Date Archives 2023

Петте шок бранови во кризни сценарија

Информациски цунамија 

Пред неколку недели на Филипините се случи силен земјотрес со јачина од 7,6 степени којшто однесе неколку жртви. Поради земјотресот илјадници жители во паника излегле од своите домови и ги заглавиле патиштата кон повисоките места по издаденото предупредување за цунами. Локалните власти објавиле дека се очекуваат силни бранови од цунами да ги погодат и деловите на Индонезија, Палау и Малезија. Земјотреси проследени со цунамија се честа појава во овој регион, но и во десетици други земји и се голема закана за нивните жители.

Во Македонија, за среќа, нема опасност од пост-земјотресни цунамија, но затоа тука други непогоди демнеат и се закануваат. Честопати тоа е појавата на информациски цунамија по поголеми кризи или трагични настани. Покрај колективните страданија од скорешните кризи и трагедии нашите сограѓани мораа да се справуваат и со дополнителни бранови од шпекулации, дезинформации, предупредувања, панични апели, вербални испади, теории на заговор, и ред други вознемирувачки содржини. 

Познато е дека немаме ни систем за предупредување од информациските цунамија, така што сме оставени сами на себе да се спасуваме од нивните налети. Можеби не би било лоша идеја, ЦУК, на пример, да ги предупредува граѓаните и за медиумските закани, како што тоа беше случај со мечките?

Информациските цунамија се составени од неколку типови бранови, чиј интензитет и редослед варираат, но тие секогаш се надоврзуваат едни на други и го зајакнуваат трауматизирачкиот ефект врз јавноста. 

Кои се овие бранови?

1. Новинарскиот бран

Дел од медиумите и новинарите навистина се обидуваат да ја информираат јавноста професионално и балансирано. Тие редовно ги проверуваат информациите, користат кредибилни извори, а авторите дури и ги потпишуваат своите објави. Сепак, проблемот е што тие се во далеку помал број од своите колеги (?) кои прават речиси сѐ спротивно на професионалното новинарство. Токму овие „не-толку-професионалци“ го креираат ударниот дел на бранот од шпекулации, погрешни и лажни информации, селективни полуинформации, гласини, лоши преводи од странски медиуми, тенденциозни објави, клик-бејт наслови, агресивни колумни, партиска пропаганда, како и платени и нарачани текстови. 

Нив, условно, можеме да ги наречеме фалш-медиуми, во кои наместо новинари работат фалсификатори и шверцери на вести и информации. Овие луѓе не се медиумски неписмени, а правилата на професионалното новинарство им се добро познати, но тие плански и систематски ги игнорираат форсирајќи го својот модел на создавање публика зависна од нивните содржини. Нивниот аморален кодекс цели кон штанцање на запаливи содржини, експлозивни објави, наведувачки наслови, како и провокативни текстови кои треба да ги запалат медиумите и социјалните мрежи, да предизвикаат жолчни расправии и да ја дигнат јавноста на нозе. Тоа е нивниот модел, креирање на информациско безредие и раздразнета публика во претпанична состојба. Нивниот режим на работа  дава резултати, нивните содржини се најчитани, најсподелувани и најкоментирани, а како бонус на сето ова, тие се заштитени од какви било санкции за своето работење. 

Ако ги споредите професионалните медиуми со нив тоа е слично како да споредите некој фин ресторан што служи освежителни сокчиња, и кафеана каде можете да најдете жестоки пијалоци од секаков тип. Кога публиката во доволна мера ќе ги конзумира нивните содржини, таa развива зависност од нив на бихејвиористичко и хормонално ниво. Тогаш кога оваа публика ќе стане погласна од другите, фалш-медиумите функционираат како разработени сервиси за опојни медиумски содржини кои доминираат во јавноста. Содржините кои тие ги штанцаат се резултат на различни техники на преработка на информации во афективни стимуланси кои постапно стануваат главен материјал за најпроширените наративи и типовите на јавен дискурс (говор). Всушност, се работи за премин од рационален модел на јавно информирање во своевиден високо-афективен инфохолизам, кој доминира во креирањето на јавното мнение. 

