Posts tagged ??

Најзастапени области во ТВ вестите

Според најавеното, во неколку „продолженија“ ќе се обидам да пренесам некои од поинтересните резултати добиени од моето истражување како дел од магистерскиот труд на тема „Разлики во телевизиските дневници на програмските сервиси во Македонија“.

Истражувањето беше изврешено во текот на септември 2009 и се однесува на оние домашни телевизиски сервиси кои емитуваат програма на национално ниво по терестријален пат, односно во неа не се вклучени ТВ-сервисите кои емитуваат програма преку сателит.

Во овој прв пост го издвоив „ѓевречето“ кое се однесува на застапеноста на различните теми во телевизиските дневници, зададени и групирани во соодветни области:

Од горе прикажаното се гледа дека најзастапени содржини во домашните вести беа (се) прилозите од областите политика (37.06%) и хрониката (црната хроника или крими-хрониката) со 24.99%.

За многумина ова секако не е изненадување, но она што се покажа како дополнителен наод од истражувањето беше тоа што темите во телевизиските вести во голем степен можат да бидат наметнати од т.н. „моќни извори“ на информации (политички субјекти, институции и сл.). Како резултат на заинтересираноста на политичките субјекти да доминираат со информативните програми тие успеваат да им наметнат на домашните медиуми речиси секојдневно серија на т.н. „политички псевдо настани“ и со тоа да им ја диктираат и агендата за која се заинтересирани. Како резултат на тоа кај домашните медиуми се уште преовладува т.н. „регистрирачко новинарство“ при кое медиумите де факто трчаат по политичарите и темите кои тие им ги сервираат.

Втор индикатор кој се покажа како важен од овој дел од истражувањето е т.н. „провинцијализација“ на вестите кај нас, односно минимална застапеност на вестите од светот, што во услови на интензивна поврзаност на земјтие во овој глобализиран свет, е навистина назадна и неразбирлива логика на нашите телевизии.

Злосторство, самоказна и медиуми

Во кус временски период се случија три морничави злостори, со речиси идентично сценарио, во кои беа брутално застрелани невини луѓе: четирикратното убиство во Чешка, извршено од македонски државјанин, убиството па самоубиството во Скопје и убиството па самоубиството во Охрид.

Сите три извршени од „љубовни“ мотиви на наежавувачки начин ни ја потврдија уште еднаш блискоста на еросот и танатосот. Но, овде не ми е цел да зборувам и расправам за парадигмите на европската цивилизација, ниту за Ромео и Јулија синдромот, туку да го поставам следното прашање: дали се овие убиства некако поврзани помеѓу себе, освен според мотивот (љубовна одмазда)?

Цврсти судски докази за ова нема, никогаш нема ни да ги има, зашто таква истрага никогаш никој нема ни да поведе. Но, искуството на нас кои ги следиме медиумите е дека во светот на бруталноста ништо не е случајно.

Медиумското форсирање на црната хроника е во голем и загрижувачки подем. Неа некогаш можевте да ја најдете на 7 или 8 страница на Вечер и Нова Македонија, но денес таа е рубрика која доминира со ударните вести и насловните страници на сите медиуми, без исклучок. Бруталните слики од местата на злосторствата, „возбудливи репортажи“ од лице место, интервјуата и пикантните детали се врв на новинарскиот ангажман, со цел медиумско владеење со нашата свест преку страв. Стравот е најсилното оружје на секој медиум.

Сега освен стравот, последица на доминантноста на црната хроника во медиумите е нешто што е природен дел од човечката психологија, аналогијата. Тоа е онаа секојдневна појава кога група луѓе стојат на пешачки премин и кога еден од нив „ќе пушти нога“ да ги сопре возилата и другите по него полесно пуштаат нога и поминуваат на пешачки. Или пак малку повалкано, кога ќе видите пред себе како десет луѓе фрлаат ѓубре на улица и вам ви станува полесно да го направите истото. Логиката е, ако другите, или речиси сите, го праvат тоа, зошто не и јас, особено ако тоа ќе ми понуди решение за некоја мака која ме преокупира, вака или онака?

Трета работа е кумулативниот ефект од ваквата пракса (форсирање на криминал и злосторства) и визуелните бомбардирања, кои резултираат во одредена „фасцинација со криминалот и девијациите“, која пак излегува од секаква рационалност и контрола.

