Posts by Наталија Стефановска

105 #ПрегледВоПеток

Поминати цели 104 петоци и конечно #ПрегледВоПеток тимот да здивне малку и да добие зајакнување :). По добри 4-5 години редно е и јас да се вратам на мојата прва љубов – блогирањето, и да бидам редовно присутна и во вашите петоци.

Неделава не беше многу возбудлива, но сепак има неколку работи кои вреди да се споменат. А бидејќи сите сме опседнати со бројки заради друга причина, ќе го почнам и овој преглед со бројки.

Потрошивме 28 милијарди долари за купување во апликации

Се чини дека пандемијава глобално нè направи побогати кога светот успеа да потроши дури 20% повеќе долари за купување во апликациите во последното тромесечие од годинава :). Во време кога ни е ограничен физичкиот контакт, онлајн контактот и часовите потрошени на апликации се зголемија за 25% само во последните 3 месеци. Според истражувањето на App Annie дури 180 милијарди часови глобално луѓето поминаа користејќи апликации.

Под влијание на Covid19, на светско ниво го забрзавме користењето и трошењето во апликациите за едно 2-3 години според планираното темпо. Ова е златно време за сопствениците на игри затоа што се потрошени над 20 милијарди долари за гејминг апликациите, а до крајот на годината, App Annie предвидува дека мобилните игри ќе ги надминат десктоп игрите за 2,8 пати, а конзолата за 3,1 пати.

За 73% од маркетерите иднината на TikTok ќе ги смени плановите за рекламирање

TikTok успеа да го избегне банот во САД за кратко, ама пак е под закана доколку не постигне договор со Oracle и Wallmart до 12ти ноември. Додека се водат преговорите, маркетерите размислуваат за своите стратегии кои ќе бидат под влијание на овој договор. Според истражувањето кое го спровела онлајн платформата за соработка помеѓу професионалци Vancery, 94% од маркетерите сметаат дека ќе има промени во производите за рекламирање, 75% веруваат дека TikTok корисниците ќе имаат различно однесување при купувањето, а 38% дека ќе мора да има нови производи во рекламирањето.

И ваквите бројки не се зачудувачки ако се земе предвид фактот дека TikTok добива повеќе податоци во минута од која било друга апликација и може да помогне Oracle да стане извор број 1 на податоци за потрошувачите за маркетерите. Овој договор би му дал шанса на TikTok уште повеќе да ја прошири публиката во САД, а маркетерите ќе имаат уште поголема можност да ја пласираат својата понуда до помладата публика која е тешко достапна на останатите канали.

Ќе биде ли YouTube новата најголема шопинг дестинација?

Bloomberg потврди дека Google експериментира со нови карактеристики за YouTube, кои би требало да ја претворат платформата во значајна шопинг дестинација.

Некои од видео креаторите (ограничен број) веќе се дел од овој експеримент и според насоките на Google имаат можност да ги тагираат производите во своите видеа, и тие да се купуваат директно од YouTube. Податоците од овие видеа може да се следат откако прозводите ќе се поврзат со аналитиката на Google и алатките за купување.

Веќе некое време се зборува дека Google тестира начини за интегрирање и со Shopify, дозволувајќи им на некои видео креатори да излистаат дури 12 предмети за продажба под нивните видеа.

Иако Bloomberg тврди дека намалувањето на маркетинг буџетот за време на пандемијата во комбинација со зголемениот интерес за електронска трговија се всушност причините зад ваквите новини, сепак согласни сме дека целта на овој потег во најмала рака е да го трансформира YouTube од рекламен гигант во нов лидер за е-трговија, и да биде сериозна конкуренција на Amazon и Alibaba.

Facebook го обои Messenger

За оние што не забележаа, ако има такви, да ви потенцирам да обрнете внимание на следниот отворен Messenger чет. Уште на сам старт ќе забележите дека синото (еднобојно) лого го заменија со ново, пошарено. Дифолтните бои на четот се исто така сменети, а Facebook додаде и две нови теми, како и нови реакции.

Facebook за оваа промена вели: “Новиот изглед на Messеnger ја одразува иднината на четувањето – подинамичен, позабавен и интегриран начин за дружење со вашите омилени луѓе, на вашите омилени апликации и уреди“.

