Насилството не е проста имитациска реакција на насилството во медиумите. Тоа е сложен психо-социолошки феномен кој може да биде предизвикан од бројна низа фактори. Да, медиумите можат да влијаат врз насилно однесување, но не се единствениот и најчесто не се директен фактор да биде предизвикано насилно однесување. Да беше така веројатно сите кои го гледале серијалот филмови Џон Вик би станале тепачи и масовни убијци. Впрочем, Џек Мевосек немал Тик Ток, а Хитлер не играл Call of Duty. Проблемот е подлабок и за насилството многу повеќе придонесуваат други фактори од социјализацијата.
Насилството е кулминација на цела низа фактори во која медиумите се еден дел од синџирот причинители.
Медиумите можат да го катализираат процесот на меѓуреакција на овие фактори или да бидат „тригер“, но во суштина се еден од факторите за насилно однесување, најчесто преку влијание на некој од горенаведените подиректни фактори или влијаат на формите на насилство предизвикано од други посилни фактори. На пример, проблеми со самоконтролата во однесувањето можат да бидат предизвикани и поради штетно влијание на медиумите, но тие не се единствените фактори и таа може да се развие под посилно влијание на други причинители. Медиумите можат да предизвикаат и анксиозност, на пример, но во тој случај веројатно ќе треба да се забранат вестите и информативните програми, ако медиумите ги сметаме за најголеми виновници.
Цензура и контрола на медиуми и медиумски содржини не можат да го решат проблемот на насилството, бидејќи мораат да бидат земени предвид и останатите фактори. Ако ги исклучите медиумите од таа равенка, тогаш насилството како силен нагон ќе пронајде други форми и комбинации на меѓуреакција на факторите. Лошото родителство, или малтретирање од врсниците, на пример, ќе продолжи да поттикнува насилство и кога на детето ќе му забраните видео-игри и социјални мрежи. Ако медиумите се користат правилно и умерено, под старателски надзор, тие најчесто престануваат да бидат директен или изразен фактор за насилно однесување.
Моралната паника и медиумите
Денес општествата кои се соочени со кризи или колективни трауми често посегнуваат по различни видови на технофобиска морална паника, каде реалните опасности на новите технологии и некои нивни штетни влијанија се предимензионираат и се посочуваат како единствен проблем.
Моралната паника му помага на општеството во криза да се обедини околу некои едноставни идеи и пораки, да создаде чувство на групна емпатија, но работата со моралната паника е што не ги решава проблемите. За жал работите не се така едноставни, забраната на телевизии, видео-игри, инфлуенсери и апликации не помагаат. Проблемите остануваат и се јавуваат во други форми.
Моралната паника често служи како средство за постигнување колективна катарза, но без одржливост. Историски гледано таа повеќе одмага во соочувањето со вистинските фактори за реалните проблеми, кои најчесто се многу сложени и за кои треба сериозна општествена мобилизација, како и промени во културата и системот на вредности. Како примери на морална паника од минатото можеме да ги споменемевидео игри, флипери, техно музика, рокенрол, Битлси, телевизија, радио, Емили Бронте, Толстој, Флобер, Бодлер, Џордано Бруно и редица други. Сите тие во некое свое време биле скандалозни и „ја расипувале младината“.
Сѐ повеќе информации, сѐ помалку вистинска комуникација
Не е толку проблем тик ток, колку што е проблем што сѐ помалку се разбираме меѓу себе. Со децата, со родителите, со роднините, пријателите, комшиите, колегите. Комуницираме побрзо и подалеку, но сѐ послабо се разбираме меѓусебно. Технологијата ни дава лажно чувство дека комуницираме со другите како што треба. Се нормализира површната комуникација, а тоа ги поттикнува самоизолацијата, самољубието и бесчуствителноста кон другите. Некритичкото ширење на погрешното користење на технологијата и нашиот колективен конформизам да бидеме пасивни кон негативните влијанија од медиумите се проблем кој се повторува. Од тука некаде треба да почне и решавањето на проблемите, а забраните, без поширок и подлабок зафат во справувањето со нив, само ќе создаваат привид дека нешто се прави за да тие се решат.
Последните неколку месеци од 2022 година беа полни со лоши вести за социјалните мрежи. Преземањето на Твитер од страна на Илон Маск стана сапуница од посебен вид во која тешко е да се предвиди во која насока ќе се движат работите, впрочем како и во сите сапуници, со таа разлика што овде не е извесно дали сѐ ќе заврши со хепиенд.
Набргу по формалното преземање на Твитер, Маск спроведе низа мерки за „кратење на трошоците“, коишто од многумина беа дочекани на нож и ги поларизираа не само вработените, туку и корисниците и јавноста. Отпуштања на вработени, наплата на услуги кои беа бесплатни, ценкање за цената на овие услуги, сѐ до препукувања со партиските кандидати на американските избори за Сенат и Конгрес во ноември 2022. Маск како резултат на овие караници ги повика своите подржувачи да гласаат за републиканците. Сето ова го правеше во свој стил, бескомпромисен и дрзок, што ескалираше дури до тоа неговата мајка јавно да побара „да не бидеме токлу злобни кон нејзиниот син“. На ова се надоврзаа и лошите вести за отпуштања на илјадници вработени од компанијата Мета и Амазон, како и драстичниот пад на нивната вредност на берзите.
Берзанските игри им се удрија од глава на овие компании. По рекордниот пандемиски период, предвидувањата беа дека растот, или барем нивото на користење на истите, ќе продолжи. Тоа не се случи и сето тоа резултираше со половично остварување на очекуваните (нереални) резултати, и автоматски пад на „надуваната” вредност на компаниите на берзите.
Кога нештата ќе се погледнат од малку поширока перспектива сѐ наликува дека го следиме крајот на една, условно, златна ера за социјалните мрежи, која траеше некаде од 2006/07 до 2021/22 година, додека големиот подем и експанзија на овие компании полека замира.
Онлајн индустријата имаше тешка година, а компаниите за социјални медиуми беа особено погодени. Акциите на Мета (претходно Фејсбук) опаднaа за повеќе од 60%. Вредноста на Снеп, сопственикот на Snapchat, падна за повеќе од 80%. Отпуштањата на вработените станаа секојдневие, а некои компании започнаа значително да ги намалуваат трошоците за вработените (New York Times, A social media status update).
Сега е речиси извесно дека социјалните медиуми запловија во далеку побурни води од она на што беа навикнати досега.
Кој високо лета…
Социјалните мрежи навистина направија револуција во тоа како комуницираме, како оформуваме врски со другите, како ги бараме и ги следиме информациите кои нѐ интересираат. Тие длабински ги изменија и економијата, редица индустрии, влијаат суштински на тоа што гледаме, што купуваме, како дознаваме за производите и за услугите, а длабински ја изменија и културата генерално. Проблеми во функционирањето на социјалните мрежи се јавуваа континуирано, но експанзијата на социјалните мрежи долго време не попушташе. Посериозните удари за нив започнаа некаде по 2016 година и скандалите околу Кембриџ аналитика и злоупотребата со податоците на корисниците. Социјалните мрежи станаа важни играчи во борбата не само за купувачи, туку и за гласачи, па така набргу се најдоа на удар и на различни политички поединци и групи. Загриженоста за приватноста на корисниците, напливот на дезинформации на социјалните мрежи, казните од Европската комисија и неколку други држави за повреди на различни права на корисниците, дополнително влијаеше за влошување на состојбите.
За причините
Ако сумарно се гледаат причините кои доведоа до овие превирања, може да се наведе долга листа на поголеми и помали фактори, но работите можат да се сведат на неколку клучни причини кои сериозно го сменија текот на настаните:
1) Поткопување на бизнис моделот
Моделот на собирање на податоци за корисниците и нивно користење за персонализирано рекламирање беше загрозен по 2016 г. и претседателските избори во САД, до тој степен што значително зачестија барањата за регулација на социјалните мрежи и одредени сфери на интернетот. Дополнително, промените на Епл во оперативниот систем, iOS14, од 2022 година значително им го отежнаа собирањето на податоци на онлајн компаниите за навиките на нивните корисници, што резултираше во пад на приходите од рекламирање. Првите потези на Маск за финансиско спасување на Твитер индицираат дека онлајн индустријата се придвижува кон модели на претплата, засега фокусирани на одредени премиум услуги, за одредени категории корисници, и така натаму.
2) Демографски промени
Речиси две децении во дигиталната сфера се долг период. Смената на генерации имаше изразено влијание преку потребата на помладите корисници да се издвојат од другите (постари) кориснички групи. Со сериозните глобални поместувања на центрите на моќ, доаѓаат и промени и во овој сектор. Дојде моментот кога американските компании нема да го имаат главниот збор, нема да можат толку мирно да спијат на својата големина и слава, а ТикТок го потврдува ова. Колку и да се обидуваат да го ископираат, секогаш се чекор назад. Помладите корисници на социјалните мрежи сѐ повеќе се делат на два табора, или си конзумент или правиш многу квалитетна содржина. Партиципативноста не е толку важна, дружењето е, ама и не е толку важно. Фокусот е на забава и на задоволување на некои други потреби, не (само) социјализација. Младите, веројатно спротивно од нашите очекувања, повторно се придвижени од реален општествен агажман, претпочитаат вистински активизам, вистински промени, компании кои се општествено одговорни и имаат некоја општествена цел. По сѐ изгледа за нив не е важна лажната општествена активност на социјалните медиуми со кликање лајкови и потпишување петиции, кои патем нѐ доведоа во позициите кои сме сега.
3) Варијации во концептот
Првите социјални мрежи во својот фокус го имаа поврзувањето на корисниците, од што секако најголема полза имаше Фејзбук кој успеа да изгради корисничка база од над 2 милијарди. Впрочем мотото на Фејзбук за „поврзан и отворен нов свет“ доволно ја отсликуваше оваа развојна филозофија. По 2010 година фокусот полека се префрлаше на креирање содржини, што доживеа кулминација со подемот на Тикток каде веќе поврзувањето стана секундарно, или терцијарно дури, а најважна беше содржината, т.е. како брзо и лесно да дојдеме до неа. Нивниот фамозен алгоритам успеа да нѐ наведе да мислиме дека собира толку многу анонимни сигнали од нашето користење на мобилните уреди што е доволно да ни сервира содржина која ќе нѐ врзе со саати за екраните. Мета со своите обиди да ги преземе или ископира останатите популарни стартапи не успеа да изгради супер-апликација која би доминирала со сите аспекти на онлајн услугите, како што тоа го прави WeChat во Кина, на пример.
Можеби тој модел не е модел за другиот дел од дветот, можеби ни треба време за да стигнеме до тој стадиум, како и да е, Мета и Твитер јасно ја губат битката и веројатно нема ни да имаат можност да бидат компетитивни во таа борба.
Она на што Мета ги вложи сите свои облози е виртуелната реалност (VR), т.е. метаверзумот. Но, се чини дека токму тој облог и придонесе дополнително да им падне вредноста. Како никој повеќе да не верува дека Мета е способна за развој на тој кибер-свет, повеќе се гледа надеж во виртуелните светови на игрите, па дури и во новиот, сè уште невиден уред на Епл за AR (Augmented Reality).
Заклучоци
Дали за некоја година ќе зборуваме носталгично и како стари маалски мудреци за нашето време кога сме биле сведоци на подемот и падот на социјалните мрежи, допрва ќе видиме! Како и да е, медиумите не изумираат, тоа барем до сега јасно го знаеме, тие само ја менуваат формата. Може да станат нерелевантни дел од брендовите и сервисите, но тоа ни од далеку не значи дека тоа е умирање за една цела ера. Навиките и потребите на корисниците остануваат и постапно еволуираат (затоа и малку драма во насловот на овој текст, сепак тоа е дел од работите кои ги научивме во оваа ера). Развојот продолжува, искуството го акумулираме, се трудиме да разбереме како и зошто сега функционираат младите и нивните „социјални медиуми”, тоа ни е пасија, тоа ни е работа, тоа ни е љубов. Добро може нема да бидеме до толку активни на BeReal, ама будно го следиме развојот!
Comments Off on Шок и фасцинација – новинарските стандарди се спуштија прениско, читателите за влакно извлекоа жива главаMedia, Society
На интернет се појави вирално видео за ниско слетување на авион на аеродромот во Скијатос, Грција. Се работи за настан во кој беше следено ниско слетување на авион на компанијата Визер од страна на група т.н. „planespotters“, лица љубители на вакви и слични возбудливи слетувања коишто вообичаено објавуваат атрактивни фотографии и видеа од вакви настани, а воедно се водат и рекорди за ниски слетувања.