Со цел да ја дополниме оваа анализа, можеме да се потсетиме на моделот на етос, патос и логос за учество во јавна расправа од „Реториката“ на Аристотел, коишто се трите столба врз кои се гради контруктивната јавна дебата: Етосот се однесува на авторитетот и карактерот на оној кој пренесува информација, Логосот на способноста за рационална аргументација на изнесеното, а Патосот се однесува на способноста да се влијае врз емоциите на публиката. Ако врз заклучоците од погоре го примениме овој модел станува очигледно дека етосот и логосот (односно етиката и разумот), речиси целосно отсуствуваат од медиумскиот простор, за сметка на патосот кој е доминантна стратегија, и кој се чини е комплетно отсечен од етосот и логосот. Одличен пример за ова е лажната информација споделена на Курир, во која се вели дека Вања е пронајдена и дека се чека потврда од МВР. Кога од МВР наместо потврда пристигна демант, првичната информација не беше тргната, туку дополнета со демантот. Во таа форма добивме всушност објава дека „Вања е најдена, но не е најдена“, што е крајна спротивност од логос која може воопшто да ја поставите. Насловот и текстот останаа непроменети со часови и генерираа дополнителни кликови преку агрегаторите на вести врз основа на чист патос.

Ова комплетно и континуирано отсуство на логос во информациите кои се споделуваа е клучниот доказ дека целта на овие медиуми не е да информираат, токму затоа што информирањето е директно поврзано со логосот, а објективноста во информирањето со етосот. Затоа треба да ја преиспитаме дефиницијата за медиум и која е неговата улога денес? Со ова голем дел од порталите како медиуми ќе се исклучат од таа дефиниција или пак дефиницијата за медиум ќе треба да им се прилагоди ним, а улогата за објективно информирање да биде преосмислена за некој друг?

2. Бранот од социјалните мрежи

На социјалните мрежи информациите за трагичните настани доживуваат дополнителна преработка, до степен што нивните опојни ефекти предизвикуваат не само страв и немир, туку и параноја, масовна паника, а понекогаш и колективни халуцинации. Ваквата засилена циркулација на вестите на социјалните мрежи резултира во деформација на информациите во повици за насилство, поттик на нетрпеливост, говор на омраза и други екстремни форми.

Социјалните мрежи наликуваат на реално шоу (од типот „Никад није касно“?) во кое корисниците со своите таленти се обидуваат да дојдат до своите 5 минути слава или да започнат нова животна кариера. На мрежите како на лента се вртат различни профили и налози во постојан обид „да ги запалат социјалните мрежи“ со провокативни и запаливи содржини. Патеката на ваквите „информациски бомби“ обично води до мејнстрим вести, партиски пресови или од неодамна и до популарните поткасти.

Не е сѐ така црно ниту на социјалните мрежи, се разбира, има тука и квалитетна содржина и корисници, кои повремено функционираат како разумна јавна сфера, но како и со професионалните новинари, тие се маргинализираното малцинство. Мерливите категории, како што се број на лајкови, шерови, коментари и различни срциња, се многу важни за нивното процесирање. Овие бројки функционираат како крипто-валути на курсните листи на социјалните мрежи кои се лесно разменливи за други типови валути, добра и услуги. Победниците во овие талент натпреварувања стануваат инфлуенсери, а нивната улога е да бидат шампиони на овие „борби на гладните“ за моќ кои на останатите треба да им послужат како модели за успех или да бидат опинион-идоли за пасивизираните следачи на кои им сервираат готови ставови и насоки како да ја перципираат и толкуваат реалноста.

Секако, и тоа во поостра форма, кај социјалните мрежи е очигледна доминацијата на патосот во јавната дискусија, како и отсуството на какви било санкции за прекршување на етосот и логосот (макар и во форма на себеограничување од понатамошно коментирање на темата). Слично на мејнстрим медиумите целта на влијателните креатори на содржина на социјалните мрежи не е информирање или подигнување на јавната свест, туку во најголем дел е самовалидација преку лајкови и внимание на публиката. Да наведеме примери:

Пример 1: Оваа објава, за жал, е само една од многуте, која панично алармираше за наводна етничка заднина на убиствата, што набргу се покажа како лажна вест. Ова не го спречи авторот да продолжи со споделување погрешни информации и тенденциозни ставови за случајот.