Мојата теза е дека во овие три случаи се работи за една токму таква медиумски овозможена аналогија. Зарем е толку неверојатно дека извршителите на овие грозни дела ги гледале истите медиумски слики како и ние, биле под нивно влијание, и во лошиот микс на својот личен очај, форсирањето на овие теми во сите медиуми, човечката аналогија како потсвесен фактор, сето тоа ја исцедило „капката“ која ја прелеало чашата?

Одговорноста мора да се лоцира, луѓето мораат да се заштитат, новинарите мораат да бидат општествено одговорни, регулаторните тела да имаат инстантни, краткорочни и долгорочни мери и постапки со кои ќе го оправдаат своето постоење, а уредниците мораат да водат сметка каква слика им праќаат на гледачите за светот во кој живееме.

Колку жртви се потребни за да на некого му текне да ги опомене медиумите за известувањата за криминалот и девијациите, ккао што тоа рутински се прави во остатокот од светот? (Media warned over crime reporting, BBC).

Весник за весниците, вести за вестите

Во неколку преписки и разговори францускиот книжевник Алберт Ками (Albert Camus) им се обраќа на своите пријатели со идеја да почне да печати весник. Но, според неговите планови, тој весник никако не би бил како вообичаените печатени весници од неговото време.

Според идеите на Ками, овој весник би излегувал неколку часа откако во продажба ќе отидат сите други весници и би пишувал за самите весници, за што тие пишуваат, како пишуваат, кој новинар со каква агенда ја напишал својата најнова статија, додека самата редакција според утврдени формули би пресметувала процент на вистина во самите весници.

Изгледа помалку наивно од оваа перспектива, но самата идеја доловува една тема кој е важна во извонредна смисла и во нашиве транзициско-интегративни времиња. Никој повеќе не ги анализира медиумите на дневна, содржајна, свежа форма, на оној начин кој ќе ви помогне да ги декодирате спиновите, дезинформациите, шпекулациите, л’жгите, клеветењето и слични доминирачки аномалии на нашиот медиумско-комуникациски систем.

Новинарите не го прават тоа, мошне ретко, од јасна причина што не сакаат да ги откриваат „дриблинзите“ на својата професија, академско-интелектуалната елита има побитни работи од ова (на пример тезгарење по разни факултети), влијанието на регулаторите се сведува на формални соопштенија, апели и слично. Тука некаде завршува приказната. Тук и там ќе се појави по некој научен труд, но прилично застрен во однос на својата актуелност, и тоа е тоа. Сите знаеме деке крупни работи не се во ред, сите сме скептици, но на содржинско ниво на дневен план сѐ останува на истото.

Свеста за медиумско образование во едукативниот систем се развива пребавно.

Во земји како нашава идејата на Ками би била извонредно решение, како крајна мера и очајнички обид да се раздвижи критичката свест на јавноста.

За среќа новите медиуми и платформи им даваат на самите корисници и простор и поттик да го прават тоа неформално, и може да се каже дека на тој план нештата се најразвиени и најсветски, ако сакате.

Расте времето а паѓаат средствата потрошени на комуницирање

Насловот се однесува на Велика Британија, која иако споредбено со нас е прилично различен случај, сепак е корисна за приопштување, за да ние, а и нашите комуникациски опслужувачи, увидат каде и како се движат трендовите. Заклучокот на оваа анализа е дека нешто околу 7 часа дневно, Британецот „троши“ на некоја комуникациска технологија (сметач, мобилен, ТВ, радио, и сл.) по цена нешто под 100 фунти, што е (1) раст за времето, (2) пад за цената:

Every day in 2007, the average consumer spent 7 hours and 9 minutes watching TV, on the phone, using the internet or using other services, it says. Since 2002, mobile use has doubled and PC and laptop use has grown fourfold, says the watchdog’s annual review.But the average UK household spend on communications in 2007 was £93.63 a month – a fall of £1.53 on 2006.