Приказната до тука има нормален тек, сѐ до моментот кога таа им паѓа во скут на домашните медиуми. Наместо вистинито да известат за овој настан тие, очекувано, во него препознаваат извонредна шанса за инстантна жетва на кликови. Настанот се претставува како „инцидент во кој авион прелетал над главите на туристите кои одвај извлекле жива глава“ (ВООДУШЕВУВАЧКО ИЛИ ВОЗНЕМИРУВАЧКО: Малку фалеше авионот на „Виз ер“ да ги покоси туристите на Скијатос, Застрашувачки слетувања на аеродромот на Скијатос, она на Визер ќе ве замрзне, Авион слета на грчки остров, туристите шокирани се фрлаат на земја (ВИДЕО), и др.).
На помал дел од медиумите малку им паднало незгодно да се поигруваат толку грубо со своите читатели, па срамежливо во насловите навестиле дека не се работи за инцидент, или пак во текстот на написот појасниле за што навистина станува збор.
Како и да е, со чести вакви и слични објави јасно е дека се работи не само за неетичко или непрофесионално известување, во кое се вклучени веб-страници на електронски медиуми и членки на регистри на професионални медиуми, туку станува збор за разработен модел за манипулирање заради зголемување на посети на сајтовите.
Оваа манипулација се заснова на експлоатирање на слабата медиумска писменост на публиката и когнитивно програмирање на автоматизирани реакции на посетителите. Вакви примери нѐ соочуват со реалноста дека огромен дел од медиумите информациите не ги користат за информирање, туку за програмирање на однесувањето на публиката. Идеалниот читател кои тие на овој начин се обидуваат да го креираат е психотичен и медиумски полуписмен граѓанин кој нагонски реагира на медиумски дразби без контрола или свест како сето ова влијае врз него.
За крај, мало потсетување на предупредувањата и советите за вакви манипулации кои датираат уште од антиката: „Биди слободен мислител и не прифаќај сѐ што ќе чуеш како вистина. Биди критичен и проценувај во што веруваш“, Аристотел (384-332 п.н.е.).
Алгоритмите имаат сè поголемо влијание врз нашите кориснички искуства на интернет и на социјалните мрежи. Иако со нив најмногу се занимаваат програмерите и маркетинг професионалците, сепак се чини крајно време е оваа тема нешто повеќе да се вклучи и во интересот на поширокиот круг на корисници. Пред извесно време разговарав на оваа тема со новинарката на Радио МОФ, Ивана Смилевска. Зборувавме за тоа какво влијание имаат алгоритмите врз нашата секојдневна комуникација, а овој напис е достапен на Радио МОФ под наслов „Корисниците заедно со алгоритмите го создаваат информацискиот меур“ – како функционираат алгоритмите“. Подолу следуваат извадоци од оваа објава, односно моите ставови за темата.
Во времето поминато онлајн, доаѓаме до секакви информации. Но, дали ние ги контролираме информациите или тие нас? Колку пати ви се случило да побарате одредени информации за некој производ, а потоа да бидете бомбардирани со реклами за него?
Алгоритмите се софтверски алатки или посебен вид програми за автоматско сортирање, организирање и управување на информациите. Поради големиот наплив на информации, создавањето и употребата на алгоритмите се смета дека е сосема оправдана, бидејќи тие ги олеснуваат и оптимизираат организирањето и користењето на информациите.
Новите медиуми и интернетот оформија нова индустрија на рекламирање заснована на т.н. персонализиран маркетинг или огласување. Па така, наместо реклама за новиот парфем кој го застапува Кристијан Роналдо, и која сите ќе ја видат во ударниот термин на телевизија или во некое модно списание, овде тоа се заменува така што секој корисник добива различни рекламни пораки зависно од својата претходна активност на интернет.
Интернет сервисите задржуваат некои информации од корисниците и креираат наши „профили“ според кои потоа, со автоматска обработка, се канализираат различни рекламни пораки кон нас. Ако на пример сме пребарувале некој поим поврзан со спорт, или следиме некоја спортска ѕвезда, кон нас ќе бидат насочени повеќе реклами за спортски производи и услуги.
Корисниците заедно со алгоритмите заедно ги креираат сопствените меури, и денес тие се проблем и предизвик за кој сè уште нема универзално или стандардно решение. Компаниите кои ги користат алгоритмите досега немаа интерес да ги решаваат овие проблеми, бидејќи нивната цел е да поминуваме што повеќе време на нивните платформи.
По т.н. инфодемија, проблемите со дезинформациите, онлајн екстремизмот и слично, сè повеќе се работи на решавање на овие проблеми во соработка на државите, меѓународните организации и на компаниите, со цел да се најдат решенија. На пример, по терористичкиот напад во Крајстчрч во Нов Зеланд во 2019 година, Мајкрософт, Фејсбук, Гугл и Твитер го основаа „Глобалниот интернет форум за борба против тероризмот“ заради подобрување на усогласеноста на овие компании со Кодексот на ЕУ за борба против говорот на омраза на интернет. Во рамките на ова партнерство, компаниите ги разменуваат искуствата за нивните алгоритамски алатки. Ова е секако само еден тип на решение. Главен чинител, исто така, е соодветната едукација и лично оспособување да се увидат ограничувањата на алгоритмите и овие платформи, како и нивните негативни ефекти.
Интернетот денес станува клучна јавна сфера, со амбиции во догледно време да биде и доминантна. Во теоријата се наведува дека медиумите поминуваат низ три фази – популаризација, комерцијализација и политизација, што и де факто и се случува со интернетот и новите платформи за комуницирање, а денес веќе доминираат комерцијализацијата и политизацијата на интернетот. Основните и помалку квалитетните содржини остануваат бесплатни, а сè што е поквалитетно мора да го платите.
Дури и она што е бесплатно, како социјалните мрежи и бесплатната електронска пошта, го плаќате со споделување на дел од своите приватни податоци. Потребно е да сфатиме дека присуството на интернет и креирањето содржини е сè посложено и посакапо, така што трендот на комерцијализирање само ќе се засилува. Токму затоа потребно е јакнење на една нова култура на користење на интернет заснована на споделување и креирање онлајн заедници кои работат за јавен интерес, креираат и споделуваат бесплатни содржини и информации. Такви платформи и иницијативи има многу, на пример иницијативите за бесплатни и отворени образовни ресурси (OER, open education resources“).
Правилото дека секогаш е важна едукацијата останува клучно.
Образувајте се и унапредувајте ги своите способности да го користите интернетот и новите медиуми ефикасно и безбедно. За тоа е потребно да развиете свест колку е тоа важно за вас, особено за помладите кои се родени во дигиталното доба и не знаат како е да се живее без интернет. Исто така, за сето ова потребно е да инвестирате во себе си со време, личен ангажман и труд за да се здобиете со овие вештини и способности, што секако вреди и долгорочно се исплати.
Ширењето на корона вирусот од самиот свој почеток беше проследено со уште две „епидемии“. Едната беше посочена од Светската здравствена организација како „инфодемија“, т.е. „наплив на погрешни и манипулативни информации за короната“. Можеби попрецизниот термин би бил „дезинфодемија“, но да не цепидлачиме.
„Дезинформациите чинат животи“, со право нагласува СЗО. Втората епидемија, која исто така чини животи, е напливот на нешто посложен вид дезинформации, теориите на заговор. Умберто Еко препознавајќи го нивното значење и штетата која тие можат да ја предизвикаат ги опишува како нов феномен во ерата на масовните комуникации кој го нарекува „конспирациски синдром“. Она што ни се случува, поради својата масовност и глобален ефект, навистина заслужува да се нарече синдром. Напоредно со ширењето на биолошкиот вирус, голем замав добија и комуникациските вируси, (дез)инфодемијата и конспирациските шпекулации.
Зачетоците на конспирациите Карл Попер ги препознава уште во текстовите на Хомер . Според Хомер, „Сè што се случува во Троја е само рефлексија на различните заговори на боговите на Олимп“. Белосветските теории на заговор се само верзии на овој политеистички концепт, пишува Попер. „Тоа е верување во каприците и волјата на боговите кои владеат со сè, тоа е човеково напуштање на Бога, по кое следи прашањето, кој е сега на негово место?“. Неговото место во нашата свест е пополнето со разни моќници и тајфи на злобници, кои ја предизвикале големата депресија и многу други зла.
Масовното ширење на конспирациите најчесто се јавува во период и на конфузија, несигурност и силно незадоволство кај луѓето. Конспирациите се обидуваат да го премостат јазот помеѓу информациите и смислата. Имаме многу информации, тие се конфузни, не знаме што навистина се случува и која е крајната смисла на сето тоа.
Кога не можеме да ги поврземе информациите во сета нивна сложеност, тука при рака се конспирациите кои на едноставен и сликовит начин ја рекреираат смислата за „вистинската реалност“. Теориите на заговор, макар и привремено, го смируваат нашиот КОПНЕЖ ПО СМИСЛАТА. Експертите, докторите, разузнувачите на светските велесили, СЗО, Илон Маск, никој не може до крај да разбере точно кое е потеклото на короната, но вашиот комшија кој половина ден поминува во кладилница секако дека има одговор за тоа. И не само за тоа, туку и за слетувањето на Месечината, уривањето на кулите близначки, владеењето на рептилите по Дејвид Ајк, и многу други глобални и локални конспирациски стории.
„Конспирацијата нè ослободува од бремето на вистината“, вели Еко.
Тој, исто така, наведува дека конспирациите се трансфер на тајните во јавната сфера, со што настанува своевиден парадокс, нешто што е тајна и заговор станува познато на сите, така што настанува еден вид „транспарентна тајна“. Конспирациите и тајните кои нема да испливаат на површина се празни тајни, едноставно се неважни.
Заговори секако има, успешни, неуспешни, важни и неважни, мали и поголеми. Па така, заговорот за атентатот на австро-унгарскиот престолонаследник Фердинанд во Сараево во 1914 година довел до светска војна. Но, за разлика од потврдените тајни заговори, проблемот со теориите на заговор е што тие се шпекулации кои не излегуваат од доменот на теоријата. Тие царуваат во муабетењето, шпекулирањето, озборувањето и коментирањето. Тие ве доведуваат пред свршен чин, да поверувате во нив или да ги отфрлите, претставувајќи ги на начин кој ве уверува дека е невозможно сето тоа да го проверите или сами да го раскринкате, тоа се случува негде во сфера која е недостапна за нас обичните смртници. Теориите на заговор често се пројавуваат како своевиден искривиколчен рецидив на митолошката свест.
Во тоа испливување на површина на конспирациите, комуникациска премоќ добива оној кој неа ви ја соопштува (Georg Simmel). Комуникациски, тој станува „јас да ти кажам“ НАРАТОР НА РЕАЛНОСТА, и добива моќ на убедување и превласт врз оние кои ќе поверуваат во неговите теории на заговор. Во пренесувањето на теориите на заговор малиот човек чувстува како да си ја враќа моќта и достоинството пред злите елити. Во своите очи тој станува проповедник на вистината и борец против злото.
Во 1475 год. локалниот првосвештеник Јоханес Хиндербах од Трентo, Северна Италија, проширил конспирација по исчезнувањето на дете од нивното гратче за да ја засили својата позиција на верски лидер. Крајната цел му била да стане Папа. Според конспирацијата, детето кое исчезнало било грабнато од локалните Евреи при прославите на Велигден (рasqua) и жртвувано во крвав ритуал. Хиндербах го прогласил детето за светец, Свети Симон од Тренто, придавајќи му чудотворни моќи. Папата Сикстус IV ги препознал мотивите и заднината на овие настани и се обидел да интервенира, но не успеал да ги сопре веќе разгневените маси. Конспирацијата се проширила во вистински антисемитски погром на Апенините во втората половина на XV век.
Зад секоја теорија на заговор стои всушност заговор на некој кој се обидува да профитира со тоа што ќе ве убеди да верувате во конспирацијата. Тажно е кога стануваме лесни жртви на конспирациите на социјалните мрежи на некој неранимајко со амбиција да привлече кликови или да стане „инфлуенсер“. Уште потажно е кога медиумите се надоврзуваат на овие манипулации и се обидуваат и тие да профитираат од нив.
Теориите на заговор се инструмент на заговор кој останува недосеглив со самото тоа што ќе поверуваме во теоријата на заговор која ни е пренесена. Совршен злостор врз вистината и смислата.
Како да не поверувате во конспирацијата за нападите на 11 септември 2001, кога на ваков начин, на еден од најпосетуваните сајтови на оваа тема, ќе ви биде објаснета поврзаноста на бројката 11 со уривањето на кулите близначки: нападите се случиле на 11-от ден од септември 2001, 254-от ден од годината (2+5+4=11), New York City имаа 11 букви, како и Afghanistan и George W. Bush, кулите близначки имаа форма на бројката 11, Њујорк е единаесеттата држава која се приклучила на САД, првиот авион кој удрил во кулите имал 92 патника (9+2=11), а вториот 65 (6+5=11), и така натаму. Во конспирациите нема случајности, сè се тоа прикриени факти, иако сите овие бројки се наменски издвоени и прикажани како „нумеролошки доказ“ (на пример, за да George W. Bush има 11 букви мора да го додадете средното име, поголемиот број на учесници во нападите се од Саудиска Арабија, а не од Авганистан, и.т.н.).
