Posts by Sead

Што е тоа преинформираност?

Марк Твен еднаш има кажано: „Ако не читаш весници, тогаш си неинформиран. Ако пак читаш весници, тогаш си дезинформиран“.

Арно ама, веројатно најпознатиот цитат за дезинформациите е дезинформација. Continue reading

Што е тоа комуникациска рамка?

Комуникациска или дискурзивна рамка е дијапазон од идеи кои се прифатливи во јавната комуникација. Терминот е познат и како „Overton Window“ според Џозеф Овертон (Joseph P. Overton).

Во самата дискурзивна рамка постојат различни степени помеѓу крајностите „максимум слобода“ и „минимум слобода“, меѓу кои се: нормално, очекувано, разумно, радикално, налудничаво и незамисливо. Еден исечок или дел од таа оска е она што се нарекува нормално или очекувано. Тоа најчесто се идеи, постапки, навики, информации, комуницирање и однесување кои се сметаат за нормални и прифатливи за таа заедница или општество. Околу ова тежиште се формира чувството за очекуваност од она што се случува и комуницира во општествено-политичкиот живот. Најголем дел од содржините кои ги следите преку медиумите и за кои се зборува, постапно го зацврстуваат во вас ова чувство за нормалност.

Но, што ако од позиција на (претендент за) моќ тоа консензуално чувство на нормалност не ви одговара? Сакате да го смените и да воведете нешто различно кое повеќе ќе ви одговара?

Една од најманипулативните техники за вакво отклонување или поместување на нормалноста е т.н. екстремификација или хардкоризација. Како се прави тоа?

Да добиете мал или постапен отклон од „нормалноста“ која не ви одговара и да стигнете кон поинаква „нормалност“ која ви одговара, мора да го изместите тежиштето на комуникациската рамка со клатење на крајните полови на таа рамка. Тоа значи уфрлање во јавна комуникација и однесување нешто радикално, незамисливо или налудничаво, во споредба со кои поместувањата од нормалното ќе станат прифатливи.

На пример, локален: Не е нормално да се трошат милиони евра од буџет на непродуктивни и непотребни работи? Ќе направиш проект кој чини 700 милиони евра, па потоа редовното непотребно трошење по стотици илјади евра, или по некое милионче, стануваат прифатливи и не толку скандалозни. Или некој купил службено возило за 600.000 евра, а ти велиш, што се 28.000 евра за службено возило? Џабал’к.

Ова негативно поместување на границите на нормалното често го има и во јазикот на новинарите, популизмот на политичарите, рекламите на огласувачите и ред други. Отупувањето и негрижата за вистинската нормалност која е во служба на општиот интерес, е најчестата последица од ваквата лоша комуникациска и пропагандна пракса.

Како оваа т.н. хардкоризација ја користи Доналд Трамп погледни во видеото „Како Трамп го прави екстремното нормално“:

Лажни лажни вести

Веројатно ви е познато она кога некој производ или бренд станува синоним за сите производи од тој тип? На пример: џакузи, плексиглас, селотејп, гуглање, вазелин, целофан, ескалатор, керозин, термос, џип, памперс, фотошоп, вокмен, термос, и рaзни други.

Нешто слично се случува со поимот „лажни вести“ кој полека станува „генерички термин“ (генерифициран термин, англ. genericized term/basket term) за речиси сите видови информации . Сега сè е лажна вест: и шпекулација и дезинформација и пропаганда и спинување и политички маркетинг и измислено интервју и сатирична вест и ред други. Проблемот со „генери-фицирањето“ е што се создава конфузија зад која многу лесно може да се сокрие незнаење, површно знаење или манипулирање.

Најпрепорачлива (засега) е класификацијата на вести и информации која ја користи и Советот на Европа во своите препораки за справување со информациските манипулирања.
Овој метод се базира на намерата (интенционалноста) при информирањето и издвојува три вида информациско пореметување (information disorder) кај медиумите:

ПОГРЕШНО ИНФОРМИРАЊЕ (misinformation) – се пренесува погрешна вест или информација без намера за манипулација.

ЛАЖНО ИНФОРМИРАЊЕ (дезинформирање, disinformation) – намерно манипулирање со информациите со користење на разни техники (манипулативно селектирање на информации, спинување, вадење од контекст, мешање на информација и коментар, намерно мешање на точни и неточни информации, целосно неточни или измислени информации, и други техники).

НАШТЕТУВАЧКО ИНФОРМИРАЊЕ (mal-information, информации кои треба да предизвикаат штета) – се работи за постоечки или точни информации кои се објавуваат со цел да се наштети некому и вообичаено се работи за објавување приватни, класифицирани, тајни или друг вид заштитени информации.

Неколку заклучоци кои произлегуваат од овој препорачан метод на типологизација на информациите:

-Лажните вести се (само) поттип на дезинформирањето (ако споделуваш лажна вест без да ја препознаеш како лажна, ти несвесно дезинформираш и репродуцираш лажна вест).
-Шпекулациите можат да бидат и погрешни информации и лажни информации, зависно од тоа дали има (јасна) намера за манипулација или не.
-Сатиричните вести (измислени интервјуа и сл.) се лажни информации кои признаваат дека се лажни, и во таа смисла се специфичен случај кој за цел има забава или демаскирање како се измислуваат „сериозните“ информации.
-Објавите на Викиликс, Сноуден, електронската пошта на Подеста и слични други случаи се примери на „наштетувачки информации“ кои треба да се толкуваат во својот специфичен контекст, односно кому конкретно му се нанесува штета: дали е тоа чесна компанија, недолжно приватно лице, изборен процес или пак функционер, партија, компании, институции кои ја злоупотребуваат својата позиција или функција.

Дали социјалните медиуми ѝ штетат на демократијата?

Социјалните медиуми, како и технологијата генерално, имаат двојна природа, позитивна и негативна. Со развојот на комуникациските технологии позитивните страни станаа општоусвоен стандард кој се подразбира во секојдневното живеење и комуницирање. Continue reading

Онлајн колумни – од почеток: пишување за интернет!

Со затворањето на голем број печатени медиуми (Утрински весник, Вест, Дневник, Република, Глобус, Граѓански, Форум, Време, Шпиц, Коха е ре и други…) сериозно се стесни медиумскиот простор за колумнистите. Сепак, значителен број од нив продолжија да објавуваат текстови на интернет, а информативните веб-сајтови беа уточиште за голем број квалитетни пера. Најчитаните колумнисти и креатори на јавното мислење денес претежно ги објавуваат своите текстови на различни онлајн платформи, од информативни сервиси и портали, преку веб-страници на електронски медиуми, до лични сајтови и блогови. Онлајн платформите и социјалните мрежи на кои се споделуваат овие содржини стануваат најважен показател за читаноста и популарноста на колумните.

Но, и покрај тоа што онлајн колумните стануваат сè поважни во креирањето на јавното мислење, многу мал број од авторите прават прилагодувања кон новите медиуми на кои објавуваат. Колумните се пишуваат на ист начин како што се пишуваа(т) во печатените медиуми. Колумна си е колумна, нели, што има сега тука да ја тупиме?