Овој статус не само што ја осветлува целосно „патосирана“ јавна комуникација, туку и ја покажа опасноста од ваквите објави бидејќи директно влијаеше врз процесот на истрагата, предизвикувајќи МВР да изнесе информации порано од предвиденото само за да го неутрализира ширењето на шпекулацијата дека настанот има етничка заднина. Од овој пример, помеѓу многуте, може да се потврди дека искривениот тип на комуникација на социјалните мрежи може да предизвика далеку посериосни негативни последици во општеството од чувство на генерална дезинформираност.

Пример 2: Оваа објава беше една од најсподелуваните и најкоментираните на социјалните мрежи во екот на настаните со илјадници споделувања и коментари и може да се каже по бројките дека има врвна виралност по сите критеруими валидни за македонскиот дигитален простор. 

Објавата почнува со обид на авторот да додаде малку етос во темата (компетентен автор), но веднаш продолжува со произволни тези без доволно (ич?) аргументи дека „нешто во целата работа смрди“. Настрана од секакво испитување за издржаноста на овие аргументи (кои веројатно, ако имаа некаква подлога, местото им е во записник на МВР а не на социјална мрежа), клучна комуникациска улога овде всушност има фотографијата на замислениот автор со која визуелно се „поткрепени“ тесктуално изнесените аргументи. Нејзиното присуство не може да се доведе во никаков контекст со изнесените докази, што ја прави индикатор за неа како средство за самопромоцијата на авторот. 

Овој вирален статус отвoра една тема позагрижувачка и од самопромоцијата на инфлуенсерите. По сите искуства бројот на споделувања далеку го надминува бројот на просечни споделувања на ваков тип контроверзно-конспиративни содржини. Тоа навестува една друга можност, која за сега може да се постави во форма на теза: Ако во ерата на традиционалните медиуми дискусијата имаше тенденција на публиката да бара рационализација на шокантните настани, сега сме сведоци на нова потреба од „бинџање“ на содржини поврзани со трагични настани (нешто по урнек на нашето следење на „true crime” серии на стриминг сервисите, каде публиката постојано бара содржини од овие теми а тие им нудат свежи содржини како задоволување на нивниот апетит за нови епизоди и сезони). 

Сите овие нови феномени се дотолку пострашни ако предвид се земе бизнис моделот на социјалните мрежи, кој директно се коси со принципите на структурирана јавна дебата. Во овој бизнис модел, преку максимизирање на „енгејџментот“ на корисниците, и нивното време поминато на нивните платформи, јасно е дека секој бизнис модел кој се заснова на што подолго користење на производот е неминовно бизнис модел кој тежнее кон создавање зависност. Тогаш кога патосот е главен двигател на ангажираноста на корисниците, а од емоциите кои тој ги поттикнува најголема ангажираност носи токму гневот, неминовно влегуваме во маѓепсан круг на постојана изложеност и потреба од информации кои предизвикуваат емотивна бура кај корисниците.

Последиците од ова веќе можат да се увидат и се докажани со повеќе студии. Покрај таборизацијата и радикализацијата, евидентно е и зголемувањето на анксиозноста и депресивноста кај корисниците на социјалните мрежи. Една од поважните функции на социјалните мрежи при вакви кризи е нивната психо-терапевтска употреба. Како што често е случај на Балканот, гледачите, слушателите и корисниците, при сериозен стрес и трауми наместо да побараат стручна помош и советување, чувствуваат дека е доволно да се јават во некоја контакт емисија, да напишат некој статус или објава на социјалните мрежи, и со тоа ќе си олеснат за она што ги мачи. Ваквото користење на медиумите како пара-социјализирачко средство и замена за вистинска комуникација е една од поштетните навики која ги продлабочува проблемите кои ги имаат.

Но, да додадеме дека и преместувањетo на јавниот говор и дебата на социјалните мрежи придонесува за одвојување на публиката од споделената општествена реалност и за нејзина дисторзија. Импликациите од ова придвижување на општеството кон точка во која постои видлива потешкотија во градењето согласност дури и околу очигледните и лесно докажливи аспекти на физичката реалност се повеќе од јасни. Постигнувањето на колективна согласност околу минимум потпорници на општествената реалност станува сѐ потешко. Тие веќе во континуитет се манифестираат преку ерозијата на демократските процеси, кризата во јавното здравство, предизвиците со глобалното затоплување, правните предизвици, образованието. Дисторзијата на консензуалната реалност е веројатно најголемиот предизвик што го очекува човештвото во наредните децении. 