На тема терористичките напади на Њујорк во 2001 Ноам Чомски коментира: „Со верувањето во конспирациите дека администрацијата на Буш стои зад уривањето на кулите близначки ние се препуштаме на халуцинации и не анализираме за вистинските причини за окупацијата на Ирак и влијанието на нео-конзервативците врз Буш“. Веројатно најдобар начин да заштитите некој таен заговор е намерно да пласирате други теории на заговор кои ќе ја препокријат вашата тајна. Таквата јавно обзнанета конспирација ги задоволува апетитите на јавноста за вистината и остава широк маневарски простор за вистински заговори.
Впрочем, зошто Бил Гејтс би имал толкава желба да ни вгради чипови преку вакцините, кога повеќето од нас веќе имаме барем по два чипа (чиповите во сим-картичките и во кредитните картички)? Три чипови на еден човек да не се премногу? Можеби некој со конспирацијата за чиповите на Гејтс, сака да прикрие нешто друго што треба да се направи со чиповите кои веќе ги имаме? Ете, гледате колку е лесно човек да стане жртва на конспирацискиот синдром?
Да усвоиш какво било знаење ти требаат информации. Да научиш, на пример, нешто за Јапонија, ти требаат многу информации за оваа земја, за нејзината историја, географија, демографија, култура, кои се обичаите, каква е храната, јазикот, уметноста, религијата и многу други податоци.
Но, информациите не се доволни. Денес живееме во време на инфлација на информации, а дефлација на знаењето. Како е тоа можно?
Техно-оптимистите нè убедуваат дека доволна е технологијата, купете го најновиот паметен уред и преземете колку сакате информации, наведувајќи нè да мислиме дека информации и знаење е едно те исто.
Но, не е баш така. Ветувањата на техно-оптимистите се покажуваат само како добар маркетинг за новите дигитални уреди. Знаењето е вештина да се наоѓаат, бираат и да се користат информациите за некоја цел. Неопходно е да ги бирате вистинските информации, да ги разберете врските помеѓу информациите и да ги вклопите во одредена целина. Кога ќе се оспособите да го правите ова може да се каже дека се здобивате со знаење. Информациите за секвенцата на ДНК кај короната на обучен виролог може да му помогне да дојде до терапија или пак и вакцина, но за нас останатите таа информација нема никакво значење.
Бирањето и употребата на информациите станаа многу посложени
Информациите денес се релативно лесно достапни, но нивното бирање и корисна употреба стана многу посложени и главно се препуштени на самоснаоѓање. Образовните системи сè уште се базираат на пренесување информации, а многу помалку на учење како да се бараат, бираат и да се употребуваат информациите. Знаењето станува колатерална штета на ентропијата на информациите, а нашите општества се пропаднати во тој јаз помеѓу информациите и знаењето.
Умберто Еко вели: „Секој може да најде и да сочува некоја информација, но да одлучиш која информација да ја сочуваш, тоа веќе е суптилна уметност. Премногу информации создаваат конфузија, бучава, а потоа следува штама“.
Покрај образованието кое каска зад реалноста, алатките кои сега ги имаме за справување со разните цунамија од информации не се доволни. Google ќе ви помогне да пронајдете информација која ја барате, но не може да ви помогне да ги поврзете до крај. Згора на тоа, непотребните информации можат да ве затрупаат. Алгоритмите ќе внесат некоја логика во информациите кои ви се сервираат, но и тие се далеку од алатка за лесно знаење.
Во пракса тоа обично некако оди како во вицот за Петко на онлајн час кога наставничката го прашала како загинал Цезар. Гуглал Петко гуглал, барал линкови и информации, па по некое време како од пушка одговорил: „Па наставничке, Цезар загинал кога син му Брут му пришол од зад грб и со нож го направил салата!“.
Комуникација не е само пренесување информации
Знаењето денес потешко се развива не само затоа што не сме доволно обучени како да се бираат и да се поврзуваат информациите. Самиот нивен квантитет е многу важен исто така. Многу полесно е да најдете една информација помеѓу 10, отколку помеѓу 100, 1000 или 10000 други информации, макар во тоа ви помагал извонредниот пребарувач на Google. Ако информацијата која ви треба не се наоѓа на првите две страници од вашето пребарување, до неа најчесто нема ни да дојдете. Да, алгоритмите на Google помагаат, но и ограничуваат во исто време. Ако се препуштите само на нив, знаењето обично останува недосегливо.
Комуникацијата денес е далеку побрза и научени сме да бараме инстантни резултати. Ако не ги најдеме веднаш, се откажуваме и од информациите и од знаењето. Потем, знаењето е сè повеќе специјализирано и комплексно до кое доаѓаат мал број луѓе по долгорочно акумулирање вештини и знаење за една тесна област. Често се случува знаењето да има кратко век на трање. На пример, ќе научите како да користите некоја опција на социјалните мрежи како да привлечете повеќе следачи, но преку ноќ со еден „апдејт“ на апликацијата сфаќате дека тоа повеќе не функционира.
Но, маките не завршуваат ниту со борбата за знаење. Комуникацијата не е само автоматско пренесување информации. Собираме информации и бараме знаење за нешто што нè интересира на подлабоко ниво, сето тоа треба да има некаква смисла. Барам информации за Јапонија затоа што ми се допаѓа таа култура, можеби сакам да живеам таму, имам пријатели во таа земја, имам испит по географија или слично.
Соочени со овие комуникациски предизвици во креирање на тријадата ИНФОРМАЦИИ-ЗНАЕЊЕ-СМИСЛА, често се случува неуспехот во тој потфат да го замениме со нешто што ќе ни даде привид или чувство дека „знаеме“.
Некои од најчестите субститути за знаењето, кои редовно се манифестираат при неуспешното комуницирање на социјалните мрежи, се:
(а) Замена на знаењето со мислења (Тоа јас што мислам, тоа е вистината и крај!).
(б) Замена на знаење со „квази-смисловни наративи“, т.е. поедноставени објаснувања за сложени теми, како на пример теории на заговор (Бил Гејц!).
(в) Персонализирани верзии на „знаењето“ креирани во нашите ехо-комори (вистината е она што јас го комуницирам со моите пријатели и оние кои се согласуваат со мене).
(г) Лажно знаење креирано врз лажни информации за креирање лажни реалности (т.е. наменски симулации на реалноста, еден вид виртуелни политички реалности во кои имате парадоксални ситуации каде толпи го напаѓаат Капитол хил под изговор дека се борат против фашисти, додека другата страна ги обвинува дека тие се фашисти).
Комуникациски живееме во ера на преинформираност и лажни знаења кои ни создаваат чувство дека знаеме, но не ни даваат вистинско знаење кое може корисно да го применуваме. Чесно е понекогаш сократовски да си признаеме оти знаеме дека не знаеме. Тоа што ги имаме сите информации на дланка не е доволно.
Влегувајќи во четвртиот (???) месец од пандемиската криза може да се каже дека неизвесноста околу вирусот SARS-CoV-2 и болеста COVID-19 продолжува.
Во некои земји се зборува за втор бран или пак втор пик од првиот бран, кој всушност и не завршил. Во Македонија бројката на заразени не се намалува ниту кон средината на јуни, додека во светот бројките варираат по региони или растат во земјите од јужната хемисфера. Ограничувањата за патувања уште се на сила во голем број земји и допрва претстојат олеснувања на овие рестрикции под услов пандемијата да почне да стивнува.
Пролонгирањето на кризата влијае негативно врз многу области, па покрај здравјето и психофизичката состојба на луѓето сериозно се засегнати економијата, односите помеѓу државите, политичкиот живот, медиумите и ред други.
Низ овој текст ќе бидат спомнати дел од причинителите за продолжувањето на кризата, а кои се поврзани со комуницирањето и медиумите.
Кривата на стравот
Во еден од претходните текстови на овој блог за пандемиската криза беше напомнато дека „најопасниот вирус е стравот, а тој најмногу се храни со погрешни и лажни информации“. Стравот не само што опстојува низ оваа криза и неизвесност, туку и се зголемува. Кривата на стравот е во постојан пораст, но бидејќи е многу потешко објективно да се измери, за неа помалку и се зборува. Игнорирањето на стравот како фактор при справувањето со кризата резултира со тоа тој и понатаму да тлее, да расте или да се манифестира индиректно. Покрај вообичаените појави, како што се анксиозноста, неврозата, несигурноста и други негативни психолошки реакции, стравот влијае врз зголемена агресивност, а често се трансформира и во омраза и ирационално однесување.
Начинот како се менаџира стравот во кризни ситуации многу влијае за тоа како населението се однесува и колку се придржува кон мерките за нивна заштита.
Секако, за ова многу важен е и факторот време. Што подолго трае кризата, толку повеќе опстојуваат условите за пораст на стравот. Сепак, оваа пандемија покажува дека клучните општествени фактори, институциите и медиумите на пример, најчесто го користат стравот да го олеснат реализирањето на своите цели. Ова можевме да го видиме преку различни случаи каде институциите и нивните претставници, не само во Македонија, преку прес-конференциите често порачуваа: „Ако граѓаните не се придржуват кон мерките, ќе се зајакнат рестрикциите“, „Ако граѓаните не бидат дисциплинирани, ќе ги вратиме мерките“, „Непочитувањето мора строго да се казнува!“, и така натаму. Комуникациски и психолошки ваквите пораки можат да имаат позитивен ефект за почитување на мерките, но само ако се применуваат навремено и со ограничено времетрање. Ако овој тип на комуникација континуирано доминира, апелирањето спакувано со закани од рестрикции постапно ќе почне да губи ефект, а потоа преминува во фаза на контра-ефекти, односно го засилуваат непочитувањето на мерките и ирационалното однесување.
Еден од острите премини во односот кон рестриктивните мерки во Македонија е регистриран и во истражувањето на ИОХН-С каде тој се нотира негде на почетокот на април.
Еден од начините за зголемено ирационално однесување е игнорирањето на постоењето на вирусот и тврдењето дека тој не постои, што воедно е одбранбен психолошки механизам. Кога не можете да се справите со стравот и неизвесноста, одреден број луѓе се приклонуваат да веруваат дека тој и не постои, со што се обидуваат да го исклучат стравот од својата перцепција на реалноста. Друг тип на манифестација е страв од од изолација или стигматизација каде заболените во зголемен број почнуваат да кријат дека се заразени или дека се под ризик од зараза.
Заканите со рестрикции и строги санкции по одреден период почнуваат да делуваат негативно затоа што го зголемуваат стравот. Во рамките на кризните штабови и другите институции кои носат важни одлуки за основните граѓански права, како што се забрани на движење и начини на социјализација, покрај здравствени експерти треба да вклучат и психолози и други стручни лица од сличен профил.
Комуникациски пак пораките треба да бидат прилагодени и поразновидни, а не стриктно фокусирани на стравот како агенс кој ќе ги наведе граѓаните кон одредено однесување. Менаџирањето на постоечкиот страв е клучна одговорност на комуникаторот од што зависи дали неговиот глас ќе биде послушан или игнориран. Пораките треба да бидат насочени подеднакво кон развивање на солидарност и емпатија, а со тоа и во доверба во системот и институциите дека тие ќе ги заштитат граѓаните. Притисокот од рестрикции и медиумската наклонетост кон негативните примери (990 почитувачи на мерките не се вест, но 10 непочитувачи се вест) исто така влијае спротивно од чувството за солидарност и доверба во системот.
Медиумски неред
Медиумите во најголем број растечкиот страв и неизвесноста се обидуваат да ги конвертираат во поголема гледаност и читаност. Покрај триковите со кликбејтови со кои ги намамуваат исплашените посетители на своите сајтови, потоа лажните вести, манипулативните содржини и теориите на заговор, медиумите исто така почнаа да се натпреваруваат кој прв, пред официјалните информации, ќе ја објави бројката на новозаразени. Во соопштението на Советот за етика се детектирани најголемиот број од овие проблеми во работата на медиумите:
„Советот за етика во медиумите (СЕММ) продолжува да реагира на зачестените случаи на неетичко и непрофесионално известување, а особено на ширењето шпекулации кај одредени медиуми во врска со пандемијата на коронавирусот. Едностраното и шпекулативното известување во вакви услови може дополнително да ја зголеми вознемиреноста и паниката и да поттикне нерационално однесување од страна на граѓаните“.
Користењето на стравот од медиумите за поголема гледаност и читаност е како играње со огин. Работите лесно можат да излезат од контрола и да нанесат несогледиви штети за општеството. Потребна е голема одговорност, а стравот не смее да се инструментализира за вакви цели. Неопходно е да се најдат и разрешат причинителите на стравот за да се овозможи рационално однесување и позитивна комуникација, односно кога се упатуваат апели да дојде до нивно почитување.