Колумна си е колумна! Па не баш

Сепак, прилагодувањата се неопходни, се работи за еден сосема поинаков медиумски свет кон кој гравитира поинаква јавност од онаа која чита весници. Во прилог на разбирање на тој „нов свет“ од редица стандардизирани препораки за подобра читливост на онлајн колумните, неколку белешки:

  • Читањето од хартија не е исто што и читање од светлечки монитор/дисплеј од компјутер, таблет или мобилен телефон. Истражувањата и искуството ни потврдуваат дека читање од светлечки екран  побргу заморува и влијае врз концентрацијата отколку читањето од хартија. Ова влијае времето за квалитетно онлајн читање да биде значително пократко од читањето од печатен медиум. Должината на текстот за онлајн објавување мора да се прилагоди, односно оптимално да се намали, а да не се жртвува содржината и пораките.
  • Колумните и сродните жанрови треба да бидат читливи во еден здив, да бидат директни и јасни во фактите и пораките, со лесно разбирлив стил. Ако нешто е пресложено за кусо објаснување, решението е неговото величество „линкот“ до содржини кои ги објаснуваат термините, сложените концепти, историјат или што и да е.
  • Кога држите весник или списание во рацете неговата содржина е испечатена и ограничена за разлика од содржините на онлајн уредот кој ви е во раце чии содржини се речиси неограничени и се менуваат во „реално време“. Ова влијае врз фокусот при читањето. На интернет правењето  истовремено повеќе работи (мултитаскинг) станува стандардно однесување на корисникот. Ова доведува до често префрлање од содржина на содржина, од таб на таб, од текст на некоја нотификација, повик… Ерго, ако имате да кажете нешто на интернет тоа мора да го направите без одложување и без одолговлекување. За разлика од весниците, овде за драгоценото време на читателот не ви се конкуренција други весници и колумнисти, туку мал милион нотификации, римајндери, галерии од фотки, линкови и видеа кои ви ги праќаат пријателите, новите фотографии и видеа на разголените старлети, и многу други „дистракции“.
  • На крилатиците на вековната максима „една слика илјада зборови“ владеат и навиките на интернет. Визуелното доминира над текстот. Сликата, фотографијата, графиконот и други визуелни техники сè повеќе го поттиснуваат текстот на интернет, а трпението на еден просечен интернет корисник кон редици и редици текст сè повеќе се намалува. Објективно, нашата кондиција за читање на интернет е значително намалена и за тоа мора да се води сметка при пишувањето. Визуелните содржини се секогаш добредојдени и пожелни, особено ако можат да заменат половина страница текст.
  • Насловот е клучна информација дали некој ќе го чита текстот или не.  Во него треба да се препознатливи темата и барем дел од идејата, кои би го привлекле вниманието на читателот. Важните факти, поенти и пораки се изложуваат веднаш, како поднаслов во статија во весник,  и не се чуваат за опашката на текстот. Идејата и пораката прво, а потоа објаснувањата и примерите.
  • Јазикот: Интернетот не трпи празноговор, т.е. нашата традиционална умешност да се зборува, а да не се кажува ништо. Ова често се сретнува во политичкитеекоментари, како на пример, “реформскиот процес мора да се интензивира”. Ако испонаредите неколку клишеа во текст кои имаат нула инфоемации, сте го осудиле текстот на close tab. Секако не е случајно што политичаритете во поразвиените демократии се трудат да зборуваат сѐ поедноставно (добро, да не се претерува, не мора баш едноставно како Трамп).
  • Онлајн колумната треба да се ослободи од елементите кои ја прават да биде приказна, и повеќе комуникациски  да биде како некакво писмо до читателот. Интернет читателот го персонализира своето искуство до микро ниво и кога чита нешто очекува тоа да биде обраќање директно кон него, а не кон некоја апстрактна публика.

За да не си ја самопогазиме препораката за должината на текстовите на интернет само уште неколку корисни линкови на темата: Tips for Writing for Online ReadersWriting for the web6 Ways Writing for Online Is Different Than Print

Вести, лажни вести и политиките на пост-вистината

Дона Колар-Панов, sead93

Темата на лажните вести и концептот „пост-вистина“ се актуелизираа во текот на политичките турбуленции и превирања во последните неколку години, а станаа особено жешка тема во контекст на случувањата од глобално значење, какви што беа „Brexit“ и американските претседателски избори во 2016 година.

Пост-вистината како концепт отсекогаш била предмет на политички и филозофски интерес. Да наброиме неколку: „Транспарентната нечесност“ е кованица која ја споменува Ерик Алтерман (Eric Alterman), економистот и социолог Емил Ледерер пишува во есеј од 1937 за „одговорноста на оние на кои барањето на вистината им е вокација“ (Emil Lederer). Речиси осум децении подоцна оваа порака не изгубила на својата важност. Макс Вертхајмер објавува есеј „За вистината“ во 1934 година со следната порака: „Вистината и лажноста не се нешто чисто интелектуално и одвоено од чувствата и ставовите. Низ многу примери најважното нешто не е самата изјава, туку целиот став, човековиот однос кон себе си. Во целосноста на однесувањето на човекот, а не неговите изјави, се кријат вистинитоста или лажноста, и секако многу повеќе во тоа што прави човекот, во неговите вистински реакции кон другите луѓе и предмети“ (Max Wertheimer, “On Truth”, 1934).

Дали пост-вистината е нешто ново и поинакво? Дали релевантноста на овој термин денес сигнализира тектонска промена, некаков растечки тренд, исклучок од правилата или рециклирање на она што историјата и порано го посведочила?

Во сегашната ера на информации проблемите и искривоколчувањата во информирањето се покажуваат како клучни теми од јавен интерес поради своето влијание врз тоа како се креираат претставите за реалноста и какви одлуки се носат како резултат на така оформените сфаќања.

Во неодамнешна студија на универзитетот Стенфорд од САД беше утврдено дека студентите кои учествувале во истражувањето имале проблеми со разликувањето на лажни содржини, рекламни содржини објавени во форма на новинарски текстови и вистинити вести. Многумина проценувале за кредибилноста на информациите врз основа на тоа колку детали содржеле написите или дали имало голема фотографија во објавата, наместо да обрнат внимание на изворот на информациите. Заклучоците од оваа студија и конфузијата околу правилното разбирање и употреба на информациите, се потврдуваат во општествената реалност на многу земји и култури, не само во САД.

Да се осврнеме малку на моментната состојба со информативните медиуми: релативно помал број објавувачи се натпреваруваат во собирање и објавување информации до голем број читатели, гледачи и корисници. Во текот на тој процес тие се проголтани од поголемиот медиумски бизнис кој е составен од стотици илјадници, милиони, речиси идентични, медиуми за пласирање на информациите. Овие медиуми меѓусебно се натпреваруваат за вниманието на публиката при што главната функција не е ширење на информациите, туку оформување на идентитети. Со цел тоа да биде поефикасно и поуспешно, медимите се трудат да креираат и оддржуваат публика која е површна, игнорантна и изолирана од мислења различни од нејзиното. Медиумите нè лажат, нè манипулираат и ја користат својата привилегирана позиција на авторитет да нè наведат во верување во лажна реалност, т.е. во пропагандата. Ова се покажува како клучен проблем со информациско-комуникациската технологија која требаше да нè поврзе, а всушност нè изолираше во т.н. „ехо-комори“ и нè оддалечи едни од други.