3. Партиско-ботовскиот бран

Социјалните мрежи кај нас често функционираат како лабаратории во кои се тестираат различни шпекулации, дезинформации, лажни вести, стигматизирања на поединци и групи, произволни и манипулативни конструкции, микро-наративи, и локални теории на заговор. Партиските ботови се организирани групи кои учествуваат во тој процес на тестирање на овие содржини и кога некои од нив ќе добијат доволен досег во онлајн сферата, потем лесно се префрлуваат во мејнстрим медиумите и во политичките реторики на партиите. Нивната главна функција е селективно да ги преработуваат информациите и од нив да креираат ефективни пропагандни наративи и ефективен партиски дискурс. 

Ботовите се всушност партиски онлајн војници кои постојано се во предност пред останатите онлајн корисници со тоа што се организирани и координирано можат да наметнат некоја содржина, порака, приказна или наратив. Тие исто така, се способни да вршат притисоци врз останатите корисници за да ги замолчат, исплашат или пак понекогаш и да ги придобијат на своја страна. Ботувањето постапно станува доминантна форма на партиски активизам, а во време на кризи и трагедии овие организирани групи се обидуваат да ги наметнат своите договорени гледишта, ставови и микро-наративи. Овој бран на тој начин ја заплиснува јавноста со своите жестоки напади на власта и јавните функционери, кога се работи за опозициски ботови, или бескомпромисни борци за успехот и угледот на функционерите и институциите, кога станува збор за провладини онлајн групи.

Специфично за носителите на овој бран е што тие немаат објективен однос кон реалноста, ниту некаква суштинска поврзаност со случувањата, надвор од нивна контекстуализација во дневно-политички цели и тоа почесто со цел да се намали рејтингот на опонентот отколку да се зголеми сопствениот, што повторно е во корелација со гневот како главен двигател на вниманието. Ботовите го препознаа или едноставно прифатија овој сентимент, сведочејќи дека резултатите од содржините во кои се наметнува чуство на гнев кон опонентот е далеку поефикасно од останатите тактики.

4. Експертски бран

Како дел од ударните бранови, јавноста мора да го издржи и да го преживее и бранот на експертските коментари, реакции и ставови. Експертите од своја страна се обидуваат информациите од настаните да ги преведат во стручен жаргон и да ги корелираат со усвоени аналитички и (поретко) научни модели и теории, а преку тоа самите да се легитимираат како поединци или групи кои ги разбираат настаните, причините за нив, како и најдобрите решенија за истите. 

Во Македонија и регионот експертскиот бран најчесто се сведува на симулации на системско размислување за проблемите и аналитичко толкување на кризните настани и често се сведува на билдање на рејтингот и на медиумите и на експертите. Давањето на медиумски простор на експертите често е дел од легитимирањето на овие поединци во јавноста заради нивни лични амбиции за унапредување во некои од ешалоните на тековните или идните власти. Многу поретко експертските настапи во медиумите се засноваат на стручно искуство и истражувања за конкретната област (што е секако невозможно веднаш по настаните), а многу повеќе резултира во пласирање на маскирани сопствени импресии, толкувања и мислења како замена за вистинска стручна анализа.

За жал, и кај овој бран кој треба да биде главна бариера на јаноста од дезинформации, заблуди и неетичко известување и коментирање, преовладува амбициозноста на оние со лични цели на сметка на оние со поизразен етос и логос, а тоа го стимулираат и медиумите кои во склад со погорната анализа секогаш ќе го изберат попатетичниот соговорник на сметка на рационалниот.

5. Бранот од теоретичарите на заговори

Бранот на теории на заговор, познат уште и како геополитика за полуписмениот свет, е една од неизбежните појави. Теориите на заговор на Балканот на обичниот човек му создаваат лажно чувство дека ја разбира суштината на глобалните збиднувања. За разлика од Сократ кој што повеќе го осознавал светот, тврдел дека сѐ помалку знае, теоретичарите на заговори тераат во спротивен правец, што помалку знаат за светот, сѐ повеќе сакаат да зборуваат за тоа и да ги убедуваат другите дека ништо не знаат. 

