Posts by Sead

Трибина и истражување на ИСППИ

Ги издвојуваме оние податоците за употребата на социјалните мрежи во кои 41.7% се изјасниле дека ги користат за дружење, 15.2% за забава и игри, а само 0.7% за политичко организирање.

Continue reading

За медиумската фасцинација

Бедови, бедови

Медиумите се чудна работа, благо кажано. Но, тоа е така затоа што луѓето својата слободна волја ја насочуваат кон чудни и ирационални постапки. Медиумите не се проблемот, луѓето се проблемот, медиумите се само огледалото, а ликот во огледалото, тоа сме ние. Медиумите се само материјалната компонента, нас нè плаши сопствениот лик отсликан во медиумите, ние сме ликот на Анти Нарцис…Но, да не должам, да прејдам на проблемот.

Прашањето, поттикнато од клучните проблеми кои нè притискаат, е следното: зошто во медиумите доминираат примитивистички теми од типот: насилство, вербална и физичка агресивност, вербална и визуелна вулгарност, злонамерна и деструктивна пропаганда? 
Во најчитаните и „најинтересните“ вести додека ги пишувам овие редови беа изживувањето врз телото на убиениот американски амбасадор во Бенгази (Либија), вулгарни навреди на локален водител во врска со несреќен случај во семејството на уредник во друг медиум и тангите на една пратеничка. Ах, да, тука беа и неколку редовни колажни теми од типот каде Станија и Сораја ги прикажале своите предници и задници (ако не знаеш кои се овие ликови, сметај се за тежок асоцијален случај и побарај стручна помош), како се практикува сексот во затворските установи и зошто Вардар е најдобриот одговор за секој посериозен проблем во твојот живот?

Continue reading

Има ли решенија за кризата на медиумите?

Минатата недела имав пригодна можност да се сретнам и поразговарам со некои од членовите и новинари на АКТИВ. Се работи за мошне интересен проект и веб платформа која има цел да поттикне оформување на дигитална заедница на активисти, да охрабри и овозможи здрава дебата во општеството, размена на информации и мислења и да понуди решенија за актуелните проблеми преку квалитетен и стручен увид во нив. Секој, како што самите членови наведуваат: „ненасилен и инклузивен граѓански активизам, базиран на граѓанските потреби и права“, навистина треба да биде подржан и охрабрен.

Во разговорот со Тамара Чаусидис, еден од најреспектираните медиумски работници во својата фела, се навративме на состојбите во македонските медиуми, проблемите, предизвиците, можните решенија, неизбежната политика, медиумската култура и неколку блиски и поврзани теми.

Генерално земено, се обидов да ги нагласам нездравите услови во кои функционираат нашите медиуми, а тоа се полудивиот пазар на медиуми, селективната примена на законите, политичкиот интервенционизам, финансиската неодржливост на повеќето медиуми кои нужно резултираат во медиумски клиентелизам, непочитување на професионалните и етичките стандарди, низок квалитет на медиумскиот производ и, секако, сериозно губење на довербата во медиумите. Во комбинација со промените кои ги наметнува новата дигитална реалност која ги изместува старите работни навики и бизнис модели, може да се каже дека кризата на домашните медиуми е толку сериозна што може да се постави прашањето дали тие воопшто ја исполнуваат својата улога во едно општество кое сака да биде демократско?

 Имаме борба на спротивставени општествени чинители во којашто граѓанинот и неговите интереси се целосно изгубени. Тоа е примарниот негативен ефект. Второ, имаме незастапеност на различни групи од интерес. Ако партиите ја преземаат улогата да претставуваат цели етникуми (на ангро), тогаш сите други видови колективи, здружувања и граѓански групи остануваат целосно отфрлени и не можат да дојдат до израз и глас… Граѓаните остануваат маргинализирани во општеството, исфрлени од демократскиот процес, нивниот глас не може да се чуе, ако излезат на протести ќе бидат етикетирани дека се од некоја партија или етикетирана група. Ним практично им се негира правото да излезат и да искажат став по некое прашање кое ги засега.

Ако медиумите се крајно политички поларизирани, јавниот сервис не функционира врз принципите на јавниот интерес, пропагандата царува, новинарските стандарди никој не ги почитува (дури на основа на елементарна лектура на текстови, да не зборуваме за повисоките нивоа на проверка на факти, извори и слично), тогаш клучното прашање е како тогаш граѓаните можат да ја преземат и исполнат својата демократска  улога, т.е да ги одберат своите претставници во институциите, да ги повикаат на одговорност, и конечно, како тие компетентно да влијаат врз општествените процеси кои најмногу ги засегаат?

Сето тоа е доведено под голем знак прашалник кога во врзаниот синџир на процеси и фактори, медиумите се поттиснати на ниво на прости еднонасочни канали за проп-агитирање, наспроти тоа да бидат субјекти кои ќе внесуваат некоја општополезна разумност, и ќе го сопрат суровото пропагирање на интересите и тесните гледишта на мали групи луѓе заседнати во политичките и економските фотелји на моќта.

 Зборуваме за корелација на див пазарен систем со непостоење на здрав, јавен информативен сервис. Тие два столба не функционираат што води кон речиси целосно нарушување на јавниот комуникациски систем. Значи ние немаме систем на информирање кој би бил здрав во смисла на балансирано и неутрално информирање на граѓаните.

Дискутираните решенија се едноставни во теорија, многу сложени и болни во пракса: целосна примена на позитивните закони и уредби, целосно повлекување на политичкото менаџирање и притисоците, овозможување на слободна пазарна конкуренција која ќе поттикнува квалитет vis-а-vis интересите на граѓаните, а не клиентелизам кон партиите, и така натаму.

 …Повеќе пати се уверувме како медиумите со своето небалансирано, стихијно и непрофесионално известување создаваат атмосфера на нетрпеливост, попуштање на моралните и цивилизациски стеги кај поединците и ги охрабруваат вербалното насилство да го преточат во реално насилство. Медиумите се многу важни ако не и клучни во тензични ситуации во смисла да не се влошуваат состојбите, туку да поттикнат јавно мислење кое е толерантно и неагресивно…Во таа смисла е важно тоа професионално малцинство да расте затоа што тие се фактор на стабилизација и развој и важно е да ги охрабриме, а јавноста во нив да препознае модел кој треба да стане доминантен.