Medium со (уште едно) ново лого

Си се заиграа Medium со брендирањето па решија по трет пат во 5 години да го сменат дизајнот со нова палета на бои, стил на илустрација и уште едно ново лого.

И покрај тоа што новиот стил на илустрација изгледа елегантно и современо, што совршено ја комуницира целта на страницата како платформа за пишување идеи, новото лого сосема ги збуни корисниците. По играњето со буквата М во претходните 2 наврати, Medium креираше лого со три елипсовидни форми кои донесоа многу конфузија што всушност треба да преставуваат.

Многу од корисниците имаат тешкотија да ја сфатат целта на логото, за што од Medium го дадоа следново објаснување: “Дизајнот беше инспириран од јазикот и типографијата. Роден е од елипсите: интерпункција што претставува незавршена или претстојна мисла, идеја што треба да дојде, што е следно. Токму ова се случува на Medium – секогаш има нова идеја, секогаш повеќе во приказната.“

Ако ме прашувате мене, приказната зад ребрендирањето е супер, а за дизајнот мудро ќе си молчам. Времето ќе покаже дали, и покрај првичната конфузија, новиот дизајн на Medium ќе заврши како успешна целина – само се надевам дека компанијата ќе одлучи да го задржи доволно долго за да можеме да дознаеме.

Бонус линкови

Испадна малку подолго од планираното, ама ајде да повежбаме читање на подолги стази да се подготвиме ако случајно пак не карантиносаат. Е дури тогаш ќе пишувам доооооолги прегледи :).

Сакам балкански онлајн серијали

Нон стоп сум пред екран, ама тоа е лаптоп, таблет или телефон. Не гледам ТВ. Некогаш се наоѓам малце неинформирана, особено кога твитерџиите ќе фатат некоја ТВ тема и цела вечер се зборува само за тоа. Па барам на YouTube за што всушност се муабетело, за да можам да го фатам теркот на тајмлајн.

Е токму заради оваа причина се радувам кога ќе се направи шоу исклучиво на Интернет (не дека тоа ми е професија, ама ај сега се правам дека е лично задоволство :). Прво ептен се радував на #SamoKazem онлајн серијал за млади и ептен ми е криво што нема втора сезона. Проектот имаше за цел да ги спои младите од регионот кои делат исти ставови и сништа без разлика на националноста и мајчиниот јазик. Исто им даде платформа на сите млади да си кажат што ги мачи, што ги нервира, што ги радува и се тоа само на Интернет, за да се сфати дека младите од целиот регион можат да се спојат на интернет во своите желби, надежи, проблеми, и сништа. Целиот проект ми беше така фино освежување и многу ме нарадува.

Сега, повторно од Србија ни доаѓа друг проект, онлајн серијал, реално веб шоу за модни блогерки „WannaBe Blogger“. Иако на сосема различна тема, пак му се радувам, затоа што ова има за цел да обучи и насочи 10 млади девојки со сосема различен карактер и стил како и да ја информира и едуцира јавноста за модниот блог како професија и како бизнис. Знаеме дека во Србија модните блогерки и тоа како заработуваат од своите блогови. Од ова шоу треба да произлезат уште нови 10 едуцирани модни блогерки кои пишувањето свој блог за мода треба да им биде професија за заработка. Целиот проект го спроведува WannaBe Magazin, најпопуларниот веб магазин за мода и лајфстајл.

За проектов јас дознав од постот на нашиот драг пријател Милоје. И покрај различните коментари, јас апсолутно се согласувам со фактот дека ваквиот проект значи зајакнување на блогерската сцена со професионалното блогирање.

Кај нас не се појавило ниту еден сличен серијал и јас навистина сакам да видам еден. Било каков, на било која тема, со јасна цел и јасна порака, без разлика дали тоа е спојување на младите на интернет, блогирање или сосема нешто трето. Јас ќе бидам најголемиот фан на овој серијал, ветувам 🙂

А вие ако сакате да следите дали нешто добро ќе излезе од риалити шоуто “WannaBe Blogger” првата епизода е веќе излезена.