Во кризните ситуации и колективните трауми улогата на застапниците на овие теории е да им дадат смисла на трагичните настани, да ги сместат во некаков веќе познат контекст, и да ги поврзат страдањата на обичниот човек со моќниците, тајните влади и длабоката држава, на пример. Нивната вештина се состои во тоа инфомациите да ги поврзат во уверлива приказна која се поклопува со веќе воспоставен вонвременски шаблон на борба на доброто и злото, правдата и неправдата, моќните и немоќните, големите и малите.

Овој бран можеме да го анализираме и како сублимат или нус-производ на сите негативни феномени споменати во претходните бранови. Во таа смисла, овој бран е еден вид наследство или остаток од сите неподмирени сметки на системот, медиумите, политичарите и влијателните корисници на социјалните мрежи, затоа што во основа на теориите на заговор, покрај сето погоре наведено е и недовербата во системот, во политичарите, во медиумите. И колку и да се нерационални теориите на заговор, оваа недоверба е далеку од ирационална затоа што во општество кое го движи патосот, прва жртва е довербата, па дури потоа сопствената рационалност. Секоја теорија на заговор е крик и глас против довербата во системот, виртуелна социјализација на оние кои мислат дека се излезени од матрицата. Што нѐ води кон заклучоците на оваа анализа.

Заклучок

Обичниот граѓанин кој не учествува активно во ниту еден од споменатите бранови, освен како конзумент, се наоѓа во позиција кога сакајќи да добие некаква смисла за она што се случува околу него, добива дополнителна несигурност, дезинформации и разгневеност. Тоа го прави дополнително подложен на дезинформации, манипулации и штетни последици по менталното здравје. 

Социјалните мрежи и дигиталните медиуми кои прикажуваат нови информации во реално време се извонредно ефикасен катализатор и мултипликатор на овие негативни појави и чувства, а дополнително со својот модел поставен да креира зависност кај корисниците, гарантираат долготрајна и сѐ поинтензивна изложеност на неточни и штетни содржини. Политичките групации наместо превенција и системско адресирање на овие проблеми, всушност им додаваат дневно-политички контекст и се обидуваат да профитираат врз нив, односно да приграбат дел од амплитудно зголеменото внимание на јавноста за некоја тема. 

Анализата на сите споменати бранови покажува дека нивните носители, во моментниот општествен контекст, по правило имаат далеку поинакви лични интереси од јавните и општите. 

Медиумите не се тука да информираат, туку да ја поттикнуваат и да ја пролонгираат интеракцијата на публиката со технологиите и платформите за информирање. Тоа нѐ става во позиција на постојана скептичност која е опасна бидејќи ако немаме заедничка позиција околу физичката реалност, последиците можат да бидат страшни. Порастот на теории на заговор може да се доведе во директна корелација токму со порастот на недоверба во изворите на информациите. И затоа следниот пат кога ќе го преиспитуваме ставот на обичниот корисник на медиумски содржини и ќе го обвинуваме за неинформираност и неодговорност, треба првин да ги повикаме на одговорност изворите од кои тој се информира. Тие се далеку пооодговорни за општествените кризи од оние кои пасивно ги конзумираат и се бинџаат од линк на линк во потрага по нова возбуда и шокирање.

Автори: Дарјан Раденковиќ, Сеад Џигал.

Mедиумите како фактор за насилно однесување

Насилството не е проста имитациска реакција на насилството во медиумите. Тоа е сложен психо-социолошки феномен кој може да биде предизвикан од бројна низа фактори. Да, медиумите можат да влијаат врз насилно однесување, но не се единствениот и најчесто не се директен фактор да биде предизвикано насилно однесување. Да беше така веројатно сите кои го гледале серијалот филмови Џон Вик би станале тепачи и масовни убијци. Впрочем, Џек Мевосек немал Тик Ток, а Хитлер не играл Call of Duty. Проблемот е подлабок и за насилството многу повеќе придонесуваат други фактори од социјализацијата.

Насилството е кулминација на цела низа фактори во која медиумите се еден дел од синџирот причинители. 

Медиумите можат да го катализираат процесот на меѓуреакција на овие фактори или да бидат „тригер“, но во суштина се еден од факторите за насилно однесување, најчесто преку влијание на некој од горенаведените подиректни фактори или влијаат на формите на насилство предизвикано од други посилни фактори. На пример, проблеми со самоконтролата во однесувањето можат да бидат предизвикани и поради штетно влијание на медиумите, но тие не се единствените фактори и таа може да се развие под посилно влијание на други причинители. Медиумите можат да предизвикаат и анксиозност, на пример, но во тој случај веројатно ќе треба да се забранат вестите и информативните програми, ако медиумите ги сметаме за најголеми виновници.