Со благодарност до АКТИВ за можноста да размениме гледишта на овие важни теми, се надевам дека умерениот оптимист ќе го надвладее реалистот за кој зборувавме во самиот текст.

…кога принципот на доверба ќе се наруши

Медиумите во Македонија не можат да се согласат околу фактите дури ни тогаш кога фактите се прости бројки. Дали, да речеме, 5 е многу или малку, зависи од: дали 5 ѝ одговара на власта или на опозицијата…

Continue reading

Медиумската етика падна, бројот на жртвите засега непознат

Неколку белешки со цел малку да се рационализира бранот негативни реакции по „испадот“ на  програмата на Канал 5 во кој тизер-реклама за нова серија на оваа национална телевизија предизвика вознемиреност кај голем број граѓани:

Канал 5 телевизија, по емитувањето на централниот дневник, објави вонредна вест според која ‘веднаш по полетувањето се урнал авион, а дополнителни информации ќе следуваат наскоро’. Граѓаните во паника, веднаш почнале да се јавуваат на скопскиот аеродром и во МВР за да проверат за што се работи со оглед на тоа што имале блиски кои токму вечерва патуваат преку скопскиот аеродром „Александар Велики”.  Според коментарите на социјалните мрежи, најверојатно се работи за реклама на телевизијата за нова серија, во која има слична тематика, односно авионска несреќа.

(Кирилица, 20.06.12).

Во жанровски формат на телевизиски вести емитувана е реклама за нова серија, што како техника не е непознато. Еден од најпознатите примери на преосмислување на жанрот на вестите за повпечатливо да се пренесе некоја порака секако е емитувањето на радио драмата „Војна на световите“ во САД во 1938 година. На „слична“ идејна линија е и овој случај со тоа што овде не сме сигурни дека тој ќе остане запишан како пример за паметење во позитивна смисла. Напротив.

Почитувани гледачи ја прекинуваме програмата за веста која штотуку ја добивме. Се случи авионска несреќа. Веднаш по полетувањето авионот падна. Повторувам, се случи авионска несреќа. Засега не е познат бројот на жртвите. Очекуваме вести од местото на настанот. Ќе се јавиме повторно“.

Идејата низ „реалистичниот код на вестите“ да се пренесе возбудлива порака за серијата која треба да се емитува прилично се самозакопа и предизвика реакции заради кои телевизијата мораше да се извинува, а предизвика и контра-монтажи.

Што всушност се случи?

-Суштински гледано се работи за манипулативен рекламен сензационализам во коj средството за манипулација беше форматот на телевизиските вести како „мамка“ не само за привлекување внимание, туку и предизвикување силни реакции. Ризикот од пречекорување на чувствителната граница помеѓу медиумската и вистинската реалност најчесто е пресметан, што веројатно било случај и овде. Сепак, кога ваков тип на „тизер“ се користи во други средини обично се работи за средина каде угледот на медиумите е (далеку) поголем а медиумската писменост исто така поразвиена, па менаџирањето на реакциите е далеку попредвидливо и поконтролирано. За несреќа „досетката“ на Канал 5 не можеше да смета ниту на едното, ниту на другото. Угледот и довербата во медиумите кај нас се крајно урнисани, па по дознавањето дека се работи за „рекламна досетка“ (која се користела и во Турција?) реакциите очекувано беа крајно негативни.

– Дополнителен фактор за колапсот на тизерот е општествениот контекст кој изобилува со тензични моменти и елементи, а јавноста е навикната од вестите да слуша само негативни стории и информации, кои ретко ги преиспитува доволно критички. Доволен е мал „тригер“ за да предизвика сериозна вознемиреност и лавина реакции, особено ако тие се вклопуваат во веќе утврдени негативни општествени стереотипи. Наклонетоста на локалниот менталитет кон катастрофични сценарија и скептичноста беа силен фактор во нижењето на настаните и реакциите. Така се случи тизерот да не биде прочитан како тоа можеби некој сакал.

– Сепак, вака или онака, јавноста дозна за серијата која се рекламира, иако беше со право згрозена од начинот на кој тоа беше изведено, а телевизијата го злоупотреби нивелирањето на добар и лош публицитетот во полу-хаотични ситуации за да си ја протне својата комерцијална порака. Во таа смисла етичката одговорнсот е неспорна и мора да резултира со соодветни санкции (само да не биде писмена опомена?). Неводењето сметка за можните последици и реакции во средината каде се емитува самата „рекламна“ содржина е сериозен сигнал дека одговорноста на медимите оддамна е помножена со нула, и засега, нема фактор во Македонија кој пројавува намера да го сопре овој процес (особено кај заштитените и осилени на пазарот провладини медиумски прирастоци).

Да не одиме подалеку во смисла на светски норми и стандарди во разгледување какви пенали направи Канал 5, ќе се задржиме само на неколку ставки од Законот за радиодифузна дејност и Кодексот на ЗНМ (меѓу многуте други) со кои си поиграа и буквално го избришаа патосот со оваа себична и манипулативна постапка:

-Повредено начелото за радиодифузна дејност  за вистинито информирање (член 8).

-Рекламирањето и телешопингот треба да бидат вистинити и чесни, да не ја заве­ду­ваат јавноста…(член 87).

-Рекламирање и телешоп не треба да прикажуваат, визуелно или тонски, лица кои редовно презентираат вести и актуелни информативни емисии (член 105).

Во делот на поигрување со следните етички ставки на медиумско-новинарската дејност заради тесни комерцијални побуди треба да се споменат:

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана….новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни. Право и должност на новинарите е да го спречат искривувањето на вестите. – Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Веројатно целосно наведување на сите ставки и норми кои беа прекршени секако ќе одземеа премногу простор, но можете да ги додадете во коментарите.

За жал реалноста во Македоније е дека некои сериозни и многу важни вредности на демократијата и плурализмот мора да ги учиме по пат на „грешки и санкции“ (како што беше лекцијата за приватност на докторките од скопскиот Ургентен центар), така што во овој случај делот со последици и санкции мора да биде особено подвлечен. Одговорноста на медиумите во нашата средина е болна точка, и покрај поставувањето (по кој знае кој пат) на добро познатата дијагноза, крајно време е за ефективна терапија.