@banekoma за #МаратонТранспаренти на #smdaymk

Го најавивме како омилениот дизајнер на сите твитерџии кој е неизоставен дел од акциите организирани на нет и офлајн, а неговата презентацијата беше оценета како најдобра од многу присутни.

Continue reading

Како се прави вирална кампања (на балкански терен)

Вчера следев во живо како најновата кампања на „Југословенско драмско позориште“ се шири како зараза по Facebook, за само неколку минути. Кампањата е врв сама по себе, и мислам дека заслужува уште поголема видливост и внимание од она што до сега го постигна. Кој не ја погледнал, одма да ги изгледа сите видеа.

 

Прво ја видов кај нашиот пријател Иван Чошиќ на Facebook, набрзо скоро сите пријатели кои ги имам од Србија, па и Црна Гора и Босна и Херцеговина ја имаа споделено кампањата.

Ivan Cosic - jdp

Кај Исток Павловиќ уште посилен ефект.

Istok Pavlovic

Најсвежа наша вирална кампања беше тизерот на ОНЕ оператор за новата понуда „Распеани од добра понуда“. Иако сосема друго сценарио и чекори, сепак тизерот беше бум, пуштен во вистински момент кога на пазарот беа актуелни некои жешки теми за пензионерите и ЈСП. Овој тизер ги поттикна луѓето емотивно да реагираат и да не бидат свесни до последен момент дека се работи за кампања!

Нема да ги анализирам продукциските способности и сценариото на кампањата за  „Југословенско драмско позориште“, но мора да се задржам на идејата и начинот на реализација. Кога една компанија/агенција креира кампања, во последно време омилена желба им е да стане вирална. Ако си агенциски човек не може да не си го добил ова барање од бренд „Ама кампањава да биде вирална“. Е па седнете, изгледајте ги сите видеа проследете како се ширеа на Facebook, и учете како се прави вирална кампања. Неколку поенти тука мора да истакнат и да станат јасни и за брендовите и за агенциите:

  1. Не секоја кампања може да стане вирална!!!
  2. За да стане вирална кампањата треба да се има оваа цел на ум уште на самиот зачеток и првично планирање на истата!
  3. Кампањата мора да има оригинална и автентична содржина и да ги искористи актуелните случувања, трендови и емотивна состојба на мнозинствотот на пазарот за да стане вирална!
  4. Кампањата мора да има поддршка од онлајн заедницата (содржината да поттикне дел од „влијателните“ корисници да ја споделат први, брендот/агенцијата да им даде екслузива за споделување на кампањата па ако треба и да им плати)
  5. Не секој корисник може да поттикне кампањата да се шири, да стане вирална (и највлијателниот во моментот ако искрено не верува во вредноста на кампањата и не се соживее со содржината нема да поттикне виралност на истата и за сите пари на светот)

Претпоставувам дека дел од луѓето кои ја споделија први имале дојава/договор за споделување на кампањата иако немам (се уште) потврдена информација. Ако претпоставката ми се покаже за неточна, ќе бидам пресреќна. Но и да е точна, секоја чест McCann Erickson Beograd, генијална идеја и реализација. Веќе почна и на нашиот пазар да се шири и да добива пофалби.

Мојата дилема за Facebook новостите

Јас и Facebook… Тоа ти е како договорен брак во кој веројатно ни двете страни не се сакаат, ама ете мораат да бидат заедно. Од време на време си праќаат по некој шармерски поглед ама со многу краткотрајна вредност.

Не, нема да ви раскажувам приказни за мојата „љубов“ со Facebook иако многу често ме инспирира и книга да напишам. Еве на пример пред 3 дена реши дека ќе ни пушти нов дизајн на Facebook Pages Manager.

Прво се изнервирав дека така од никаде ми се појави новата верзија, ама си реков ајде не плачи одма сигурно е подобра. Башка луѓето си најавиле, ама јас сум ја испуштила нивната најава. За дизајн најчесто не коментирам (не знам, не сум компетентна, се лутат дизајнери и слично) ама овој вака на прв поглед изгледа навистина скоцкано и ми се допадна.