Зад омразата и ирационалното однесување најчесто стои некој страв. Нужно е да се разбере и отстрани стравот.
Политизација
Политизацијата мошне негативно влијае за дисциплинираноста на граѓаните во време на криза, дури и кога мерките се за нивна лична заштита, односно кога нивното здравје е јавното добро. Ако некој успех на одредена личност или институција се политизира, неизбежна е спротивната реакција, секој нивен неуспех да се предимензионира за политички цели. Работата може да се влоши и со фабрикување на пропусти или префрлање на сета одговорност врз нив. Со тоа се оформува маѓепсан круг на неодговорност каде секогаш за проблемите и кризата е одговорен некој друг.
Македонија за жал влезе и во оваа штетна фаза со самиот факт што пандемијата ја затекна земјата во период на предизборие. Пандемијата и здравствената криза стануваат врвно политичко прашање и главна тема во меѓупартиската борба. Ова неизбежно наместо кон солидарност и социјална дисциплина, води кон поларизација и нетрпеливост.
Потоа следат непочитување на законите, уредбите, рестрикциите, карантините и ред други мери и мерки. Граѓаните кои ги почитуваат мерките се чувствуваат неоправдано казнети поради оние кои не ги почитуваат и така во круг. Системот на пропишано однесување не може да се одржи кога оние што ги почитуваат мерките се чувствуваат како идиоти. Конечно, и тие креваат раце и стануваат „непослушни“.
Политизацијата влијае комуникациски да се исклучат оние кои се на другата страна од поставените партиски и политички линии на лојалност, и да се практикува ирационална непослушност. Медиумите кои го експлоатираат ова ја зголемуваат поларизацијата со објавување на потпалувачки и раздразнувачки содржини. Исто така, политизацијата влијае на „институционалното разногласие“, како во македонскиот пример каде различни гласови доаѓаа од Комисијата за заразни болести, Владата, министрите од власта и опозицијата во техничката влада, партиите, верските заедници, па дури и од стручната фела. Ваквото разногласие, кое често преминува во какофонија, очекувано влијае за појави на игнорирање или комуникациско исклучување на нивните пораки.
Комуникациска проксемика
Македонија и регионот се наоѓаат помеѓу две поголеми култури, медитеранската и блискоазиската, каде комуникациските навики се многу наклонети кон физичкиот контакт. Многу од нив се прифатени и на Балканот, ракувања, гушкања, прегрнувања, собирања, заеднички гоштевања и слично. Кога довербата во институциите и медиумите ќе се наруши значително, на многумина не им останува надеж во ништо друго освен во потесниот круг пријатели и во семејството. Потребата од присна комуникација со нив се зголемува и поради стравот од изолираност предизвикан од пролонгираната криза.
Во клучните препораки за заштита од вирусот, на пример беше вклучено „социјалното дистанцирање“ (social distancing), што создаде чувство дека другите се опасност за нас и дека мора целосно да се изолираме. Поточниот израз кој веројатно подобро ќе ја пренесеше клучната препорака е „физичко дистанцирање”, а не целосно исклучување од интеракцијата со другите. Долгото изолирање влијае врз потребата да се вратиме кон претходните комуникациски навики и статус квото пред кризата.
Наместо заклучок
И конечно, важно е да се напомене дека сите овие проблеми или пропусти во системот не треба да се користат како причина за наше неодговорно однесување или за непочитување на мерките. Секој граѓанин носи дел од својата одговорност и треба да придонесе преку личната заштита и одговорност да се подобри колективната безбедност во текот на пандемијата.
Comments Off on Како процесираме информации во кризни ситуации?Media, News
Најопасниот вирус е СТРАВОТ, а тој најмногу се храни со погрешни и лажни информации.
Како ги процесираме информациите во време на кризи?
Прва фаза – Неизвесност
Во време на криза или тензии чувстваме неизвесност. Примаме секакви информации, гласини, реакции, мислења…Не знаеме на што да веруваме, кому да веруваме, колку да веруваме. Дали да ѝ веруваме на државата, на политичарите, на јавните личности, на колегите, на пријателите, на социјалните мрежи? Дали да одиме на работа, дали да излеземе до пријателите, дали да правиме залихи? Многу прашања кои бараат одговори.
Втора фаза – Барање информации и смисла
Неизвесноста води кон тоа постојано да се обидуваме да РАЗБЕРЕМЕ што се случува, да најдеме некаква смисла во неизвесноста и конфузната реалност, бараме одговори. Затоа засилено бараме информации, комуницираме поактивно со другите, разменуваме мислења, импресии, ставови, впиваме сè и сешто…
Трета фаза – Склопување на мозаикот
Од прибраните информации и импресии креираме слика за настаните, чувства за нив и оформуваме ставови. Конфузијата и контрадикторните информации нè наведуваат често некритички да прифаќаме туѓи или готови групни ставови. Обидувајќи се да ја оформиме целосната слика за реалноста, многумина од нас прават грешки, па мешаме факти и мислења, веруваме на луѓе само затоа што ни се блиски, се солидаризираме со други или пак одбиваме факти од луѓе кои се различни од нас.
Четврта фаза – Споделување и ширење на нашите ставови и чувства
Откако ќе оформиме одредена слика за реалноста и настаните чувствуваме потреба да ги пренесеме и да ги споделиме. Интензивно комуницираме на сите страни, сакаме на другите да им пренесеме што доживуваме, како се чувствуваме, ги споредуваме своите погледи со другите, љубопитни сме што тие мислат, и.т.н.
Петта фаза – Креирање на доминантно групно мислење и ставови
По претходните фази, бројките го прават своето, а предност добиваат мислењата и ставовите на мнозинството. Она во што веруваат и за што зборуваат најголем број од луѓето околу нас станува доминантен став кој го управува нашето чувство за реалност, но и влијае врз останатите кои имаат поинакви погледи.
Во каква интеракција се овие 5 фази?
Во првата фаза неизвесноста лесно може да се развие во СТРАВ, особено ако има недостаток на потврдени информации и факти. Тука е најголема одговорноста на институциите и на медиумите. Првите мора редовно да објавуваат информации за сè што е потребно во дадени ситуации и што е од интерес за јавноста, а вторите да служат како платформи за ширење точни информаци. Воедно медиумите треба да ги исклучат од јавната комуникација непроверените и штетните информации. Ако стравот не се потисне уште во првата фаза, подоцна може да биде и предоцна. Стравот се однесува како лавина која кога ќе се забревта станува несопирлива. Сето она што го потхранува стравот мора да се спречи во најрана можна фаза.
Во втората фаза, мораме да внимаваме од каде собираме информации, кои се изворите, дали примаме факти или нечиви мислења, дали изворот е компетентен, дали можеме да му веруваме, дали некој ги проверил претходно информациите и сл. Сите ги сакаме своите бабички, чичковци или другари, но тоа не значи дека треба некритички да веруваме на сè што ќе ни пренесат или ќе закачат на Фејзбук.
Во третата фаза без разлика каква слика ќе оформиме за реалноста мора да бидеме отворени кон тоа дека таа е ограничена и нецелосна. Затоа треба постојано да ја проверуваме и да ја преиспитуваме, со цел да ги коригираме или дополниме своите погледи и ставови. Ова посебно се однесува на отвореност кон ставовите на искусни стручни лица. Стручноста и искуството треба да имаат предност над нашите лични ставови.
Во четвртата фаза мораме да бидеме внимателни и пробирливи што споделуваме. За сè што може да нанесе конфузија, штети или ги поткопува фактите мора да се воздржиме и да не го споделуваме. Може да биде тоа нешто во што сме најдлабоко убедени дека е точно, може и да биде некоја многу добра вест (најден е лекот!), но сепак мора да бидеме одговорни и да се прашаме кои се можните последици. Често нашите најдобри намери и проценки можат да бидат погрешно сфатени или изманипулирани.
Конечно, во петата фаза, клучните чинители од првата фаза, стручните лица, институциите и медиумите мора повратно да реагираат и да го балансираат јавното мнение со тоа што ќе објавуваат дополнителни информации кои треба да ги потиснат дезинформациите и гласините кои го потхрануваат стравот и можат да прераснат во паника.
Уништувајќи ги и негрижејќи се за институциите се уништуваме себе си
Комуникацијата во време на кризи покажува дека секој од нас мора да биде одговорен кон заедницата и општеството во кое припаѓаме. Во кризни ситуации, кои не можеме да ги разрешиме како поединци, пресудна е способноста на наше вклучување и функционирање во координирани групи во кои расте капацитетот да се справиме со кризата. За координираноста на групата или заедницата најважна е правилната комуникација наведена погоре, а најголем предизвик е потиснување на стравот и паниката. Само точните информации можат да го спречат ширењето на вирусот на стравот.
Кризните ситуации покажуваат дека оспорувањето на системот, институциите, науката и стручноста се многу опасни активности, не за нив, туку за нас самите. Уништувајќи ги и негрижејќи се за нив се уништуваме себе си.
Comments Off on Медиумите против платформите, епизода 2020Information Society
Во исчекување дали во некој од наредните денови, или недели, ќе ги снема тв-каналите од вашите мали, големи, рамни или 4К екрани, мал осврт како работите дотуркаа до тука.
-Во она што гледаме од медиумите неколку локални селебритија се договараат како да изведат поткуп на обвинители и судии. Зборот „рекет,“ ако не е неточен, тогаш сигурно е недоволно прецизен, бидејќи именува само една од (можните) внатрешни релации на конспираторите.
-Колку имињата на истрагите, како што се пласирани во јавноста, се професионално именување, а колку се работи за прикрпен пиар за медиумите? Во ред е од практични комуникациски причини да се користи некој термин за истрагата, но ако тој е упростувачки, сензационалистички или со самото свое значење ја загрозува презумпцијата на невиност, тогаш треба да се преиспита како истрагите и случаите добиваат имиња.
2. Вестите од случајот и објавувањето на видео-снимките предизвикаа „лавина од реакции“
Синтагмава „лавини од реакции“ треба внимателно да се сецира. Во оваа медиумска салата има многу состојки, а некои од нив е дискутабилно дали се баш препорачливи за конзумирање:
-На главните електронски медиуми одеа површни и описни информации (Новинар Х: „На видеото се гледа како…дрн-дрн“).
-Имаше само куси импресионистички изјави од засегнати и одговорни страни, (а) некои обвинителки биле многу згрозени од снимките, (б) ЈО си кажа дека не протекле снимките од кај нив.
Nota bene: Фантастична информација! Зошто ЈО, кое објавува само штури изјави како да се твитови што одвај им ги собира во 280 карактери, со цел да не ѝ наштетат на истрагата, воопшто би се поврзувало со видео снимки по италијански десничарски веб-портали? (некој сепак мисли поинаку).
-Бевме информирани дека „кешот од Рекет уште е во земјава“. „Тој кеш ќе се најде, ќе каже некој – велат високи извори од истрагата“. Кој ли ќе каже прв? Звучи како добра можност за тикет во обложувалница. Па продолжува „Трагата на парите се губи откако се подигнати од банка во кеш. Но еден дел знаеме каде е, друг дел се бараат, друг дел не можеме да го најдеме, а дел најверојатно е и потрошен бидејќи имаше повеќе време тие пари да се „легализираат“. Од сето ова научивме, како во онаа од скечевите на К-15, дека парите и одговорните или ќе се најдат, или нема да се најдат, најверојатно. Високите извори од истрагата ќе чекаат некому да му здосади и да пропее, макар од инает или љубомора.
3. Пак гореа социјалните мрежи (аман!)
Ок, на температури околу 40 степени се очекуваше дека социјалните мрежи пак ќе горат. Главната медиумска сеирџиска забава беа популарните „мемиња“. Хуморот е одлична работа, многу креативност, досетливост, релаксација од тензиите и слично. Супер. Но, треба малку да се замислиме дали ако само нè бива за хумор, а ништо друго не функционира, која е смислата и улогата на хуморот? Ако гори кровот од куќата, а вие наместо да се фатите за работада спасите што може, правите вицови и досетки, веројатно не е најпаметно за дадената ситуација. Ова секако примарно се однесува на медиумите и институциите, кои имаат далеку поголема јавна одговорност од фејзбукџиите и твитерџиите, иако сите заедно креираат одредена култура на сеирџизам, пасивност, апатија и неангажираност во работите од општ јавен интерес. Ако хуморот создава одредена енергија за институциски и граѓански активизам, тогаш тој е добар, но ако помага да се одржува статус кво, тогаш секако треба малку критички да се преиспита. Сите прават и споделуваат шеги и не се презема ништо конкретно или корисно. Вака испаѓа дека тие што треба да преземат нешто не прават ништо конкретно и заедно со нас останатите се смеат и споделуваат мемиња.