Обновено (17:30, 21.6.2012):

 СРД: Советот за радиодифузија на ТВ Канал 5 денеска ѝ изрече мерка „три дена забрана за рекламирање и телешопинг“, поради емитување на промотивен рекламен спот на 20 и 21 јуни, со кој беше прекршен Законот за радиодифузната дејност. Анализата на емитуваниот промотивен спот, којшто имал првична цел да најави нова серија, покажа дека ТВ Канал 5 ги има прекршено членот 87 од Законот за радиодифузната дејност, односно овој радиодифузер емитувал рекламен спот за самопромотивни цели, кој е невистинит (лажна авионска несреќа) и ја заведува јавноста (емитување промотивен спот во форма на вонредни вести). СРД констатираше и прекршување на законот со тоа што ТВ Канал 5 во реклама за самопромотивни цели користи лице кое редовно презентира вести со што е прекршен членот 105 од законот.
Итната седница на СРД беше одржана поради големиот број претставки од граѓаните, коишто се почувствуваа вознемирени од промотивните рекламни спотови.
ЗНМ: Канал 5 го стави економскиот интерес пред јавниот
Советот на честа денеска ја осуди постапката на Телевизија Канал 5, која во своите вести објави информација за наводна авионска несреќа, без да соопшти други детали. Подоцна се извини признавајќи дека направиле „несмасна“ реклама. Советот на честа смета дека станува збор за злоупотреба и груба дезинформација со која својот економски интерес Канал 5 го става над јавниот интерес. На овој начин Телевизијата предизвика страв и заблуда кај граѓаните и тоа свесно, за да изрекламира своја емисија (Утрински весник, 21.6.2012).

Јавното запросување како спектакл

„Скандал – момче ја побарало својата девојка за жена додека биле сами!“

Ова е мојот фејзбук статус од 14 јануари годинава и кој за жал стана „визионерски“ 🙁

Моментот кога интимен момент како што е барање на раката на саканата ќе стигне до главните вести на една од националните телевизии, е доволно некој од нас да стави прст на чело: полека, што воопшто се случува овде?

Во суштина овде станува збор (за обиди?) за развивање на една нова перцепција за „романтичноста“ директно поттикната од медиумската култура, особено од холувудските филмови. Јавните запросувања не се реткост во САД на пример, каде културната матрица на Американците и нивните сфаќања за романтичноста се тесно испреплетени со филмовите. За нив јавното запросување е еден вид „херојство“ на јавна сцена како потврда на големата љубов и подготвеност за целосна посвета кон брачниот живот. Напнатоста на која се изложува мажот кој јавно запросува соочен со ризикот да биде одбиен и јавно посрамотен, билда еден вид „романтичарски адреналин“ што се интерпретира како жртва на мажот за љубовта кон саканото лице. Секако овде често се заборава позицијата на жената која треба да ја одигра улогата на пасивен одобрувач на овој ритуал и со тоа да ја принесе својата жртва за истиот, прикривајќи го огромниот притисок и речиси доведеност пред свршен чин.

Оваa појава зеде замав на американскиот континент, па бргу се пресели и во Британија, но  со различни ефекти и прифатеност, според пишувањето на BBC (Why do some people propose in public?).

Во локална смисла запросувањето на раката на девојката е врвен приватен чин во кој се одвива потврда на партнерите и личниот залог и завет за идниот брачен живот. Иако новиот бран на јавни запросувања кај нас е веројатно осмислен како романтичен пандан на холивудско-американските митови, кај нас интерпретациите не се така едноставни. Голем број од реакциите и не се баш така благонаклонети кон тоа ваквите чинови да ги прифатат како „романтични“ и „херојски“. Културниот код во САД и културниот код во Македонија не се исти, традициите се разликуваат, а степенот на приватноста и како таа се практикува во рамките на овој чин не се многу блиски. Со едноставни зборови ефектите од приопштување на туѓа традиција на друго тло помалку наликува како на пример да ставите каубојски шешир и да се прошетате низ Бунарџик, на пример?

Покрај примена на холивудската романтичарска митологија, познат е и феноменот на вирализација на овие јавни запросувања, особено на Youtube. Психолозите овде најчесто детектираат еден вид барање на внимание и самопотврда на актерите на овие видеа, но и јавен егзибиционизам кој го овозможуваат новите медиуми. Предизвикот лесно да станете познат (славен?) со пуштање на интернет на таков приватен чин за некого има огромна привлечност. Живееме во ерата на Спектаклот, а актерите ваквите запросувања ги толкуваат како спектакли кои можат да им го сменат животот и да ги издвојат од другите, а веројатно и да ги направат славни макар и на 15 минути. Некои теоретичари ова го толкуваат и како „celebrity simulation“ односно лажно проектирање на поединци како проживуваат некоја епизода од животот како да се славни.

Како и да е, идејата овде не ми е да прогласам нешто за погрешно или исправно, туку да се покаже дека културната апропријација на одредени туѓи пракси е многу комплексен процес, а консензусот за или против не се постигнува ниту лесно, ниту бргу. Од друга страна обидот да се пресликаат и применат туѓи модели на однесување, особено ако доаѓаат од медиумите и популарната култура, многу често се судираат со локалната пракса и традиција, а лесно со можат да испаднат и смешни. Умберто Еко ова во неговите семиотички списи го нарекува „аберација“, односно искривување или прекршување на еден модел во друга средина. Некој знаковен модел или образец може целосно да се измени и поинаку да се интерпретира ако му го смените културниот контекст. Мене на истава тема ми паѓаат на-ум оние поздрави, желби и честитки на локалните телевизии од пред десетина години кои одеа некако овака:

„Елеонора звана Бренда на својот братучед Елвис звани Брендон му посакува среќно матурирање и пријатни мигови со семејството“.

Нив веројатно им звучи кул да се идентификуваат со Бренда и Брендон од „Беверли хилс 90210“ серијалот, но сепак треба да се помисли и на тоа какви се интерпетациите на средината.

И конечно, по толку контроверзни примери за најголемиот дел од публиката во Македонија јавното запросување ќе стане вест должна за внимание ако се случи некој да одбие некого во ваков „мизансцен“, како на пример во видеото подолу (а ако некој знае кога конечно ќе падне таа свадба на Сарма нека пише во коментарите).