Тоа траеше точно две минути, додека не стигна првата нотификација на некоја од страниците кои ги администирам. И на крај сфатив дека за било која активност во новата верзија имаш минимум 1 клик плус од претходно. Ми се врати истото чувство како кога преминував од iOS на Android. Не беше многу тежок преминот, ама за да искористиш што повеќе од оперативниот имаш многу повеќе работа од претходно. Исто и за ова нема да се распишувам на долго и на широко затоа што не се сметам за компетентна, ама крајниот заклучок за двата оперативни ми е дека iOS го креира твоето корисничко искуство и те води низ процесот на работа, додека на Android сам си го креираш корисничкото искуство и процесот на работа, што за мене не беше баш подобрата опција зошто бараше многу повеќе време.

Е така ми е и со новава верзија на Facebook Pages Manager. Facebook напишал неколку бенефити:

  • Easier access to admin tools
  • Quicker navigation to Page Activity and Insights
  • More direct access to an “action bar” that lets you quickly write a post, add a photo, edit your Page and more

NewPagesManager

Нова распореденост, попрегледна… Тоа е првиот впечаток. Но, едно големо НО… ти троши многу повеќе време внатре. И тука почнавме да размислуваме со Дарко за неколку дилеми:

  • Дали всушност Facebook навистина прави надоградување при секоја нова верзија?
  • Дали новите верзии се само за да те држи буден дека постојано се работи, се менува, и се случува нешто многу важно внатре?
  • Дали е неопходно да ја имаш секоја нова верзија?
  • Дали новите верзии ти го прават животот (под живот во мојата глава стои: работата) полесен?

Не сум сигурна дека имам одговори на овие прашања, особено не вистинските. Знам дека постов нема и некоја голема вредност и порака, ама ете го размислував и Дарко ме поттикна да ги ставам мислите на блог. Можеби ќе му се зголеми вредноста ако ги споделите и своите дилеми со мене :). Ги чекам вашите размислувања.

Кои се локалните брендови кои инвестираат во квалитетна содржина

Кај нас има брендови кои се трудат да го одржат пазарот со инвестирање во содржина и да направат разлика и истакнување над стандардните Facebook финти.

Continue reading

Зошто никогаш нема да активирам Reply на Фејсбук

Повеќе од година имаме шанса да (не) уживаме во вгнездените дискусии на Фејсбук. На почетокот се потрудив и јас да уживам во оваа нова опција но набрзо сфатив дека само си ја усложнувам работата.

Главната причина заради која користењето на овааа опција ми ја правеше работата посложена беше тоа што не е овозможена во мобилната апликација и во Facebook Pages. Истата причина подоцна ми послужи и како совршен изговор пред клиенти и пред било кој што ќе ме прашаше зошто на нашите страници не е активирана оваа опција. И се уште овој изговор ми врши работа бидејќи околу 50-60% од работата ја завршувам преку мобилен телефон или таблет, а за викенди овој процент е и до 100% :-). Па кога од мобилен уред се вклучуваш во дискусија, хронологијата на веб е тотално измешана и нелогична. Затоа Reply опцијата е исклучена на сите наши страници.

Но како што изгледаат работите наскоро ќе мора да го вадам од ракав и вториот изговор заради кој одбивам да ја активирам опцијата, бидејќи Фејсбук веќе ја активираше во мобилната апликација за iOS, па очекувам многу наскоро да ја има и на Андроид.

Она што навистина не ми се допаѓа е што вгнездените дискусии бараат клик повеќе за да ги видиш комплетно. За среќа или несреќа, најчесто се соочувам со потребата да водам дискусии за кои е многу важно за брендот корисниците да имаат увид во целата дискусија уште на прва рака.
Пример кога одреден корисник ќе го нападне брендот, брендот е во ситуација да одговори на нападот и да ја изведе ситуацијата во позитива. Со активирана Reply опција, од целата оваа дискусија на прва рака се гледа само првиот коментар, т.е. нападот, а за останатото треба клик повеќе. Знаеме дека корисниците стануваат многу помрзливи со напливот на информации ретко ќе го направат тој клик повеќе за да ја видат целата дискусија.

И ова не се однесува само за дискусија предизвикана од негативен коментар. Истото го мислам и за било кое прашање, или позитивен коментар.
facebook-replies
Е па можеби и не ви држат вода моиве причини, ама за мене тие се доволни за никогаш да не активирам Reply копче на Фејсбук страница.