4. Некој во оваа држава треба да седне и убаво да изанализира дали Македонија воопшто има медиумски пазар
-Под ова „некој“ и „изанализира“ не се подразбираат рендом фејзбук статуси на македонските инфлуенцери и експерти, туку некој од стотиците и илјадниците професионалци и одговорни сектори (односно луѓе кои се платени и имаат, барем формално, соодветно образование и работно искуство), а кои се распослани по разни министерства, агенции, дирекции, организации, институции и институти.
-Во ред, да се каже апла дека Македонија нема медиумски пазар не е баш издржано. Треба малку да се специфицира каков е тој пазар и дали е нормално да биде таков. Замислете во вашата населба има, еве да речеме, супермаркет. Во него имате разни оддели, за храна, за пијалоци, за детергенти, кујнски производи, овошје, зеленчук, посебен оддел за месо, и сл. Производите имаат ознаки за состојки, рок на траење, упатства за користење, предупредувања, и други важни информации. Добивате сметка, може да се пожалите ако нешто не е во ред и да пријавите до одговорна институција на системот. И замислете сега, пропадне и се затвори супермаркетот, а на негово место се отвора кванташки пазар. Куп расфрлани тезги, анонимни тезгаџии, необележани производи, сомнителен квалитет, нема контрола што-кој-кому продава, по кои цени, нема никакви гаранции или одговорност. Распадот на информациско-комуникацискиот систем помалку наликува на експанзија на кванташки пазари на медиуми и информации во земјава. Саморегулацијата е прекрасна работа, но треба критички да се гледа и на неа. Ако во едно општество нема доволна медиумска писменост и одговорност, тогаш таа може лесно да води кон хаос, наместо кон слобода на медиумите, особено кога нема јасна одговорност.
5. Слободните (читај нерегулираните) портали, агрегатори и социјални мрежи ја обесмислуваат регулацијата на електронските медиуми
-Изрегулираните медиуми можат да ја бајпасираат регулацијата преку своите веб-изданија каде објавуваат содржини, кои се во трка за популарност и кликаност со неизрегулираните медиуми и често објавуваат таблоидни или полутаблоидни содржини далеку под стандардите на професионалното новинарство.
-Според последните достапни бројки, навистина 79.5% од граѓаните гледаат ТВ, односно најголем број граѓани се информираат од ТВ медиумите. Помала бројка граѓани (околу 50%) се информираат преку интернет. Но, овие бројки мора да внимателно да се стават во контекст. Денес од интернет не се информира само оној кој нема интернет и оној кој не знае како да го користи. Да добиете информација од ТВ канал треба првин да го сочекате терминот, да изгледате неколку дози реклами пред воопшто да почнат вестите, да ја сочекате и темата која ве интересира и ред други вообичаени работи за ТВ. Времето кое треба да го погодите и да го потрошите со тв информирање е помалку практично од инстантното информирање на интернет. Да, бројките не го покажуваат тоа, но интернетот е далеку прв извор за информации на оние кои ги креираат содржините, медиумите, новинарите, инфлуенсерите, професионалците по институции и организации и слично.
Во таа смисла, телевизијата се потиснува, што се гледа и од содржините: често тие се преглед на веќе познати информации од интернет и социјалните мрежи, се користат информации од таму, се прилагодуваат за објавување на нив и слично. Интернетот и Социјалните мрежи ги диктираат трендовите во информирањето, главните теми, агенда сетингот, програмите, дебатите и слично, додека телевизијата каска и се обидува да ги стигне.
-Ако нерегулираниот интернет ги диктира тековите на информациите, тогаш регулацијата на телевизиите и радијата постапно губи од својата смисла. Таквата регулација е потребна, важна, треба да се одржи, но во реалноста таа полека станува правно-формално покритие за непречена експанзија на информацискиот метеж на интернет и СМ. Мала аналогија: да учествувате во сообраќајот за одредени превозни средства ви треба возачка дозвола, за други не. Да возите автомобил, автобус, камион, ви треба дозвола, односно мора да се подложите на регулација. Ако возите велосипед на пример, не ви треба дозвола. Но, замислете вакво нешто: по улиците да се појават толку многу велосипедисти, точкари, коњски запреги, и други транспортни фриленсери кои ќе ги блокираат другите возила да сообраќаат по улиците. Во таква ситуација мора да се направи нешто да се одблокира метежот. Тоа нужно не значи дека треба да се воведат дозволи за возење велосипед, туку едноставно и практично да се одреди кој каде ќе вози.
Текстов стана предолг за читање на интернет, па ќе го привршиме тука, иако останаа уште редица поенти, засега без специјални заклучоци, кои можете само да си ги изведете, низ призма на гореспомнатите примери и согледби. Клучната порака е дека комуникациите и медиумите се многу динамична категорија која не трпи догматски пристапи и сувопарни стратегии и анализи кои не се применуваат. Потребно е постојано критички да се следат и да се работи на нив континуирано.
Кога ќе ја слушнете онаа фраза, законите не се применуваат, тоа не значи дека тие не можат да се применат туку дека НИКОЈ НИШТО НЕ РАБОТИ конкретно.
Никој нема да може да каже што е „реално“ кога ќе завршат војните кои сега почнуваат.
Вернер Хајзенберг
Со овој цитат почнува книгата „Информатичка бомба“ на Пол Вирилио објавена во 1998 година. Во неа Вирилио на почетокот го опишува процесот како современата наука се откажала од „барањето на вистината“ и прераснала во техно-наука, односно се посветила на пронаоѓање напредни технологии. Ова, според авторот, предизвикува „милитаризација на науката“, а воените проекти и технологијата се потврдуваат како движечка сила на историјата.
Главната идеја која е проткаена низ редовите на оваа книга е дека „ерата на нуклеарното оружје и атомските бомби се придвижила кон ера на кибер-војни (cyberwars) и информатички бомби“. Интернетот бил развиен од Пентагон под првичното име Арпанет, за да потоа биде пуштен во слободна употреба како средство за поврзување на светот преку информациите. Поврзувањето преку Интернетот овозможи надминување на просторните и географските ограничувања. Но, реалноста, која е суштински одредена од физичкиот простор и растојанијата, сега е надополнета со „виртуелна реалност“ која продуцира и репродуцира свои информации кои ја менуваат вистинската реалност.
Светот кој го опишува Вирилио во кој сè што е локално станува глобално, постои само едно „светско време“, а сите настани кои се одвиваат можат да се пренесат глобално во секој миг. Од многуте оригинални идеи и концепти кои ги развива во оваа книга, клучни се веројатно следниве две:
Секој од нас може во секој момент да пренесува свои информации низ светот, а во исто време и светот може постојано да ѕирка во нашите животи и она што го правиме. Со ова се развива своевиден „теле-надзор“ (tele-surveillance’) преку кој сите стануваме дел од глобалната виртуелна реалност, под постојан надзор.
Во ваквиот интегриран свет информацијата е примарно оружје во сите сфери, од воената индустрија до бизнисот. Информатичката бомба е средство со кое виртуелните идеи (преку информациите) добиваат моќ да ја искривуваат и уништуваат вистинската реалност.
„Бомбите“ станаа конвенционално оружје и во Македонија
Дваесетина години подоцна читањето на оваа книга ни дава многу поинакви асоцијации со реалноста. Повеќе не се работи за провокативни идеи за една хипотетичка техно-иднина, туку сè повеќе наликува на опис на постоечката реалност. Постојаниот теле-надзор и информатичките бомби станаа секојдневие, и тоа не само затоа што во 2015 материјалите од незаконското прислушување беа објавувани како „бомби“. Примерите се редат секојдневно, како во Македонија, така и глобално. Прислушувањето и објавувањето „бомби“ станаа речиси конвенционално оружје во политиката, бизнисот и во многу други области.
Само во Македонија, која има долг историјат на
развиени системи за прислушување, од 2000 година наваму, можеме да ги наведеме
следниве случаи:
-јануари 2000, Аферата
„Големото уво“ – Лидерот на тогашната
опозиција (Бранко Црвенковски) обелоденува стенограми од разговори на
политичари, новинари и дипломати кои биле прислушкувани.
-март 2015, Опозициската СДСМ започнува со објавувањето на материјали на незаконски прислушуваните телефонски разговори на над 20,000 лица, именуван и како „Вистината за Македонија“.
-2016, YouTube корисник под псевдоним Tesla објавува приватни телефонски разговори од ескпратеничката Ермира Мехмети, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот премиер Хари Костов, бизнисменот Јордан Камчев, екс-уредниците на „Сител ТВ“, Драган Павловиќ – Латас Ивона Талевска, и новинарката Оливера Трајковска.
-април 2019, во Прилеп приведен е Љупчо Палевски откако на разглас во Прилеп пуштал нелегално прислушувани телефонски разговори, таканаречени „бомби“.
-април 2019, Под псевдоним Илија Громовник на руската мрежа vk.com (ВКонтакте) објавени се неколку снимки со бившиот претседател Бранко Црвенковски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за внатрешни работи Јанкуловска и Фрчковски.
-мај 2019, Пратеникот Павле Богоевски поднесува оставка откако во јавноста беше објавена аудио снимка со негов компромитирачки разговор. Според Богоевски, тој бил снимен од возач на такси возило додека разговарал на мобилен телефон.
-мај-јуни 2019, Под псевдоним „Ел Чека“ објавени се серија снимки од телефонски разговори на високи функционери на партијата ДУИ. Снимките биле објавувани од Чикаго, САД, со наводна намера да се отпочне меѓународна истрага за „Кумановскиот случај“ од 9 мај 2015 год.
-јуни 2019, Објавена е „аудио-бомба“ од состанок со која се обвинува Генералниот секретар на Владата за наводно местење тендери.
-јули 2019, Објавени се снимки на телефонски
разговори на Премиерот Зоран
Заев со руски комичари кои лажно се
претставиле како странски државници.
Само во последните 4 месеци се објавени десетици домашни „аудио-бомби“ и станува јасно дека ваквите методи веќе се доминантно „оружје“ во политичката борба. Како се развиваат работите, веројатно ќе бидат потребни уште 4-5 специјални обвинителства да ги истражуваат новите прислушкувани разговори кои континуирано се објавуваат.
Инфо-војни и инфо-војници
Според класификацијата на експертскиот тим од Советот на Европа, ваквите снимки се сметаат за „наштетувачки информации“ (mal-information, информации кои треба да предизвикаат штета) – односно информации кои се објавуваат со цел да се наштети некому и вообичаено се работи за објавување приватни, класифицирани, тајни или друг вид заштитени информации. Станува јасно дека се работи за светски проширен феномен, кој доби глобален замав пред неколку години со објавите на Викиликс и материјалите на Сноуден.
Последната актуелна вест е објавата на BuzzFeed дека се во посед на снимени разговори во кои соработници на италијанскиот премиер и руски државјани договараат финансиска подршка за партијата на премиерот, за наводна подршка на политичките интереси на Кремљин.
Со овие случувања во голема мера се потврдуваат тезите на Вирилио за виртуелна реалност на глобално ниво, каде секој секого може да прислушува и во која информатичките бомби стануваат најважно конвенционално оружје во борбата за политичка, воена и економска моќ. Покрај исполнетите предвидувања на Вирилио мора да се напомене трендот на сè позагрижувачка злоупотреба на технологијата во сите сфери. Треба сериозно да се запрашаме каде води сето ова?
Наместо комуникациските технологии да ја засилуваат демократизацијата и директната комуникација, тие сè повеќе се користат како оружје во разузнувачко-прислушкувачки војни помеѓу политичките играчи, а новиот вид на инфо-војници, „аудио-бомбашите“, станаа секојдневна појава. Ако не се сменат трендовите неминовно се движиме кон иднина во која ќе живееме нова епизода во која технологијата наместо да го ослободува ќе го заробува и угнетува човекот. Покрај ова, ќе се нормализира праксата дека имаме право другите не само да ги следиме и набљудуваме во секој миг, туку и да им ја одземаме приватноста, слободата и правата, секогаш кога тоа ќе го посакаме или имаме некаква полза од тоа.
Во период од само неколку недели две популарни тв-серии на HBO (Home Box Office) беа дел од светските вести и предизвикаа бројни и бурни реакции:
-Руските медиуми остро реагираа на мини тв-серијата на НВО за Чернобилската хаварија, Chernobyl, 2019. Според нив, „серијата лажно прикажува наводна неспособност на Советскиот сојуз со цел да ја оцрнат Русија како нуклеарна сила“. Како одговор, руската телевизија NTV подготвува сценарио за своја верзија на Чернобилските настани, која ќе се базира на приказната дека зад хаваријата стојат агенти на ЦИА.
-По прикажувањето на последната сезона на „Игра на тронови“ (Game of Thrones), дел од фановите на оваа серија организираа петиција за „повторно снимање на последната сезона според ново сценарио и со нови сценаристи“. Петицијата засега има 1.6 милиони потписи, кои ја потврдуваат разочараноста на голем број фанови од крајот на серијата.