Помалку е повеќе

Пренатрупаноста на домашните веб-страници е тема на која пишувавме и порано на овој блог. За жал без некој ефект, а процесот продолжи да „напредува“. Се работи за тема која е посебно важна и со сериозно влијание кај информативните веб-страници и за тоа какво корисничко искуство тие нудат.

Кванититетот продолжува да царува, а бројот на содржини, линкови, слики, сликички, флешови, банери и сл, останува главно мерило колку некој сајт е „богат“, што би требало да значи и поквалитетен од другите. Како да се работи за некоја трка кој ќе има повеќе содржини на насловната страница на сајтот. Но за нивна, и наша, жал квантификацијата на содржини, и нивно натрупување, е веќе надминат тренд кој многукратно се покажа дека има повеќе недостатоци отколку предности во однос на корисниците.

Ако споредите некој од попопуларните странски веб-страници (на пример Yahoo! или BBC), ќе забележите подобар баланс на богатство и прегледноста на содржините. Особено е тоа забележливо на сајтот на водечката информативна медиумска куќа, BBC, каде содржините се поприлично здиплени и лесни за прегледување и пронаоѓање.

Колку за поконцизна споредба на почетните страници на неколку домашни медиуми (случајно одбрани) колку „парчиња“ успеавме да преброиме (првата цифра е број на содржински единици кои водат кон пермалиинк на самата содржина, додека втората бројка се единици со линкови до надворешни содржини, односно реклами или линкови до други слични сајтови).

ВЕСТ – 68 / 9

Нова Македонија – 81 / 35

Дневник – 75 / 17

Алфа ТВ – 80 / 4

Токму заради „хаотичноста“ на стартните страници на домашните медиуми (делот со најактуелни вести, кој стана некаква веб-норма, сепак не е доволен за да ја смени сликата на подобро), толку на значење добиваат социјалните мрежи и агрегаторите, кои колку-толку нудат смисла, препорака и припомош во снаоѓањето во морето од информации. Во ситуации кога корисниците во голем дел од нив препознаваат дека нема некоја разлика, и дека самите содржини се речиси исти на повеќето сајтови, тогаш ретко кој останува расположен да се впушта во требењето ориз на овие интернет страници и им пристапуваат преку „посредници“ кои поогранизирано ги сервираат истите тие информации.

Можеби низ призма на овие теми и дилеми и се крие дел од „вау“ ефектот на почетната страница на Yahoo! за iPad:

 

 

 

Пропагандни техники во Македонија (3)

Лажно асоцирање

Лажно асоцирање е манипулативна техника во која два поими наменски се доведуваат во врска за да се постигне одреден содржински ефект, иако во стварноста самите поими не се во реална причинско-последична врска. Во определен број случаи кога постои формална или слаба врска, при манипулирањето таа се подвлекува, нагласува или интензивира:

Дел од новинарскиот еснаф излегоа да протестираат поради отказните решенија на неколкумина новинари. Но, најверојатно ваквите протести беа организирани поради згаснувањето на печатените медиуми на Велија Рамковски, кој ја прекина финансиската поддршка на неговите весници“,  МТВ 04.7.2011.

Паралогизам           

Паралогизмот е манипулативна техника на заклучок  кој може да фунционира логично само ако се гледа од еден изолиран аспект или гледиште. Ако пак темата или прашањето се контекстуализираат во својот причинско-последичен тек, тогаш станува јасно дека се работи за семантичка и логичка манипулација.

И што сега? Политиката создаде илјадници новинари заедно со стотиците медиуми, и политиката почна да ги уништува! Ништо пологично и полегитимно!“, Дневник, 02.7.2011.

               

Замена по блискост

Во макeдонските медиуми се бројни навидум ситни „синегдохични“ (дел-за-дел, дел-за-целина, целина-за-дел) замени кои имаат сериозни последици по интерпретациите на самите информации:

Премиерот Никола Груевски се извини два дена по убиството, а СДСМ обзнани дека убиецот бил негов поранешен обезбедувач“, Дневник, 09.6.2011.

Во овој случај изразеното „жалење за загубата и сочувство до семејството“ е заменето со „извинување“ што ги искривува фактите.

 

Пропагандни техники во Македонија (2)

Дефокусирање и врамување – чест метод за искривување на медиумското претставување на состојбите е дефокусирањето од определена тема, без притоа темата да биде квалитетно покриена со информации или аргументирано анализирана.

Continue reading

Пропагандни техники во Македонија (1)

Во текот на 2011 година Центарот за нови медиуми во соработка со НВО Инфоцентарот и Центарот за развој на медиуми во неколку наврати аналитички го следеше покривањето на најистакнатите медиумски настани за тој период. Низ анализата на овие настани, и како домашните медиуми известуваат за нив, покрај прегледот на начинот на кој медиумите известуваа за овие, беше направено „скенирање“ на најзастапените манипулативни методи и пропагандни техники користени од страна на новинарите и медиумите во Македонија (Медиумско огледало: Медиумски манипулации и пропаганда, 27 јануари 2012, Скопје).

Генералниот заклучок е дека медиумите во голема мера се приклонуваат на манипулирање со информациите. Многу мал дел од нив, речиси како исклучок, неутрално и балансирано им приоѓаат на темите за кои известуваат, особено кога се работи за оние кои се од посериозно домашно-политичко значење. За некои „кежуал“ теми пак тие покажуваат дека можат дури и одлично да ги покријат и квалитетно да информираат за нив. Сумарно, најчесто медиумите наместо во служба на јавноста и на корисниците, се трансформирани во политички алатки за убедување, и наместо да известуваат тие всушност се клучни актери во нив,  vis-a-vis тоа како јавноста и институциите ќе реагираат на настаните.

Во таквата поставеност кај медиумите се наметнува потреба да развиваат вештини за селектирање, пакување и пласирање на информации кои ќе им овозможат да ги оставарат своите „затскриени цели“: да се убеди јавноста во нешто што оди во прилог на страната која ја бранат или застапуваат, да се направи конфузија околу некоја тема и одговорноста, или пак, често, да се изврши притисок врз поединци, групи или институции. Пропагандните техники во ваков контекст се речиси основна алатка за планската дисеминација на информациите и насочување на ефектите од нивното користење.

Continue reading

Гори мечка!

Ова не би требало да биде еден од оние постови во кои „Твитер агентурите“ нешто мрчат против вредните домашни новинари и нивниот лик и дело. Ова би требало да биде една илустрација како де факто функционира медиумското плуралистичко милје. Повеќе медиуми, пазар, конкуренција, би требало да ни понудат подобри информации? Па не баш.

