Posts tagged ?1

Киберфобија

Еве се токмам неколку денови, ама никако да се здиплам пред компјутер да напишам два-три збора, да ми олесни, за темиве што интензивно се циркулираат во јавноста.

Во утрински прилог на А1, „Раноден“ (02.12.2008) беше повторно загатната темата на компјутерите и децата, т.е. во поширока смисла темата, технологијата и децата. Прилогот, како и сите други од домашно происходство, е направен во „готски“ стил и ги истакнува „темните страни“ на компјутерите, видео игрите, интернетот и слично. Новинарката (истата таа што го „урна“ Автопазар) поентираше со тоа дека „во играчниците растат новите сајбер зверови“ („з“-то во „ѕверови“ е на новинарката, з.а.). Прилогот всушност беше повеќе за промоција на едно печатено издание на НВО-то „Анима“ за едукација на децата, ама ај 🙂

Не линкувам ниту еден текст на оваа тема, затоа што се работи за општа појава и со неколку гуглирања можете да најдете еден куп на исти текстови. Компјутериии, ууууууу, видео игри, ууууууууу, интернет, ууууу…Аман веќе, па зарем со ваква киберфобија се станува земја на информатичари, земја на модерни Европјани, земја која образува современи граѓани подготвени за 21-от век, и сѐ што ни носи тој? Новинарите, едноставно, рутински го пречекоруваат своето чергиче, и играјќи на стереотипи, груби генерализации и митологизации во ново руво, шират една непотребна и штетна фобија.

И бурекот е опасен, па не гледам нешто да се кршат новинарите од правење прилози за штетноста на омрсените тестенини, Напротив, сите се гордееме со бурекот и симитот, ахммм.

Се разбира секоја технологија носи свои опасности и предизвици. Тоа е дел од неа, секогаш кога влегуваш во автомобил, се соочуваш со ризик да си ја искршиш главата или некој да ти ја искрши, но зарем решението е за тоа ширење фобија преку прилози за тоа како „автомобилите се опасни и како се штетни за нашето здравје“. О не, наместо тоа имаш супер-кул реклами за новиот модел на незнам си кој екстра-авто бренд. Одговорно тврдам дека автомобилите се поопасни од компјутерите, знам дека никој нема да ми поверува, ама ќе си тврдам и ќе чекам признание.

Наместо киберфобија, ни треба едукација, медиумска едукација дет из (со други зборови треба да се читаат вакви извештаи, ама кој да ги чита, многу полесно е да се гледа „Мрежа“ со Сандра Булок). Целосна реформа на образовните програми во сфера на практични знаења за самите нови технологии и компјутерската етика. Додека во програмите за основците или барем средно-школците, не се најдат предмети, или барем наставни теми, од областа на компјутерска или медиумска етика, сметајте на тоа дека сме општество со застарено образование. Да се запознаат децата со употребите и опасностите на компјутерите, медиумите, новите технологии, медиумите, и слично, тоа е лекот од опасностите, не некакви „ловови на вештерки“ овде митолошки субституирани со компјутери.

Тоа е системското решение, кое мора да постои, и е минимум кое едно цивилизирано општество мора да ви го понуди како родител, сето друго е во сферата на индивидуални одговорности.

Извинете ама ако вашето дете поминува 5 или 6 часа пред компјутер дневно за тоа не е виновен компјутерот, туку вие.

Шпиц во грбот на Геро

Секогаш пет пати ќе се премислам дал да напишам нешто на дневно-политичко-медиумски теми. Не од други причини, ама некако ми е ептен „безвеза“, оти ми доаѓа како да пишуваш нешто за 127-та епизода на „Касандра“, но поинт, се е тоа дел од големата претстава, пак на крај Политикињо и Медиумита ќе се земат и ние ќе рониме солзи на нивната свадба.

Но, вака, Шпиц е малку специфичен случај (прв бесплатен дневен весник), Геро беше малку од оние новинари кои едно време ширеа блогохулие, а темата на егзекуцијата на неговата новинарска персона, малку ги надминува катадневните топици.

Излегувањето на Шпиц секако ќе биде еден од оние моменти кои ќе бидат дел од МК-медиумските хронологии, па макар таа хронологија била на една страница. Прв бесплатен весник во една социјално скромна (еуфем.) земја е голем настан. Еуфоријата која ја навести,  ревитализацијата на пазарот која ја предизвика, се секако позитивните аспекти на феноменот Шпиц. Сега во моментот, поочигледно се откриваат и другите страни на медиумскиот циркус, а тоа е класичната сцена кога „таткото се враќа од службен пат“, и почнува да игра каишот, овој пат тоа беше камшико’ на чорбаџи Величе.

Оваа „лекција“ за новинарите и јавноста е многу едноставна, прилично дидактична, и се учи во градинката на плурализмот: новинарот има слобода и интегритет се додека не го р’чне интересот на својот чорбаџија. Интересот може да биде разновиден, а за тоа како, кога и колку е р’чнат решава чорбаџијата. Ако работите се такви, а така е, тогаш што се новинарите и уредниците? Тие едноставно се инструменти за реализација на интересите на сопствениците, фирст-енд-формост. Тие се еден вид „егзотични танчерки“во нивното кабаре, кои веднаш се тргнати од шоуто ако почнат да излегуваат од сцената или пак не се бричат под мишки (Геро очигледно не се бричеше).

Во пост кај Волан, се реминисценцира еден поим од минатото, „протоѓер“, које интересен за паралела со нашето информациско доба. Замислете доаѓа протоѓерот во селото две три години, и си врши работа, разгласува, вика, и повикува, и  еден ден упс, доаѓа друг протоѓер. Таквата јавност, макар и селска, е свесна дека протоѓерот работи за некого и некој го плаќа за тоа што го работи, и никој нема да се чуди кога еден ден ќе дојде некое друго протугерче, младо и независно. Ние, обременети со илузиите на своето доба (независност, слобода, либерализам, плурализам, права, демократија) живееме во „надеж“ дека кога ќе го отворите весникот, пуштите радиото, ТВ-то, ви се обраќа некој кој мисли на ваше добро (Ние постоиме заради вас!). О но, но, но,…Самата споредба само ни кажува како свеста за реалноста на нештата кај нашите претци е десеткратно поцврста и поздрава. Медимиуте не не прават поинформирани, туку понавлезени во нивниот филм, кој иако се базира на вистински настани, е една романтизирана фикција, со елементи на политички трилер.

Кажано нешто поакадемски, Геро го попи првиот филтер на Чомски и Херман (стр 15-23, „сопственоста и ориентираноста кон профитот“). Штета, искрено за легенда како Геро, требаше да стигне барем до третиот филтер 🙁 ама ете, тоа е. Инаку кога сме веќе кај третиот филтер (потпирањето на медиумите на информациите од власта) само да навестам дека Дарко за некој ден, здравје, ќе напише нешто на таа тема (информацијава е се разбира директно од „лажиците“ на пророчица Џезира 🙂

Дополнување: Истава тема во Утрински, не заради текстот на Утрински (ноу офенс) туку заради коментарите. Убаини демократски