Овие два настани покажуваат колку публиката денес различно ја доживува популарната култура. Контроверзни дела имало од памтивек, тоа не е новина, а контроверзноста најчесто и била една од главните причини за популарноста на различни дела низ историјата на книжевноста, телевизијата и филмот. Она што е ново е идејата дека ликовите и филмовите, сериите, и др. сега им припаѓаат на самите гледачи, односно опстојува нова идеја дека публиката има право не само да каже свој став, туку и да одреди каква треба да биде приказната и ликовите.
Се работи за драстична промена за тоа како денес публиката ги конзумира содржините од медиумите, но и промена во тоа какво место во колективната меморија добиваат содржините од популарната култура. Помалку сето ова наликува како во театар публиката да ја прекине претставата и да почне да дава инструкции на актерите како да ја играат претставата. Линијата на разграничување помеѓу улогите на авторот, делото и публиката, сега се чини дека е поништена.
Овој феномен на „активизам на публиката“ има и свој кус историјат. Еден од првите случаи публиката да не се согласува со крајот на некое филмско или тв-дело е реакцијата на фановите на крајот на тв-комедијата „Seinfeld“ во 1999 год. Критичарите и публиката беа силно поделени околу тоа како оваа серија заврши, посочувајќи ја контроверзноста на крајот, во кој според нив биле „навредени лојалните фанови на серијата со тоа што ликовите од Seinfeld потценувачки и потсмевачки се понеле кон својата публика“.
Слични негативни реакции следуваа по прикажувањето на втората трилогија на „Star Wars“ во 2005 година, кога беа иницирани петиции и различни негодувања за тоа како е продолжен овој филмски класик. Во 2010 година следуваше бурна реакција на гледачите по крајот на серијата „Изгубени“ (Lost). Овој пат разочараните фанови беа уште поорганизирани на интернет и својот бес го канализираа на сите можни места, од коментари на сајтови, преку блогови, до социјалните мрежи. Во случајот на Lost треба да се напомене дека авторите на серијата во претходните сезони, со цел да го зголемат интересот и вклученоста на публиката, ги охрабруваа нивните коментари и идеи за тоа како мислат дека треба да се развива и да заврши приказната на главните ликови. На крај, овој нов вид на партиципативност, т.е. учество на публиката, се покажа како клучна причина за крајно лошиот прием на крајот на серијата, но и за тоа како таа серија ќе биде запомнета.
Слично разочарување доживува и „Игра на тронови“, која од најдобро рангирана серија на сите времиња на неколку специјализирани сајтови (IMDB, Rotten Tоmatoes, и др.), по последната сезона почна бргу да паѓа во своите рејтинзи, а гневните фанови кампањски да гласаат и да коментираат против неа.
Овие реакции не се воопшто наивни, бидејќи влијаат не само на рејтинзите, туку и на гледаноста, а со тоа и на профитабилноста на целиот проект. Рон Хауард, режисерот на едно од продолженијата на „Војна на ѕвездите“ тврди дека ваквите кампањи и негативни реакции нанеле сериозни загуби во гледаност и во профит на „The Last Jedi“ .
Охрабрувањето на вклученоста, по одреден степен, почнува да го јаде самото дело, односно авторите се ставени во позиција да не можат не само да ги задоволат сите вкусови, туку и да го зачуваат интегритетот на своето дело. Значителен дел од публиката смета дека има право „да ги поседува ликовите и нивните дела и дека треба тие да одлучуваат за нивната судбина“. Публиката бара контрола врз своите омилени телевизиски и филмски ликови, како што има контрола врз ликовите од видео игрите и другите интерактивни форми.
Интернетот им овозможи на фановите не само да ги артикулираат своите ставови, туку и да го засилат влијанието врз тоа што и како се креира до степен што авторите се чувствуваат сè понемоќни да го контролираат својот творечки процес без да чувствуваат огромен притисок од можните негативни реакции. Нивните ликови и приказни како повеќе да не се нивни, со што е изместена рамнотежата помеѓу авторот и неговата публика. Засилената партиципација, овозможена од Интернетот и социјалните мрежи, прераснува во дестабилизација на творењето.
Фридрих Енгелс во незавршеното дело „Дијалектика на природата“ пишува за феноменот „преминување на квантитет во квалитет“ (Friedrich Engels, 1883, Dialektik der Natur). Се работи за степен на прогресија во која со квантификација, односно умножување, на одреден феномен или процес, при достигнување на одредена точка, постојниот квалитет целосно преминува во сосема поинаков квалитет. Вака настанатата промена целосно ја менува природата на процесот. „Одеднаш и без предупредување наместо повеќе од истото добиваме нешто сосема друго“. На пример, ако додавате премногу кафе во водата во одреден степен квалитетот на пијалокот кој го подготвувате ќе премине во нешто сосема поразлично од обично кафе за пиење.
И информациите се подложни на ова правило. Квантификацијата на информациите веќе преминува во степен кој го менува квалитетот на процесот на размена и користење на информациите. Мислењето на публиката го надминува степенот на позитивен фидбек и прераснува во лавина која го затрупува самото дело.
Andrew Keen во својата книга „The Cult of the Amateur“ (2007) предупредува на тоа дека „новиот интернет може да го уништи професионализмот во многу сфери“. За жал се чини дека неговите предупредувања се остваруваат и дека „станува невозможно да се создаваат квалитетни дела помеѓу толкаво количество на содржини и информации од корисниците“.
Интернетот и СМ овозможија не само нови начини за учество (партиципација), туку и предизвикаа грчевита борба за тоа кој ги контролира приказните (наративите). Во таа борба, откако беше вклучена публика и корисниците, се вклучија и центрите на политичка моќ (како во случајот со серијата Чернобил), кои се прилично засегнати од тоа какви приказни ќе доминираат со нашата реалност. Во таа борба кој одредува кои се нашите приказни во кои веруваме, се фрагментира не само јавноста и публиката, туку и самите приказни и содржини, кои полека ја губат својата моќ да ги поврзуваат луѓето околу заеднички нешта. Овој процес на ерозија на нештата кои нè поврзуваат треба сите да нè загрижи.
Социјалните мрежи и Интернетот станаа машина за фрагментација на јавноста во микрогрупи кои се во постојан конфликт со различните од себе, и кои бараат излез од својата немоќ. Светот е толку изменет што старите правила повеќе не функционираат, потребни се нови правила кои ќе овозможат макар пристојна рамнотежа на вредностите кои се важни за сите нас.
Comments Off on Политизација на медиумите и хибридно војувањеMedia, Society
Во својот развој медиумите поминуваат низ три главни фази: популаризација, комерцијализација и политизација.
Политизацијата е последната фаза која настапува откако медиумите успешно ги исполниле фазите на популаризација и зголемување на профитабилноста. Нивното постигнато влијание се монетизира, а потоа и политизира.
Социјалните мрежи не се исклучок од оваа еволуција. Нивната политизација започна таму и од каде потекнуваат, во САД. По неколку локални и експериментални обиди, употребата на социјалните мрежи за политичка мобилизација доживеа прв голем успех со претседателските избори во САД во 2008. Тимот кој ја водеше кампањата на Барак Обама за еден од главните приоритети ги постави онлајн медиумите и социјалните мрежи. Целите беа собирање донации и мобилизација на помладите гласачи. Оваа успешна приказна подоцна послужи како модел не само за „позитивна политизација“ на социјалните мрежи (главно Фејзбук и Твитер), туку и за обиди за демократизација во редица земји од Латинска Америка, Африка и Блискиот Исток. Некои од овие „Фејзбук револуции“ донесоа демократски промени, некои за жал кулминираа во воени конфликти.
По 2014 година и во текот на претседателските избори во САД во 2016 политизацијата на социјалните мрежи влезе во нова фаза. Развиениот модел на политички онлајн активизам беше сменет со нов „поефикасен политички модел“: информациско-политичко војување, како дел од т.н. „хибридна војна“. Овој модел се заснова на политичка мобилизација на масите преку дезинформации, поларизирачка пропаганда и масовно ширење на „политики на омраза“. Претходните методи на прислушување, хакерски напади и надзор (mass-surveilance) беа надградени со употреба на социјалните мрежи за масовна политичка пропаганда и планско дезинформирање, за да потоа бидат дел од хибридното војување.
Зачетоците на овој модел се наоѓаат во „доктрината на Герасимов“, разработена од рускиот генерал Валериј Герасимов, за прв пат обзнанета во 2013 година во руско воено списание. Оваа доктрина ги промовира „информациската војна и пропагандата не како подршка на конвенционалното војување, туку како примарен и самостоен начин на предизвикување на конфликти и војување, кој може да предизвика поголеми штети и од вооружен конфликт“. Таа беше првично применета за проширување на воениот конфликт во Украина во 2014 година во која исти „пропагандни онлајн фабрики“, главно преку социјалните мрежи, објавуваа екстремистички содржини за двете конфликтни страни во Украина.
Моделот на политичка поларизација и онлајн систем на дезинфомирање е применет подоцна во 2016 во Британија и во САД резултурајќи во два клучни гео-политички настани, Брегзит и победата на Трамп на претседателските избори во САД. Како резултат на овие процеси слични употреби на социјалните мрежи станаа секојдневие во голем број земји ширум светот.
Борбата со дезинформациите засега тежнее кон обиди за помала или поголема регулација на социјалните мрежи во различни делови од светот (САД, ЕУ, Британија, и др.), но предвидувањата се дека со тоа само ќе се ублажат негативните ефекти од нивната политизација и употреба во хибридното војување.
Клучниот проблем е што овој манипулативен модел на социјалните мрежи има потенцијал целосно да го поткопа процесот на демократско функционирање преку вирално ширење на дезинформации, а со тоа и нарушување на рационалното информирање и одлучување, особено во изборните процеси.
Во неколку од дијалозите на Платон, Сократ полемизира за разликата помеѓу демократијата и демагогијата. Демагогијата тој ја опишува како „владеење по пат на измама и убедување во лажна реалност“. Демагогијата е искривоколчување на демократијата. Избраните лидери демагози не се претставници на народна волја, туку манипулатори кои ја собираат подршката на масите искористувајќи ги нивните желби, предубедувања и стравови. Демагог е лидер на групи во кои граѓаните се деиндивидуализираат до ниво на толпа. Демагогот вака креираната лажна реалност ја преобликува во политика која привлекува маси. Социјалните мрежи денес станаа идеална алатка за вирално и масовно на ширење на демагошкиот модел на политики на омраза и создавање конфликти. Тие се покажаа како многу ефикасна комуникациска алатка зa овие намени, и ќе продолжат да бидат користени сè додека бидат доволно ефикасни, односно сè додека корисниците ќе бидат подложни на овие манипулации.
Со информациското и хибридното војување, како примарни технологии за развивање и водење конфликти, се заокружува уште еднаш циклусот на злоупотреби на комуникациските технологии во политичко-воени цели. Таков беше случајот со манипулациите на печатот во Првата светска војна, злоупотребите на радиото за ширеење на фашизмот, нацизмот и стаљинизмот пред, во текот и по Втората светска војна, злупотреба на телевизијата во текот на Студената војна, за да конечно се пронајде слична воено-политичка употреба на Интернетот и социјалните мрежи во 21-от век. Комуникациските технологии кои главно се развиени во воените лабаратории, по своето омасовување и проширување, повторно се враќаат во воените штабови и кај политичарите.
Од тоа како светот ќе се справи со овој предизвик на дезинформациите и инфо-војувањето во голема мера ќе зависи и иднината не само на медиумите и комуникациите, туку и на светот воопшто.
Кога Mark Zuckerberg, Chris Cox и Sheryl Sandberg ja осмислија и спроведуваа својата кампања “making the world more open and connected” (како Фејзбук да го направи светот пооотворен и поповрзан), позитивноста на ова мото се подразбираше. Се разбира дека светот ќе биде подобар ако биде поотворен и поповрзан, нели?
Ова мото на Фејзбук подоцна се покажа дека не беше обичен слоган или маркетинг крилатица. Со планско и упорно повторување ова прерасна во вистинска мантра во која беше вградена целата филозофија на овој онлајн гигант и послужи како катализатор на „новата мисија на компанијата да ги приближи луѓето едни кон други“ (Сompany’s new mission about bringing people closer together, Chris Cox, 2017).
Неколку години подоцна станува многу појасна двосмисленоста и опасноста на оваа мантра. Поотворен и поповрзан свет, ќе значи подобар свет, но под услов да се поврзувате со другите врз основа на размена на добри идеи, толеранција, разбирање, конструктивност, здружување, помагање, поттикнување на креативност, активизам за јавните интереси, и сл. Но, ако овие позитивни појави ги замените со нивните спротивности (деструкција, ширење на омраза, нетрпеливост, нетолеранција, дискриминација, злонамерност), тогаш поотворениот и поповрзан свет на Фејзбук од сон прераснува во комшмар. Поврзувањето и отворањето мора да биде проследено и со одговорност што се поврзува, кон кого го отворате светот, кого сè правите достапен за поврзување. За ова Фејзбук сè уште нема мото.