Ете се случи еден интересен, но не така крупен настан:

Изгоре мерцедес кај МНР

И сега бидејќи се работи за инцидент со потенцијално големо значење и се 
случува во самиот центар на градот, многумина би очекувале да добијат целосна информација, која би ја вклучила и визуелната, која во овој случај е мошне важна за да се процени самиот настан, штетата, дали има некоја сериозна импликација од инцидентот, изјава од некој надлежен, информиран, сведок или слично.

Елем, ништо од тоа, добивме информација отприлика ваква (кликни на фотографијата за покрупна копија):

„Противпожарнтие служби не успеаја да го спасат мерцедесот кој е целосно уништен“.

„Возилото е целосно уништено, а полицијата врши увид“.

„Се проверува дали била поставена експлозивна направа во возилото“

И така редум. По овие драматични информации, еден од медиумите „се осмели“ и излезе на терен, па даде поцелосна слика што всушност се случило: „Изгоре мерцедес кај МНР“. Вистинската слика беше каде-каде различна од драматичните, непрецизните, непроверените, ископираните полу-информации пласирани во мнозинството од домашните медиуми:

Заклучоци? Очигледното конкуренцијата не ги мотивира нашите медиуми да соберат подобри и поквалитетни информации кои би им ги понудиле на корисниците. „Горат“ во брзината да пласираат каква било вест без квалитетно да ги обработат постоечките информации, да ги проверат и надополнат. Горат и во наклонетоста кон сензационализам, драматизација, кревање паника и копирање на постоечки информации без наведување извор, изјава, контекст или друга поткрепа на веста. Тоа е тоа, колку да си знаеме до кај им е чергичето и за тоа колку можеме да се потпреме на нив.

 

Медиуми ли се медиуми?

ДЕФИНИЦИЈА:

Медиум – Средство за масовна комуникација кое служи за информирање на јавноста.

Ако ја земеме оваа дефиниција (една од многуте) како образец да видиме што тоа кај нас се нарекува медиум, испаѓа дека многу од нив и не се баш медиуми. На повеќето не им е гајле за јавноста и нејзините интереси, а уште помалку за тоа професионално да ги информираат, а овие да имаат некој аир од тоа. Некои се далеку од масовни, а некои наместо информации пласираат зафрканции или трошки од информации забиберени со еден тон бизарности или тривијалности.

Како-и-да-е, низ локални искуства може да предложиме една структурна класификација која е далеку поверодостојна во однос на она што овие јавни колективи прават кај нас, сега и овде. Кој каде спаѓа и припаѓа одредете сами (а некои и ќе се препознаат, безбели 🙂

На другата страна од интернетот

Во комуниколоагијата обично се вели дека старите медиуми не изумираат, туку остануваат да опстојуваат на различен начин. Овој пост разгледува неколку импресии од секојдневието на оние кои денес не сурфаат на интернет.

Continue reading

#комкаст 31 – Facebook Memology, Twitter трендови и акцискиот план на ЗНМ и МИМ

Четирнаесеттиот подкаст од втората сезона на „Комуникации“ заради зафатеност на двоецот Булдиоски-Кузевски, помина во целосна доминација на третиот член на тимот, Сеад. Во стилот на Мишко Талевски од најдобрите „one man show“ денови на Шутел беше презентиран колаж од актуелни теми, како на локален, така и на глобален план.

Во исчекување на освртите на Мите од Mobile Monday бр. 6 и ексклузивата на Дарко од Le Web, послушајте го подкастот и темите:

Facebook Memology 2011,

Топ 10 Twitter трендови за 2011,

Акцискиот план на ЗНМ и МИМ, и неколку други за да ја збогатата дискусијата.

BBC и AP водичи за социјални медиуми за новинарите

Како што постапно се развива интеграцијата на новите медиуми во активностите на т.н. класични медиуми (примарно телевизија и печат), и како што расте бројот на информативни интернет страници (агенции?), така и на авторите на овој блог им се наметнува потребата да дадат подршка на овие процеси со по некој пост со „лесна“ едукативна содржина. Се надеваме дека тие позитивно ќе влијаат врз развојот на медиумската култура и псименост како на новинарите, така и на нивните корисници.

Двата најразработени и највлијателни водичи се на BBC и на АР.

Пренесуваме неколку хајлајти од истите, кои мислам дека се интересни и од особено значење:

  • Редакциите ги охрабруваат своите вработени да ги користат социјалните мрежи (СМ) како неодминливо средство за комуникација во денешни услови.
  • Покрај правилата за професионална употреба и споделување содржини, редакциите им даваат насоки и затоа како да ги користат и своите лични профили и сметки на социјалните медиуми (BBC: Don’t do anything stupid… Remember that even though you are acting in your own personal capacity, you are on show to your friends and anyone else who sees what you write, as a representative of the BBC. If you are editorial staff, it doesn’t make much difference whether or not you identify yourself as someone who works for the BBC).
  • Не искажувајте политичка наколнетост во која било опција и ситуација. Нарушувањето на имиџот на компанијата како „непристрасен извор на информации“ е недозволиво.
  • Не споделувај доверливи информации преку СМ.
  • Ако имаш свој блог разговарај со својот претпоставен заради расчистување на одредени можни конфликти на интереси.
  • Споделувањето содржини од вашата редакција и евентуално автоматизирање на нивно објавување координирај го со колегите и уредниците.
  • Личните преференци (like, RT и сл.) треба да бидат внимателни кон претходно спомнатите интереси на компанијата (непристрасноста и етичноста) и треба да одбегнуваат изразување на одреден политички став, подршка или осуда (на пример не е дозволена содржина од типот: RT@jonescampaign smith’s policies would destroy our school ).
  • Интеракцијата на СМ со изворите на информации (функционери, портпароли, и сл.) треба да е крајно внимателна и да не наведува на наклонетост или пристрасност.
  • Новинарите треба да водат сметка дека границата помеѓу приватното и службеното е прилично кревка.