На вашите страници активирано е? Како се справувате со работење од мобилен уред? Или пак не работите со мобилните апликации?

#ОнаКога ќе потфрлиш на Твитер

Деновиве читав за масивниот ненамерен fail на @USAirways и одлична приказна испадна на крај со скроз неочекуван завршеток. Па затоа решив и јас да ја пишам во пост, покрај многуте напишани на истата тема.

За оние кои не се запознаени, накратко случајот е следен: во обид да се одговори на негативна критика на Твитер, US Airways направија нешто скандалозно,  шокантно и како сакате наречете го, ги заслужува сите вакви епитети. Клиентка им се пожалила на услугата, а тие во супер љубезниот и културен одговор (NSFW) вклучија и вулгарна фотка на темата која навистина ги шокираше сите.
US-Airways-Tweet
Подоцна нели следуваше извинување, па правдање, барање изговори и слично.

Твитот беше избришан после цел еден час, но како што и многу пати сме повториле,  интернет памти сѐ, па штетата е веќе направена.

Она што мене ме изненади тука е што реално овој твит не предизвика некои екстра осудувачки критики. Да многу медиуми пренесоа за истиот, но без осуда, критика или цврст негативен став за истиот. Нормално, ставот и критиката сами си ја градиме и содржината и тежината на твитот не изоставуваат осуда од страна на читателот, но она што подоцна се случи уште повеќе придонесе целиот случај да биде неверојатно изненадувачки.

Впрочем оваа постапка беше без апсолутно никакви последици врз работно место на одговорната за овој твит. Нивното објаснување беше уште позачудувачко. Одлуката предизвика многу измешани емоции кај мене. Од една страна потајно можеби се соживеав со улогата дека на секого може да му се случи истотото, а да бидеме реални во нашава професија и многу лесно се греши а грешките нема шанси барем еден да не нѝ ги начека и да ги прошири. Ми олесна дека ете US Airways пресметале дека овој настан не е кобен за нивната репутација и личноста која е одговорна за истиот многу повеќе придонела отколку што грешела. Од друга страна сметам дека ова е непростлива грешка и целиот резултат од случајот ги изместува границите на тоа што е дозволено и што не е дозволено, и што треба да очекуваат корисниците од комуникацијата на брендовите онлајн. Да, знам дека претерувам малку, но самиот случај е екстремен па и јас одам во екстреми.

Како и за секој екстремен настан на социјалните медиуми, без разлика дали е позитивен или негативен, брилијантните интернет тролови си ја завршија работата со свои реакции по повод твитот на US Airways. Mashable издвои 38 бесценети реакции кои мора да ги прочитате 🙂

И тука се прашувам дали овој твит ќе биде “секое чудо за три дена” и ќе се најде нешто ново на кое ќе се посвети целото интернет внимание, или пак токму тие три дена си ја изиграа улогата и оваа грешка ќе им се одрази негативно, можеби не директно, но индиректно.  Дали корисниците сега би очекувале многу попретпазлива и попосветена комуникација од страна на US Airways, или пак ќе си ја искористат шансата во иднина да ја исмеваат целата комуникацијата за сметка на оваа грешка? Колку пати треба да се згреши за да сфатат брендовите кои се границите и принципите на квалитетна и професионална комуникација на интернет?

Раскажи приказна – Gary Vaynerchuk

Gary е еден од оние кои можам да ги слушам по 100 пати секој ден, како ми го раскажуваат истото и пак да го премотам назад уште еднаш и уште еднаш и уште еднаш. И видеово подолу во постов го преслушав 4 и пол пати од вчера до денес и негде на пола од петтиот пат решив дека мора да го ставам во пост.
Има толку силни поенти, онакви кои ќе ги слушнеш ќе си помислиш „е добро де го знаев ова, ништо ново не кажа“ а после ти се врти во глава непрестајно секоја реченица која ја потенцира во неговото излагање. Gary е еден од оние кои има моќ да ти каже колку е глупаво и безвредно тоа што го работиш и тоа да те испирира да направиш нешто многу помоќно, наместо да те навреди! Толку трезвено анализира што точно се случува на пазарот и колку во пракса не се спроведува теоријата и обратно!