Евидентно е дека она што ја крепи експанзијата на овие услуги на западните пазари, покрај квалитетните услуги, е и тенденцијата за опаѓање на трошоците за истите (детали во линкот). Понудените услуги им се достапни, за нивниот стандард, 100 фунти по семејство не им е преголемо расфрлање, напротив (кога цените во Европа се споредуваат со нашите, компаниите овде, а и надлежните, редовно забораваат да ја споменат драстичната разлика во стандардите, па така 25 евра за интернет во Швајцарија и Македонија не е исто, кога ќе се споредат просечните приходи и колкав процент од домашниот буџет де факто е тоа).

Потем, услугите се на основа „се за пристојна цена“, нема „пакети“ од типот ваква брзина, онолку гигабајти, во тој дел од денот толку за смс и импулс и слично. Потрошувачите добиваат фер и едноставни договори, без премногу „дриблинзи“ во финесите на тарифите и пакетите. На повидок е и укинувањето на роамингот за мобилна телефонија. Замислете да плаќате за ТВ колку што гледате, и сега некој да ви мери колку ТВ гледате, тоа секако ја инхибира експанзијата на користењето на услугата, и „о-природнувањето“ на нејзиното користење (само нека не одговараат, провајдерите да речеме, дека не можат да покријат неколку десетини илјади корисници за флет интернет, тоа е смешно, па што би рекле провајдери во градови со милионски број корисници или држави со десетици милиони корисници?!?).

За жал кај нас конкуренцијата е, не секундарна, туку можеби и побутур категорија, која го турка пзарот кон прогрес, во полза на корисникот. Попримарни се ситните игри со бројки и профити, а се губи крупната слика (лесна достапност и фер услуги и цени) што редовно се покажува во компарирањето на државата со земјите од Европа и регионот. Се додека профитите на ваквите компании кај нас растат годишно за „неприродни“ десетици милиони евра секоја година редум, не можеме да говориме за развој на комуникациските технологии кај нас, туку за „чиста експлоатација на корисниците“ преку тесно-профитска употреба на модерната технологија, која би требало, на крајот на краиштата да биде општочовечко добро, а не некаква музалка.

Интернетот ги јаде весниците, телевизијата си свирка

Иако кај нас оваа работа е мошне јасна, сепак неколку поенти на релација, Свет-Македонија.

Телевизијата е убедливо најчест и со тоа најзначаен извор за информации и вести кај нас. Трендовите се менуваат динамично, но не верувам дека оваа доминација кај нас е драматично сменета. Последен асален доказ за оваа состојба е истражувањето на Институтот за демократија (Скопје) од 2006 според кое во РМ 79.4 проценти од испитаниците се информираат од ТВ: Анализа на јавното мислење за медиумите во Македонија (download).

Според нешто потазе резултати, овој пат на американско тло, информирањето преку интернет расте, ТВ се уште е најзначаен извор, а на весниците им опаѓаа читаноста:

Fewer Americans are reading newspapers and are instead getting their news online, but television remains the leading source of news in the country, according to a survey released Sunday.

Not surprisingly, younger people tend to get more of their news on the Internet, while older folks use traditional media such as television and newspapers, the Pew Research Center’s biannual survey on news consumption habits said.

 

Постарата генерација читатели се уште колку-толку ги држи на инфузија весниците, но помладите со сосема поинакви навики во однос на собирање информации веќе стануваат побројни и се очекува во догледна иднина да им пресудат на весниците, вака или онака. Интересен е податокот што ТВ изгледа успева да го преживее овој „револуционерен“ процес.

Click Magazine .mk

Пред повеќе од една година, пишав за ребрендирањето на ClubFootball во eSport и бев возбуден бидејќи бев дел од тимот кој ја правеше промената.

Овој пат, повторно бев дел од еден тим, и повторно станува збор за истата издавачка куќа, Global Media, но сега новиот магазин е на тема која природно ми е поблиску.

И повторно со возбуда најавувам нов магазин во Македонија. CLICK нов магазин за компјутери, т.е. се што е врзано со нив или е во нивна близина, се што е гаџет, или интернет иуште еден куп други работи. Мислам дека е јасно, нели 😉

Подготовката на пилот бројот, разглобувањето на многуте детали и дилеми беше предизвикувачки процес, но на крај мислам дека резултираше со сосема задоволителен приоизвод. Од една страна јасно е дека не може се да биде перфектно во првиот број, но од друга страна заради факторот љубопитност бројот на купувачи на првиот број е голем и првиот впечаток е доста важен. Да се има сето тоа предвид не е лесно. Исходот од публиакта го чекаме во теков на седниве недели.
Покрај развојот на магазинот во првиов број помогнав и со неколку текстови. Се разбира, не ги напуштив темите поврзани со онлајн светот.