Ако ова доволно ве мотивираше, погледнете ги целосните водичи на овие две медиумски куќи:

BBC Social Media Guidlance      Social media guidelines for AP employees

Преиспитување на класичните мотоа на новинарството

Новите медиуми го менуваат новинарството на длабински начин. Тие промени се сé уште во тек и во голема мера се недовршени. Новинарството се обидува да се прилагоди и на новите медиуми, но и на новата „публика“ која повеќе и не е публика. Станува збор за една трансформирана и дисперзирана категорија. Станува јасно дека нема повеќе јавност и масовна публика во класична смисла, туку има НОВ ТИП ЗАЕДНИЦИ кои бараат „заедништво со медиумите“ во процеси на прилагодена интеракција, активна партиципација и двонасочна комуникација. Публиката се дисперзира на КОРИСНИЦИ, а медиумите мораат забрзано да се прилагодат на таа тектонска социолошка промена.

Во ваков „транзиционен“ медиумски контекст интересно е да се преиспитаат некои класични мотоа на новинарството до кои медиумите се држат слепо, не заради сигурност дека мораат, туку повеќе од несигурност кои се алтернативите. Токму во овој правец извонредно интересен е прилогот на socialmedia.biz под наслов „Преосмислување на новинарството во ерата на социјалните медиуми“ и неколку класични новинарски принципи кои авторот предложува да бидат преиспитани.
Да ги разгледаме низ адаптирана верзија за нашите услови на овој план:

1. Објективноста е светост

Авторот вели дека моментно се случува сериозен пресврт во кој корисниците не се повеќе толку заинтересирани за објективноста на медиумот, колку што за нив е важна ТРАНСПАРЕНТНОСТА. Уредувачката политика и блискоста на медиумите со одредени општествени моќници не може да се сокрие во денешниот супер поврзан и хипер информиран свет. Она што им останува на медиумите не е да глумат дека се „објективни“ и дека „живеат и работат само за публиката“, туку на транспарентен начин да ги пласираат и презентираат информациите и содржината. Класичарското идеализирање на одамна неприсутната објективност и дволично додворување на корисниците е надминат модел.

2. Содржината е најважна

Неспорно е дека корисниците ги конзумираат медиумите примарно заради нивните содржини, но останува фактот дека тие се приврзуваат кон нив и остануваат на нив само заради КОНВЕРЗАЦИЈА. Ако медиумот им го овозможи тоа, тогаш може да се каже дека тој одговорил на предизвикот на новото време и изградил здрав однос со корисниците.

3. Мобилните медиуми се ограничени

Потребно е што поскоро да се надмине оваа заблуда, а медиумите да се прилагодат на новиот корисник кој сé повеќе ќе ги користи медиумите во движење. Потребно е не само техничко прилагодување на содржините за користење преку мобилни уреди, туку и употреба на редица новоразвиени средства кои ги разработуваат новите технологии.

4. Медиумите треба да ги поттикнуваат граѓаните на преземање акции

(тие треба само да инфомираат, а публиката сама да донесе свои ставови)- Се чини дека „неангажирачкиот приод на медиумите“ vis-a-vis корисниците е надминат модел на дејствување. Медиумите често им се обраќаат на институциите, центрите на моќ и на јавните функционери со цел да преземат некоја акција, решат некој проблем и слично. Поттикнувањето на ангажманот на корисниците главно се сведува на пренесување на препораките за чување од жешки температури, пиење течности и слични тракатанции. Тоа мора да се промени, поттикнување на ангажираноста на корисниците е во склад со останатите начела кои интензивно се развиваат (конверзацијата, партиципацијата и контрибуцијата) и мора да се засновува на врвните општоприфатени етички принципи од типот на јавен интерес, владеење на правото и правдата, хуманоста и слично.

5. Новинарите никогаш не промовираат – Зошто да не?

Промовирањето и препорачувањето се дел од новиот супер-поврзан интернет. Споделувањето е еден од најважните принципи кои ги градат заедниците и мрежите на корисници. Споделување содржини, постови, фотографии, видеа и сé што ја поттикнува конверзацијата е повеќе од добродојдено.

6. Бројките се важни но не баш многу

Иако скептицизмот кон бројките и статистиката кај нас е сé уште силно присутен, сепак нивното влијаание е неспорно, особено кога се тие приложени на транспарентен, сеопфатен и неманипулативен начин. Ова особено се однесува на транспарентноста во однос на број на посети, кликови, коментари и други придружни содржини кои се елемент во прилог на градење доверба и заедница од корисници. Статистиките не треба да се кријат како што е тоа случај со тиражите и гледаноста на домашните медиуми и да бидат некаков супер таен, сокриен документ кој им се презентира исклучиво на огласувачите (и политичарите?).

7. Медиумите треба да привлекуваат публика

Грешка во старт. Единствен спас на медиумите денес е во постапно и трпеливо градење на ЗАЕДНИЦА на корисници кои знаат што ќе добијат од вас. Таргетирање и бихејвиористичко дразнење и манипулирање (особено со тривијални, ниски скокотливи содржини) се помалку ќе бидат ефектни. Светот се менува, тоа е најприродното нешто, а (само) со „ефтини“ мамки не можете да сметате дека некој ќе развие почит или приврзаност кон вас.

8. Медиумите мора сами и контролирано да ги дистрибуираат содржините

Споделувањето не смее да биде подредено на контрола. Медиумите мора да му дадат простор на процесот на слободно споделување и препорачување, не само преку техничко овозможување, туку и со надградба на процесот и промовирање на одредени носители (external content champions/ditributors) во форма на истакнати поединци, агрегатори, персонализирани канали и слично.

#OSLO – Медиумска каша-попара, шпекулирање и Twitter

За трагедијата во Норвешка се појавија информации за тоа како медиумите и интернетот беа користени од страна на терористот од Осло. Инстант занењето“ владее а информациите доминираат над знаењето

Continue reading

За Фејсбук и Твитер револуциите

Во светло на настаните за и околу protestira.me (Твитер хаш таг #protestiram) на блогот „Комуникации“ се посветивме малку повеќе на прегледи на анализите за улогата на социјалните мрежи во активизмот. Се разбира чепкајќи на оваа тема бргу сфативме дека доминантна тема во оваа област се скорешните „Јасмин револуции“ во арапскиот свет и улогата која ја имаа новите мрежи во случувањата во Тунис, Египет, и другите блискоистични земји. Oвој термин иако потекнува од тунискиот новинар Зиед Елхени (Zied El-Heni) беше прифатен и проширен од западните медиуми, додека во арапскиот свет не е често користен. Интересен е податокот дека „јасмин револуција“ беше и популарното ословување на протестите со кои сега веќе бившиот претседател ан Тунис Бен Али дојде на власт во 1987 година (каква иронија?).
Нејсе, една од поиздржаните и посериозни анализи на овие случувања излезе од „Dubai School of Government“  во која се подвлекува клучната улога на новите медиуми, особено на Фејсбук и Твитер. Се подвлекува дека  „Арапската пролет“ има силно влијание не само врз владите и политиката, туку и на бизнисот (Social media played ‘arguably critical role’ in Arab uprisings, finds new report, Wallblog).

