста за „неморални дејанија“ што се случуваат околу нас, особено во т.н. јавна сфера (здравство, јавни институции, и сл.), за да истите бидат изложени на увид на јавноста и осудени, а одговорните да преземат мер(к)и кои ќе ги казнат неодговорните, и со тоа ја заштитат јавноста. Во оваа смисла детектирањето и известувањето за овој настан секако е легитимно, потребно и резонира и со наведените ставки во „Кодексот на новинарите на Македонија“ (Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија).

Проблемот е како е тоа направено, и кој се станува жртва на таквиот начин на покривање на вакви настани.

-Веста се пласира како ударна и под термин „скандал“ (А1, К5), со што се потпаѓа кон истата грешка на кои се осудуваат медицинските лица (егзибиционизам е заменет со медиумски егзибиционизам). Во исто време се активира т.н. сензационалистички медиумски механизам (морална паника), која во стилот „Кај отиде светов!!!“ треба сите да не растревожи и да ја драматизира самата реалност.

-Се прекршува сопствената професионална етика (чл.7, Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, чл.8 Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми, итн.), а телото на пациентката е прикажано и зумирано (А1), додека лицата на докторките се засенчени на К5, а целосно прикажани на А1. Јавниот интерес е (=) да се санкционираат медицинските лица со што ќе се заштитат граѓаните од слични идни егзибиционизми, но не и тоа некој на пазар да ги натепа овие две докторки, во некаков револт или освета.

Првото е сосема остварливо ако: (1) се извести за случајот со заштита на идентитетот и на медицинските лица и на пациентката, (2) се пријави случајот до надлежните (Директори, Министерство за здравство, Лекарска комора, и сл.) со целосни материјали кои ќе помогнат да се идентификуваат и санкционираат одговорните, (3) се извести јавноста за (не)преземените мерки.

Јасно ни е, секако, дека се работи за искусни новинари, кои секако ги знаат овие работи, но не ги почитуваат затоа што тоа едноставно не им одговара. Она што им одговара е да се прикажат, покажат и докажат како „агенс на моќ“ (под закрила на „етички агенси“, во овој случај) кој има влијание во општеството, заради кој се менуваат директори, луѓе губат работа, паѓаат министри, паѓаат влади, и сл. Нивниот примарен интерес, затскриен преку дефокусирачки обланди на т.н. „активни идеали“ (етика, јавен интерес, традиција, патриотизам, и сл.) е да ја реафирмираат силата во „седмата сила“.

Останува Клаузевиц-истичкиот заклучок дека, на некој начин, новинарстовото е само политика со други средства.

Во вториот случај се работи (повторно) за таблоидизација и скандализација на тв-публиката. Во ударен термин (19:00ч) при висока веројатност за изложеност на помлада публика, главниот актер на прилогот ги изрекува скандалозните изјави, очигледно прифатливи за уредниците, дека:„неговата цена за една ноќ е 2.000 евра“, „дека спие со 100 жени годишно“, и дека „тие жени се како да спиеш со Елена Ристеска и Каролина наутро, а навечер со посериозна госпоѓа како Калиопи“.

Во секој случај се покажува дека новинарството не случајно се нарекува „седма сила“, која во најголем број случаи е заинтересирана само да ја генерира и репродуцира својата сила и да ја трансформира во материјални средства преку (из)форсираната гледаност, за која секако на олтарот на прокламираниот јавен интерес и етика, мораат да паднат жртви, но некогаш и токму самиот јавен интерес и етика.

Не знам дали ќе ни биде среќна новава година со нашите медиуми, но секако ќе биде весела.