Во видеото потенцира колку е важна приказната на брендот, на кампањата и на секоја микро активност. И ќе извлечам само пар поенти кои треба да ги имате во глава и кои јас треба да ги имам во глава, а останатото ќе ве оставам да го преслушате.

  • Што и да работите во животот, секогаш вашата главна работа е да ја раскажете вашата приказна! Ние сме луѓе и треба да се однесуваме на човечки начин, а приказната е онаа кое го буди човечкото во нас.
  • Времето ни е најважниот фактор и сакаме другите луѓе да го почитуваат како што и ние треба да го почитуваме нивното, затоа добрата приказна која не го окупира и троши залудно туѓото време е најважна!
  • Денес, скоро сите луѓе, бизниси, организации ја раскажуваат својата приказна како што требало да ја раскажуваат во 2007 а не во 2014 година. Последните 70 години живеевме во време на филмови и документарци чии приказните не тераа да размислуваме длабоко, а денес живееме во време на ударни и вонредни вести, па треба и нашата приказна да ја адаптираме на новото време.
  • Квалитетното раскажување на приказна секогаш победува.

Кога се ова ќе го ставите во рамките на нашава професија, посветете особено внимание на она што се зборува по 8мата минута во видеото! И да, сите компании и агенции го знаат тоа, но колку се применува?

А мене ова ми е најомилениот дел од целото видео:
„Marketers ruined everything!!! As something new comes out, we are trying to figure it out and we ruin the old one!“

Поубавата страна на Твитер

Нема да пишувам каков бил Твитер порано, колку бил добар и поубав и поинформативен и колку подобро го користеле старите генерации. Иако се согласувам во голема мерка со тоа и ја чувтвувам истата носталгија понекогаш како онаа опишана во постот на @ribaro, но како што и сама кажав новите генерации се се побројни и си имаат свој начин на користење на Твитер.

И нема да зборувам за разликите помеѓу прва, втора, трета итн. Твитер генерација, зошто ми е тотално нонсенс и неблагодарно да плукаш по нечиј начин на функционарање правејќи го твојот подобар. Твитер многу се измени од времето кога ние, околу 50тина луѓе ја пронајдовме мрежата и бевме жедни за нешто ново. Ние го користевме на свој начин, по нас дојдоа уште 100тина други кои донесоа друга свежина и други насоки, по нив дојдоа уште десетици други кои си донесоа свој начин на употреба. И без разлика дали Твитер се користи на овој или на оној начин едно нешто остана константно: Твитерџиите се жедни и секогаш подготвени да помогнат некому.  Кога го пишав насловот на постот, мислев токму на ова.

Низ времето видовме многу акции, кои сите одлично ги знаетe и секогаш ќе се споменуваат: #протестирам, #елкамк, #топлина, #солидарност итн, итн… Овие денови актуелна е #крводарители.

Втора крводарителска акција на Твитер заедницата

Утрово ги слушав на радио и ми се бендиса муабетот за минатогодишната акција за дарување крв каде се појавиле 102 крводарители, од кој 75 биле прифатени. Според лична проценка на @IceManAndov (еден од организаторите), минимум 50 од овие луѓе биле Твитерџии. И освен што ова навистина е за восхитување, јас ќе ја анализирам овогодинешната акција од друга страна: колку е клучен Твитер за организирање на една ваква акција. Секако не го запоставувам и Фејсбук бидејќи како што @ivogievski рече: На Твитер информацијата побрзо се шири, на Фејсбук подолго трае. И вистина се согласувам со муабетот.  Деновиве сме сведоци дека ги има и по ТВ, радио, печатени медиуми, но акцијата тргна од Твитер, се шири на Твитер и од тука се пренесува и по други канали. Малку да го изразиме тоа во бројки. Организаторите на акцијата направија посебен Твитер профил @krvodariteli

@krvodariteli

До сега има само 293 следбеници, но според time.mk досегнал до 30959 корисници кои time.mk ги следи во својата база. Според бесплатната алатка за статистики tweetreach последните 50 твита од последните 17 часа поврзани со #крводарители даваат уште поимпресивни бројки.

#Крводарители  TweetReach

Секако тука голема улога си има и „популарноста“ на Твитерџиите кои се организатори на настанот @ivogievski, @IceManAndov и @IrenaMila и придонесуваат за поголем досег на кампањата.