Во комуниколошката терминологија, „ехо-комора“ е состојба во која информациите или идеите циркулираат во затворен систем во кој поинаквите идеи се цензурирани или се отфрлени. Со тоа се постигнува ефект на повторување и засилување на гласовите, ставовите и идеите кои циркулираат во таквиот систем. Со други зборови, „ехо-комори“ се термин за онлајн медиуми како виртуелен комуникациски простор каде информациите и верувањата се засилуваат со репетитивно пренесување во рамки на затворен виртуелен комуникациски систем. Овој поим ни појаснува како опстојуваат онлајн групи, особено на Фејзбук, кои веруваат во информации кои се прилично бесмислени за останатите.

Премин кон политика во која чувствата ги газат фактите

Ако се навратиме на поимот „пост-вистина“, тој во 2016 беше прогласен за збор на годината од составувачите на Оксфордскиот речник, а се дефинира како термин и придавка која означува состојба кога објективните факти се помалку важни и влијателни во оформувањето на јавното мислење отколку пораките кои целат на емотивноста и чувствата на публиката. Пост-вистина тесно се поврзува и со синтагмата „политики на пост-вистината“.

Според Оксфордскиот речник терминот за прв пат бил употребен во 1992 година, а интересно е што многумина го поврзуваат и со блогерот Дејвид Робертс кој го (ре)актуелизирал во негов блог-пост од 2010 година. Како и да е, употребата на овој термин се зголемила за 2,000% во 2016 споредено со претходната година. Според составувачите на Оксфордскиот речник:

Поради растечкото значење на социјалните медиуми како извор на вести и зголемената недоверба во информациите понудени од владејачките елити, терминот „пост-вистина“ го пронаоѓа своето место во јазикот и комуникацијата веќе подолго време. Забележавме и дека терминот зачестено се користи во јуни 2016 година во текот на референдумот за Brexit, и потоа во јули (истата година) кога Доналд Трамп ја обезбеди републиканската номинација за претседателски кандидат на САД. Како што употребата на терминот не забавува, нема да се изненадиме ако пост-вистина стане еден од зборовите кои ќе го обележат нашето време.

Може да се каже дека во САД и во други места се случува премин кон политика во која чувствата ги газат фактите далеку полесно и со помал отпор отколку што тоа било случај порано.

Господинот Трамп се чини дека воопшто не води грижа дали неговите изјави имаат каква било врска со реалноста сè додека тие успеваат да ги подгреат емоциите на гласачите. PolitiFact, веб страница за проверка на факти, има рангирано со највисока оценка за лажност голем број од неговите изјави, далеку побројни во споредба со кој било друг кандидат, како на пример таа дека „криминалот во градските средини достигнува рекордно високо ниво“, (Economist, 2016).

Политиките на пост-вистина се шират во многу делови од светот. Во Европа најдобар пример е полската ултра-националистичката владејачка партија, Закон и Правда (PiS). Покрај други бројни чудни приказни, тие шират и теории на заговори како пост-комунистичките лидери заговараат „заедничко владеење на земјата под комунистички режим“. Во Турција протестите во Гези паркот во 2013 година и обидот за пуч во 2016 предизвикаа секакви теории на заговор, од кои некои директно се креирани од функционери на власта. Во Македонија скандалот со прислушувањето од 2015 сè уште им се припишува на „странски служби“ и странски тајни агенти. Тука, секако, треба да се спомене и Русија, земја која покрај Северна Кореја, веројатно најмногу има напреднато во процесот на користење политики на пост-вистина, како во внатрешната, така и во надворешната политика. Украинската криза изобилуваше со голем број примери каде државно контролираните медиуми прикажуваа лажни интервјуа со сведоци на наводни злосторства, како на пример прилози за дете кое било според нив распнато од украинските трупи. Владимир Путин не се двоумеше пред камерите да повторува дека во Украина нема руски војници, иако доказите за спротивното беа многубројни.

Петар Померанцев, новинар чии мемоари за Путин се насловени како „Ништо не е вистинито, сè е можно“, во својата книга цитира политички консултант на претседателот кој вели:

Во советско време ако лажеа за нешто, тие ќе се погрижеа да докажат дека тоа што го прават е вистина. Сега, пак, никој не се ни обидува да ја докажува „вистината“. Можеш да кажеш што било. Сам си креираш реалности.

Даниел Кенеман (Daniel Kahneman), психолог, добитник на Нобелова награда и автор на хит-книгата „Мислење, брзо и бавно“, зборува за процес на т.н. „когнитивно олеснување“:

Луѓето инстинктивно ги прифаќаат информациите на кои се изложени и мораат да се потрудат и ангажираат дополнително да оддолеат во верување на фабрикуваните приказни. Тие имаат тенденција да веруваат во информации кои се блиски до нивните сфаќања и селективно да бираат податоци кои ги поддржуваат нивните погледи на светот. Во некои случаи соочувањето на ваквите луѓе со фактите има обратен ефект, односно ги засилува нивните уверувања во сопствените сфаќања.

На прашањето како воопшто се оформуваат сфаќањата за тоа што е вистина, треба да се напомене дека тие пред сè произлегуваат од институциите во кои постои одреден консензус што е вистина и како таа се проверува и оформува, а некои од нив се: образовните институции, науката, правно-судскиот систем и медиумите. Тие се дел од своевидна инфраструктура за создавање на сфаќањето што е вистинито. Тие никогаш не се совршени, но се референтен систем и инструменти за одредување на вистинитоста. За жал поради континуирана злоупотреба на оние кои ги имаат привилегиите да ги водат овие институции, се стигнува до состојба каде она што постапно и макотрпно се гради, бргу се уништува. Новиот свет на политиките на пост-вистината е овозможен преку две закани за јавната сфера: првин, губење на довербата во институциите кои ја подржуваат гореопишаната инфраструктура, и второ, длабински промени на тоа како знаењето за светот стига до јавноста. Губењето на довербата во институциите има многу корени. Во некои области од живеењето, стручњаците се длабоко поделени и се на драстично различни позиции кои ја збунуваат или поларизираат јавноста. Властите, пак, прават многу, често драамтични и спектакуларни грешки, како на пример инвазијата на Ирак, аномалиите на светскиот финансиски систем и многу други настани од глобално значење. Во некои средини довербата во институциите е систематски и континуирано поткопувана. Особено важен фактор за политиките на пост-вистината се интернетот и услугите кои тој ги овозможува. Речиси 2/3 од возрасните жители на САД ги примаат вестите преку социјалните медиуми, според скорешно истражување на Pew Research Centre.

На пример, на Facebook, Reddit, Twitter или WhatsApp, секој може да биде објавувач на содржини. Содржините повеќе не се објавуваат во фиксни формати и утврдени термини, како што се написи во весници кои овозможуваат одредена предвидливост и очекувања. Сега содржините се далеку понепредвидливи, можат да добијат различни форми, видео, табела, анимација и да бидат објавени во кое било време. Една идеја, или „меме“ може да се шири и репродуцира соголено од каков било контекст, како ДНК во експериментална епрувета. Податоците за раширеноста на некое меме стануваат многу поважни од тоа дали истото е базирано на факти.