Цензура и контрола на медиуми и медиумски содржини не можат да го решат проблемот на насилството, бидејќи мораат да бидат земени предвид и останатите фактори. Ако ги исклучите медиумите од таа равенка, тогаш насилството како силен нагон ќе пронајде други форми и комбинации на меѓуреакција на факторите. Лошото родителство, или малтретирање од врсниците, на пример, ќе продолжи да поттикнува насилство и кога на детето ќе му забраните видео-игри и социјални мрежи. Ако медиумите се користат правилно и умерено, под старателски надзор, тие најчесто престануваат да бидат директен или изразен фактор за насилно однесување.

Моралната паника и медиумите

Денес општествата кои се соочени со кризи или колективни трауми често посегнуваат по различни видови на технофобиска морална паника, каде реалните опасности на новите технологии и некои нивни штетни влијанија се предимензионираат и се посочуваат како единствен проблем.

Моралната паника му помага на општеството во криза да се обедини околу некои едноставни идеи и пораки, да создаде чувство на групна емпатија, но работата со моралната паника е што не ги решава проблемите. За жал работите не се така едноставни, забраната на телевизии, видео-игри, инфлуенсери и апликации не помагаат. Проблемите остануваат и се јавуваат во други форми.

Моралната паника често служи како средство за постигнување колективна катарза, но без одржливост. Историски гледано таа повеќе одмага во соочувањето со вистинските фактори за реалните проблеми, кои најчесто се многу сложени и за кои треба сериозна општествена мобилизација, како и промени во културата и системот на вредности. Како примери на морална паника од минатото можеме да ги споменемевидео игри, флипери, техно музика, рокенрол, Битлси, телевизија, радио, Емили Бронте, Толстој, Флобер, Бодлер, Џордано Бруно и редица други. Сите тие во некое свое време биле скандалозни и „ја расипувале младината“.

Сѐ повеќе информации, сѐ помалку вистинска комуникација

Не е толку проблем тик ток, колку што е проблем што сѐ помалку се разбираме меѓу себе. Со децата, со родителите, со роднините, пријателите, комшиите, колегите. Комуницираме побрзо и подалеку, но сѐ послабо се разбираме меѓусебно. Технологијата ни дава лажно чувство дека комуницираме со другите како што треба. Се нормализира површната комуникација, а тоа ги поттикнува самоизолацијата, самољубието и бесчуствителноста кон другите. Некритичкото ширење на погрешното користење на технологијата и нашиот колективен конформизам да бидеме пасивни кон негативните влијанија од медиумите се проблем кој се повторува. Од тука некаде треба да почне и решавањето на проблемите, а забраните, без поширок и подлабок зафат во справувањето со нив, само ќе создаваат привид дека нешто се прави за да тие се решат.

Како „сторителингот“ ги убива приказните

Во постојаните обиди да добиеме легитимација, видливост и одобрување од публиката на социјалните мрежи, кои патем сите овие потреби дополнително ги амплифицираат, не забележуваме дека трошиме еден премногу значаен ресурс на човештвото – приказните.

Во борбата за уште некој лајк и шер повеќе, опсесивно трагаме и копаме по архивите на колективната меморија на човештвото, за да ги извадиме на виделина сите оние емотивни приказни кои носат важни и значајни поуки. Проблемот е што не ги вадиме ради поуката, туку ги вадиме ради лајковите. Затоа што функцијата на приказната е оддржување на човештвото и поединецот во моменти на несигурност, уплашеност, збунетост. И како таква, треба да се дозира умерено и навремено, и на оној кому му треба, како добар лек.

Прераскажувајќи ги сите приказни одново и одново и постојано на социјалните мрежи, ние правиме инфлација на значењето, ја слабееме нивната моќ, ја уништуваме нивната функција. Овој процес е потешко воочлив поради нематеријалноста и невозможноста да согледаме што продаваме и за која цена, што го прави уште поопасен. Но, секој пат кога ќе потрошиме уште една приказна за да добиеме лајк и шер за нас или за нашата компанија, ја одземаме моќта на таа приказна да изненади, замисли и промени некое човечко суштество кое има вистинска потреба од тоа.