Исто не е за потценување и Фејсбук, со кој преку креирање на настан акцијата во моментов стигнала до повеќе од 7000 луѓе кои се директно поканети. Од нив 278 веќе кликнале Join што значи сите нивни пријатели ја добиле оваа информација на нивниот ѕид. Ако го земеме предвид фактот дека просечниот македонски корисник на Фејсбук има помеѓу 200 и 300 пријатели, значи настанот достигнал до најмалку 55600 корисници. Ако ги земеме предвид и другите објави во електронските медиуми овој број ќе стане уште поголем.

И ако само 1% од оние до кои досегнала акцијата се појават и даруваат крв, за мене е повеќе од успешна. Но за тоа, потоа ќе дискутираме. Сега може само да препорачаме да ја поддржите акцијата и секој кој се чувствува подготвен да дарува крв. Особено се поттикнати оние со негативен Rh-фактор.

1911899_10152100974162054_817884673_n

А сите заедно може да помогнеме оваа акција да досегне до уште повеќе луѓе, едноставно со споделување преку нашите профили на Интернет.

Кога selfie-то ќе добие поинаква вредност

Ellen DeGeneres направи selfie кое ќе влезе во историјата. Го твитна, и направи историја за Твитер, за Оскари и секако за целата филозoфија на selfie-то како такво.

Овој твит веќе секаде прочитавте дека е најретвитаниот. За само пар минути освои 100000 ретвити, го сруши рекордот на Обама и Твитер падна (нормално, како и при секоја ваква гооооолема активност).

Ако анализираме, немаше што да се изгуби тука:

1. Имаш трендинг настан
2. Имаш топ селебритис на сликата
3. Имаш супер паметен хумор во самиот твит

Твитот е предодреден да биде вирален. И стана највиралниот во историјата.

Е сега има и една друга страна која мора да се спомене тука. Не толку скриената порака зад оваа планирана активност е дека сликата е направена со Samsung Galaxy Note 3. Oва би требало да е историски момент и за Samsung ако не излезеше веста дека Ellen на сцена користи Samsung, а зад сцена iPhone.

Ellen.Oscars.2014.iPhone

Тука се прашувам до каде оди лојалноста кон одреден бренд. Присуството на Samsung на оскарите беше over the top, и повторно не успеа да ја земе сета слава за себе. Дури станува „предмет на исмевање“ од страна на Apple Insider кој се врати наназад да ги анализира и другите настани каде Samsung e спонзор и каде им се случила токму истата идентична работа со Franz Beckenbauer, или и кога John Legere го направи истото, или кога David Ferrer твитна колку многу го сака Samsung Galaxy S4, погодувате нели, од неговиот iPhone. Или најсвежо пред Оскари, кога Samsung побара од олимпијците да го покријат логото на своите iPhone телефони.

Колку се овие моменти планирани, намерни, наместени или едноставно спонтани? Колку ваквите моменти имаат врзани последици, позитивни или негативни, за брендот, за актерите во самиот настан, за учеството на еден бренд во вакви настани во иднина? Колку ваквите моменти ги менуваат стратегиите, одлуките, и пред се претпазливоста и свесноста на брендовите за ваквите моменти? Баш сакам да видам една добра издржана дискусија на темава.

На крајот да останам во духот со Оскарите нели, и она што мене професионално (а и лично) ме интересира повеќе од тоа кој бил номиниран и добил Оскар, Твитер извади статистика и најдобри моменти од тоа како поминаа #Oscars на Twitter и како помина Twitter со #Oscars, секако со фокус на Ellen. Сите детали на https://blog.twitter.com/2014/looking-back-at-the-2014-oscars-on-twitter

 

Ние на #blogomanija

На тема „Првиот Инстаграм фото-конкурс во регионот“ Дарко зборуваше за нашите познати #letogram и #zimogram на #blogomanija.

Continue reading

EmbedSocial – македонска платформа за виџети

Платформата за виџети Embed Social веќе зборуваат големи и познати сајтови, ние си позборуваме со Катерина Стојановска, најзаслужниот член на тимот на im.mk за „раѓањето“ на овој нов проект

Continue reading