Ехо-коморите на интернетот го потхрануваат нашиот апетит за лаги

Механизмите на функционирање на новите медиуми допрват стануваат појасни за разбирање. Еден од клучните процеси е т.н. „хомофилно сортирање“, односно креирање на групи или кластери на поединци кои слично размислуваат. Подемот на сателитските и кабелските тв-канали во 80-те и 90-те години од минатиот век овозможија креирање вести до специфични целни групи и подгрупи. Интернетот тоа сега го прави многу полесно. Јохаи Бенклер (Yochai Benkler) од универзитетот Харвард во својата книга „Богаството на мрежите“ (2006) анаведува дека поединците со споделени интереси многу почесто се пронаоѓаат меѓусебно онлајн и се групираат околу одреден извор на информации, отколку што е тоа случај во комуникацијата надвор од интернетот. Социјалните мрежи им овозможуваат на членовите на ваквите групи да ги зацврстат своите мислења и сфаќања, како и да преземаат групни активности. Системскиот детерминизам на интернетот кон овие процеси ги вклучува персонализираните резултати од пребарувањата на Google. Ели Паризер (Eli Pariser) ова го нарекува „filter bubble“ (филтер-балон), односно систем во кој поради филтрираните и персонализираните резултати на пребарувањето на Google корисниците се оневозможени да се соочат со спротивставени погледи и ставови.  Иако сопственикот на Фејзбук, Марк Цукерберг, инсистира дека социјалните медиуми не ги заробуваат своите корисници во нивните лични светови, сепак алгоритмите на социјалните мрежи се дизјанирани да ги полнат фидовите на своите корисници со содржини кои се слични на оние кои тие претходно ги „лајкале“.

Некои вообичаено маргинални верувања, засилени на ваков начин во онлајн заедниците, можат да се прошират и опстојат, иако се смета дека се јавно „раскринкани“. Само споредете ги теориите на заговор дека властите ги запрашуваат урбаните средини со т.н. „кемтрејлс“ (chemtrails, бели траги од штетни хемикалии исфрлени од летало). Ваквиот начин на размислување е многу близок за Доналд Трамп. Пред неколку години Трамп беше прилично ангажиран во докажување на теоријата дека Барак Обама не е роден во САД.

Сепак, ако алгоритмите на Фејзбук и останатите социјални мрежи ефикасно ги филтрираат содржините во однос на тоа дали ни се допаѓаат или не, тие се во исто време и лоши филтери во одредувањето што е вистинито. Ако Фејзбук не внимава на тоа кои вести се вистинити, тогаш и пазарот на информации исто така не го прави тоа. Онлајн публикациите како „National Report“, „Huzlers“ и „World News Daily Report“ пронашле профитабилен начин да ги циркулираат своите вести кон одредени целни групи и кои содржат лажни вести базирани на гласини, со цел тие да станат вирални и да агрегираат голем број кликови. Вестите со нови сведоштва за чудата на Исус, познат бренд на леден чај кој бил позитивен на тест на урина, транс-родова жена која фотографирала малолетно дете во бања, сè тоа поминува како интересно и популарно во овој паралелен свет на информациите.

Ехо-коморите на интернетот го потхрануваат нашиот апетит за лаги кои ни угодуваат и ги зацврстуваат лажните уверувања. Ова станува клучен предизвик на 21-от век (The Guardian, 2016).

Интернетот ни отвори свет кој навистина беше револуционерен, но сега кога сите сме онлајн, а перцепцијата за интернетот како прогресивен технолошки новитет полека бледнее, интернетот постапно ја гуши својата револуционерност и прогресивност. Сега доминантно комуницираме само со оние кои се согласуваат со нас. Ако ги користите Фејзбук и Твитер како примарни извори на вести, како што тоа го прават многумина, можете со внимателно менаџирање на својот „news feed“, или „timeline“, да исклучите секого со кој не се согласувате (во Македонија ова е познато и како „Правило Ванковска“).

Комплетната стратегија за успех во што било, без разлика дали се работи за победа на избори, продажба на некој производ или привлекување на посетители на вашата веб-страница, денес се врти околу тоа како што погласно да го привлечете вниманието на оние кои се на ваша страна и отсликување на оние кои се против вас во најлоша можна форма, во нивно демонизирање и дехуманизирање.

Интернетот како дигитална комуникациска платформа израсна лошо затоа што дозволивме да расте хаотично и без доволна грижа, односно без заштита од загадување на неговата инфосфера. Скоро инстантното ширење на дигиталните информации значи дека некои штети од дезинформирањето се многу тешки за поправање, особено кога со тоа се поткопани довербата и верувањето на јавноста и корисниците. Индустријата за висока технологија мора да направи поголеми напори да ги реализира своите можности во поддршката и оддржливоста на јавните добра. Потребна ни е етичка инфосфера да се спаси и светот и ние самите од себе си, а за обновувањето на инфосферата потребни се огромни напори. Мора да ја воозбновиме довербата преку кредибилност, транспарентност и одговорност, како и преку висок степен на трпение, координација и одлучност.

Конечно, стратегијата на „пост-вистинитост“ функционира затоа што им дозволува на луѓето да го прескокнат критичкото размислување додека ги засилуваат своите емоции и афекти за светот со помош на видео материјали и звучни парчиња кои само делуваат вистинито. Алтернативно решение за ова е да им се одземе моќта на корисниците и да се возобноват „чуварите на портите“ (gatekeepers) од претходната медиумска ера, но дали тоа е вистинското решение сега? Во меѓувреме, медиумите и социјалните мрежи ќе ги држат своите корисници во состојба на игнорантност и изолирани од различни мислења. Тие нè лажат, нè манипулираат и ја злоупотребуваат својата позиција на авторитет да нè наведат да веруваме во лажната реалност, односно во пропагандата. Ова е клучниот проблем со технологијата која требаше да нè зближи, а всушност нè изолираше во ехо-комори и нè раздели едни од други. Добивањето информации само од своите пријатели е комуникациска аномалија, треба да ги познаваш своите непријатели и да сфатиш дека тие, најчесто, не се многу различни од тебе.

ПС: И како што привршуваше пишувањето на овој блог пост, дознававме за нови случувања на оваа тема, како на пример за текот на првата прес-конференција на тимот за односи со јавноста на Доналд Трамп кога беше срочен нов, ала-Орвел, еуфемизам: шефицата на изборниот штаб на Трамп, Келиен Конвеј, се обиде да прикрие лаги од кампањата тврдејќи дека не се работи за лаги, туку за „алтернативни факти“. Реакцијата на овој обид за еуфемизација на лагите на властите беше брилијантно дочекана од твитерџиите кои преку хаштагот #AlternativeFacts ја држеа ова тема како најпопуларна на Твитер во текот на целиот ден на прес-конференцијата:

@Kris_Sacrebleu: „Партијата ти кажа да ги отфрлиш сите докази пред твоите очи и уши. Тоа беше нивната последна и најсуштинска заповед (Орвел)“.

@OhmShukla: „Пробав да напишам алтернативни факти на мојата даночна пријава и сега лежам 15 години до доживотно затвор“.