„Кога биле запрашани од каде се информирале за настаните во Египет, неверојатни 94.3% одговориле дека тоа се  социјалните мрежи, повеќе од кој било друг медиум“. Некои од останатите клучни наоди се:

-бројот на корисници на Фејсбук се зголемил двојно од април 2010 до април 2011 (од 14 на речиси 28 милиони)
-бројот на корисници на Фејсбук се зголемил за една третина од почетокот на случувањатапочеток на 2011)

Египет е доминантиот корисник на Фејсбук во арапските земји, додека Твитер е попроширен во Турција (речиси 218,000) и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), а потоа следуваат Египет, Саудиска Арабија и Кувајт.

Деталите погледнете ги во самиот извештај „Arab Social Media Report 2011“.

Колку да се одржи балансот, препорака и до текстот на Cory Doctorow „Networks are not always revolutionary“ од “The Guardian” кој од нешто поинаков агол ги анализира овие теми и дилеми нагласувајќи дека „социјалните мрежи можат да изложат и разоткријат дела на некој диктатор, но за успешна и ефикасна кампања потребни се и други фактори“ меѓу кои ја наведува „Ал Џезеира“ и нејзиното глобално влијание.

Што се однесува до некои оценки за социјалните мрежи за Македонија, кусо ќе ги пренесам изјавите за „Вест“ (фичринг и @razvigor)  и „Форум“ и за тоа каква е нивната улога во #protestiram.

Вест ревија, 18.6.2011, „На Македонија и се случуваат граѓани“, А. Салтировска, Т. Јовановска.

Форум, 17.6, 2011, „Бунт против бруталноста“, К. Озимец.

Photo property by @tbogdanov

„Граѓаните, претежно оние помладите, во социјалните мрежи (за случајот Нешковски) најдоа погодна алатка за комуницирање, информирање, координирање и организирање во обид да истераат свои легитимни права и правдини и со цел заедно да побараат одговорност од институциите. Овој случај е многу различен од случајот „Кале“ каде социјалните мрежи беа инструмент за мобилизација за меѓуверски судири.

Генерално, социјалните мрежи се само комуникациско средство со кое поединци и групи, полесно и побрзо, изведуваат активности или процеси кои се веќе постоечки во општеството. Без разлика дали тие процеси се добри или лоши, самите социјални мрежи не ги генерираат процесите, одговорноста останува на оној кој ги користи.

Македонија не може да се споредува со арапските револуции. На земјава и треба интензивиран процес за отворање на институциите, преминување од вербална во активна фаза на процес во кој институциите навистина ќе бидат сервис на граѓаните, а не сервис на политичките партии, и ќе почнат да ги слушаат граѓаните на секојдневна основа, а не на 4 години или кога тоа тие ќе си го посакаат во маркетиншка смисла. Во тој процес на отворање, вклучување и партиципација на граѓаните, поттикнување на прогресивен граѓански активизам кој ќе го унапредува општеството, социјалните мрежи можат многу да придонесат“.

Неколку куси сентенци за стадиумот до кој стигнаа медиумите наши…

Фото: Алсат.мкИако ние од тимот кој работи на блог-мрежата  „Комуникации“ постојано сме во комуникација и интеракција со медиумите во Македонија, некако не се одваживме во последниот период  да дадеме некој поелабориран став или оценка за процесите кои се случуваат во домашните медиуми. Причините се бројни, но најважната беше да им се даде шанса на медиумите да го одработат своето, да го изодат развојниот пат, откако (во теорија) сé веќе беше кажано.

Елем, развојот на медиумите  е повеќе од бавен, интеграцијата на новите медиуми во информациско-комуникацискиот систем дава мешани резултати (бројни лоши, спорадични добри), а угледот и довербата во медиумите паѓаат континуирано, па рековме во неколку куси сентенци да дадеме наши проценки „шчо напраифме и шчо требит да праиме со медиумските вопроси“:

Традиционалните медиуми функционираат по инерција

  • Јавниот-комуникациски систем (т.е. медиумскиот систем) не функционира: јавниот сервис е со светлосни години далеку од својата вистинска функција, мнозинството од комерцијалните сервиси се политички подредени (во различни степени, сé до најсериозниот, целосна политичка инструментализација), а квалитетот на информациите е сé полош (се мисли на содржинско ниво, но често ова можете да го увидите и во лошиот стил, јазик,  „копи-пејст“ преводите и други грешки на елементарно рамниште).
  • Домашните медиуми сé уште функционираат по инерција и во склад со медиумските услови и фактори од крајот на минатиот век. Ова примарно подразбира две нивоа:
    • (1) Медиумите не се прилагодени на новата јавност и публика кои се развија во Македонија (како и сегде другде), која бара два типа услуги од медимите: (а) квалитетни брзи информации на повеќе канали, (б) квалитетни аналитички информации (вечер или ден потоа). Нема повеќе (класична) јавност, таа се трансфoрмира во своевидна (локална, лингвистички ориентирана) „комуникациска заедница“.  КОМУНИКАЦИСКАТА ЗАЕДНИЦА е тој нов социјален круг во чии рамки се одвива повеќенасочна и повеќемедиска комуникација.
    • (2) Циклусот на дистрибуирање на информациите е истиот со години (со ретки исклучоци на аналитички стории за печат и телевизија кои се подготвуваат повеќе денови): за печатените тој завршува горе-долу околу 16-17:00 часот, со што голем дел од информациите лесно стануваат бајати (среќа што Ратко Младиќ го уапсија четврток претпладне, да се случеше тоа попладне за него ќе читавме во весниците во сабота). Телевизиите работат во нешто порастегнат циклус, но и тој е динамичен во своја смисла и не дозволува поквалитетно обработени содржини). Овие елементарни рамки и дистрибутивен модел (како и редакциите кои го опслужуваат истиот тој модел) треба сериозно да се преиспитаат. Што има лошо во тоа печатеното издание да излегува првично наутро, со подобро собрани, средени и анализирани информации (да, да, за ова треба да се работи и попладне, навечер и сл.)?