Патем, официјална најава е планирана за утре, но некои (Goodbytes, It.com.mk) веќе „продреа” предвреме и го најавија магазинов (што излезе уште подобро) откако улетале на неговата официјална веб страна: clickmag.mk, за која се подготвува друго сценарио. Во меѓувреме таму може да се погледне во дел од содржината на првиот број.

Новите медиуми во политичката комуникација, епизода Избори

Ризикувајќи да станеме дел од т.н. предизборна еуфорија (иако во текстов нема да има баш ништо еуфорично :), сепак решивме да направиме кус осврт на тоа како политичките партии ги импрегнираат новите медиуми во политичката кампања, и како самиот медиум се користи и како еволуира за овој специфичен тип на комуницирање. Како никогаш порано во историјата (цитат од еден портпарол 🙂 интернетот и новите медиуми најдоа место (конечно 🙂 во политичките кампањи, како еден од подобрите инструменти да се пренесат политичките пораки. Во оваа новонастаната ситуација кибер-просторот е најползуван од двете водечки партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, т.е. нивните коалиции:

untitled2.JPG

koalicija sonce blog

Резимирано за двете коалиции одеднаш:

Добро: Блогови, YouТube канали, MySpace, Facebook, Hi5 итн.

Навистина добро се потрудиле да ги персонализираат, т.е. обојат (ајде еве и нека биде, да ги брендираат) своите различни домови низ интернетот. Некои од нив нови, направени, веројатно, за кампањава, некои од нив веројатно постари. Тука се вбројуваат личните акаунти на Рада и некој од личните блогови, за кои знаеме/претпоставуваме дека се од поодамна.

Добро: Видео, аудио, документи, коментари итн.

Многу, ако не и цел материјал кој го создаваат за кампањава може да се најде и онлајн. Редовно надополнувани (претпоставуваме, така ни изгледа, не дека ги проверуваме секој ден 🙂 и евидентно, многу штедење на пари. Скоро сите материјали се поставени на некој бесплатен онлајн сервис, што секако до одредена мера е паметен потег.

Лошо: Ич, ама баш ич нема “social” во овие нивниве употреби на social media. Содржината на блоговите оригинално е наменета за на говорници, за документарци кои се пуштаат на ТВ со лого ППП, за традиционални медиуми, за аналитичари, новинари и за еден куп други места, само не се за на блог, per se. Долги постови, обраќање кон различна публика во секој пост, постови без ни малку лично искуство или личен коментар барем за тоа како си поминале на митинг, без она што блогот го пави блог: индвидуалното, личното. Видео клипови кои се направена за на ТВ а не за влогови, кампањи кои се оригинално за принт а не за вирално пренесување низ интернетот и фотографии како декор, а не како некоја транспарента/задкулисна информација која ќе фрли ново светло на своите кандидати.

Photobucket е добар сервис, кој нуди навистина многу опции, ама и тука важи истата забелешка како горе. Не е “social” воопшто. Можеле да потрошат 20 долари за FlickerPro на пример. Ова само за ВМРО, бидејќи СДСМ и нема акаунт на фото-сајт.

Веројатно, како последица на тоа блоговите не се многу посетувани, нема многу коментари, и едноставно (се уште) не се дел од дискусијата.

koalicija sonce blog

untitled2.JPG

Заклучок: (за да изглeда постов како тие на Трибун 🙂 Одлично е што брзо се прифатија голем број нови сервиси и канали преку коишто може да се искомуницира предизборната пропаганда, но сепак ефектот од нив веројaтно ќе биде премал, а како една од можните причини е нивната единствена употреба како веб скалдишта или магацини за купиштата материјали кои и онака (како и во сите други кампањи досега) неуморно ги правеа.

Сликичките со линкови ги има два пати за да нема коментари на тема пристрасност 😉

ps: Постов го пишувавме двајцата, колку да се знае 🙂