Кога следам вести…

…не можам да престанам да мислам како ќе изгледа новиот модел на iPhone

…ме нервира тоа што вестите се премногу необјективни

…политичарите се идиоти

…ми се повраќа од коментарите на вестите

Текстот е изработен во соработка со „The School of Life“ и преставува адаптација на дел од едукативните материјали од серијалот Newstherapy.com.

…не можам да престанам да мислам како ќе изгледа новиот модел на iPhone

Во вестите често наоѓаме шпекулации за тоа како ќе изгледа новиот модел на вашиот омилен смартфон, лап топ, таблет или некој друг уред.

Ако подразмислиме, ќе сфатиме дека сме наведени премногу да се возбудуваме за промените на некои производи кои во суштина се ситни или површни. Најчесто, овие најавени производи се многу слични на своите претходници.

Под постојаниот притисок на овие информациски подбуцнувања стануваме нетрпеливи колку бавно се развива технологијата: каде се веќе тие мобилни телефони што се полнат еднаш неделно и кои ќе можат да принтаат материјали?

Ваквите содржини често се придружени со привлечни и шареникави фотографии, кои најчесто се креирани, неавтентични и поттикнуваат на мечтаење.

Знаеме дека иднината доаѓа, но тоа се случува некако пребавно за нас. Веројатно во таа иднина ќе има и поефикасни побезбедни средства за транспорт, но сета веројатност е дека тоа ќе се случи за 200-300 години. Ќе има ли лек за ќелавост или болестите од кои стравуваме?
Распнати сме помеѓу милениумските очекувања на новото време и секојдневната резигнација.

Бидејќи нашите надежи се така големи, и потхранувани секојдневно, развиваме мечтаење и копнеење кое нè прави нетрпеливи и незадоволни со тоа што го имаме денес.

Овие копнеења често се фиксирани за предмети околу кои се создава фама, популарност и кои ни се наметнуваат како статусни симболи. Ако ги имаме тогаш нашето место во општествената средина автоматски се менува: стануваме дел од одредена класа или група што ни гарантира престиж, надмоќ, супериорност и привилегии.

Ваквите информации ја експлоатираат, и се еден вид протези, на нашата надеж за промени, токму во смисла на динамичноста на нашето место во општествената хиерархија. Денес си питач, утре можеш да бидеш ѕвезда!

Негативната страна од преокупирањето со вакви информации и мисли за нив е игнорирањето на пореалните начини како да го подобриме сопствениот карактер и односите кон другите луѓе, а со тоа и сопствениот статус во општеството. Наместо да работиме на тоа, овие скокотливи информации уверуваат дека само што не дошол денот кога сето тоа ќе може едноставно да си го купиме: благосостојбата, здравјето, пријателите, партнерите…а новиот модел на iPhone ќе ни биде неопходен токму за тоа.

…ме нервира тоа што вестите се премногу необјективни

Повеќето од нас мислат дека одреден медиум може да биде сериозен и професионален само ако ни нуди „неутрални и објективни информации“.

Но, ова стојалиште е погрешно. Фактите можат да добијат смисла само ако се вклопени во одредена слика за реалноста. Медиумите кои претендираат да се прикажат како неутрални, забораваат дека е невозможно да се биде неутрален кон клучните прашања на нашето време: како да се биде неутрален кон еколошките предизвици? Која е неутралната и објективната позиција кон прашањата на тероризмот, екстремизмот, педофилијата и други горешти прашања? Не постојат такви неутрални позиции кои гарантираат објективност.

Во реалноста, она што се подразбира под „неутралност и објективност“ го отежнува заземањето став кон нештата. Ставот е неопходен за да одредиме што е навистина важно? Што е навистина праведно? Кон што стремиме и кон што одиме?

Ако вестите се сведат на попис на штети од одредена еколошка катастрофа, дали со тоа е исполнета улогата на медиумите и нивните информации? Или тука е потребен став за одговорност и некакви промени кои би спречиле такви несакани настани во иднина?

Големите дејци и историски личности не станале тоа што биле со неутралност и објективност. Платон, Буда, Ганди, Мендела, сите тие биле „пристрасни“ борци за одредена кауза и имале силна свест за тоа што е важно во одреден историски миг.

Во таа смисла, функцијата на дневните информации не е само да отсликаат одредена медиумска реалност. Точноста на информациите е неопходен основен елемент за професионалното информирање. Информациите мора да бидат точни, од компетентни извори, целосни и заокружени (спротивно од овој модел се плански селектирани информации измешани со дезинформации, заокружени со наведувачки коментари), но точните информации често е потребно да се надградат со заземање став на одредена општествена тема. Ако тој став е на линија на јавен интерес, општо добро или вредност, тогаш ваквата „општокорисна пристрасност“, или „необјективност“, треба да се поттикнува. Ако заземениот став е во спротивност со јавниот и општ интерес, тогаш станува збор за „штетна пристрасност“, која најчесто зад својата реторика крие штитење на сопствени интереси или интереси на одредени групи моќници.

…политичарите се идиоти

За нашиот здрав разум и разбирањето на општествената реалност, клучно е сфаќањето дека политичарите се ужасни личности: егоистични, суетни, непринципиелни, затупени ликови, или пак дури и злобни и болни карактери.

Во медиумите секогаш ќе пронајдеме информации или содржини кои ќе ни помогнат да ги зацврстиме овие свои уверувања. Ова е особено точно за Македонија, каде критериумите за станување јавна личност или функционер се многу ниски. Најчесто е доволно да бидете роднина, школски или во брачно-партнерска релација со некој на кого му се паднал ред да одлучува за нешто.

Но, „финтата“ е во тоа што политичарите најчесто не се идиоти. Во голем процент се работи за активни, амбициозни, снаодливи, а понекогаш и интелигентни личности. Можно е тие и да се добронамерни, иако за ова е особено тешко да уверите некого во нашава земја. Со други зборови, иако сигурно не се супер-таленти, политичарите не се ни идиоти. Реалната шареноликост на политичката класа е доста сложена за варење и сфаќање за секојдневниот човек. Тој најчесто кај нив не бара специфики и индивидуалности, туку тоа како политичарот се вклопува во одредени модели или архео-типови (лидер, реформатор, манипулатор, „лопужа“ и сл.).

Втор важен фактор е нашата тенденција да им пронаоѓаме мани на политичарите.
Психолозите ова го толкуваат како манифестација на нашата љубомора кон политичарите. Им завидуваме на експонираните политичари на нивната моќ, нивниот успех на изборите, нивниот статус, привилегии, можност да влијаат на другите, скапите автомобили, одлучувањето за клучни прашања и слично. Во дел од нашата потсвест се прашуваме, зошто тој човек не можам да бидам јас? Во денешната реалност на популистичка демократија, каде политичарите плански се прикажуваат како „блиски до народот“ и како „обични но работливи луѓе“, и кога медиумите ве информираат за секаков детаљ од нивните животи, овој наш негативен однос на љубомора само се засилува. „Види го каков е, милион физички и карактерни мани има, како тој има власт врз нас? Зошто јас не можам да бидам и подобар во таа улога?“.

blogpost2

Парадоксот што во исто време свесно ги сметаме за идиоти, а потсвесно им завидуваме, често се разрешува со манифестирање на цинизам или иронија. Како да го поднесеме тоа дека со нас владеат луѓе за кои немаме никаква почит? Барем да беа тоа луѓе кои имаат дигнитет и класа?

