Posts tagged ??????

Хипократ или Хипокрит?

Денес во македонскиот телевизиски „prime time“, македонската телевизиска публика беше сведок на (барем) два контроверзни настани:

(а) известувањето за објавувањето на фотографиите на две медицински лица од Ургентниот центар во Скопје, со слика покрај девојка во бессознание (А1, Канал 5).

(б) интервјуто на Гоце Гиновски (alias Карло Бос) актер во филмови за возрасни, со потекло од Куманово во емисијата „Backstage“ (моментно недостапно онлајн), на Сител 3.

-Во првиот случај се работи за „...скандал на хируршките клиники…фотографија е направена во текот на новогодишната ноќ. На неа се гледа како две медицински лица се сликаат покрај девојка во бессознание покажувајќи на пациентката“ (А1), „скандал на хируршките клиники. Оваа фотографија е направена во текот на новогодишната ноќ. На неа се гледа како две медицински лица се сликаат покрај девојка во бессознание покажувајќи на пациентката.“ (Канал 5).

Според медиумите и коментарите за ова,скандалозно е: (а) егзибиционизмот на вработените медицински лица (објавување на слики на Фејсбук каде се гледа девојка во бесознание), (б) прекршување на лекарската етика (vis-a-vis Хипократовата заклетва, хумано однесување кон пациентите, одржување на честа и благородните традиции на лекарската професија, и.т.н., (в) повреда на приватноста на пациентката (јавно прикажана во состојба на несвесност).

Во што е проблемот?

Вака, народски кажано, тоа ти е како на улица да сретнеш како некој силеџија мава некое немоќно дете, и ти почнеш да го маваш со сета сила и него и детето. Дали е тоа начинот да решите ваква сцена?

Медиумите во овој случај се јавуваат како еден вид „етички агенс“, односно субјект кој претполага на правото да ја алармира јавноста за „неморални дејанија“ што се случуваат околу нас, особено во т.н. јавна сфера (здравство, јавни институции, и сл.), за да истите бидат изложени на увид на јавноста и осудени, а одговорните да преземат мер(к)и кои ќе ги казнат неодговорните, и со тоа ја заштитат јавноста. Во оваа смисла детектирањето и известувањето за овој настан секако е легитимно, потребно и резонира и со наведените ставки во „Кодексот на новинарите на Македонија“ (Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија).

Проблемот е како е тоа направено, и кој се станува жртва на таквиот начин на покривање на вакви настани.

-Веста се пласира како ударна и под термин „скандал“ (А1, К5), со што се потпаѓа кон истата грешка на кои се осудуваат медицинските лица (егзибиционизам е заменет со медиумски егзибиционизам). Во исто време се активира т.н. сензационалистички медиумски механизам (морална паника), која во стилот „Кај отиде светов!!!“ треба сите да не растревожи и да ја драматизира самата реалност.

-Се прекршува сопствената професионална етика (чл.7, Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, чл.8 Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми, итн.), а телото на пациентката е прикажано и зумирано (А1), додека лицата на докторките се засенчени на К5, а целосно прикажани на А1. Јавниот интерес е (=) да се санкционираат медицинските лица со што ќе се заштитат граѓаните од слични идни егзибиционизми, но не и тоа некој на пазар да ги натепа овие две докторки, во некаков револт или освета.

Првото е сосема остварливо ако: (1) се извести за случајот со заштита на идентитетот и на медицинските лица и на пациентката, (2) се пријави случајот до надлежните (Директори, Министерство за здравство, Лекарска комора, и сл.) со целосни материјали кои ќе помогнат да се идентификуваат и санкционираат одговорните, (3) се извести јавноста за (не)преземените мерки.

Јасно ни е, секако, дека се работи за искусни новинари, кои секако ги знаат овие работи, но не ги почитуваат затоа што тоа едноставно не им одговара. Она што им одговара е да се прикажат, покажат и докажат како „агенс на моќ“ (под закрила на „етички агенси“, во овој случај) кој има влијание во општеството, заради кој се менуваат директори, луѓе губат работа, паѓаат министри, паѓаат влади, и сл. Нивниот примарен интерес, затскриен преку дефокусирачки обланди на т.н. „активни идеали“ (етика, јавен интерес, традиција, патриотизам, и сл.) е да ја реафирмираат силата во „седмата сила“.

Останува Клаузевиц-истичкиот заклучок дека, на некој начин, новинарстовото е само политика со други средства.

Во вториот случај се работи (повторно) за таблоидизација и скандализација на тв-публиката. Во ударен термин (19:00ч) при висока веројатност за изложеност на помлада публика, главниот актер на прилогот ги изрекува скандалозните изјави, очигледно прифатливи за уредниците, дека:„неговата цена за една ноќ е 2.000 евра“, „дека спие со 100 жени годишно“, и дека „тие жени се како да спиеш со Елена Ристеска и Каролина наутро, а навечер со посериозна госпоѓа како Калиопи“.

Во секој случај се покажува дека новинарството не случајно се нарекува „седма сила“, која во најголем број случаи е заинтересирана само да ја генерира и репродуцира својата сила и да ја трансформира во материјални средства преку (из)форсираната гледаност, за која секако на олтарот на прокламираниот јавен интерес и етика, мораат да паднат жртви, но некогаш и токму самиот јавен интерес и етика.

Не знам дали ќе ни биде среќна новава година со нашите медиуми, но секако ќе биде весела.