Ако светот е поповрзан, а преовлада негативноста, тогаш поврзувањето нè води кон уништување и можност да се оствари она на што предупредуваше Жил Верн: „Последица на човековото креирање на машините и технологијата, ќе биде тоа да биде проголтан од нив“. Ова многу бргу го сфатија оние кои позитивните потенцијали на социјалните мрежи вешто ги свртеа на своја воденица и нив постапно ги трансформираа во арена за политичка, идеолошка, комерцијална и други видови пропаганда.
Зошто негативноста добива толкав замав и може да преовлада со помош на комуникациските технологии?
Одговорите не се едноставни, но во суштина се сведуваат на тоа дека „омразата и негативноста имаат поголемо мобилизирачко влијание“ (Wendy W. Moe, Social Media Intelligence, 2014). На пример, ако ги погледнете страниците и профилите на брендовите и компаниите, форумите, и другите комуникациски канали далеку поголем е бројот на оние кои пишуваат негативно, критикуваат, се жалат, дури и навредуваат и се закануваат“. Корисниците кои се задоволни се далеку помалку мотивирани да ги пренесуваат своите позитивни искуства или пак да одвојат дел од своето време за да ги фалат услугите и искуствата со некоја услуга или производ. Обично, во пиар еснафот се вели, „плукањето ви е бесплатно, а за да ве пофалат, мора да им платите“ (ibid.).
Втор важен фактор е културата и менталитетот на самото општество. Ако омразата, поделеноста, нетолерантноста, се честа појава во едно општество, Фејзбук, социјалните мрежи и комуникациските технологии, кои го чинат светот поповрзан, само ќе ги засилат овие појави (the amplification effect of technology). Кафето, на пример, може да ги поврзе луѓето за позитивни разговори, но може да биде поттикнувач на озборувања и сплеткарења, чија жртва некогаш може да биде дури и една империја (How Turkish coffee destroyed an empire). Слично и социјалните мрежи, поттикнуваат и засилуваат веќе постоечки „негативни комуникациски појави“. Со самото тоа што го олеснуваат нивното изведување и го засилуваат нивниот ефект, тие стануваат и средство и поттикнувач за негативното комуницирање.
Трето, отворениот и поврзан свет на Zuckerberg е потенцијално опасен со тоа што ги отстранува сите комуникациски филтри околу нас. Порано, кога ќе отворевте весник или ќе седневте пред ТВ да гледате вести, информациите беа претходно филтрирани на неколку нивоа (новинарски, уреднички, регулаторски, законски), односно некој одбрал и проверил што ќе прочитате. Да, ова филтрирање често беше средство за пропаганда (гледаме и читаме тоа што некој друг сака да го видиме), но имаше и свои заштитни ефекти, односно не можеше секаква глупост да стаса лесно до вас. Денес, социјалните мрежи и агрегаторите на вести, функционираат така што треба сами да се грижите и да филтрирате какви информации ќе стигнат до вас. А реалноста е што повеќето од нас или не знаат или ги мрзи да го прават тоа секојдневно или пак како што треба. Социјалните мрежи и агрегаторите, не се програмирани да ги филтрираат информациите според етички критериуми. За нив постои само еден закон за филтирање и сортирање, а тоа е „engagement“ (интеракција). Она на што корисниците повеќе кликаат најмногу и ќе се сервира на што поголем број луѓе, а ова најчесто се провокативни, контроверзни, скандалозни и друг вид поларизирачки или запаливи содржини.
„Не постои ниту една причина која би спречила некого наместо да гледа Фарма или некое друго ријалити шоу, да вклучи Youtube и да одгледа концерт на Рахмањинов. Слободата на избор подразбира човекот да ја преземе одговорноста за својата судбина. Дневно човекот мора да направи просечно 2,000 избори за својата судбина. И на тој човек му е дадено апсолутно право да избере да биде неинформиран, мрзелив, глупав, неуспешен и несреќен. Се работи за лична одлука“ (Антоније Пушиќ, 2018).
Реалноста е таква што повеќето од нас „бегаат од сопствената слобода“ (Ерих Фром) и ги бираат токму навидум полесните нешта, мрзеливоста пред активизмот, инертноста пред аналитичноста, субјективноста пред објективноста, омразата пред толеранцијата. Токму во ова се крие опасноста и на технологијата и на социјалните мрежи, да направат од нас да бидеме помалку луѓе, а повеќе пасивизирани, фрагментирани, огорчени, скептични и негативни „смартфон зомбија“.
Токму затоа, онаа стара дека ‘не треба да се верува во сè што ќе прочитате во весник’, сега е преформулирана во ‘не треба слепо да се верува во сè што ќе се види на интернет’. Исто, важно е да се гледа на социјалните мрежи не како на огледало на реалноста и на општеството, туку како на арена за пресметки, напаѓања, субверзии, секаков маркетинг, превласт на интереси, наративи, политичка моќ, комерцијални интереси и слично. Тоа што помеѓу ваквите содржини ќе видите по некоја фото галерија од вашите роднини или слатките бебиња и мачиња на вашите пријатели, не ја менува нивната суштина. Во таквата борба преовладува негативноста и суровоста, а социјалните мрежи стануваат искривено огледало кое не треба да го поистоветуваме со реалноста и да заборавиме и на позитивните страни на човековата природа и реалноста воопшто, како и на можноста да бидеме активни и работите да се менуваат на подобро.
Порано корисниците на социјалните мрежи пренесуваа информации од главните медиуми и дискутираа за нив. Сега главните медиуми пренесуваат содржини од социјалните мрежи и дискутираат за нив. Continue reading →
Во најновото истражување на Оксфордскиот универзитет се наведува дека „манипулирањето на јавното мислење преку социјалните мрежи станува сè поголема закана за јавниот живот“. Главни на удар се довербата во информациите и нивната вистинитост, што го поткопува демократскиот процес и одлучувањето на граѓаните во своите општества.
Редица владини агенции и политички партии ширум светот ги користат социјалните медиуми како платформи за ширење на штетни вести (junk news) и дезинформации, спроведување на цензура и контрола, како и за плански активности за поткопување на довербата во медиумите, јавните институции и науката.
Во листата на земји каде се потврдени вакви активности предничат САД, Русија, Кина, а потоа следат Бразил, Австрија, Германија, Мексико, Малезија, Венецуела, Филипини и други. Докажано е присуство на вакви манипулации во 48 земји (Македонија не е вклучена во истражувањето). Во секоја од овие (48) земји потврдена е барем една политичка партија или владина агенција која ги користи социјалните мрежи за манипулирање на домашното јавно мислење. Најчесто се работи за организирано ширење дезинформации во тек на избори и случаи каде земји кои се чувствуваат загрозени од штетни вести и странско политичко мешање презеле контра-активности и организирана онлајн пропаганда како одговор на овие, за нив, закани.
Мапа 1: Присуство и степен на организирани манипулациски активности на СМ (што потемно, толку повеќе)
Авторите потврдуваат дека т.н. „Computational Propaganda“, односно пропаганда која користи автоматска обработка на огромен број податоци, е во значителен пораст. Таа се надоолнува со платено рекламирање и таргетирање на корисници на СМ, како и со манипулирање на „SEO“ („search engine optimization“, т.е. оптимизирање на резултатите на големите онлајн пребарувачи). Покрај најпопуларните социјални мрежи, Фејзбук и Твитер, во автоматизираните манипулациски активности вклучени се и „чет-апликациите“ за муабетење, како на пример WhatsApp, Telegram и WeChat.
Кои се клучните техники во манипулирањето на СМ?
-Организирање на „cyber-troops“ (онлајн/кибер трупи, владини или партиски онлајн „војници“) и нивни координирани активности на популарни платформи. Нивна цел е засилување на одредена пропаганда и преземање контрола на дискусиите на СМ.
-Активностите на онлајн трупите можат да бидат ширење на подготвена пропаганда преку масовно објавување, споделување, лајкање, коментирање, линкување и сл. Тие можат да креираат лажна популарност, виралност, хистерија или морална паника. Често се користат и сервисите за рекламирање за засилување на ширењето на овие пораки.
-Координирани напади врз поединци и групи, како и креирање содржини за дефокусирање од други теми или проблеми. Планските и систематските напади врз поединци или помали групи се вршат преку т.н. тролање (исмевање, зезање) и директни напади преку говор на омраза или други видови на вербални напади и притисоци. Нивната цел е елиминирање на малцински, алтернативни или граѓански наративи и ставови спротивни на партиските или владините политики. Вакви активности се пронајдени во 27 од 48 држави наведени во извештајот.
-Креирање ботови, т.е. лажни профили, налози и сметки за ширење и дисеминација на онлајн пропаганда. Лажните профили можат да бидат контролирани од човечки фактор или целосно автоматизирани. Вакви случаи се потврдени во 47 од 48 земји од извештајот.
-Техники на „лажни вести“: Креирање на целосно лажни содржини (текст, фотографии, видеа) и нивно онлајн дистрибуирање, или пак манипулации со постоечки настани надополнети со дезинформации.
-Таргетирана пропаганда, односно користење на податоци од СМ кои овозможуваат испраќање на различни форми на пропаганда на различни корисници, со цел поефикасно влијание врз нив, особено во изборниот процес (види случај, Кембриџ аналитика).
На крај, може да видиме дека манипулирањето на социјалните медиуми прераснува во голем бизнис, а од 2010 година наваму потрошени се повеќе од пола милијарда долари на истражувања, развој и имплементација на операции за манипулирање на јавното мнение преку социјалните медиуми. Во дел од земјите како против-мерки оформени се сервиси и апликации за идентификување и пријавување на дезинформации, лажни вести, како и сервиси за проверка на факти. Сепак, вистинските предизвици допрва доаѓаат, а со нив и потребата од наоѓање и нови решенија.
Comments Off on За јазикот на омразатаLocal, Society
Многу се зборува за говорот на омраза. Се зборува во дебати, на разни предавања и конференции, во кампањи. Се зборува во бројни проекти, невладини, владини, регионални, интернационални, сите нè уверуваат колку е штетен говорот на омраза и колку се сериозни неговите последици. Во реалноста проблемот опстојува, со недоволни или незначителни промени. Каде е проблемот?
Говорот на омраза е само врвот на сантата мраз на Омразата. Се работи за многу сложен проблем кој мора да се третира долгорочно и сеопфатно.
Ако ви се случило да ви тече вода во купатило и повикате мајстор, мајсторот не ја зачепува дупката од кај тече, туку бара од кај тече водата. Бара, чука, копа, буши, растура плочки, раскопува сè што треба дур не го најде местото од каде тече. Ние говорот на омраза се обидуваме да го решиме со зачепување на дупките од каде што тој истекува. Не така.
Од каде тече говорот на омраза?
Говорот на омраза во нашата средина има две главни изворишта: „политиките на омраза“ и „културата (т.е. идентитетите засновани) на омраза“.
Политичките партии и нивните подизведувачи во медиумите и цивилниот сектор се главните креатори и пропагатори на политиките на омраза. Омразата се (зло)употребува како средство за мобилизација на членството и граѓаните, во услови на креирана опасност од некој друг. Тие ја создаваат и одржуваат атмосферата на постојана закана од друга партија, заедница, народ, држава, религија или култура. Некој ќе дојде и ќе ни земе сè што имаме, ќе нè уништи и разнебити и затоа мора да се мобилизираме и да возвратиме на таа закана на секаков можен начин. Ако треба и со сила. Омразата е само погонско гориво во таа, оправдана, борба. Проширеното злоупотребување на омразата во политички цели може да има кобни и фатални последици. Омразата е како ѕвер кој го храните и со кого ги плашите другите, сè додека не избега од ваша контрола. Кога тоа ќе се случи, тој ѕвер ги уништува другите, но многу често ги проголтува оние кои го чувале и хранеле.
Културата и идентитетите на омраза се најсложениот и најдлабокиот слој од кој извира говорот на омраза. Се работи за наталожени претстави (images) и наративи за нашите идентитети наспроти кои мора (?) да има некој друг идентитет кој е непријател. И тоа не обичен непријател, туку архи-непријател, вековен, исконски, вечен! Нашиот идентитет не е можен ако не постои тој Другиот, во однос на кој се дефинираме со тоа што го мразиме. Јас сум ЈАС затоа што го мразам тој (злиот) Другиот.