Односот кој го воспоставуваме со политичарите често наликува на односот на адолесценти кон своите родители: не се секогаш родителите „катастрофа“, но проблемот е волјата и тоа што адолесцентот не сака да ја разбере одговорноста и тешкотијата да се биде родител. Не треба да му се лутиме на адолесцентот за неговата, главно, бунтовна улога во оваа дуална динамика, но сите знаеме дека кога адолесцентот подоцна станува родител, неговото сфаќање на родителството драстично се менува.

Заклучно, не се обидуваме да ги амнестираме политичарите од нивните одговорности и чести грешки и гревови, туку да подразмислиме колку со тоа што кај нив најмногу бараме недостатоци и грешки, и истите најдолго ги помниме, самите учествуваме во креирањето на сопствените нервози и фрустрации од политичарите.

…ми се повраќа од коментарите на вестите

Кога ќе се зачитате во коментарите на вестите, се соочувате со грдиот лик на луѓето, дури и на оние кои ги знаете како фини и љубезни: во коментарите тие се речиси исклучиво бесни, гневни, љубоморни, опсесивни, исфрустрирани, често и безобѕирни и бесчуствителни.

Ова е секако сериозен проблем. Каде грешиме, во проценката на луѓето или во интерпретирањето на коментарите? Потребно е подобро да разбереме каков тип на комуникација се коментарите и сродните форми како телефонски јавувања и писма до редакциите на медиумите.

Коментарите се директни форми на обраќање со кои сакаме, како во некој свој личен дневник, да ги изразиме директно своите најостри ставови и стравови: би го задавиле пријателот што нè разочарал, ги мразиме роднините и пријателите, се плашиме од разни закани и осаменост, бараме поддршка за сопствените проблеми, жртви кај оние кои не фрустрираат и така натаму.

Коментарите во денешните медиуми постепено наликуваат на однесување на стадион: место каде можеме да се извикаме за сè она што ни лежи на срце. Ние сме во центарот на темата и не се трудиме да бараме логичка издржаност, толерантност или поблаги форми на комуницирање и размена на противставени идеи. Најчесто заради ваквиот тип на „субјектизација“, односно поставување на говорителот, дијалогот колабира во делот на коментарите. Тука сме да кажеме што имаме, немилосрдно и без пардон, а потоа бараме поддршка или детектираме противници.

Ако се обидеме да бидеме посвесни што сакаме да постигнеме при коментирањето, полесно ќе ги разбереме алтернативите и останатите можности во комуникацијата со другите: доверба, толерирање на различен став, разбирање на нашите специфичности и специфичностите на другите.

Прогресивна скала на пропаганда

Скалата на пропагандата покажува различни степени на когнитивна манипулација (односно манипулација со информации, идеи и заклучоци), од поедноставни кон посложени начини. Како и во примерот со скалата на говорот на омраза, и пропагандиот комуникациски чин тргнува од идеја, преку вербализација, со цел да предизвика одреден ефект или акција. Кај пропагандната скала, прогресивно се зголемува контролата врз оној кон кого се комуницираат пораките, сè до степен во кој е прифатливо во форма на наредба императивно да се наложи што треба слушателот на пораката да прави.

skala-propaganda

Првиот степен на когнитивната манипулација при пропагандата е (1) бирање на информации кои одговараат за пораката и посакуваните реакции. Оние информации кои не одговараат на посакуваните интерпретации и ефекти едноставно се отфрлааат или игнорираат. Вториот степен е (2) вметнување во точните информации лажни или измислени информации, и нивно (3) мешање со точните информации. Во ваква форма, слушателот или читателот многу потешко може да ги дешифрира правилно пораките, а потоа и да ги раздели точните од лажните информации, така што најчесто дезинформациите успеваат да се „прошверцуваат“ во нашата свест и ги прифаќаме како точни. Следниот степен на когнитивна манипулација е (4) врамувањето, односно планското стеснување на темата и вниманието на слушателот кон одредена тема, мислење или став, со цел постигнување посакуван ефект или интерпретација, и заборавање на други аспекти или теми кои го попречуваат тој ефект.

По врамувањето и кумулативниот ефект на измешаните информации и дезинформации, најчесто манипулацијата се надградува со груби (5) поедноставувања на реалните ситуации и креирање на вербални и когнитивни формули (преку одредени фрази, именувања, квалификации, и сл.) кои, навидум, го објаснуваат поширокиот контекст, а всушност ја деформираат реалноста во нејзини наменски симплифицирани и еднострани форми. Откако работите ќе се поедностават до најнизок можен степен, тогаш тие се (6) групираат во парови кои се противставуваат еден на друг. Зависно од контекстот тоа можат да бидат различни дуалистички парови, од идеолошки, етнички, верски, јазични, политички, спортски и каков било друг погоден пар.
Конечно, оној што го контролира пропагандното комуницирање, постапно добива поголема контрола врз слушателите на комуникацијата, сè до степен кога е прифатливо, низ процесот на претходното убедување преку пропаганда, да му се каже на слушателот што треба да прави и како да реагира. Со тоа кулминира процесот на пропагандата во контрола на комуникаторот врз комуницираниот, кој е трансформиран во пасивен инструмент за одредена акција.

Пример 1:
propaganda-1

Пример 2:
propaganda-2

Пример 3:
propaganda-3

>>> Прогресивна скала на говор на омраза

Прогресивна скала на говор на омраза

Скалата на говорот на омраза покажува различни степени на говорот на омразата, подредени по интензитетот на вербалното насилство, од понизок, кон повисок степен, при комуникација со афективна манипулација, односно при манипулација на чувствата.

govor-na-omraza-skala

Исмевањето (1) како „најблага“ форма на вербално насилство, може да се интензивира во навредување (2), а потоа и во понижување (3). Следните степени на пожестоки форми на говорот на омраза се дискриминацијата (4) и дехуманизацијата (5), односно обесправување по одреден основ или право, и негирање на човечноста и правата кои природно се подразбираат за другите. Шестиот степен е сатанизацијата (6) односно поистоветување на одреден поединец или група со самото зло.

Говорот на омраза, како комуникациски чин, се обидува од (а) ИДЕЈА преку (б) ВЕРБАЛИЗАЦИЈА, да предизвика одреден ефект или (в) АКЦИЈА. Низ тој процес, говорот на омраза овозможува психолошко наложување и оправдување на употребата на насилството.

Ефектите на говорот на омраза можат да бидат нелагодност, немир, страв, психоза, фобија и други форми на чувства на директна или индиректна загрозеност. Зависно од контекстот на употребите на говорот на омраза и целите за користење, говорниот субјект одбира одреден степен и се обидува да го предизвика посакуваниот ефект. Ако тоа не го постигнува посакуваниот ефект или акција, тогаш најчесто се преминува на понтензивните форми на говорот на омраза, со што се интензивира и самиот конфликт помеѓу учесниците на говорниот чин. Колку што е поинтензивен говорот на омраза, односно повисок на претставената скала, толку е поголема е веројатноста говорниот чин да премине во акција, односно физичко насилство или судир. Во зависност од конситуацијата и реакцијата на употребите на говорот на омраза (преку т.н. катализатори на акцијата), можно е и од пониски степени веднаш да се премине на физичко насилство.