На интернет забележлива е штурост и слаб квалитет на информациите

  • Веб-приказната е сé уште недораскажана, но бавноста на нејзиното развивање е прилично разочарувачка: кај печатените медиуми почна полека да се напушта моделот на интернетот како онлајн архива на печатеното издание, но штуроста на прес-вестите и слабиот квалитет на информациите  кои се пакуваат како „најнови вести“ не ги менува работите во квалитативна смисла. Пак е тоа некој про-форма чекор кој не му прави разлика на посетителот. Паниката од падот на продажбата на печатените копии се обидоа да ја ублажат со одложувања на веб-изданијата, па откако продажбата (нормално 🙂 не се промени или подобри, медиумите во трк почнаа порано да ги објавуваат за да не го изгубат и своето влијание. Интернетот треба да биде место за брзо, но и квалитетно информирање: со некакви трошки од информации работите не се менуваат. Електронските медиуми поопсежно го користат интернетот, главно за пласирање на видео содржините од своите прилози и интеракција со гледачите преку коментарите. Онлајн содржините често доцнат или пак користат недоволно квалитетни „плеери“ што искуството на следење преку интернет го прави доста макотрпно (лично, на пример, чекав емисија во која имав дадено изјава некои 10-тина дена, но актуелноста и на емисијата и на темата прилично се загуби по толку поминато време).
  • Новинарското јас е прилично избледнето. Она што е доминантен модел  во написите и прилозите е новинарот да воведе некоја тема и потоа целосно содржината на текстот да им ја препушти на изјавите на инволвираните и едисикојси експерти и други повикани. Едно лошо е пристрасен нафуран новинар, но неговот целосно отсуство од текстовите е спротивна крајност која е подеднакво негативна. Обично се става наслов пригоден и угоден на уредувачката политика и толку. Имаме медиуми без новинари, за жал (да повторам, исклучоци има, ПРОБЛЕМОТ е што тие се малцинство).

Што може да се очекува

  • „Сите за сé синдромот“на домашните медиуми уште опстојува. Медиумите во Македонија ќе мора да ја научат лекцијата дека не може еден медиум да известува за сé, од висока политика, до трач вести (ова важи за печатените, електронските некако ги поделија тие содржини). Одењето премногу во широчина нужно резултира во обемни површни содржини кои немаат вредност. Весниците најногу загубија од својата информациска вредност, како од побрзата телевизија, така и од супер-брзиот интернет. Нивното место во новиот медиумски систем е пред сé аналитичко и длабинско известување за актуелностите и најважните прашања во општеството, внесување на некаква трезвеност, по тресковидниот бран на електронските медиуми. Во теоријата на медиумите се наведува дека во за неколку години на пазарот ќе има место само за два типа дневни весници: таблоиди и аналитички ориентирани печатени медиуми.

Дневник на еден апстинент од вести

Откако во македонските медиуми завладеа радикална шизма и истите станаа автомати за ширење колективна шизофренија, едно убаво попладне си реков „инаф-из-инаф“ и решив да апстинирам од вести. Како? Е така, фино-лепо, нема вести и точка! За да моето тв-информациско апстинирање не биде само солипстичко страдание решив да водам дневник и да се обидам да ги пренесам своите инфоиспоснички и медиумско-аскетски импресии. Еве сумариум од постењето:

ПРВ ДЕН
Првиот ден откако претходниот не си гледал вести започнува со следната промена: забележуваш дека покрај раката за држење далечинско и задник, имаш и други органи, како на пример нозе. Почнуваш внимателно да се движиш по дома, се чувствуваш како бебе кое проодило. Почнуваш сам да си земаш работи од кујна, спална, плакар, без да ги мољакаш другите по дома.

ВТОР ДЕН
Добиваш нагон да излезеш надвор и да се прошеташ. Првин се двоумиш, се нечкаш, трепериш да не те ограби некој, да не те начека некој партиски портпарол по скали, но на крај сфаќаш дека мора да излезеш и да се соочиш со стравот. И кога ќе излезеш надвор се чувствуваш како твојот праисконски предок кога ја напуштал пештерата. Чувствуваш дека се што ти треба е да дишеш, ништо повеќе, дишењето те исполнува и полни со енергија. Неверојатно! TV Stop

ТРЕТ ДЕН
Полека започнуваш да забележуваш насмевки кај другите луѓе. Чувството е блажено и се прашуваш како досега не си ги забележувал насмевките кај другите. Со малку трпеливост и фокусирање успеваш да се разведриш гледајќи ги насмевките на другите.

ЧЕТВРТ ДЕН
Покрај гунгулата од распукани тротоари, раздупчени улици, лошо паркирани коли, фрлено ѓубре и слично, почнуваш да забележуваш елементи од природата како на пример дрвја, трева, птички… Уште ако ти се погоди сончев ден, доживуваш вистинско воскреснение на сетилата! Животот повторно полека-полека почнува да добива смисла!

ШЕСТИ ДЕН
Забележуваш дека имаш интересни книги дома, кои си ги купил со голем ентузијазам, но за некое големо чудо никогаш не си почнал да ги читаш. Ги забележуваш и справите за вежбање кое си ги купил пред години и години, врз кои се напластиле неколку седиментни слоеви прашина. Се чувствуваш доволно храбар да се фатиш во костец со нив.

СЕДМИ ДЕН
Стануваш целосно толерантен кон грешките на другите и се здобиваш со способност да им простуваш. Кога некој по дома ќе ти згреши нешто, не пукаш секундарно во афект и не се раздеруваш како хормонално раздразнет адолесцент. Некој ќе ти ја изеде половинката чоколадо што си си ја оставил за по ручек, не се ни обѕрнуваш, ќе ти ја потрошат топлата вода од болјерот, викаш нека простено ти е чедо…Ти се враќа самодовербата, се чувствуваш дека твојот живот вреди нешто, дека животот е полн со можности кои не си можел ни да ги видиш, а камоли реализираш. Едноставно, добиваш способност животот да го гледаш во боја!