Без разлика на кое ниво да е оформен идентитетот, спортски, политички, верски, културен, сексуален, национален, расен, идеолошки, идентитетот заснован на омраза фукционира на ист начин: постојана борба и конфликт со Другиот. Говорот на омраза во исто време комуникациски ве идентификува како дел од својата група, се поврзувате со оние со кои користите исти зборови и изрази и ве групира наспроти Другиот. Условите за конфликт се оформени и тој потоа се манифестира зависно од надворешните услови. Додека постои надворешен систем на безбедносна и правна контрола (полиција, судство) конфликтот главно се реализира комуникациски и инцидентно, но во случај тие системи да крахираат, конфликтот лесно може да се трансформира во уништување без контрола.
Што да се чини (попрво) во вакви услови?
Мора да се спомене една важна одлика на времето во кое живееме: една од клучните особености на новите комуникациски технологии е засилувањето на ефектите од нашето комуницирање. Се засилуваат позитивните страни на ново-медиумското комуницирање, на пример, се поврзувате со пријатели и роднини на другиот крај од планетата. Но, во исто време се засилуваат и негативните страни на комуницирањето: луѓето со зли намери и вешти во ширењето на омразата исто така лесно се поврзуваат и го засилуваат ефектот на омразата. Социјалните мрежи стануваат расадник во сеењето и одгледувањето на говорот на омраза. Созреан тој потем може молскавично како вирус да ги уништи сите одбранбени механизми кои му стојат на патот.
Заклучно:
Да се сопре говорот на омраза, ако веќе не може да се искорени, мора истовремено да се дејствува на сите рамништа каде омразата и говорот во негова служба се оформуваат.
На ниво на комуникација тој треба безусловно и континуирано да се обележува, осудува и санкционира. Треба да му се откаже секаква поддршка, дури и кога се согласувате со некого за одреден став, користење говор на омраза е недозволиво. Реагирајте, посочете, осудете.
На рамниште на политики на омраза, дејствувајте свесно и совесно и не давајте поддршка на вакви „политики“: поединец обземен со омраза може да биде прилично штетен за својата средина, а замислете колкава може да биде штетата кога таква поединечна или групна омраза под своја контрола ќе добие ресурси на власта и можност својата омраза да ја легализира во процедури и закони.
И конечно, на рамниште на културата и идентитетите, образованието е сферата каде мора да се направат храбри чекори. Не само да се отстрануваат идеи и содржини кои можат да креираат или потхрануваат омраза, туку и да се промовираат идеи и содржини кои ќе имаат спротивен ефект, пред сè полезна и позитивна комуникација, како и промовирање на хуманоста и толеранцијата во денешниот вмрежен и поврзан свет.
Зголемениот број извори на информации и честите општествени превирања сѐ почесто ни ја наметнуваат потребата внимателно да бираме како и каде се информираме. Ви пренесуваме неколку корисни совети за тоа како да избегнете манипулативни и лажирани информации.
1. Провери го објавувачот
види го внимателно домејнот, провери да нема чудна веб адреса како com.co, go.com, или се работи за сајт/блог на WordPress платформа (лажните вести често се објавуваат на сајтови кои сакаат да ве залажат дека се работи за друг медиум кој ви е веќе познат).
провери дали сајтот на објавувачот има импресум (за нас, редакција, контакт), и провери дали медиумот има претходни случаи на лажни вести и пропаганда.
провери дали текстот е потпишан (ако е, дали авторот е познат, дали има онлајн референци за него, или други податоци кои го потврдуваат неговиот идентитет, лажните вести често немаат наведени автори).
2. Провери ја содржината
провери дали содржината на написот се согласува со насловот (лажните вести често имаат манипулативен наслов, т.н. кликомамец/clickbait).
провери дали текстот користи валидни извори на информации (други медиуми, институции, линкови и останати проверливи извори).
провери го датумот на објавување на веста (лажните вести често немаат датуми на објава).
провери ги фотографиите на https://images.google.com
дали текстот користи новинарски стил (лажните вести користат поедноставен јазик без новинарски жаргон).
дали текстот има многу печатни грешки (лажните вести се нелекторирани).
провери дали текстот пренесува информации само од една страна и еден извор на информации (учесник, очевидец, аналитичар, јавна личност и сл.).
Златно правило: Што поскандалозно звучи веста, толку повеќе треба да внимаваш и да ја провериш веста.
3. Како да провериш твитови и ФБ статуси
провери ги информациите преку пребарување на клучни зборови, имиња и локации на пребарувачи и агрегатори на вести, внимавај дали информациите се потврдени во најмалку 2-3 кредибилни медиуми од општа доверба
провери ги фотографиите на https://images.google.com/
провери дали се работи за т.н. „бот“, види ги деталите од профилот, другите содржини, био(графијата), профилната слика, време и фреквенција на објавување, и други детали кои ќе ти потврдат за каков корисник се работи (ѕирни го сервисот https://botcheck.me/).
ако медиумите и онлајн порталите цитираат само извори од социјалните мрежи, информациите земи ги со резерва и почекај/побарај потврда од други извори.
разгледај ги внимателно фотографиите и видеата, тие често можат да те излажат со селективно прикажување на само дел од целиот настан, или со манипулативно фокусирање и вадење од контекст, провери ги деталите од нив, како на пример локација, позадина, временски услови, годишно време, облека на прикажаните лица, и сл.
прашај пријател, локален жител, новинар или друго поискусно лице или познавач.
По неколку дискусии на социјалните мрежи за квалитетот на јавните дебати и за јазикот во медиумите, се обидов од поблиску да ги прибележам причините зошто овие програми често се критикувани дека се досадни.
Една од најчестите критики е дека медиумите се презаситени со дебати, а темите и гостите се повторуваат. Најголем дел од нив имаат слаба или воопшто немаат дополнителна продукција како поддршка на дебатите, и најчесто се сведува на седнување на маса на гостите и водителите. Продукциски, дебатите се веројатно најефтиниот тип на медиумски производ, што е важен фактор за нивната експанзија кај нас (заедно со контактните емисии).
Повторливоста и речиси непостоечката продукција зад нив, ги прави овие програми досадни, особено за помладите, на кои им е поинтересно следењето и водењето дискусии на Фејзбук или Твитер. Квалитетните телевизиски дебати и програми сè уште имаат клучна улога, особено во оддржувањето на дебатната и медиумската култура, преку еден вид лидерство во јавното дебатирање и водењето дијалог. И додека на Фејзбук или Твитер едноставно не оди на некого да му попувате како да пишува статуси или твитови, на професионалните медиуми колку-толку може да им се укажува како да се подобрува јазикот и медиумско-дебатната култура.
Еден од клучните проблеми во јавното дискутирање, е бришење на разликата помеѓу ФАКТ и МИСЛЕЊЕ. На социјалните мрежи, како подемократски форум каде секој може да се вклучи, тоа е масовна појава, фактите се користат минимално или само како поткрепа на личното, најчесто субјективно, мислење. Кај телевизиските дебати, како платформа каде доминантно учествува новинарската, политичката и експертската елита, иако во помала мера, правење разлика помеѓу факти и мислења, исто така е проблем. Често, во вести, дебати и други програми, на пример, човек претставен како стручно лице, експерт, кажува некој свој личен став и тоа се прикажува како „анализа“ или фактичка информација, а новинарите не водат доволно сметка правилно да ги контекстуализираат овие информации.
Понатаму, комуниколошки гледано, честа појава во медиумско-дебатниот социолект или жаргон, се долгите сложени реченици. Што подолга е реченицата, тоа подобро. Ова е еден остаток од т.н. „Кардељов синдром“ (сите сакале да пишуваат како другарот Кардељ, долги реченици, длабоки мисли, сложени конструкции, тешки думи да развијат). Денес за настапи во медиумите, особено на оние кои стигаат до нас преку онлајн палтформите, златни правила се „краткост и едноставност“. Едноставноста и директноста се доминантен комуникациски принцип, кој не трпи многу компромиси.
Исто така, честа е претераната употреба на англицизми и интернационализми. Не е проблем да се употреби интернационализам каде е тоа прикладно (интернет и демократија, наместо меѓумрежа и народовладение, на пример), но проблем е кога странскиот збор се употребува како дел од некаков „повисок стил и стручност во изразувањето“. Ова му доаѓа нешто како употребата на францускиот јазик во романите на Достоевски и Толстој кај ликовите аристократи. Не гледам зошто е толку подобро да се каже дискурс наместо говор, или наратив наместо јазик? Замислете некој наместо „реформски приоритет“ да каже „преобликувачко првенство“, колку ли тоа звучи смешно? Колку е посмешно, толку е потажно колку е преценет англискиот јазик, а потценет домашниот јазик.
И конечно, многу важна јазично-комуникациска одлика: употреба на многу клишеа и труизми.
КЛИШЕ е претерано користен, банален начин на изразување или употреба на стереотипен израз (фраза). Наместо да ја отслика повторливоста или општоста на некоја појава или однесување (како на пример при добра употреба на ПОГОВОРКА), клишето го користи јазикот да создаде привид дека е кажано нешто издржано или на место.
ТРУИЗАМ е изјава која е точна, но толку очигледна што не кажува ништо ново, ниту интересно.
Ова се јазични изрази кои наместо да сумираат некој сложен проблем или да го поедностават за полесно разбирање, всушност имаат неколку функции:
1) КОМУНИКАЦИСКА – (а) Се користат како „заклучно поентирање“ и за затворање на разговорот или дискусијата (крај на муабетот), (б) Наместо „не знам“, се користи клише или труизам за прикривање на незнаење или за недоволно знаење.
Примери има многу, но нивниот ефект е различен: Едно е да слушнеш „Сите мажи се исти!, да се согласиш со тоа или не, наспроти тоа да чуеш од доктор: „На нервна база ти е“, и потоа со месеци да голташ погрешни лекови.
2) СИМБОЛИЧКА – Ако го користам изразот, поседувам некое повисоко знаење (ЗНАЛЕЦ!) или стручност (ЕКСПЕРТ!). Пример, „Фали стратегија!“.
3) ИДЕОЛОШКО-КУЛТУРОЛОШКА – Се користат како средство за „мисло-блокирање“ (Thought Stoppers). Тоа се зборови или фрази кои обесхрабруваат критичко мислење и разумна дискусија на некоја тема. Обично тоа се труизми или клишеа кои навидум нудат едноставни одговори на комплексни проблеми, но всушност го блокираат понатамошното (критичко) размислување и дејствување (акција). Има еден куп вакви изрази:
Кај нас нема истражувања
Потребна е подетална анализа
Неопходна е стратегија
Неопходно е да се подигне свеста за ова прашање
Легислативата е добра, но недостасува нејзина примена во пракса
Треба да се работи на капацитетот на институциите
Институциите треба длабоко да се реформират
Наместо да се продолжи со подетално анализирање, во смисла „што понатаму“, овие изрази ја затвораат дискусијата и ја вртат во круг. Овие „мисло-блокатори“ се чести во политичкиот и новинарскиот јазик, како на пример: „Потребно е целосно да се имплементираат препораките на Прибе“ или „Владата треба целосно да се посвети на реформските приоритети“. Овде клучните поими „препораките на Прибе“ и „реформските приоритети“, се толку истрошени и апстрахирани што веќе малку кој од нас разбира што всушност тие значат.
Употребата под број 3 е многу честа појава во јавни дискусии, дебати и полемики. Таа е наследена од претходниот систем на едноумие и многу неодговорно им се пренесува на помладите како нешто „нормално“. Некогаш се користат со намера да се прекине непријатна дебата, некогаш да наведат кон одредено мислење, но најчесто по навика (сите така прават!). Но, во суштина не се работи за навика, туку за „комуникациско условување“ (conditioning) по пат на повторување.
Што е суштината на овие комуникациски пракси?
Јазикот и културата се тесно и нераскинливо поврзани. Јазичната пракса ја отсликува, но и ги оддржува културата и менталитетот. Претерано користење на клишеа, труизми и стереотипи, особено во медиумите и во јазикот на „експертите“, има клучна улога во оддржување на статус кво. Зборовите не водат кон дејствување, туку ја прекинуваат врската во тријадата „идеја-збор-дело“. Никако да се прескокне јазот збор-кон-дело. Можеби затоа транзицијата никако да заврши, а реформите доживуваат десети изданија и промени на хартија.
Исто така, овие појави помагаат во оддржување на поданичкиот менталитет. За ваквата употреба на јазикот, пасивизација и контрола, пишувал Роберт Лифтон во „Thought Reform and the Psychology of Totalism, 1961”: „Јазикот кој користи клишеа за блокирање на мислењето (thought-terminating cliché) сложените проблеми ги сведува на редуктивни фрази, кои лесно се помнат и лесно се изразуваат, а со нив почнува и завршува секаква идеолошка анализа“. Со други зборови, јазикот ја контролира мислата, а не ѝ служи на мислата. Оддржување на статус квото, според него, поттикнува пасивност и апатија, а тие ги потхрануваат поданичкиот менталитет („Наведната глава сабја не ја сече“, народна поговорка) и колективизмот („Во стадото смрди, но затоа е топло“, Мирослав Крлежа).