Примери:

govor-na-omraza-primeri

>>> Прогресивна скала на пропаганда

Медиумски промени кои милуваме да ги игнорираме

Динамичните промени на комуницирањето и медиумите влијаат интензивно на нашето секојдневие, но промените во нашите сфаќања за тој процес одат далеку побавно. Во прилог на тоа неколку медиусмки труизми кои милуваме да ги игнорираме

Continue reading

Еве какви програми емитуваат телевизиите!

Предупредување

Текстот што следи не е наменет за малолетната публика и се препорачува надзор на здравствен работник.

Минатата недела Државниот завод за статистика ги објави бројките за радиодифузната дејност во земјата во текот на 2013 година. Continue reading

Бесплатното е илузија

Неброј бесплатни услуги на интернет се секако нешто што е извонредно привлечно за повеќето од нас. Проблемите со бесплатните онлајн услуги започнуваат најчесто кога сакате да им „раскинете“ на некои од нив.

Моето прво негативно искуство од таков тип беше со LinkedIn. Откако прецизно ги следев сите упатства за бришење на профилот, внесените податоци не можев да ги тргнам ниту од сервисот, ниту од пребарувачите. Слично искуство имав и со бесплатните сервиси SlideShare и Prezi. И таму сервисот задржуваше голем дел од податоците кои ги внесував и по макотрпно бришење на дел по дел, сепак на нив остана голем дел од внесените податоци.

Google+ е посебна авантура од овој тип. И по неколкукратно бришење на Google+ профилот, кој првично своеволно го отворив и користев, откажувањето на оваа услуга прерасна во болнo искуство од типот на раскинување на overly attached girlfriend.

И по минимизацијата на податоците кои му ги оставам во аманет на Гугл, сервисот наоѓаше различни пацерски и фушерајски начини да ми порача: А да не сакаш да се вратиш на Google+? Еден од нив е и користењето на Андроид паметен телефон и дифолт финти од типот auto upload на сите фотографии од твојот мобилен кои се складираат онлајн (само за твои очи, барем така ти ветува сервисот, но дали можеш да му веруваш за ова?).

Сторијата со лични податоци кои му ги предаваме на Фејзбук е приказна за која ни треба можеби цела книга за да се објасни што сè се случува со нашите лични податоци.

wqe

Како и да е, заклучокот од користењето на овие сервиси е еден и неизбежен. Бесплатноста е илузија. За секој free сервис предаваме или продаваме нешто од својата слобода или приватност. За секој бесплатен имејл сервис, се откажуваме од приватноста на нашите пораки, кои дозволуваме да бидат скенирани и искористени за профилирање и оформување на клучни зборови, потоа искористени за рекламирање. За секој профил на социјални мрежи даваме арач од својата приватност и профили на навики. Еден по еден, од корисници стануваме искористени ентитети. Сфаќаме дека сервисите всушност нè продаваат нас и нашите мета-податоци, содржини, профили, кориснички навики, и што сè уште не. Cats-on-Google-Plus-The-Anti-Social-Media

Нашите онлајн искуства полека стануваат слични на приказната на Аделберт фон Камизо за Питер Шлемил, човек кој ја продал својата сенка и горко се покајал за тоа. Дали сите наместо сенките ја продаваме својата приватност и интимност, и единствена причина заради која тоа не е е чудно и монструозно, како во случајот на Шлемил, е што сите го прават тоа?

Се разбира, ако умно и контролирано ги користиме овие сервиси, нашата лична онлајн приказна не мора да заврши ни тажно, ни трагично.

Во прилог на тоа која е личната цена за бесплатниот интернет и како да се заштитиме од темните страни на Мрежата погледнете го и документарецот на BBC, насловен како „The Virtual Revolution: The Cost of Free“ (Виртуелната револиција. Цената на бесплатното), чие клучно прашање е „Аre we all sleep walking into a Surveillance state?“ (ме замрзе да преведувам, а и документарецот е на англиски, ете така): 


Виралните содржини можат да бидат употребени и за корисни цели, нели?

Треба да се подвлече дека исмевањето има и своја друга страна, онаа на која јавното исмевање не само што не ѝ е смешно, туку и ѝ претставува лична траума.

Continue reading

СМ протести

По најновите настани во Истанбул и во Турција, кои започнаа како мирен протест против уништувањето на паркот Гези заради изградба на комерцијален објект, а прераснаа во масовни протести против власта, голем број аналитичари се обидуваат одблиску да го објаснат феноменот на протестирање и користењето на социјалните медиуми за овие каузи.

Едно е сигурно, властите, особено оние кои не се доволно демократски и транспарентни, сé повеќе стравуваат од социјалните медиуми. Турскиот премиер го посочи Твитер како главен виновник за протестите и немирите (Твитер е зло и виновник за немирите во Турција, 3.7.2013). 

BMEpCFUCQAAgr50

Хронологијата на настаните во Турција, и како тие се пренесуваа преку социјалните медиуми, покажува како од мал еколошки протест, работите можат да се кренат на глобално ниво и протест кој ги проблематизира не само локалните односи, туку и демократијата, владеењето на правото и човековите права, во многу пошироки контексти.

Global Voices: Turkey – A Social Media Chronology of Occupy Gezi

Низ перспектива на сите протести кои се одвиваа во последните три години, почнувајќи со Арапската пролет, Occupy Wall Street, протестите против генетски произведената храна, настаните во Турција, секако да ги споменеме и протестите во Македонија од пред 2 години, аналитичарите се обидуваат да сублимираат одредени одлики, предности и ограничености кои ги покажува активизмот помогнат од социјалните медиуми.

Од стотиците текстови, достапни на интернет со просто пребарување на клучните зборови за оваа тема, ќе претставиме еден од поаналитичните и со добар „инсајт“ на темата. Се работи за анализата на Зејнеп Туфекџи, насловен како „Networked Politics from Tahrir to Taksim: Is there a Social Media-fueled Protest Style?“ (Вмрежена политика, од Тахрир до Таксим: Има ли протести потпалени од социјалните медиуми?).

Според неа клучните одлики се следни:

1- Немање организирани водачи

Ниту еден од овие протести немаше водство, институционализирани „лидери“, или слични категории. Дури не можеа да се идентификуваат ниту поединци кои би биле некакви гласноговорници. Ова е радикална промена во однос на традиционалните форми на протестирање од XX-от век.

Подлабокиот увид потврдува дека има различни наслојки на хиерархии и разни форми на лидерства во овие движења, но нема никаква контрола од еден центар или група, во смисла на носење одлуки или претставување.

Покрај предностите кои ги има инклузивноста на идеи и целосната децентрализираност на контролата, има и недостатоци: неможноста да се оформи кохерентна програма или акциски план.

2- Oрганизираност околу „Стоп!“ а не околу „Дај!“

Постоечките форми и структури на социјалните медиуми овозможуваат многу полесно да се опонира и спротивстави на нешто, отколку да се оформи стратешки организирана сила која би презела политичка моќ. Недостаток на ваква димензија предизвикува овие движења да имаат слабо, или никакво, долгорочно влијание. Тие имаат влијание, но тоа е многу непропорционално на бројноста и големината. Твитер и Фејзбук револуциите засега не го движат светот кон подобра „партиципативна демократија“. Напротив, пробивот на капиталот во сите пори на општеството ја загрозува самата јавна сфера и нејзиното функционирање независно од политичките и бизнис центри на моќ. Резултат на тоа е „партиципативно отфрлање“ на одредени проблеми, но кое тешко се развива во подобра репрезентативна демократија.

Социјалните медиуми се лесни за пренесување на пораки, слики, видеа, но не и на посложени аргументи, кои секако се потребни за да се надгради протестот и да се развие во поопипливи долгорочни промени. Википедија е еден од исклучоците за ова, вели авторката. Потребни се подобри истражувања за тоа како онлајн платформите влијаат на позитивни промени преку партиципација, преговарање и групно генерирање на решенија, особено за сложени јавни проблеми.

3. Отсуство на  институционална поткрепа

Колку и да се општопрофатливи, идеалистички, логични и јасни барањата, подршката за каузите на протестите наидува на речиси целосна блокада од институционалните системи на општествата. Освен спорадични подршки на граѓански асоцијации, поединци и интелектуалци, како лесни форми на институционализираност, протестите наидуваат на речиси целосна блокада од системот. Исклучоци има, како на пример поддршка на припадници на војската за протестите во Турција, но генерално блокадата преовладува. 944131_10151721401269714_1318203697_n

Тоа беше најевидентно во текот на протестите во Турција каде главните медиуми за време на протестите прикажуваа документарци за пингвини и кулинарски шоуа и целосно потрфлија во својата улога да информираат, а најстрашното во тоа е што тие се системски предодредени да го прават тоа, како во Турција, така и во другите земји.

4- Учество на неактивисти и ентузијасти

Претходните демонстрации во Египет и Турција главно ги изведуваа искусни активисти. Она што се случи во текот на „Твитер револуциите“ е драстично зголемениот број на обични луѓе кои никогаш и не биле на протести. Најголемиот број од нив биле привлечени заради нивна засегнатост за „нешта поважни од политиката и политичарите“.

5- Надворешно внимание

Социјалните медиуми овозможуваат целосно разбивање на вообичаените граници во смисла на региони, држави, унии, јазици, култури, и лесно се пренесуваат на глобално ниво. Секој протест има потенцијал да стане светска тема.

Убава илустрација за точките 3 и 5 е сликата која покажува што во текот на протестите прикажувале CNN и CNN Türk:

zeynep1.image1

6 – Социјалните медиуми го одредуваат наративот 

Еден од потценетите аспекти на овие протести е тоа што тие се покажаа како многу моќни во оформување на наративот за темите за кои беа организирани. Реториката, слоганите, едноставните пораки многу бргу се усвојуваат во јавноста и медиумите, и често го одредуваат целосно медиумскиот, па дури и политичкиот наратив околу одредени теми.

Исто така, тие можат да ги исцртаат и контурите на промените, црвените линии за одредени прашања, да поттикнат идеи за промени, особено во граѓанската сфера, таму каде средината е доволно зрела за тоа (ова е точка 8 од изворниот текст).

7 – Експлозија на групното премолчување

Една од најважните теми во историските случувања е како ретко повеќето од нив биле предвидени. На пример, како никој не ја предвидел револуцијата во Иран во 1979? Не се работи за колективен идиотизам и несвесност, туку за феномен на групно премолчување, каде сите ги чувствуваме проблемите, но не ги мaнифестираме во јавноста. Социјалните медиуми имаат моќ ваквата транспозиција и „префрлање“ да ги олеснат и да ги катапултираат ваквите „премолчени проблеми“ од семејна трпеза во ударни вести.

На крај, не би мудрувале многу, само би спомнале дека не можат баш сите одлики да бидат применливи на сите случаи, но во генерални црти тие добро ги доловуваат овие феномени, и можат да послужат како добра основа и за информирање, но и за понатамошно истражување.

За сериските самоубиства на домашните медиуми

На 15 мај во Скопје се случи трагедија во која 57 годишен маж си го одзеде животот. Овој немил настан, кој се одиграл на јавно место, здружно беше покриен во речиси сите домашни медиуми. Начинот на кој македонските медиуми известуваа за него, благо кажано, беше крајно неодоговорен, брутален и сосема непрофесионален.  Continue reading

Награда за Дона Колар Панов

Драги читатели на блогот Комуникации, чест ни е и овде да ја пренесеме убавата вест дека професорката по комуникации и светски признат стручњак во оваа област, Дона Колар Панов, на 15 март во Опатија доби награда, „PRO PR Awards.“. Наградата е доделена за особен придонес на полето на комуникациските науки и односите со јавност. 

Оваа награда ѝ беше врачена во Скопје во четвртокот, 28 март, пред редица нејзини студенти, колеги, соработници и пријатели. Во образложението на наградата се вели:

„Со својата визија и амбиции Дона Колар  Панов припаѓа во ретките професионалци кои успеаа да ја поврзат теоријата со практиката на односите со јавност во почетоците на создавање на оваа професија во Македонија. Благодарејќи на нејзиниот посветен и огромен труд, нејзиното богато знаење го пренесе на своите бројни студенти. Со континуирано следење на трендовите и нивната примена во пракса, придонесе односите за јавност Македонија да не заостануваат зад светското образование“.

Професорката Дона Колар Панов во својот говор, во кој ја искажа благодарноста за ова признание и подршката од своите колеги и пријатели, го нагласи она што секогаш им го кажува на своите студенти: целиот нејзин труд и научен ангажман им е посветен ним, па така великодушно и во оваа пригода го потврди тоа и им ја посвети оваа награда токму на нив, студентите и сите оние кои имале можност да црпат од нејзиното богато знаење.

20130328_175831

Почетоците и текот на развој на блогот Комуникации се нераскинливо поврзани со професорката Дона. Уште во текот на постидпломските студии негде во средината на минатата деценија, кога новите медиуми беа речиси во зародиш во светски рамки, а кај нас нешто далечно и неистражено, таа постојано ја охрабруваше малата група која стои зад блогот и мрежата околу него, „притискаше“, охрабруваше, споделуваше книги, академски нé „провоцираше“ да копаме и чепкаме, и постојано не мотивираше да работиме и да вложиме дел од себеси во оваа област за да го споделиме со сите оние кои се заинтересирани за овие теми. Секогаш кога се навраќавме на приказната за почетоците ја повторувавме сентенцата дека таа е „бабица на блогот“ 🙂

Затоа, драга професорке Дона ти благодариме за сé, се радуваме на твоите успеси, се надеваме дека и ти ќе имаш бројни пригоди во кои ќе можеш да се израдуваш и на успесите на своите студенти.

Сеад и Дарко

Политичките истражувања како алатка за пропаганда и манипулација

Втор дел на анализата на Никола Спасов. Испитувањата на јавното мислење се користат и како алатка за манипулирање со јавното мислење, наметнување на теми во јавноста па дури и воена пропагнада.

Continue reading